Државата влегува во инвестициска офанзива вредна 5 милијарди евра
Објавено на од во Економија

 

construction silhouette
Планот на Заев и Анѓушев за брз економски развој

Најавувајќи храбри одлуки што ќе ја обележат годинава како економска, премиерот Зоран Заев ја презеде одговорноста да управува со трошењето на народните пари. Зборувајќи на собраниска говорница, без да открива конкретни планови, премиерот даде само неколку навестувања дека храбрите решенија ќе ги опфатат платите и пензиите, и капиталните инвестиции. Капитал открива каков е конкретниот план на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев за бум во економијата. За тоа разговаравме со вицепремиерот Анѓушев и ако разговорот го сумираме во една реченица, планот на државата е да направи инвестициски бум од 5 милијарди евра за да се изградат најголемите проекти во јавната инфраструктура, вклучувајќи неколку автопати, железнички пруги, гасоводот и целата дистрибутивна мрежа низ општините, енергетските капацитети. Според него, реализацијата на целата листа на проекти ќе продуцира забрзан економски раст над 5%.

 

 

Најавувајќи храбри одлуки што ќе ја обележат годинава како економска, премиерот Зоран Заев ја презеде одговорноста да управува со трошењето на народните пари. Зборувајќи на собраниска говорница, без да открива конкретни планови, премиерот даде само неколку навестувања дека храбрите решенија ќе ги опфатат платите и пензиите, и капиталните инвестиции.
„Ги решивме големите интеграциски прашања. Сега фокусот е на поагилното менаџирање на финансиските ресурси на државата. Капиталните инвестиции се многу значајни и во фокусот на вниманието и со сите механизми што ги имаме ќе заокружиме процес за да можат граѓаните директно да ја почувствуваат благосостојбата од тие промени. Главна задача во идниот период е и порастот на платите. Ќе преземеме одредени конкретни храбри чекори што дефинитивно ќе направат квантен скок, или подобар амбиент за севкупните плати во нашата земја. Верувам дека до крајот на годината ќе имаме доволно финансиски капацитет за да ги покачиме и пензиите од почетокот на 2020 година“, истакна премиерот Заев во Парламентот.
09zzКапитал открива каков е конкретниот план на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев за бум во економијата.
Ако разговорот со вицепремиерот Анѓушев го сумираме во една реченица, планот на државата е да направи инвестициски бум од 5 милијарди евра за да се изградат најголемите проекти во јавната инфраструктура, вклучувајќи неколку автопати, железнички пруги, гасоводот и целата дистрибутивна мрежа низ општините, енергетските капацитети.
Деталната листа на инфраструктурни проекти ги опфаќа автопатот Кичево – Охрид којшто е во фаза на изградба, и со продолжување на важноста на земениот кредит од кинеската Ексим банка, треба да се инвестираат уште околу 300 милиони евра, потоа автопатот Скопје – Блаце во вредност од 140 милиони евра, автопат од Кичево до Гостивар преку планински предел кој што се проценува на околу половина милијарда евра. Од другите патишта, се гради делницата Штип – Кочани, Штип – Радовиш, Куманово – Крива Паланка, а објавен и тендер за последната делница од Крива Паланка до границата.
Во делот на железницата, се забрзува реализацијата на првата фаза од пругата кон Бугарија од Коридорот 8, делницата Куманово – Бељаковце, а допрва ќе се реализираат и втората делница Бељаковце – Крива Паланка во вредност од 140 милиони евра и третата, од Крива Паланка до бугарската граница проценета на околу 400 милиони евра. На западниот дел од железничкиот Коридор 8 кон Албанија, ќе се гради пругата од Кичево до Лин, во вредност од околу половина милијарда евра.
Изградбата на гасоводот кон Грција ќе чини вкупно околу 100 милиони евра, а дополнително ќе се гради и дистрибутивна мрежа за гас низ општините, во вредност од околу 200 милиони евра.
Годинава во ноември повторно ќе се објави тендер со променети услови од IFC за изградба на хидроцентралата Чебрен која се проценува на околу 800 милиони евра, а на местото на ТЕЦ Осломеј, ќе се поставуваат фотоволтаици коишто ќе се приклучат на трафостаницата која што е во функција.
Од поголемите капитални проекти што ќе се реализираат е и изградбата на Клинички центар во вредност од половина милијарда евра.
„Оваа година ќе почнеме да ги реализираме најголемите капитални инвестиции во инфраструктурата и со тоа ќе го стимулираме растот на домашната економија“, вели вицепремиерот Анѓушев.
Но, првата дилема е како државата ќе ги обезбеди овие 5 милијарди евра за да се реализира планот на двоецот Заев – Анѓушев?! Вицепремиерот вели дека ова се проекти што ќе се градат неколку години, делумно со пари од државната каса, делумно со задолжувања за конкретни проекти и преку јавни приватни партнерства, односно соработка со приватни компании.
„Во Буџетот имаме ограничен простор за изградба на овие крупни инфраструктурни проекти, и ако оставиме само на тоа, ќе ни требаат можеби и 50 години за да ја изградиме целата неопходна инфраструктура во државата. Но ќе се обидеме секаде каде што е тоа возможно, државата да соработува со приватни компании, односно проектите да се градат како јавно – приватно партнерство. На пример дистрибутивната мрежа низ општините, или инсталирањето фотоволтаици, изградбата на Чебрен, се проекти каде што е тоа изводливо“, вели за Капитал вицепремиерот Анѓушев и додава дека сите меѓународни финансиски институции ги охрабруваат властите да го поттикнуваат моделот на јавно – приватно партнерство.
На прашањето дали би имало интерес од страна на приватните компании за овие проекти, вицепремиерот Анѓуѓшев вели дека бизнис секторот покажува волја да инвестира во подолгорочни проекти особено откако иднината на државата стана поизвесна со очекуваното официјално членството во НАТО и добивањето датум за преговори со ЕУ.
„Ова се проекти кои што носат профити на долг рок, после 20 или 30 години, така што логично е бизнис секторот да ја земе предвид стабилноста на земјата како клучен фактор. Очекуваме голем интерес како од странски така и од домашни фирми. Ние би сакале што е можно повеќе домашни компании да се вклучат во овие проекти, иако свесни дека се соочуваат со потешкотии, особено одлив на работници во странство, ќе понудиме нови мерки за зголемување на платите за да се обидеме да ги задржиме луѓето овде“, изјави Анѓушев.
10zzОсвен државните инвестиции, вицепремиерот Анѓушев, полага надеж дека паралелно ќе се зголемат и приватните инвестиции, како странски така и домашни. Тој истакна дека 30 фабрики на странски инвеститори веќе се во изградба, а некои од нив и во финална фаза и пред почеток на производство.
Според неговите проценки, целиот инвестициски циклус, ќе продуцира забрзан економски раст над 5%.
Економски оптимизам и кај меѓународната заедница
Економскиот раст во земјава повторно зема залет, констатира Европската комисија во својот годишен извештај за земјите од Западен Балкан, и прогнозите се дека растот за две години ќе надмине 5%.
Последните проценки на Комисијата се дека растот на бруто домашниот производ годинава ќе достигне 3,2%, догодина 4% а во 2021, 5,1%, меѓутоа, извори од Брисел коментираат дека многу веројатно е на есен кога Комисијата редовно прави ревизија на своите прогнози, токму во периодот кога се очекува датум за почеток на евроинтеграциите, дополнително да објави пооптимистички проценки доколку економскиот раст од 4,1% во првите три месеци продолжи со исто темпо и во текот на годинава.
„Главниот двигател на растот ќе биде инвестицискиот бум, кој би бил просечно околу 5,5% помеѓу до 2021 година, пред се поради откочувањето на јавните инвестиции во инфраструктурата. Покрај тоа, приватните инвестиции исто така ќе пораснат поради зголемената финансиска поддршка на владата и од подобрената деловна клима како што земјата ќе напредува на својот евроатлански пат“, пишува во Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија.
Токму забрзувањето на економскиот раст со стапки над 5% коишто ги вети оваа Влада уште во својата предизборна програма, е клучно за да се подобри животниот стандард на граѓаните. Сега бруто домашниот производ по жител во земјава изнесува 13 илјади долари, што е само околу една третина односно 35% од просекот на 28-те членки на Европската Унија.
Доколку македонската економија продолжи да расте со исто темпо како и досега, Македонците ќе го достигнат просечното ниво на доход во Европа, дури за 75 години. Но со економски раст од 5% годишно, европскиот просек може да се достигне по три децении.
Имајќи предвид дека над 80% од сите македонски производи што се продаваат во странство всушност завршуваат на европскиот пазар, за движењето на домашната економија пресудна ќе биде иднината на европската економија.
А дека економијата и во следните пет години ќе биде на врвот на агендата и на новото раководство во ЕУ, истакна и новата претседателка на Комисијата, Урсула Фон Дер Лајен во своето прво обраќање во Европарламентот.
„Ако сакаме да успееме со овој амбициозен план, потребна ни е силна економија. Затоа што, она што сакаме да го потрошиме треба да прво да го заработиме. За тоа треба да го зајакнеме столбот на нашите економии – малите и средни претпријатија. Тие се иновативни, претприемачки, флексибилни и агилни, тие креираат работни места, тие обезбедуваат стручна обука за нашата младина. Но, тие можат да го направат сето ова само ако
имаат пристап до капитал насекаде во овој огромен единствен пазар. Ајде да се ослободиме од сите бариери. Ајде да ја отвориме вратата. Ајде конечно да ја завршиме Унијата на пазари на капитал. Нашите мали и средни претпријатија го заслужуваат тоа. И треба да работиме во рамките на Пактот за стабилност и развој. Онаму каде што се потребни инвестиции и реформи, треба бидеме сигурни дека може да се направат. Треба да ја искористиме сета флексибилност во рамки на правилата. Горди сме на нашата економија. Сакаме да ја направиме посилна“
Последните проценки на Европската комисија за економијата на сите 28 членки се пооптимистички од претходно, економски раст од 1,4% годинава и 1,6% догодина.

