Државните фирми се полнат со вработени
Објавено на од во COVER STORY

cover-899Бројот на вработени во јавниот сектор расте со вработувања во државните фирми. Анализата на податоците на Центарот за граѓански комуникации покажува дека во најголемите 50 државни претпријатија според приходите остварени во 2015 година, за шест години бројот на вработени  е зголемен за 1.781 работник односно за 8%. Повеќе вработувања имало во 36 од 50 анализирани претпријатија. Нови вработувања не биле пречка ниту за оние државни претпријатија кои во своето работење оствариле загуба или пак се на листата на даночни должници што ја објави неодамна Управата за јавни приходи. Најголемите 50 државни претпријатија во земјава во 2016 година вкупно имаат 25.121 вработен, дополнителни 1.285 работници се со статус на привремено вработени,  а 562 луѓе се ангажирани со договор на дело.

 

Бројот на вработени во јавниот сектор расте со вработувања во државните фирми. Анализата на податоците на Центарот за граѓански комуникации покажува дека во најголемите 50 државни претпријатија според приходите остварени во 2015 година, за шест години бројот на вработени  е зголемен за 1.781 работник односно за 8%. Повеќе вработувања имало во 36 од 50 анализирани претпријатија. Нови вработувања не биле пречка ниту за оние државни претпријатија кои во своето работење оствариле загуба или пак се на листата на даночни должници што ја објави неодамна Управата за јавни приходи.

Најголемите 50 државни претпријатија во земјава во 2016 година вкупно имаат 25.121 вработен, дополнителни 1.285 работници се со статус на привремено вработени,  а 562 луѓе се ангажирани со договор на дело.

Повеќе од половина од новите вработувања во јавните претпријатија се во АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), каде што во септември лани работеле вкупно 4.907 луѓе, односно 1.104 повеќе отколку пред шест години. Во проценти, зголемувањето е 29%.

Второ на листата државни претпријатија каде што најмногу се вработувало е ЈП Комунална Хигиена Скопје каде што бројот на вработени се зголемил за 332, на 1.144 луѓе.

Трето на листата е ЈП за државни патишта кое што е основано на крајот на 2012 година, но всушност ги наследи имотот, средствата и вработените од Агенцијата за државни патишта. Податоците покажуваат дека во септември 2010 година во ова тело работеле 51 луѓе, додека пак во септември лани, овој број достигнал 347, што е зголемување за 296 луѓе. Со тоа, ова јавно претпријатие е рекордер ако се споредува зголемувањето на бројот на вработувањата во релативен износ – речиси седум пати повеќе отколку во 2010 година.

Меѓу првите десет државни фирми во кои што најмногу се вработувало во последните шест години се и АД МЕПСО, каде што бројот на вработени се зголемил за 138 луѓе; ЈКП Комуналец Прилеп со 128 нови вработувања; ЈП паркинзи на општина Центар со дополнителни 98; ЈП Паркови и зеленило со плус 95 вработени, МРТ со уште 94 вработувања; ЈКП Дервен Велес со 74 нови вработувања и ЈП Исар Штип каде што за шест години се вработиле уште 58 луѓе.

Бројот на вработени најзначително се намалил, пак, во ЈП Македонија Пат, каде што во септември лани работеле 828 луѓе, односно 665 помалку отколку во септември 2010 година. За 254 се намалил бројот на вработени во МЖ Инфраструктура; 157 вработени помалку во МЖ Транспрот, 44 вработени помалку во ЈП Комуналец Гостивар, 42 помалку во АД Градски трговски центар (ГТЦ) и намалување од 24 вработени во ЈП Водовод Куманово.

Привремените вработувања стануваат трајни

Вкупниот број на вработени во најголемите јавни претпријатија според приходите што ги остварија во 2015 година, ќе се зголеми доколку се додаде и бројот на привремено вработени кој што до септември лани изнесува 1.285.

