Душко Чифлиганец: ТИМОТ ПОЗАДИ „ПАР ЕКСЕЛАНС“ НЕДВИЖНОСТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Објавено на од во Економија

Adora Flatiron SkopjeДушко Чифлиганец

заменик генерален директор на Адора инженеринг и проектантскиот тим на Адора Flatiron Скопје и Адора Diamond Garden

Адора инженеринг 16 години е препознатлив градежен бренд во високата градба со стандардизирана сигурност и висок квалитет на недвижностите. Предводен од проф. д-р Ванчо Чифлиганец, искусен стопанственик и потврден менаџер со импозантно четиридецениско бизнис и општествено портфолио, неговата ќерка Драгана Д. Чифлиганец и синот Душко Чифлиганец, стручниот, искусен и иновативен тим на компанијата досега има подигнато над 40 станбено-деповни објекти во Македонија. Печат во урбаната слика на метрополата годинава ставија двата последни објекти, Адора Flatiron, кој го донесе „духот“ на Њујорк во Скопје и се наметна како нов симбол во срцето на главниот град и Адора Diamond Garden, што во Тафталиџе-Скопје ја внесе природата во објектот, оформувајќи ја најголемата внатрешна градина за домување во Европа со 5,5 тони зеленило.

Adora Flatiron SkopjeДвата последни бренд објекти кои во името гордо го носат предзнакот Адора, инвестициски тежат повеќе од 70 милиони евра економски обрт во двете насоки. Во нив е вграден трудот и посветената работа на над 400 искусни стручњаци, професионалци од сите области и вредни мајстори, македондски градители. Секој вработен има свој уникатен придонес во претворањето на идејата во реализација, во која сега парче среќа, мир и интимност во новиот дом наоѓаат околу 2.000 станари.

Капитал разговараше со тимот на Адора инженеринг кој стои позади овие две архитектонски, градежни и дизајнерски „Пар екселанс“ достигнувањата во недвижностите во Македонија. Овие две „ремек дела“ домовите ги поместија надвор од нивните ѕидови. На компанијата и донесоа две престижни интернационални награди, за иновативност во стилот и квалитетот на домувањето и за воведување на Boutique концептот на домување во Југоисточна Европа, како и национални награди за долгорочниот проект за изградба на еко домови и за одговорен однос и заштита на животната средина. Зданијата го сменија досегашното сфаќање како треба да изгледа еден објект за колективно домување и што сè треба купувачот да очекува и да добие од новиот дом. Овие два бренд објекти несомнено направија „земјотрес“ на пазарот на недвижностите во Македонија и во условите во кои живееме и опстојуваме, умешно се вклопија во џебот и стандардот на македонскиот граѓанин, нудејќи му можност во уникатен амбиент да ужива во светските придобивки на современото домување.

 
15adТимот на Адора, Вас Ве посочува како еден од главните „виновници“ за импресивноста на овие два „signature“ објекти, а впрочем бевте и проект лидер на Адора Diamond Garden. Надвор од техничките спецификации кои зборуваат за импресивниот квалитет, финансиските конструкции и другите познати во јавноста информации поврзани со овие две ремек дела од објекти, кој беше движечкиот „MINDSET“ (ментален склоп) што Вас Душко Ве впушти во овој предизвик и Ви помогна да го инспирирате тимот на потребниот начин? Кои се корените на идејата и замислата, која беше појдовната точка во реализацијата, како течеше целиот процес и дали притоа се соочивте со непредвидени перипетии?

