Државите “истураат” милијарди евра за поддршка за извозот, додека македонските извозници со години ги чекаат реформите на државната развојна банка !
Објавено на од во COVER STORY

freight container Delivery VehicleИ додека развиените земји и земјите во развој истураат милијарди евра во поддршка на извозниците и зголемување на нивната конкурентност, Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) минатата година одобрила 32,5 милиони евра и осигурала само 1% од вкупниот извоз. Со овие резултати државната развојна банка ни оддалеку не ја исполнува мисијата заради која постои, односно тешко дека може да се нарече банка која го поддржува развојот.
И оваа, како и сите претходни политички гарнитури ветуваа и најавуваа реформи со кои ќе се зголеми капацитетот и потенцијалот на МБПР да го поддржи извозот и развојот, но од страв да не биде конкуренција на деловните банки, државната развојна банка останува настрана од финансирањето на развојот на државата.
Извозните коммапнии, пак, се уверени дека МБПР, доколку се направи посилна и се зголеми нејзиниот капитал, може да игра голема улога во развојот на извозните компании преку поволно инвестиционо и извозно кредитирање, како и преку други инструменти кои се покажале како ефикасни за пробив на странските пазари.

 

Во време кога светот се соочува со растечка неизвесност и се позачестени трговски конфликти, многу земји се вртат кон заштита на домашните економи и силен протекционизам со што трговијата и извозот стануваат се посложени.
САД кои со години важеа за промотори на глобализацијата и слободните пазари, сега на чело со претседателот Доналд Трамп, стануваат најгласни промотори на протекционистички политики со цел да ја заштитат конкурентноста на домашната индустрија. И не е за чудење. Бидејќи условите во кои функционира светската економија и меѓународната трговија, особено после финансиската криза од 2008 година, се многу променети и на глобалната светска економска сцена силно надоѓаат економии и компании кои се масовно и на сите начини поддржани од државните институции.
Кина во изминативе десетина години воспостави систем на силна и агресивна поддршка на извозните компании обезбедувајќи огромна финансиска поддршка за извозниците преку широк и сеопфатен систем на државни институции во кој се вклучени банки, извозно кредитни агенции, осигурители, градежни компании…Кина денеска е светски лидер според обезбедените кредити за извозниците, кои во 2018 година достигнаа рекордни 39 милијарди долари. Колку за споредба, кинеската среднорочна и долгорочна кредитна поддршка на извозниците е поголема од вкупната кредитна поддршка која лани за извозните компании заедно ја обезедиле Италија, Германија и Јужна Кореја. (Италија е втора со извозна поддршка од 12,4 милијарди долари, Германија втора со 12 милијарди долари и Кореја трета со обездена финансиска поддршка за извозните компании од 10,6 милијарди долари).
И тука некаде треба да се бараат причините за почетокот на трговскиот конфликт помеѓу САД и Кина, двете најголеми светски економски сили, кој трае веќе една година и кој веќе создава негативни последици врз забавување на целата светска економија.
Овој агресивен пристап на Кина ги принуди многу од земјите да реагираат дефанзивно и протекционистички кон домашната индустрија, но и да ги менуваат политиките и програмите за државна поддршка на извозот или во спротивно да бидат ставени во ризична ситуација нивните извозници да станат неконкурентни и да изгубат голем дел од светскиот пазар, а со тоа и голем дел од извозните приходи кои важни за секоја економија.
Заради тоа многу развиени и земји во развој им даваат се поголема улога на посебните државни развојни банки или специјализирани агенции за извозно кредитирање со цел поддршка и зголемување на извозот, како и зголемување на конкурентноста на извозните компании.
Преку овие државните развојни банки и извозни кредитни агенции се “истураат” десетици милијарди евра во поддршка на извозните компании, со цел тие да станат поконкурентни. Тие се ставени во функција на извозните компании обезбедувајќи им лесен пристап до поволни кредити за финансирање на извозот, им обезбедуваат извозно осигурување и откуп на побарувањата, поддршка во форма на информации и пазарни анализи за потенцијалните пазари, организираат Б2Б средби и финансиска поддршка за настап на извозните компании на меѓународните саеми.
Понатаму, во последнава декада со цел зголемување на извозот, многу држави масовно почнуваат да нудат и поволно среднорочно и долгорочно финансирање на странски купувачи кои ќе одлучат да купат производи од домашните компании.
