Економијата без раст минатата година
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Економскиот раст во 2017 година е нула, објави Државниот завод за статистика. По квартали, во првите три месеци лани е евидентирана стагнација на бруто домашниот производ (БДП) или стапка на пораст од 0%, намалување на растот од 1,3% во вториот квартал, минимален раст од 0,2% во третиот квартал и раст од најмногу 1,2% во последните три месеци.

Со тоа, не се остварија проценките на Владата и меѓународните финансиски институции за порастот на БДП во 2017 година. Владата првично процени дека економскиот раст минатата година ќе достигне 3%, па потоа ја ревидираше проценката на 2,2% за на крајот да се сведе на прогноза од 1,6% раст на БДП.

Последните проценки на ММФ пак беа раст д 1,9%, додека Светска банка прогнозираше дека економскиот раст ќе биде 1,5%. Единствено Народната банка беше најблиску, со прогноза за раст од само 0,5%.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, до пред десетина дена,  во своите јавни настапи се уште беше голем оптимист дека последните три месеци лани економската активност забрзала значително и изјави дека очекува многу поголем економски раст што би можел да ја извлече целата година во позитива.

Ако се анализираат причините што доведоа до стагнирање на економијата лани, произлегува дека овој тренд е последица на падот на градежништвото од 13,7%.

Запирањето на неколку крупни градежни проекти, како одлуката на новата Влада да ја прекине изградбата на дел од објектите од проектот Скопје 2014, но и забавувањето на изградбата на автопатите, всушност го издишаа градежниот меур којшто се дуваше претходните години, финансиран со народни пари. Кај останатите сектори во економијата, исто така е евидентирано благо намалување на производството, но сепак моторот на домашната економија, градежништвото, е тој што заринка.

За разлика од лани, деловниот план на Владата за македонската економија за годинава  е пооптимистичен. Проценките на Министерството за финансии за 2018 година се дека економскиот раст ќе забрза до 3,2% на годишно ниво. Меѓународните финансиски институции, како што се ММФ или Светска банка го потврдија планот дека е реално остварлив, а иста е проценката и на Народната банка.

Оптимизмот произлегува главно од надминувањето на домашната политичка криза.

„Политичката стабилност и враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка. Понатаму, зголемувањето на извозот од новите производствени капацитети, како и опоравувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери, ќе придонесат за зголемување на извозот на Македонија“, објаснуваат од Министерството за финансии.

Прогнозите за најголемите трговски партнери на Македонија, каде што најмногу извезува земјата, исто така велат дека европските ѕвезди ќе ни бидат наклонети годинава. Економијата на Европската Унија се очекува да порасне 2,1% што е меѓу највисоките стапки на пораст во последната деценија, а особено е важно што и за германската економија каде што се извезуваат речиси половина од македонските производи, прогнозите се попозитивни.

Ако гледаме малку подолгорочно, во следните четири години, македонската економија ќе оствари раст најмногу до 4%, и овие проценки јасно покажаа дека целта на новата Влада а и на премиерот Зоран Заев за остварување на многу повисоки стапки на економски раст што ги вети во изборната кампања, а потоа ги вметна и во владината програма, засега е неостварлива.

„Нашата цел е остварување на просечна стапка на раст на економијата повисока од 5% во периодот на мандатот“, пишува во новата владина програма за работа до 2020 година, но за жал владиниот ентузијазам го нема во официјалните владини проценки, ниту пак во прогнозите на меѓународните финансиски институции.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×