Чифлиганец: Признавам, јас сум виновен (вели низ смеа – Н.З.), но го спомнавте за мене клучниот збор „mindset“ и еве сега ќе Ви дадам краток сублимат на мојот „mindset“, што воедно стои и зад последните два објекти на Адора. Студирав, и веќе неколку години покрај моите работни обврски во Македонија, паралелно работам и претстојувам во Дубаи, град во кој придавките “најголемо, најквалитетно, најдобро” стојат задолжително пред секоја именка поврзана со градежништвото. По завршувањето на моите студии на една од најдобрите бизнис школи на Блискиот Исток, Американскиот универзитет во Дубаи, бев сигурен во две работи. Дека нема неможно и дека амбицијата е материја неопходна за успех. Амбицијата те прави гладен за достигнувања, истовремено ти дава клучен мотив и сила за надминување на границите и пред сè за извлекување максимум од себеси. Без амбиција, Дубаи, денес, би бил само обична пустина. На мојот прв работен ден во Адора инженеринг, токму кога почнуваше реализацијата на двата бренд објекти Flatiron и Diamond Garden, се сетив на паролата со која започнуваше мојот учебник по менаџмент: Тоа што те донело до тука, не значи дека ќе те однесе и понатаму. За Адора можеше да се каже дека веќе беше во зенитот на своето работење. Во тоа време бевме рангирани меѓу петте најбрзорастечки компании во Македонија, во континуитет остваруваме годишен економски обрт од 20 милиони евра, вработувавме 400 лица, имавме изградено повеќе од 2.500 недвижности, кои беа синоним за квалитет и сигурност. Која беше мојата прва, суштинска работна задача на почетокот на моето работење во Адора инженеринг? Да најдам начин како тоа што сум го научил и видел во далеку поразвиениот свет, умешно да го применам во контекстот на поскромното македонско општество. Предизвикот беше јасен. Моравме да создадеме недвижност достојна за споредба и почит од светски ранг! Моравме да создадеме дело опишано во суперлатив во секој сегмент! Исто така, моравме да најдеме начин сето тоа да го понудиме по разумна македонска цена. Сега сум млад, но тогаш бев многу млад. Знаев дека млад, меѓу другото значи две работи. Храбар и неискусен! Храброста се покажа исклучително клучна во овие наши подвизи, а неискуството, и за тоа имаше решение. Покрај мене го имав, за мене, најдобриот тим составен од 400 искусни и докажани професионалци во сите аспекти на работењето. Одлуката беше донесена! Предводени од амбицијата, младоста и желбата за самонадминување, умешно и строго конролирани од искуството, почнавме да ги твориме „Пар екселанс“ недвижностите во Македонија. Почнавме да го твориме Адора FLATIRON Скопје, и малку подоцна, дополнително охрабрени од топлиот прием на FLATIRON во македонската јавност, почнавме да ја создаваме Адора Diamond Garden. Сега кога проектите се завршени, изгледа лесно да раскажуваме што сме создале. Но, создавњето на овие две исклучителни, за нас емоционално поврзани дела, беше еден долг и каллив пат. Каллив пат, на чиј крај имаше рајска градина. Секој метар криеше нови, дотогаш непознати предизвици. Предизвици за кои во Македонија имавме лимитирани алатки за борба, а примарната цел, вклопување на производот во буџетот на македонскиот граѓанин, захтеваше од нас увоз на многубројни напредни системски решенија и иновации кои се користат во високоградбата во развиениот свет и истовремено, креирање на комплетно нов модел на оптимизација на трошоците, што мораше строго да се имплементира. Не беше ниту малку лесно, но, со огромната поддршка на нашите купувачи, кои се наша вечна инспирација и нашите деловни партнери, УСПЕАВМЕ! Комбинацијата меѓу амбицијата и младоста, искуството и дополнителниот увоз на знаење и идеи, се покажа како исклучително успешен и добар рецепт!

Тоа беше за невидливите движечки сили и предизвици во реализацијата на овие две дела. Околу комплексниот творечки процес, проектантскиот тим лично ќе Ви ги образложи сите аспекти, бидејќи нели велат: Еден тим е толку добар, колку што е добар нивниот менаџер (лидер). Но јас практикувам оваа реченица да ја кажам обратно. Еден менаџер е толку добар колку што е добар тимот позади него.

