Економијата кризира, државата со мерки амортизира
Објавено на од во COVER STORY

Анализата на податоците што ги добивме од Министерството за финансии покажуваат дека владините антикризни мерки го ублажуваат ударот од пандемијата врз економијата.  Министерката за финансии, Нина Ангеловска,  вели дека сите мерки се донесени за соодветен тајминг, некои од нив даваат резултати веднаш, а други пак ќе треба да ја заживеат мамурната економија откако пандемијата ќе стивне. Економистите исто така ги анализираат ефектите од владините антикризни мерки, и според нивните наоди, државата успеала да спаси дури 198.000 работни места што биле доведени во ризик да бидат изгубени. Сепак, и покрај обидите да амортизира, статистиката покажува дека економијата кризира. Податоците се катастрофални за време на ударот во април кога цел месец имаше полициски час за да се запре ширењето на коронавирусот. Евдентиран е пад на индустриското производство за 33,5% и намалување на извозот за дури 60,3%. Последиците од афтершоковите во следните месеци допрва ќе се мерат, но Владата очекува третиот сет на мерки да ја поттикне домашната потрошувачка и со тоа целата економска активност.

 

Владините мерки го ублажуваат ударот од пандемијата врз економијата и тоа го докажуваат конкретни бројки, вели министерката за финансии Нина Ангеловска, од којашто ги побаравме најновите податоци за ефектите од трите досегашни пакети антикризни мерки.
Таа вели дека сите мерки се донесени за соодветен тајминг, некои од нив даваат резултати веднаш, а други пак ќе треба да ја заживеат мамурната економија откако пандемијата ќе стивне.
„Брзите мерки за економијата се клучни за полесно надминување на проблемите во ваква криза со брз развој и непредвидлив карактер. Можам да кажам дека издвоивме максимум во рамките на нашите можности, но уште поважно, се обидуваме да бидеме максимално ефикасни во реализацијата на мерките“, вели Ангеловска оценувајќи ги сите досегашни мерки што ги донесе Владата за да ги ублажи економските последици од оваа криза.
„Со првиот сет на мерки рековме дека ги заштитуваме трите најпогодени сектори, туризам, угостителство и транспорт, и сите коишто имаат запрена економска активност поради мерките на Владата, а со вториот намерата беше да се заштитат сите работните места во компаниите коишто се соочија со намален обем на работа“, додава Ангеловска и објаснува дека мерките се дизајнирале соодветно на тајмингот и актуелните предизвици во економијата во тој момент.
cover-2izСпоред последните податоци на Министерството за финансии, најмногу пари досега се потрошени за заштита на работните места, што беше главен фокус на првите два сета на мерки.
Во април, со пари од државната каса, исплатени биле плати во висина од 14.500 денари, колку што всушност изнесува минималната плата во земјава, на вкупно 140.000 работници од 19.500 фирми. За таа цел се потрошиле 28 милиони евра. Според износот на вкупна исплатена поддршка, околу 57% биле за плати на вработени во микро и мали компании, 22% во средни и 21% во големи компании. По одделни индустрии, најголемиот број на вработени за кои е добиена финансиска поддршка, околу 52.000 работници се во преработувачката индустрија, потоа околу 26.000 во трговија на мало и околу 16.000 во угостителство и објекти за сместување.
За следниот месец, мај, од Министерството велат дека се уште се доработуваат податоците, но државата од буџетот веќе финансирала плати во вредност од околу 20 милиони евра.
„Ако ги анализираме податоците произлегува дека се работи за обемна мерка која што ги дала очекуваните ефекти. Она што е важно е дека во рамките на можностите, а бидејќи за оваа мерка имавме одвоено околу 100 милиони евра, одлучивме да ја продолжиме да важи и за јуни, за да ги заштити работните места и да им помогне на компаниите да исплатат пристојно ниво на плати во време кога се соочуваат со намалени приходи за над 30%“, објаснува министерката Ангеловска.
Анализа на оваа владина мерка направи и Институтот за економски истражувања и политики, Finance Think. Според нивните наоди, финансиската поддршка од 14.500 денари по работник, надополнета со субвенционирањето на придонесите во висина од 50% кај најзасегнатите сектори, во транспортот и угостителството, овозможила зачувување на околу 80% од работните места кои биле најсилно погодени и било извесно дека ќе бидат затворени.
Со овие мерки се зачувале околу 75 илјади работни места кои биле под висок ризик да бидат изгубени, што е 9,2% од вкупниот број на вработени во земјава.
Но, потенцијалот на оваа мерка, според извршниот директор и главен економист на Finance Think, Благица Петрески, е далеку поголем.