Државата ќе плаќа придонеси за секое зголемување на платата за најмногу 100 евра

Во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните преку зголемување на платите, државата планира да воведе нова мерка со која ќе ги ослободи од плаќање социјални придонеси работодавачите што ќе им ги зголемат платите на вработените за најмногу 100 евра, вели вицепремиерот Анѓушев. Всушност, придонесите ќе ги покрива државата а се очекува да се создаде и поголем простор во пензискиот фонд за зголемување на пензиите.
Според Анѓушев, оваа мерка ќе им помогне на компаниите полесно да го издржат притисокот што се создава на пазарот на работна сила откако приватниот сектор се потешко ги задржува работниците, и ќе стимулира зголемување на платите. Во исто време, вицепремиерот очекува оваа мерка да ја намали и сивата економија, односно да ги привлече работодавачите што досега во кеш или на други начини им вршеле исплати на вработените, целосно да ги исплаќаат вработените со плати со што товарот за придонесите ќе го преземе државата.
„Социјалните фондови и досега црпеа многу пари од централниот Буџет за да се финансираат, така што сега државата наоѓа начин како од тоа бенефит да имаат и компаниите и вработените“, изјави Анѓушев, потенцирајќи дека мерката најверојатно ќе почне да важи од оваа есен.
Според него, се уште се прават анализи за мерката а деталите ќе се објават во септември.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×