 

16adВие сте првиот вработен, од самите почетоци на Адора инженеринг, каде 16 години сте предводник во проектирањето на сите изградени станбено-деловни објекти во кои живеат над 13.000 граѓани, што заедно со стотиците деловни простории, илјадниците паркиралишта и бројните дела за заедницата, саат кули, паркови, спомен обележјето во Охрид и православен храм во Скопје, наликува на проектирање на цел еден град. Ванчо, со ова богато искуство, кој беше Вашиот мотив како главен архитект во компанијата, во креирањето на толку посебните два нови објекти, кои се наметнаа со уникатноста и ставија силен урбан печат на современо Скопје?

Ѓеорѓиевски: Брзиот начин на живеење, посебно во градовите како Скопје, каде бројот на жителите и оние што престојуваат во него е енормно зголемен во последните години, наметна концепт на дом кој со сите свои естетски и функционални аспекти во склоп на објектите за колективно живеење, има делокруг кој се протега од прагот на сопствената станбена единица до фасадата на станот, и тоа од внатрешна страна. Сето она што се случува надвор од таа зона, некако не не допира како свое, туку како туѓо или во најдобар случај заедничко, нешто каде и не се задржуваме многу време, нешто што мора да го има како функција, но не и како естетика, уметност, чувство или емоција.

Еден станбен објект е онолку добар колку што уживаат оние што живеат во него, оние што престојуваат во него, но и оние што секојдневно поминуваат покрај него или се будат со поглед кон него. Во креацијата на последните два објекти Flatiron и Diamond Garden by Адора, поткрепени со искуството од 40-тина проектирани објекти во 16-те години постоење на Адора инженеринг, сакавме да создадеме перцепција на дом во сите сегменти на објектот, и приватни и јавни, а тоа го направивме на единствениот можен и вистински начин, со добра архитектура. Под добра архитектура, покрај беспрекорната функционалност со сите пишани и непишани правила, подразбирам и естетска префинетост, стилска определеност, читливост на изразот, а со тоа давање на една надградена, духовна и не само утилитарна (практична) димензија.

Конкретно, објектот Адора Flatiron Скопје е една, се надевам успешна приказна на ,,cover,, верзија на оригиналниот објект од Њујорк, внимавајќи да не направиме плагијат, туку да направиме една блага реминисценција на оригиналот, со желба да се внесе малку од духот на ,,големото јаболко,, од дваесеттите години, а прилагодено и осовременото во духот на Скопје во сегашно време. Идејата да одиме во таа насока, некако сама се наметна при првиот контакт со триаголната форма на градежната парцела и градежната маркичка. Потоа само ги следевме невидливите патокази на иновативноста и логиката. Го внесовме концептот на атриум кој овозможува внесување на парче небо во утробата на објектот и кој не го измисливме ние, тој постои уште од антиката, но го употребивме на вистинско место, како и галерискиот пристап кон станбените единици, кој исто така го има во различни епохи, а е присутен и во концептот на архитектурата на старата македонска ( медитеранска ) куќа. Но, сето тоа не беше доволно, па затоа во соработка со докажани, искусни странски стручњаци од реномираното „SET UP“ студио за архитектура и внатрешен дизајн на европско ниво, додадовме доза на естетско разубавување на внатрешноста на објектот со филигранска обработка на подовите и ѕидовите, изработени од природни материјали како гранит, камен, мермери во хармонични нијанси и зеленило, а додека во Адора Diamond Garden, во соработка со познатата македонска компанија со интернационална афирмација „ЗАВАР ДИЗАЈН“, дизајнирани и инасталирани се уникатни елементи од урбана опрема како и лепеза на детали од стилски дизајнирана, изработена ентериерска галантерија.

Што се однесува на објектот Адора Diamond Garden, тука задржавме дел од архитектонските елементи од Flatiron, атриумот и галерискиот пристап до станбените единици, со различна геометрија, но таму дизајнерскиот израз е со посовремена реторика, односно со чист, пуристички и минималистички пристап. Во македонската дијамантска градина, главниот акцент го ставивме на внесување зеленило во сите јавни хоризонтални и вертикални површини од објектот, спојувајќи се со природната светлина и воздухот од атриумот со цел да се вратиме кон природата која е секогаш тука, како најдобра средина за суштествување на човековото битие, а која ја имаме сè помалку во урбаните средини.

