Државите од Југоисточна Европа со слични демократски аномалии. Различни влади – исти методи за притисок врз новинарството
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Три дена траеше Конференцијата на Организацијата на медиуми на Југоисточна Европа (СЕЕМО) во Скопје – доволно за над 200 учесници да споделат искуства и да заклучат дека владите од овие држави крадат една од друга идеи во процесот на замолчување на медиумите и криењето на битни информации од јавноста. Која е целта? Многу лесно да се одговори – народ што ги нема информациите и не ја познава реалноста, се знае како гласа!

„Недоволно или премногу информации“ – под ваков наслов во Скопје се одржа годишната конференција на Организацијата на медиуми на Југоисточна Европа (СЕЕМО), на којашто над 200 уредници, новинари, претставници на невладиниот сектор и дипломатскиот кор дебатираа за влијанието на политиката врз медиумите.

Конференцијата траеше три дена, а по завршувањето остана заклучокот дека на оваа тема може да се дебатира до бескрај, особено во државите кои неодамна излегле или се уште се во процес на транзиција, со кревки демократии и со силни врски помеѓу политичките центри на моќ, бизнис заедницата и медиумите, преплетени едни во други до непрепознавање. Од друга страна, што пак со дебатите? Дали во услови во коишто медиумските сцени се киднапирани од сопственици блиски или подредени до властите, а новинарите за каква и да е критика задолжително добиваат телефонски повици, отворени закани па и затворски казни, дебатите можат нешто и да променат без разлика колку траат и колкава гласност добиваат?

Различни се мислењата и одговорите на ова прашање, но учесниците на Конференцијата се едногласни дека токму разоткривањето на моделите на притисок, коишто помалку или повеќе се идентични во државите од овој дел на континентот, може да помогне во борбата за слобода на говор, но пред се, за правото на граѓаните да бидат вистински информирани, па врз основа на вистински информации, а не на пропаганда, да можат да гласаат на избори.

Учесниците на панелите, но и дебатите наметнати од публиката отворија многу прашања за моменталните состојби со медиумските слободи на Балканот и пошироко во целиот регион на Југоисточна Европа, наметнувајќи го ставот дека дојдено е време кога во море на информации, она што недостасува е токму информацијата – чиста, проверена и презентирана во нејзиниот основен облик без да помине низ машинеријата на владите. Оттука, се чини дека насловот на овогодинешниот собир е сосема оправдан, а дилемата којашто тој ја наметнува одговорена. „Капитал“ учествуваше на Конференцијата и одблиску ги пренесува главните излагања на поголемиот дел панелисти, како и прашањата кои се отворија, а кои секако ја засегаат Македонија, земја во којашто според сите релевантни извештаи (Европската Комисија, Стејт-Департментот, Репортери бевз граници, Фридом Хаус…) медиумските слободи се во континуиран пад.

Кога владите ја кројат уредувачката политика

Една од главните алатки со коишто се служат владите е криењето на информации, дозирањето на вестите и внимателна селекција на сето она што медиумите смеат да го пишуваат. Доколку некој медиум не се придржува до уредувачката политика којашто ја искреирала Владата, следуваат санкции – инспекции, казни, притисоци, тужби, кратење на рекламите, притисоци до компаниите кои се рекламираат… Ова е клучниот проблем којшто го посочуваат новинарите од различни држави присутни на Конференцијата.

Главниот уредник на косовскиот весник „Коха Диторе“, Агрон Бајрами вели дека ваквата „владина активност“ е честопати присутна во неговата земја:

„Властите не само што ги кријат информациите од интерес за јавноста, туку и контролираат како ќе излезат и оние информации кои излегуваат во јавноста. И законите не секогаш функционираат во јавен интерес. Во времето на „Вотергејт“ изворот се обратил до новинари, и тие ја објавиле приказната. Денес, кога владите ги контролираат медиумите, Асанж и Сноуден не се обраќаат до новинари, туку директно објавуваат“ вели тој.