На пример, ако некоја држава објави тендер за голем инфраструкурен проект, кинеските градежни компании кои учествуваат на тандерот нудат и поволен кредит одн државните кинески банки кои ги поддржуваат, со што значително ги зголемуваат шансите за добивање на тендерот.
Каде е Македонија?
Македонскиот пазар е премногу мал за една компанија да може да преживее, да расте и да се развива работејќи на домашниот пазар. Оттука, значењето и улогата на извозот како генератор на поголем економски раст, на вработувања и нови инвестиции е уште поголема и мора да биде препознаена и ставена како приоритет, не само од секоја компанија, туку и од државата.
Привлекувањето на странските директни инвестиции во зголемувањето на извозот преку формирањето на слободни економски зони, во кои ќе им се даваат многу големи субвенции и државна помош на компаниите кои ќе инвестираат се покажа како ефикасна. Извозот на Македонија во апсолутен износ е зголемен повеќе од двојно во изминатите 10 години, се менува структурата на извозот, се отворија и нови работни места…Но, ако се изземат слободните зони, мал е бројот на домашни компании кои продаваат надвор од Македонија. Уште помал е бројот на компании и индустрии кои создаваат нето извозна вредност, односно повеќе извезуваат, отколку што извезуваат во странство.
Мала држава како Македонија не може да си дозволи протекционизам, но во време на трговски војни и спорови како држава мора сите економски политики да ги насочи кон зголемување на бројот на компании кои извезуваат и зголемување на конкурентноста на извозните компании.
Владата преводена од СДСМ уште кога дојде на власт ја посочи целта учеството на извозот во БДП од сегашните 56% да го зголеми на над 70% од БДП. За таа цел е креиран и Планот за економски раст преку кој на извозните компании кои инвестираат им се обезбедува финансиска поддршка.
За извозните компании мерките од Планот за економски раст се ефикасни и ќе им помогнат на компаниите кои инвестираат, а посебно на извозно ориентираните комапнии. Но, извозниците веќе со години наназад бараат реформи во државната развојна банка Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР) со што таа ќе може сериозно да го поддржи развојот на извозните компании и нивниот пробив на странските пазари.
Пред да се каже било што за поддршката која извозниците ја добиваат од државата, добро е да се спореди состојбата со извозот во Словенија со македонскиот извоз. Македонија која според територија и број на жители е иста како Словенија, има годишен извоз од 5,8 милијарди евра, кој е дури седум пати помал од словенечкиоткој лани достигна рекордни 39 милијарди евра. Словенија извезува над 85% од БДП, додека учеството на македонскиот извоз во БДП изнесува околу 56%.
Една од тајните на успехот на словенечкиот извоз е СИД (Словенечка извозна дружба), извозна и развојна државна банка на Словенија, која со актива од 2,36 милијарди евра со години наназад е активен поддржувач на словенечките извозници обезбедувајќи им поволни кредити, извозно осигурување и други услуги за зголемување нанивната конкурентност.
Преку СИД во 2018 година бил осигуран дури 20% од извозот на Словенија, а на словенечките извозни компании им биле одобрени кредити со директно кредитирање од 707 милиони евра и плус уште 745 милиони евра преку деловните банки.
За да направиме споредба каде е македонската државна развојна банка во споредба со словенечката, побаравме некои одговори и бројки за извозното осигурување и кредитирање од страна на МБПР.
МБПР минатата 2018 година ја завршила со актива од 163 милиони евра.
Според податоците кои ги добивме, во текот на изминатата 2018 година само 56 домашни компани користеле извозно осигурување од МБПР, при што вредноста на извоз кој бил осигуран лани изнесува 58,2 милиони евра.
“Во текот на 2018 година 56  домашни компани користеле  извозно осигурување за 311 странски купувачи, најчесто  трговија на големо и мало со овошје и зеленчук, фармација, производство на печки и горилници,  трговија на големо со компјутери, автоиндустрија, текстил, кондиторска индустрија, винска индустрија, конзервна индустрија и др. Во 2018 осигуран е извоз во вкупен износ од 58.2 милини евра”, велат за Капитал од Македонската банка за поддршка на развојот.
Ако се земе во предвид дека вкупниот македонски извоз минатата 2018 година изнесуваше 5,8 милијарди евра, податоците покажуваат дека само 1% од македонскиот извоз е осигуран преку државната развојна банка МБПР.
“Во текот на 2018 година 56  домашни компани користеле  извозно осигурување за 311 странски купувачи, најчесто  трговија на големо и мало со овошје и зеленчук, фармација, производство на печки и горилници,  трговија на големо со компјутери, автоиндустрија, текстил, кондиторска индустрија, винска индустрија, конзервна индустрија и др. Во 2018 осигуран е извоз во вкупен износ од 58,2 милини евра”.