 

17adПоаѓајќи од Вашето долгогодишно искуство како архитект и проект менаџер на Адора Flatiron, Нина, гледано од надвор се поставува прашањето како тимот на Адора инженеринг секогаш успева да биде предводник во високата градба, со добивањето на првиот енергетски и првиот звучен пасош, како успевате секогаш да бидете во чекор со актуелните трендови за повисок комфор во домувањето и пред законската регулатива, со што светските стандарди први ги носите во Македонија?

Стрезоска: Во објектите Flatiron и Diamond Garden се обидовме да ги вградиме сите унапредувања кои произлегоа од нашите сознанија, континуираното надградување и долгогодишно искуство, но и од потребите и барањата на нашите клиенти, сопственици и корисници на становите во објектите на Адора инжинеринг. Секогаш внимателно ги слушаме впечатоците, сугестиите, пофалбите и особено критиките од предходните објекти и тие ни се задолжителна насока за идниот развој. Интересно е како секогаш сами се наметнуваат нови барања по исполнување на предходните!

На пример, откако Адора инженеринг пред повеќе од 10 години, пред тоа да биде законски регулирано кај нас, пионерски ги воведе објектите со енергетска ефикасност А класа, за што го доби и првиот сертификат, популарниот „енергетски пасош“ во Македонија, се наметна потребата повеќе да се погрижиме за квалитетот на воздухот во домовите. Поради тоа, ја воведовме органската фасада STO „која дише”, паропропусна, а водонепропусна, за прв пат во објектот Flatiron. Потоа, во најновиот објект Diamond Garden, се надградивме, обезбедувајќи микро клима во средишниот простор-атриумот со иделани параметри, каде ја изградивме и вклопивме најголемата внатрешна градина во Европа! Потребата за подобрување на звучната изолација се наметна по воведувањето на трислојни стакло пакети – фасадната изолација се подобри термички, но и звучно. Звучниот комфор во домот, во ситуација кога градската врева е „исклучена“, стана императив за нас! Резултатот од мерењата на пренесување на воздушен и ударен звук меѓу становите по хоризонтала и вертикала, за прв пат во Македонија, го изразивме во форма на сертификат во соработка со Rigips ( Saint Gobain). Двата најнови објекти на брендот Адора, имаат и „енергетски и звучен пасош“ и упатство за квалитетно домување. На тој начин, со клиентите ги споделуваме најновите стандарди и ги обучуваме за употреба на истите, што им носи бројни придобивки. Целта е да обезбедиме поквалитетно домување според современите потреби, за здрава средина, топлински, звучен и светлосен комфор, економичено и рационално користење на енергијата и користење на обновливите извори на енергија преку фотоволтаиците, а со тоа и заштеди во домашниот буџет и грижа за животната околина и природните ресурси.

Уште многу други елементи и матерјали, видливи и невидливи се вклопени во овие зданија. Лично, за најголем комплимент го сметам доживувањето на приватност и посебност, што е очигледно кај секого штом пречекори преку прагот – целиот објект е дом! Безброј пати слушнав коментари во стилот – ОВА Е НЕШТО ДРУГО!

Да се следат информативно трендовите и технички достигнувања, секаде во светот, во ова време на безгранични електронски комуникации изгледа лесно. Да се обезбедат потребните матерјали и да се преточат во изведбени детали е многу тешко! Од голема помош се службите за техничка подршка на многу производители кои работат заедно со нас во оптимизацијата на секој детал и состав. Нашите комерцијалисти можат да најдат и донесат производи од целиот свет. Сепак, многу е тешко да се применат новини во градбата во време кога, како што сме сите свесни, постои масовен одлив на квалификувани мајстори. Имплементацијата на секоја новина е предизвик, но и голема сатисфакција.