„Kрајниот таргет и потенцијалот на тие мерки е околу 198.000 работни места. Во април беше обезбедена поддршка за околу 135.000 работни места што означува одредена помала реализација од планираното, и којашто во еден дел се должи можеби заради недоволната информираност на компаниите, меѓутоа и оние чести промени на уредбите и одредени критериуми за мерките предизвикаа одредена неизвесност кај компаниите. Па оттука се почувствува одреден страв кај фирмите да аплицираат за конкретната мерка, што можеби е причина да не се искористи целокупниот потенцијал. Во месец мај реализацијата е за одреден степен зголемена, што е позитивен сигнал“, објаснува Петрески од Finance Think.
Според овој Институт, фискалниот трошок на државата се проценува на 93,2 милиони евра за оваа мерка, a резултатите покажуваат дека без финансиска поддршка на претпријатијата за задржување на работните места, стапката на невработеност би се искачила на 23,9%.
Освен финансирањето на платите за работниците од најпогодените сектори со пари од буџетот, Владата деновиве ги реализира и мерките од последниот трет пакет кој треба да ја поттикне домашната економија во фазата на постепено олабавување на рестрикциите. Станува збор за издавање платежни картички за купување домашни производи, но ефектите од оваа мерка ќе треба допрва да се мерат.
Од Министерството за финансии, објаснуваат дека симулациите на ефектите покажале дека домашната платежна картичка и ваучерите за домашен туризам ќе го ублажат падот на економската активност во третото тримесечје, како и падот на бројот на ноќевања во македонскиот туризам. Домашна платежна картичка треба да им се додели на околу 325.000 граѓани, а министерката Ангеловска вели дека мерката е современа и системски осмислена за да стимулира безготовинско плаќање, намалување на неформалната економија, купување домашни македонски производи и услуги, а воедно ќе влее средства во стопанството за кус рок.
„Направивме една симулација што ќе значат 28 милиони евра во економијата во така краток период од околу 30 до 40 дена. При таа симулација за третиот квартал од годината, ако ние предвидуваме дека контракцијата или намалувањето на економската активност ќе биде -2,7%, со влевање на сите овие средства ќе забележиме нешто под -2%, односно намалување за 0,7 – 0,9 процентни поени помал економски пад благодарение на овие пари коишто ќе се влеат во економијата и коишто ќе се потрошат кај погодените сектори за домашни производи и услуги“, истакна Ангеловска.
Таа посочува дека сличен ефект се очекува и преку ваучерите за домашен туризам.
„Се работи за мерка којашто изнесува околу 10-12 милиони евра, а вакви ваучери се поделија на 117.000 граѓани, секому по 100 евра. Симулацијата што ја направивме тука со цел да го оцениме ефектот, проценивме ако бројот на ноќевања во текот на 2020 година согласно случувањата би бил околу 50%, со оваа мерка тој процент би бил дупло помал, односно би се влијаело на помал пад на бројот на ноќевања и воедно зајакнување на македонскиот туризам“, вели Ангеловска.
Повеќе пари за фирмите
Голем интерес покажаа компаниите и за бескаматните кредити од Развојната банка, преку која досега се пласирани вкупно 12,7 милиони евра, за 1.330 фирми. Владата најави дека разгледува можности да стави уште пари на располагање за фирмите како грантови или кредити без камата.
„Со оглед на тоа што се работи за исклучително поволни заеми за компаниите, без камата, очекувано е дека интересот е многу голем, а можностите се ограничени. Но, веќе разговаравме во Владата, да направиме обид доколку останат пари од некои други мерки што нема да се искористат целосно, да се пренаменат и да се пласираат како кредити преку Развојната банка. Важно е да се знае дека во третиот пакет мерки има предвидено 31 милиони евра бескаматни кредити, за мали и средни фирми, и тоа со грант компонента до 30%, за компании водени од жени, или млади луѓе, коишто ќе воведат нови технологии или ќе се ориентираат извозно. Овие пари коишто се грант од ЕУ се планира да се реализираат во септември“, посочи Ангеловска.
Уште една мерка наменета за посткризниот период којашто според Ангеловска треба да ги поттикне компаниите да инвестираат е финансиска поддршка за инвестиции за којашто се одвоени 20 милиони евра.
Сите мерки се проценува дека вредат околу 500 милиони евра што е околу 5% од бруто домашниот производ, и се очекува да опфатат околу 730 илјади граѓани.
Економистите оценуваат дека фискалниот обем на мерките е соодветен на можностите на државниот буџет, но сугерираат да се следат ефектите за да може парите да се искористат најпродуктивно.
„Доколку треба одново да се дизајнираат овој сет на мерки, јас би ја променила само методологијата. А од аспект на обем за моменталниот шок можеби беа тоа што максимум може да си го дозволиме, затоа што мора да бидеме свесни дека од друга страна имаме одредени фискални ограничувања. Во секој случај сметам дека во периодот кој што следи се уште има простор за дополнителни мерки и дополнителни надградувања, но претходно да направиме некои повторни оцени, се’ со цел оние фискални средства коишто ни се на располагање да ги искористиме на паметен начин и да ги вложиме онаму каде што можеме да извлечеме максимум, од аспект на ефекти за економијата, меѓутоа исто така и за зачувување на животниот стандард“, вели Благица Петрески од Finance Think.
cover-3bОд Делегацијата на ЕУ во Скопје, оценија дека мерките на Владата за ублажување на последиците од кризата во економијата се издржани и очекуваат да дадат резултати.