Бајрами вели дека што се однесува до проблемите со законот, би го навел рпимерот на фоторепортерот којшто фотографирајќи го Беџет Пацоли (во фаза додека бил претседателски кандидат), го фатил и екранот на неговиот мобилен телефон додека разменувал СМС пораки, и поради големата резолуција на фотографиите се видело дека се допишува со американскиот амбасадор на Косово, и тоа со текст од кој било јасно дека од амбасадорот се бара да влијае на изборите.

Уредникот во бугарски „Капитал“ Росен Босев вели дека и неговата медиумска куќа честопати е на тапет на властите и мора да плаќа високи казни:

„Се соочивме со високите парични казни и тоа на неделно ниво поради тоа што категорично одбивме да ги откриеме изворите на компромитирачките информации за банките, кои беа дел од неодамнешен голем финансиски скандал во Бугарија.“

За критика се оди во затвор, а можно е и мафијата да тропне на врата

Но, се чини дека овие новинари биле доволно среќни – нивни колеги од Италија и Турција раскажуваат за многу пострашни облици на политички притисок.

Истражувачкиот новинар од Рим, Сесилија Ферара ( којашто работи на проект за истражувачко новинарство) вели дека во нејзината држава, колегите немаат проблем да се справат само со политиката, туку и со мафијата – особено кога се работи за истражување на криминал:

„Најтешко е да се најдат пари за истражувачко новинарство. А поради заканата од мафијата на југот на Италија, се соочуваме со сериозен проблем да најдеме теми за истражување. И сеуште немаме култура за граѓанскиот интерес во однос на објавувањето на грешките на власта“.

Во Турција притисоците се исто така постојани:

„Најголемиот дел од турските медиуми се во сопственост на четири големи корпорации кои се главни во секторите енергетика, финансии, рударство и градежништво, директно контролирани од поранешниот премиер, а сегашен претседател Ердоган, а државната агенција Анадолија работи како пи-ар агенција на Владата. Со меѓународен притисок се ослободуваат дел од моите колеги коишто лежат по затворите, но што зборува тоа? Затвораме луѓе за јавно кажан збор или критика!“

Новинарката од Центарот за истражувачко новинарство од Белград Милица Шариќ вели дека притисоците се многу големи во Србија.

„Имаме црно-бел свет – или работиш за Владата или против неа. Владата има цел тим кој работи на социјалните мрежи, кои објавуваат позитивни коментари за премиерот. Еден од нив имаше улога на „вистлблуер“ и од него ги имаме овие информации. Околу 500 луѓе се вклучени во овој „проект“ на Владата на сите портали“ вели таа.

Попоски се измачи да ги објасни лошите состојби со македонските медиуми

Еден од панелите на Конференцијата беше посветен на односот помеѓу политиката и медиумите во Македонија. Македонската Влада за свој претставник одлучи да го испрати министерот за надворешни работи, Никола Поповски, кој мораше да се соочи со сериозни забелешки и обвинувања на македонските новинари спроти него, но и на дел од странските.

Новинарот и колумнист, Ерол Ризаов, обраќајќи се до Попоски заклучи дека нема потреба да се дебатира за тоа каква е слободата на македонското новинарство – доволно е да се види дека една по една се укинуваат дури и емисиите кои со децении се емитуваат како сатирични и хумористични, но и критички кон сите власти до сега:

„Очекував премиерот да е тука затоа што секогаш на форумите на СЕЕМО гостуваат премиери и претседатели. Во оваа пригода министре нема да ве прашам ништо. И онака ве слушам секој ден и ви ги знам ставовите. Но, она што е поважно, пред 20 дена од радио програмата на националниот јавен сервис е симната хумористичната серија Хихирику Месечно хонорарите биле 1 400 евра за осумтемина кои работеле на емисијата. Затоа министере излишно е да зборуваме за медиумите, па и за другите состојби во општеството. Тој што го санкционира хуморот и политичката иронија има проблем сам со себе. Значи министре нема сатира, туку голема цензура“ вели Ризаов.

Главниот уредник на „Вест“, Горан Михајловски потенцираше дека во македонскиот медиумски етер владее самоцензура и дека се губи довербата на читателите кон новинарите.

„Станавме нерелевантни. Кој нас како новинари веќе ни верува?“ прашува тој.