Секој напор е оправдан во подобрување на комфорот на домувањето. Стандардите се подигнуваат на повисоко ниво, критериумите на купувачите се се поостри, барањата поголеми (позахтевни). Мислам дека јавноста беше изненадена од концептот на Boutique style домувањето, со атрактивните ентериери, богати со светло и форми, внимателно осмислени, вкусно опремени и оплеменети. Воведувањето на наменски дизајнирани елементи кои имаат употребна вредност (од поштенско сандаче до зелен ѕид) е вистинска применета уметност и тоа ја прави разликата меѓу зграда и дом. Верувам дека со последните објекти Адора Flatiron и Адора Diamond Garden, се поместија очекувањата од градителите во Македонија, што за нас во Адора инженеринг е голема обврска на која сме подготвени да одговориме и со градбите (проектите) кои следат.

 

18adВелат дека архитектите се во служба на човекот, кој давајќи ја довербата на одреден инвеститор, потоа живее во просторот кој екстериерно и ентериерно е осмислен од Ваша страна. Марија, гледано низ Вашите очи на проектант, на кој начин пристапивте кон реализација на предизвикот, последните два објекти на Адора, кои сами за себе се препознатливи брендови, да станат еден посебен, поубав, похуман, поинтимен и посреќен дом за нивните сопственици?

Блажеска: Во моето досегашно искуство како архитект-проектант во Адора инженеринг, околу една деценија, со колегите од проектантскиот тим испроектиравме 25 објекти и над 2.000 станбени единици, кадешто секој објект го надминува претходниот, во смисла на подобрување на квалитетот на просторот во кој човекот живее. Се наметна и потребата со секој нов проект, да одиме чекор понатаму, да го облагородиме и просторот за заедничко користење и да им овозможиме на станарите уште похуман пристап во домувањето. Целта ни беше, имплементирајќи ги последните трендови во дизајнирање на ентериерот, уште од самиот влез во објектот, станарите и посетителите да почувствуваат момент на пријатно изненадување дека влегуваат во еден друг, поубав и посреќен свет на домување.

Во нашето проектантско биро работиме колеги архитекти со десетгодишна разлика во годините меѓу себе и како што нашиот генерален директор проф. д-р Ванчо Чифлигамец знае да каже, дека младоста, зрелоста, мудроста и искуството се споени во еден добар мозаик, кој ги создава нашите проекти. Но проектите би биле само добро осмислени, но нереализирани дела, доколку нема инвеститор кој несебично се вложува во остварување на истите.

Во поглед на Flatiron by Adora, објект што патем е само една реминисенција на славната зграда Fuller Flatiron во Њујорк, соочени со предизвикот да проектираме еден објект којшто според одредбите на деталниот урбанистички план, беше нагласена да биде во одреден стил, сметам дека успеавме да испроектираме впечатлив објект со дисциплинирана, ненаметлива фасада, стилски покласична, безвременска и истиот стил да го внесеме во внатрешноста на објектот.

Adora„Добрата архитектура ја пушта природата внатре“.

Двата објекти се решени со галериски пристап до становите со што во јадрата се појавуваат атриуми ( отворени, средишни, некој вид на дворови, покриени со стаклени покриви-лантерни) со што се максимизира вентилацијата на внатрешноста на објектите со природен воздух и природна светлина, потенцирајќи го чувството на пространост и отвореност. Сметам дека секогаш е убаво кога од внатрешноста на објектот може да се види небото.

Заедничките простории во Diamond Garden by Adora ги облагородивме со тоа што внесовме природа во објектот за домување, креирајќи голема внатрешна градина која предизвикува и со детското игралиште и уредениот влезен хол во заедничкиот простор, концепциски го збогатува објектот, иницирајќи амбиент на социјална интеракција.

Ние, архитектите сме во служба на човекот, кој како краен корисник, секојдневно живее со придобивките и недостатоците во просторот кој го креираме. Затоа, ние во Адора инженеринг, посветено, највнимателно и најодговорно пристапуваме кон обликување на станот како основна единица на станбената зграда, свесни дека таа станбена единица треба да дава сигурност, да пружа комфор и конечно да биде сопствено катче за мир, спокој и среќа, наречено ДОМ.