Ако се има во предвид дека во земјава има околу 3.500 компании кои извезуваат, овие бројки покажуваат дека само 1,6% од нив го користеле инструментот извозно осигурување, што е поразително низок процент на користење.
Македонските извозни компании веќе подолго време апелираат за намалување на трошоците за извозно осигурување и олеснување на условите за негово користење. Од МБПР за Капитал велат дека во 2018 година ги намалиле трошоците,  односно премиските стапки за 30%, а за 30% биле намалени и апликативните трошоци со цел  овој производ да биде подостапен за македоснките извозници.
“Премиската стапка , односно трошокот  на извозното осигурување зависи од неколку услови: земјата каде се наоѓа купувачот, рокот на плаќање на предметните фактури кои ќе  бидат осигурани, бројот на купувачи и обем кои што извозникот  ќе ги осигурува во МБПР, односно премиската стапка  може да се движи помеѓу 0,24%-2,00% од износот на фактурите. Просечната премиска стапка во 2018 година била 0,47%, а во 2017 година 0,56%). МПБР нуди  осигурување во скоро сите земји во светот, со исклучок на  неколку земји поврзани со меѓународни санкции. Во 2018 година осигуран е извоз кон 30 земји”, велат од МБПР.
Што се однесува до кредитната поддршка на македонските извозни компании, од МБПР велат дека преку неколлкуте кредитни линии кои им стојат на располагање на извозниците, минатата година биле одобрени кредити на 282 компании во вкупен износ од 32,5 милиони евра.
Abstract blur shipping boat cargoКредитните линии се со годишни каматни стапки од 2% до 3,75% и рок на враќање од две до максимални три години.
Од 2012 година преку МБПР е достапна и услугата  извозен факторинг која нуди предвремена наплата на извозните краткорочни побарувања. Но, заклучно со 2018 година ја користеле само 23  извозно ориентирани компани, кон 39 купувачи.
Трошоците за извозниот факторинг кои ги плаќаат извозните комапнии се 4% годишна каматна стапка или 0,33% месечна каматана стапка која се плаќа  на финансираниот дел, односно на 80% од износот на извозната фактура, како и еднократна провизија за управување од 0,2% од фактурата.
Владата предводена од СДСМ на една од седниците во август 2017 година и препорача на МБПР, во рок од три месеци, да изготви и да достави стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање на македонските компании, со поконкурентни цени и услуги, како и за подобрување на условите за осигурување на извозот на македонските производи. И после две години таква стратегија се уште нема во јавноста, а од МБПР велат дека со задоволство ќе одговорат за реформите кога истите ќе бидат идефинирани.
И додека се чекаат најавените реформи, МБПР и понатаму продолжува да биде институција која според бројките и резултатите тешко дека ја исполнува мисијата заради која постои, односно тешко дека може да се нарече државна развојна банка.
Извозните коммапнии, пак, се уверени дека МБПР, доколку се направи посилна, може да игра голема улога во развојот на извозните компании преку поволно инвестиционо и извозно кредитирање, како и преку други механизми кои се користеле во други држави.
Извозниците сметаат дека државната развојна банка мора постојано да се докапитализира со пари од буџетот за да има силно влијание во олеснување на пристапот на фирмите до свеж капитал и со тоа поттикнување на развојот и отворање на нови работни места.
„Ако секоја година во последните 20 години одвојувавме барем по 10 милиони евра од буџетот за МБПР, сега таа ќе имаше капитал над 2 милијарди евра“, велат извозниците.
Но, за жал за докапитализацијата на државната МБПР се зборува со години наназад и ниту една политичка гарнитура искрено не се зафати да го зголеми капиталот и потенцијалот на МБПР како таа би можела да биде вистинска развојна банка.
Развојната банка мора да биде корективен фактор за намалување на каматите и за олеснување на условите кои ги нудат банките.
Суштината на постоењето на државните развојни банки е да обезбедат полесен пристап до пари и со поповолни услови отколку условите што ги нудат деловните банки. Смислата на развојната банка е да понуди подолгорочно кредитирање на развојните проекти, за кои деловните банки не се доволно заинтересирани, а имаат поволни ефекти врз економскиот развој.
Бизнисмените велат дека доколку развојната банка се плаши да им биде конкуренција на постојните деловни банки, тогаш банките нема да бидат мотивирани да ги подобрат условите, туку развојната банка само ќе ги потврди нивните позиции на пазарот.