Како што рече Михајловски новинарите во Македонија се толку искусни што можат да напишат прирачник за самоцензура.
На прашањето до министерот кога последен пат јавно, на медиум, се конфронтирал со преставник на опозицијата, Попоски не сакаше да одговори, а коментарите и критиките за падот на слободата на говорот, за лошите позиции на Македонија во светските ранг листи и за лошите показатели нотирани во извештајот на Европската комисија која бара опуштање на владиниот јарем врз медиумите, министерот одговараше дека ситуацијата во медиумите не може да се гледа како црно-бела.

***

Промовиран е Советот за етика на медиумите во Македонија

После деветмесечни подготовки, Советот за етика на медиумите во Македонија беше промовиран токму на оваа меѓународна конференција. Претседателката на Советот, Катерина Синадиновска, истакна дека од сега секој којшто ќе се најде засегнат од новинарски текст напишан вон професионалните стандарди, полн со говор на омраза, клевета, лаги и пропаганда, може да се обрати во Советот и да прати претставка, која понатаму ја разгледува Комисијата за жалби при Советот:

„ Наша цел е да се воспостави саморегулација во македонското новинарство, оти когга постои саморегулација се намалуваат шансите на бизнис и политичките центри на моќ да се наметнат како регулатори. Во Македонија се поголем е бројот на тужби против новинарите, па втора цел секако е идејата Советот да прерасне во тело во кое ќе се обратат сите оние кои се нашле навредени или со нарушен углед и чест од некој новинарски текст, а кои наместо на суд сега ќе можат да упатат жалба до нашата Комисија за жалби. Основната наша мисија ќе биде заштита, или во Македонија подобро кажано обезбедување, на правото на граѓаните да добијат точна, проверена и вистинска информација и креирање на истражувачки и информативен простор ослободен од се почесто присутните најеклатантни примери на кршење на професионалните новинарски начела – говор на омраза, етикетирање, спинови и пропаганда, еднострано и селективно известување, нарушување на приватноста… “ истакна таа.

***

Какви се медиумските слободи во регионот?

Агрон Бајрами, главен уредник на Коха Диторе од Приштина

„Властите не само што ги кријат информациите од интерес за јавноста, туку и контролираат како ќе излезат и оние информации кои излегуваат во јавноста. И законите не секогаш функционираат во јавен интерес“

Росен Босев, уредник во Капитал, Софија

„Капитал се соочи неодамна со огромни парични казни на неделно ниво поради одбивањето да ги открие изворите на компромитирачките информации за банките кои беа дел од неодамнешниот скандал во Бугарија“

Милица Шариќ, новинар, Центар за истражувачко новинарство, Белград

„Притисоците се многу големи во Србија. Имаме црно-бел свет – или работиш за Владата или против неа. Владата има цел тим кој работи на социјалните мрежи, кои објавуваат позитивни коментари за премиерот.“

Мехвес Евин, новинар, Платформа за независно новинарство, Истанбул

„Најголемиот дел од турските медиуми се во сопственост на четири големи корпорации кои се главни во секторите енергетика, финансии, рударство и градежништво, директно контролирани од поранешниот премиер, а сегашен претседател Ердоган, а државната агенција Анадолија работи како пи-ар агенција на Владата. Што повеќе да кажам?“’

***

Рекоа за Македонија

Оливер Вујовиќ, генерален секретар на SEEMO

„Она што нас посебно не загрижува во Македонија е владиното рекламирање. Како се одредуваат средства за рекламирање и на кој начин тие се распределуваат. Тука навистина недостасува транспарентност. Ние пред две години имавме средба со македонскиот премиер Никола Груевски и оттогаш се обидуваме да добиеме некои официјални податоци, но уште не сме добиле одговор колку државата одвојува пари за рекламирање во медиумите“

Мајкл Мартенс, дописник од југоисточна Европа и од Турција за Frankfurter Allgemeine

„Слушнав интригантни случаи за „Скопје 2014“, примери за какви не сум чул досега. Во Скопје нема невладини организации кои бараат пари од Владата, туку такви што ѝ даваат пари на Владата. Ова е невидено“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×