 

20adВерче, Вие сте најмладиот архитект во проектантскиот тим кој изминативе четири години неуморно, со многу храброст и иновативност, и практично работеше на објектите Адора Flatiron и Адора Diamond Garden, додека тие не го видоа светлото на денот. Каков е компрописот меѓу архитектонските правила и барањата, желбите и вкусот на идните станари кои треба да добијат функционален дом по своја мерка?

Поповска: Со цел домот да биде искреиран според желбите и комплетно во функција на потребите на идните станари, во Адора инженеринг, при проектирањето на објектите, особено внимание посветуваме на неколку аспекти кои ни се главни приоритети и правила што важат почнувајќи од гарсоњерите, како најмали станови, па сè до пространите, најголеми станови. Функционалниот распоред и комфорот, што се трудиме да го постигнеме во различните квадратури, ги обликуваат сите становите како хумани постори за живеење. Природната дневна светлина исто така е неодминлив детал. Проектираме пригодно големи прозори кои врамуваат уникатна слика од надворешноста, оформуваат пријатни, природно осветлени простории внатре, а сепак се со потребната големина, за да овозможат задржување на аспектот на енергетската ефикасност.

Во однос на елементите кои ги вградуваме, секогаш се трудиме да бидеме во чекор со високите стандарди на современото домување, постојано правиме истражувања на европскиот и светскиот пазар и со тоа континуирано го подобруваме квалитетот на вградените елементи. Користиме брендирани матeријали кои се препознаени како квалитетни и добри на глобалниот пазар на денешнината, како прозорите од брендот на Rehau, преградните ѕидови од Rigips, плочки од Roca, чешми од Grohe, санитарна опрема од Laufen и KolpaSan и ред други елементи кои како дел од станот ги поместуваат нагоре границите на македонските стандарди за градење. Притоа, за нас како градежна компанија, секој од купувачите и нивните идни домови, претставува уникатна приказни за себе. Затоа и секогаш се трудиме самите станари да бидат вклучени во процесот на дообликување на становите преку избор на бои и начин на редење на плочки, типови на врати, паркет, санитарии и други елементи, со цел и тие да дадат свој личен печат на нивниот иден дом.

Покрај становите, во архитектонското осмислување на објектите на Адора, посебен акцент даваме на важноста на постоење на пријатно уредени заеднички простори за станарите. Без разлика колку и да е голем објектот, секогаш обезбедуваме приватност и удобност за неговите жители, преку проектирање на шест до седум станови на еден кат во влез, како што е случајот со Flatiron и Diamond Garden, каде има природно осветлени и вентилирани ходници, со обезбеден пристап преку повеќе влезови со најмалку два експресни и бесшумни лифтови во влез, со игралиште за деца и паркинг простор за велосипеди. Во последните два објекти, го внесовме концептот на атриуми како заеднички дворови кои се озеленети и природно осветлени со големи стаклени лантерни. Тие ја претставуваат идејата за големи дневни соби, концепирани како места за средби, дружење и благодет за станарите на објектите, што е новина на македонскиот пазар на недвижности. Нашите два најнови објекти веќе живеат со своите станари, кои нив ги доживуваат како свој дом во целина, почнувајќи од влезот, домарските служби, фоајето, атриумите, ходниците и сите други внатрешни и надворешни содржини околу домот, за што нашата компанија годинава доби и интернационално признание од Светската маркетинг организација за воведување на Boutique концептот во домувањето во Југоисточна Европа. Тоа е потврда дека сме на вистинскиот пат во следењето и примената на последните светски трендови и најнови стандарди, во архитектурата и недвижностите во Македонија, што е голема гордост и обврска за иднината, за целиот тим на Адора инженеринг.