И тоа е за жал македонската реалност со години наназад, од страв да не биде конкуренција на деловните банки, државната развојна банка останува настрана од финансирањето на развојот на државата.
Извозните кредитните агенции стануваат активни креатори на извозни зделки
Во светот моментално постојат 113 извозно кредитни агенции кои обезбедуваат финансиска кредитна поддршка на извозот. Најголемиот дел се државни агенции, а има примери и на приватни институции кои работат извозно кредитирање за сметка на владите.
Извозните кредитни агенции во изминатава декада од пасивни поддржувачи прераснуваат во активни креатори на извозни зделки фокусирајќи се на поширока, стратешка и долгорочна поддршка на извозниците, како и неопходна компонента за поголема конкурентност на извозните компании.
Кина
Извозно кредитниот систем на Кина во изминатите 10-15 години прерасна во најголем поддржувач на извозните компании во светот. Во Кина постојат две извозно кредитни агенции Sinosure и China EXIM, кои обезбедуваат 65 милијарди долари годишно во форма на среднорочно и долгорочно финансирање на извозот. Целта на овој систем е да го прошири влијанието на кинеските извозници во земјите кои се опфатени со проектот “Еден појас, еден пат”, проект за инфраструктурно поврзување на Кина со Европа и другите земји по некогашниот Пат на свилата.
Кина моментално е уникатен пример во светот за координиран и седржавен пристап кон финансирање на трговијата, во кој се вклучени државни банки, осигурители, градежни компании…
Турција
Турција годинава ќе ги поддржи турските извозници со 570 милиони долари со цел да се зголеми извозот со додадена вредност. Во 2018 година, и покрај глобалните трговски војни, економското забавување и зголемените геополитички ризици, Турција достигна извоз од 168,1 милијарди долари, што е историски рекорд, а плановите на турските власти се извозот во 2019 година да достигне 182 милијарди долари.
Турција е една од државите кои масовно и на повеќе основи го поддржува извозот и извозните компании, преку различни шеми на субвенции, поволни кредити, финансиска поддршка за настап на саеми….
Во 2018 година биле поддржани 12.555 извозни компании, при што околу 600 компании добиле финансиска поддршка од 159 милиони долари во 2018 година за технологија, брендирање и дизајн. Околу 8.700 извозни компании добиле поддршка од 96 милиони долари кои биле искористени за рекламирање, брендирање, трошоци за продавници и складови.
Турција исто така на извозниците кои настапуваат на саеми им покрива до 50% од вкупните трошоци за саемскиот настап.
Словенија
За поддршка на извозните компании Словеија ја има државната СИД (Slovenska izvozna druzba), која е во целосна сопственост на државата, која постои од 1992 година и обезбедува осигурување и финансирање на извозот, како и многу други услуги и производи за зголемување на конкурентсноста на словенечките извозници.
Вкупната актива на СИД изнесува 2,3 милијарди евра, а капиталот на крајот на 2018 година изнесувал 422 милиони евра. Секое петто евро од словенечкиот извоз во 2018 година е финансиски поддржано од СИД или преку оваа државна развојна банка бил осигуран 20% од извозот на Словенија. Услугите на СИД придонеле со 4,6 милијарди евра во словенечкиот БДП.
Само во 2018 година словенечката СИД обезбедила кредитна поддршка на над 2.200 компании во вкупна вредност од 1,45 милијарди евра.
Околу 51% од финансирањето кое го обездила СИД во износ од 745 милиони евра било преку други банки, а 49% од финансирањето или 707 милиони евра се обезбедни преку директно кредитирање.
СИД банката во последните неколку години ја проширува својата улога, па својот фокус од традиционална поддршка на извозот, го проширува и се вклучува и во долгорочно и синдицирано кредитирање на многу големи инфраструктурни проекти како изградба на железници,патишта и енергетиски проекти, како и долгорочно финансирање на компании преку мезанин и други форми на долгорочно финансирање, кои имаат потреба од таков вид поддршка, а не можат истото да го обезбедат од комерцијалните банки заради построгите регулаторни рамки.
За да обезбеди дополнителни средства за поддршка на извозните комании, СИД Банката во јуни годинава издаде и приватна обврзница од 200 милиони евра гарантирана од државата, која се котира на Љубљанската берза.
Проценките на словенечките власти се извозот до 2025 година да се зголеми за 30%, односно да достигне 50 милијарди евра од сегашните 39 милијарди евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×