Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со купување на новоиздадени акции во вредност од 64 милиони евра стекна удел од 5% во сопственичката структура на AikGroup, една од најбрзорастечките банкарски групации во Југоисточна Европа.
Целта на оваа инвестиција е да се поддржи проширувањето на деловното работење и дополнително зајакнување на позиција на AikGroup во регионот на Југоисточна Европа преку аквизиции и органски раст. ЕБОР ќе го именува својот претставник во одборот на директори на групацијата, со што дополнително ќе се унапреди корпоративното управување и ќе се обезбеди поддршка при стратешкото одлучување во процесот на меѓународна експанзија.
AikGroup, кој е под надзор на Европската централна банка (ЕЦБ) и е во сопственост на Александар Костиќ, работи преку своите подружници во Србија (AikBank, AikLeasing и MV Investment), Словенија (Gorenjska Banka и GB Leasing) и Црна Гора (Hipotekarna Banka). Групацијата во последните години забрзано растеше преку серија аквизиции и денес има повеќе од 800.000 клиенти и управува со вкупна актива во вредност од над 10 милијарди евра. Целта на групацијата е во следните три до пет години да ја зголеми вкупната актива на 20 милијарди евра, преку аквизиции и продолжување на органскиот раст низ целиот регион.
Франсис Малиг, извршен директор на ЕБОР за финансиски институции, изјави: „Силните регионални банкарски групации со транспарентно работење имаат важна улога во унапредувањето на корпоративното управување во банкарскиот сектор, како и во поддршката на растот на приватниот сектор и економската интеграција. Со оваа инвестиција, ЕБОР ја поддржува визијата на AikGroup за изградба на водечка регионална банкарска групација, која ги унапредува стандардите на корпоративното управување и го поддржува развојот на дигиталните капацитети и зајакнувањето на отпорноста на климатските ризици и сајбер-заканите. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со AikGroup, што ќе овозможи понатамошна експанзија и создавање нови можности за граѓаните и компаниите.“
Разван Мунтеану, претседател на Извршниот одбор на AikGroup, изјави: „Големо задоволство ни е што ЕБОР е нов акционер во AikGroup. Стратешкото партнерство со ЕБОР за нас претставува потврда на нашата стратегија и амбиција да изградиме водечка финансиска групација во регионот на Југоисточна Европа и да создаваме долгорочна вредност на пазарите на кои работиме. Ова исто така е потврда на напредокот што групацијата го постигна во примената на најдобрите стандарди во работењето. Комбинацијата на регионалното присуство и експертизата на AikGroup со глобалното искуство на ЕБОР овозможува побрза економска транзиција на регионот, додека инвестицијата на ЕБОР ќе го поддржи понатамошното ширење на пазарите и зголемувањето на оперативната ефикасност.“
Проектот дополнително ќе ги зацврсти високите стандарди на корпоративното управување и именувањето на претставник на ЕБОР во Одборот на директори ќе донесе дополнително меѓународно искуство во финансиска индустријата. Благодарение на оваа инвестиција, AikGroup ќе има корист од техничка поддршка во различни области, вклучително и сајбер-безбедност и управување со податоци, во согласност со барањата на Актот на ЕУ за дигитална оперативна отпорност (DORA).
Во рамките на вклучувањето на ЕБОР во сопственичката структура на групацијата, AikGroup се обврза да развие и спроведе план за климатска транзиција усогласен со целите на Парискиот договор. Планот ќе го поддржи интегрирањето на климатските аспекти во управувањето, стратегијата, управувањето со ризиците и практиките за објавување информации низ целата групација и нејзините подружници.
Трансакцијата е во согласност со Стратегијата на ЕБОР за финансискиот сектор и пристапот на Банката кон забрзување на дигиталната транзиција, истовремено поддржувајќи го развојот на конкурентен, добро управуван и отпорен банкарски сектор низ Западен Балкан.




