Во споредба со септември 2010 година, кога привремено вработени во 49 државни претпријатија биле 1.968 луѓе, бројот е намален, но најголем дел од нив се претпоставува дека се трансферирани во трајни вработувања откако во 2014 година се донесе Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој што се предвиде државните институции и јавните претпријатија да им понудат редовен работен однос на неопределено време на волонтерите, хонорарците, ангажираните со договори на дело и вработените само на одреден период.

Но и покрај стапувањето на сила на овој закон, и обврзувањето на властите дека привремените вработувања во јавниот сектор ќе ги сведат на нула, сепак податоците покажуваат дека се уште има значителен број на луѓе со статус на привремено вработени во јавните претпријатија.

Овој број е најголем во Македонски Шуми, каде што до септември лани имало 184 привремено вработени, и во споредба со 2010 година кога во ова јавно претпријатие имало само 4 привремено вработени, бројот е енормно зголемен. Во АД ЕЛЕМ има вкупно 153 привремено вработени; 118 во ЈПКД Комуналец Струмица; 117 во ЈП Комунална Хигиена Скопје; 97 во ЈП Паркови и зеленило.

Во првите десет државни претпријатија со најмногу привремени вработувања се и ЈКП Комуналец Прилеп со 82 луѓе; КЈП Водовод Кочани со 58 луѓе; Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП) со 53 привремено вработени; 52 во ЈП за државни патишта и 46 во ЈП Водовод и Канализација Скопје.

Само 16 од анализираните државни фирми имаат нула привремено вработени.

Со договор на дело, пак, во 20 од овие 50 најголеми државни претпријатија се ангажирани вкупно 562 луѓе. Во 26 претпријатија нема ангажирано работници со договор на дело, а за четири државни фирми нема податоци.

Најмногу од вработените со договор на дело, односно 207 се во АД Македонска Пошта, што е речиси 10% од вкупниот број на редовно вработени; 92 договори на дело има во ЈП Чистота и зеленило Куманово што е третина од бројот на редовно вработени; 83 во ЈП Комуналец Гостивар каде што редовно се вработени 120 луѓе; 45 вработени со договор на дело во Македонски Шуми и 29 во АД ЕЛЕМ.

austerityposterВработуваат, а имаат загуби и не плаќаат даноци

Нови вработувања се регистрирани дури и кај дел од јавните претпријатија кои имаат загуби во своето работење. ЈП Паркинзи на Општина Центар каде имало голем  раст на вработувањата, во 2015 година прикажа загуба од 78 илјади евра. ЈП Паркови и зеленило Скопје во изминатите шест години го зголемило бројот на вработени за 23%, а имало загуба во 2015 година од 305 илјади евра. ЈП Водовод и Канализација Скопје и ЈП Стрежево Битола 2015 година ја завршиле со едни од најголемите загуби на ниво на Македонија од над 3 милиони евра а и кај нив е евидентиран раст на вработените.

Дел од државните фирми кои што во пос-ледните шест години го зголемиле бројот на вработени, а и се уште имаат привремено вработени и работници со договор на дело, се појавуваат и на листата на должници што ја објави неодамна Управата за јавни приходи (УЈП).

Вкупно 11 од анализираните 50 државни претпријатија имаат неплатени даночни долгови кон државата.

Така на пример, јавното претпријатие Македонска Радио Телевизија (МРТ) според податоците на УЈП има неплатен даночен долг од 1,6 милиони евра, а сепак до септември лани бројот на вработени се зголемил за 94, на вкупно 870 луѓе.

ЈП Комуналец Гостивар кое што има ангажирано 83 работници со договори на дело и 34 привремено вработени луѓе, има неплатен даночен долг од 2,7 милиони евра.

Во Јавното комунално претпријатие Струга, кое за даноци должи околу 140 илјади евра, се вработиле 41 луѓе повеќе отколку во 2010 година и со тоа вкупниот број на вработени достигнува 133. Дополнително, уште 22 луѓе се привремено вработени.

Македонски Шуми, пак, на државата и должеше речиси 3 милиони евра, но веќе годинава даночниот долг е намален на околу 300 илјади евра. Сепак ова претпријатие е рекордер кога станува збор за привремени вработувања со вкупно 184 за разлика од пред шест години кога имало само 4 такви. Бројот на редовно вработени исто така пораснал, од 2.150 на 2.197 луѓе.