 


Соработници на Адора

Maria Szentesi, Technical and Product Development Manager, Rigips, Saint Gobain, деловен партнер на Адора инженеринг

„Адора инженеринг е првата и досега единствена компанија во Македонија која користејќи ги материјалите на RIGIPS – SAINT GOBAIN во изградба на домовите во нејзините објекти, звучната изолација ја подигна за 80 % повеќе од македонските стандарди, што е верифицирано од страна на овој светскиот бренд во областа на акустиката со 350 годишна традиција. Резултатите од мерењето на акустичниот комфор во Адора Flatiron и во Адора Diamond Garden, покажаа индекс на намалување на звукот R’w = 53 dB, што е на ниво најдобрите европски стандарди предвидени со законската регулатива за звучната изолација во високоградбата во развиените европски држави. Адора инженеринг со голем ентузијазам и амбициозност ги воведува новините за поквалитетно и покомфорно домување во Македонија во областа на акустиката, за заштита на домовите и станарите од бучавата и звучното загадување, како од соседните станови, така и од надворешната, градска врева.“

 

Проф. д-р Васка Сандева, стручњак по пејсажна архитектура, Универзитет Гоце Делчев, Штип, одговорно лице, проектант и кооринатор во озеленувањето на внатрешноста на Адора Diamond Garden.

„Адора Diamond Garden е најголемата внатрешна градина во Европа со 5,5 тони растенија, што го воведе светскиот тренд на зеленото домување и освен во градежништвото, даде огромен придонес во пејсажната архитектура и дизајнот во Македонија и регионот. Овој метод на оплеменување на ентериерот со зеленило, се користи во најсериозните и најистакнатите проекти за хумано домување во светот. Посебен предизвик беше идејата оваа Дијамантска градина да се претвори во вистинска зелена урбана оаза за релаксиран, хармоничен, спокоен и интимен живот на нејзините жители. Уникатноста на Diamond Garden се двата внатрешни атриуми, збогатени со 100 % природни растенија и мов, презервирани со целосно еколошки процес, кои ги оплеменуваат сите хоризонтални нивоа и целата вертикална висина на комплексот, за што има идеална микро клима и идеални параметри на квалитетот на воздухот, што е научно потврдено од страна на теренската лабораторија за животна и работна средина и електронска микроскопија на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип“.

 

Марта Наумовска Грнарова, Генерален директор на ЗАВАР Дизајн
Дизајн и изработка на елементите во заедничките простории

„Интегрираниот дизајн пристап во градењето на идентитетот на една зграда е концепт кој е иновативен и прогресивен во светски рамки. Отвореноста на Адора кон иновации и настојувањата на Завар Дизајн да е секогаш во чекор со актуелните трендови во дизајнот, резултираа со соработка во двата објекти Адора Flatiron и DiamondGarden, каде е применет 100% дизајн пристап, почнувајќи од самото лого на објектот , разработка на сите елементи во влезниот хол и заедничките простории, до означувањето на сите станови, катовите и останатите простории.

Во случајот на Flatiron, дизајните беа надоврзување на ентериерното решение на инвеститорот Адора, а во случајот на Diamond Garden, имавме слобода комплетно да го дефинираме дизајнот и да изработиме одреден дел од елементите во заедничките простории кои стилски одлично се вклопија во ентериерот.

Секој од овие објекти има своја специфика и печат во однос на дизајнот и карактерот, па содветно на тоа беа грижливо избрани од наша страна и самите материјали. Flatiron е строга елеганција, трансформација на арт-деко приказната од оригиналниот њујоршки пример во современа верзија, каде доминираат строги геометриски форми изразени преку материјали како челик боен во црна боја, инокс, позлатен инокс. Во Diamond Garden приказната е природен баланс и симбиоза помеѓу совршената строга геометрија на дијамантот и мекоста на зеленилото, изразена преку ефектите на кородирање на челик, бакар, горен челик и огледален инокс“.

 


Посебна благодарност до архитект Билјана Веселинова, што учествуваше во создавањето на Адора Flatiron Скопје, која повеќе не е дел од проектантскиот тим на Адора, откако својот професионален пат го продолжи на Нов Зеланд.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×