„Ние сметаме дека имаат смисла, генерално. Владините мерки се прилично слични со оние што членките на ЕУ ги преземаа, ако ја видиме големината, целиот пакет изнесува околу 5,5% од БДП што е повеќе или помалку на линија со околните земји во регионот. Кога ги гледам мерките засебно, тие се логични, имаат за цел да обезбедат ликвидност во економијата, да го зачуваат вработувањето во приватниот сектор, и исто така да спречат банкроти на компаниите. Првите два пакети имаа за цел да обезбедат бескаматни кредити, субвенции за платите и социјалните придонеси, одложување на даноците, а сега минатата недела видовме поголема поддршка за ранливите групи односно сиромашните граѓани. Мислам дека сите имаат смисла, но важно е што континуирано се дискутираат со социјалните партнери, со синдикатите, организациите на работодавачи, стопанските комори, за да бидеме уверени дека се релевантни во целото општество“, истакна Фрејк Јанмаат, раководител на Секторот за економски прашања во ЕУ Делегацијата во земјава.
Ударот во април и афтершоковите
Но и покрај преземените мерки на Владата за да амортизира, статистиката покажува дека економијата кризира. Во април евидентиран е драматичен пад на индустриското производство од 33,5%, и намалување на извозот за дури 60,3%. Министерката Ангеловска вели дека овој тренд бил неизбежен како последица на целосното затворање на општествата не само овде, туку и во цел свет, како нужно зло за економијата, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
„Реалноста е таа, светот се соочува со една од најголемите кризи воопшто, и не можеме да речеме дека падот на индустријата и извозот не беше очекуван. Всушност уште од февруари кога почна брзо да се шири вирусот глобално, некои синџири на набавки беа прекинати. Јасно е дека индустријата и извозот придонесуваат многу во вкупниот БДП на земјата како мала и отворена економија, но токму затоа мислам дека клучни ќе бидат мерките за овој посткризен период, кои ќе треба да ја зголемат конкурентноста на домашните компании повторно да го зголемат извозот на странските пазари“, истакна Ангеловска.
И додека светот се уште се бори со пандемијата а ризикот од нејзино пролонгирање дури и догодина е голем, меѓународните финансиски институции прогнозираат дека рецесијата во македонската економија годинава е неизбежна. Процените се движат од пад на БДП од -3,2% според Светската банка, -3,4% според Владата, -3,5% според Народната банка и ЕБОР, намалување од -3,9% колку што е проекцијата на Европската Комисија, па до рецесија од -4% според ММФ.
Сепак, според сегашните индикатори, министерката Ангеловска вели дека економијата се движи во рамките на основното, поповолно сценарио.
„Добрата страна на овие процени е што сите меѓународни финансиски институции очекуваат нашата земја најбрзо да закрепне економски од оваа криза. Најголемиот удар статистички ќе се прикаже во вториот квартал годинава кога се очекува пад на БДП од -15%, потоа во третиот забавување на падот на околу -2,7% и потоа во четвртиот квартал благ раст над 2%. Засега имаме подобра наплата на приходите од планираното и тоа ни дава позитивни изгледи. Важно е што ликвидносно сме подготвени со заеми и за евентуално продлабочување на кризата, но се надеваме дека сите мерки ќе го дадат максималниот ефект и дека сепак нема да се случат поголеми потреси од очекуваните“, вели Ангеловска.
Петрески од Finance Think вели дека во следниот период треба да се идентификуваат потенцијалите за побрз раст на македонската економија за да може во посткризниот период побрзо да се надмине рецесијата.
„Сметам дека првичниот шок на кризата која што настана мерките беа соодветно дизајнирани, меѓутоа она што во моментов недостасува е една подолгорочна визија за реставрирање и реорганизирање на севкупната економија односно во следната година, затоа што знаеме дека последиците од моменталната криза нема да бидат само за овој квартал или следниот квартал туку последиците ќе се провлекуваат многу подолго отколку што ние можеби во моментов очекуваме. И она што на нашата економија во моментов и е потребно, е да имаме подолгорочна визија односно да идентификуваме како на наједноставен начин можеме да излеземе од оваа рецесија, меѓутоа како втор аспект кои се тие сектори кои што може да дадат најголем придонес за раст на БДП“, вели Петрески.
Според процените на меѓународните финансиски институции, доколку годинава пандемијата се смири, догодина македонската економија може да забележи раст и до 7%.

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×