Кај дел од даночните должници, пак, се забележува намалување на бројот на вработени, привремено вработени и ангажирани работници со договори на дело.

Како да се реформираат државните фирми?!

Јавноста малку знае како работат државните компании бидејќи најголем дел од нив воопшто не даваат отчет ниту пак објавуваат финансиски извештаи. Нетранспарентноста ја чува комотната атмосфера во државните фирми, нема притисок за нивно реформирање од загубари натрупани со партиски кадри во здрави компании што ќе работат со солидни резултати.

Последните податоци на Центарот за граѓански комуникации за 2015 година покажуваат дека едно од четири прет-пријатија во државна сопственост во Македонија работело непрофитабилно – вкупно 29 од 113 државни фирми направиле загуба од 31,3 милиони евра.

Во Законот за јавни претпријатија јасно стои дека „ако се утврдат загуби во работењето, директорот е должен истите да ги отстрани во наредните шест месеци. Ако загубата не се покрие во овој период, директорот ќе биде разрешен“.

Меѓутоа, овој член од Законот е веројатно „подзаборавен“ од основачите на јавните претпријатија.

Останатите 84 компании од јавниот сектор во 2015 година, пак, заработиле 40,14 милиони евра.

Интересно е што дури 30 државни фирми од кои повеќето на хартија прикажаа добивки, се наоѓаат на црната листа на Управата за јавни приходи со неплатен даночен долг.

Експертите сметаат дека за успешно фун-кционирање на јавните претпријатија не треба промена на законите, туку политичка волја. Тие велат дека државата треба повеќе да се насочи кон концесии и јавно – приватно партнерство, каде што ќе делегира дел од своите овластувања за вршење дејности од јавен интерес на приватниот сектор.

„Со тоа би се намалила можноста од форсирање кадри подобни првенствено по политичка, отколку по професионална основа. Приватниот капитал е профитно мотивиран и не трпи импровизации. Но, за ова е потребна политичка волја“, комен-тираат експертите.

Дел од нив оценуваат дека е потребно да се промени Законот за јавни претпријатија и членовите на управните одбори и директорите да се одбираат на јавен конкурс.

„Досега изборот на директори се одвиваше или преку оглас објавен од управниот одбор на претпријатието или на предлог на Владата. За поголема транспарентност сметам дека би било добро да се смени законот за јавни претпријатија и за јавни установи каде и управниот одбор и директорите ќе се одбираат на јавен оглас“, сметаат професорите.

Академик Абдулменаф Беџети, смета дека клучната реформа за јавните претпријатија треба биде во концептот на управување.

“Властите мора да ги департизираат ра-ководствата на овие државни компании. Доколку продолжи да именува директори само по партиски клуч, некои кои слепо ќе ги извршуваат нивните наредби, јавните претпријатија ќе продолжат да тонат во проблеми. Директорите на јавните претпријатија треба да се именуваат преку јавен конкурс, а клучен критериум да биде нивниот квалитет и успешност, а не партиската книшка. Потоа на директорите да им се постави програма на која што фокусот ќе и биде јавниот интерес, па потоа врз основа на постигнатите резултати ќе оценуваме дали раководството било успешно или не. Тие што работат со загуби мора веднаш да понесат одговорност и да бидат разрешени”, оценува академик Беџети кој вели дека дури и во комунизмот неуспешните директори на компаниите со општествен капитал кои на крајот на годината прикажувале загуби, биле разрешувани.

Економистите се согласни дека најголемиот проблем со јавните претпријатија е тоа што ниту една власт досега не спровела реформи. Тие коментираат дека во западно – европските општества постојат начини како тоа се прави, а без притоа тие да се приватизираат. Еден од основните принципи е да се евалуираат завршните сметки на претпријатието, да се следи системот на плати и наградувања, бројот на вработени и тоа колку секој од нив е соодветен за работната позиција.

Со еден збор, јавните претпријатија целосно да се потпираат на принципите на пазарната економија.

cover-4

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×