ЕКОНОМСКИ ПАТРИОТИЗАМ
Објавено на од во Колумни
KiirlДеновиве кога ситно одбројуваме до избор на нов Претседател на државата, на социјалните мрежи, пишаните и електронски медиуми, се одвива досега невиден натпревар кој е поголем предавник, a кој е поголем патриот. Во овој натпревар не се бираат ниту средства, ниту методи за дискредитација на меѓусебно спротивставените страни, од кои едната е „ЗА ЕУ И НАТО“, другата е „ЗА ЕУ И НАТО, ама ако може да не одиме во затвор“, а третата „БОЈКОТИРА“. Секоја од овие страни сака да се претстави како патриотска, која и мисли сѐ најдобро на државата. Родољубивост (или патриотизам) е поим со кој се означува позитивно чувство и поддржувачки став кон „татковината“ од страна на поединци или групи. Патриотизмот подразбира ставови како: гордост за достигнувањата и културата, желбата за зачувување на карактерот и основата на културата и себепронаоѓање со другите членови на нацијата. Патриотизмот исто така, кажува дека поединецот треба да ги стави интересите на нацијата пред личните интереси или интересите на одредена група или партија. За време на војна, жртвата може да прерасне и до жртвување на сопствениот живот. Смрт во битка за татковината е коренит тип на краен патриотизам.
Луѓето со 200 евра плата разговараат за национализам, тие со 400 евра плата разговараат за патриотизам, а тие со 1.000 евра плата разговараат за нутриционизам. Вака поставените скалила на разбирање на животните теми, ни го дефинираат секојдневието кон кое тежнееме. Вообичаеното разбирање на економскиот патриотизам, сепак, е различно од разбирањето на родољубивоста или „обичниот“ патриотизам. Економскиот патриотизам не е дефиниран со цели, туку со средства што се користат за постигнување на зацртаните цели. Ако државата се потпира на странски инвестиции, тоа значи дека во буџетските проекции секогаш постојат ставки за странски заеми или инвестиции кои ќе ги вратат или финансираат идните генерации. Економскиот патриотизам е спротивно на ова: инвестициите се финансираат од сопствениот државен економски и бизнис потенцијал, преку јасна и недвосмислена политичка поддршка на малите и средни претпријатија, преку поттикнување на конкуренцијата и поставување на правила на игра кои ќе важат за сите подеднакво. Во досегашната историја на независна Македонија, ниту една од владите кои ја водеа државата не можат да се сметаат, а камо ли да се третираат како патриотски во овој поглед. Ова го кажувам од причина што не се смогнаа сили од страна на креаторите на државните економски политики и оние кои беа задолжени да ги спроведуваат, да се модернизира и дебирократизира регулаторниот и оперативен апарат на економски активности, кои пак ќе и овозможеа на државата континуиран раст на економијата, зголемување на работните места и постигнување на општествена благосостојба со голема бројка на претставници на средната класа. Да се водеше ваква економска политика, државата ќе го задржеше централното место и ќе беше главен контролор на правилата на игра, со што ќе го обезбедеше владеењето на правото, а со самото тоа Македонија ќе беше привлечно место за инвестирање и за странските компании и фондови. Различни бизнис лоби групи, од различни бизнис сектори го спречуваа ваквиот развој на настаните и ова му е јасно на секој кој има барем основни познавања од економија и право, што резултираше со незадоволителните економски ефекти за државата, а во исто време богатење на одредени бизнис групи и поединци.
Да не ме сфатите погрешно, странските инвестиции кои ги спомнав погоре и тоа како и се потребни на Република Македонија, а економскиот патриотизам не смее да се сведе на подигање ѕидови и проблематизирање на странскиот капитал. Напротив, преку економскиот патриотизам, односно преку тесна соработка меѓу државата и претприемачите, треба да се креираат економски политики за освојување на домашниот пазар, а понатаму освојување на странските пазари. Иновативните мали и средни претпријатија кои би требало да предничат во економскиот патриотизам, треба да бидат приоритет и во центарот на вниманието на владините политики. Економската и финансиска интелигенција која раководи со малите и средните претпријатија, заедно со државната управа мора да постават цврста, јавна и транспарента комуникација, која ќе се преточи во модерно водење на македонската економија и фаќање чекор со светските финансиски и инвестициски циклуси и процеси. Ова може да го гледаме и од аспект на волја за зајакнување на финансиската независност на државата, преку заедничко дејствување на државната управа, претприемачите, финансискиот сектор, како и инволвирање на универзитетските и академски капацитети во целиот процес. Како може да очекуваме една мала држава како што е Македонија, да се спротивстави на сите глобални предизвици, а да нема синхронизирани активности меѓу сите засегнати страни? Економските и финансиските резултати за последниве 27 години, само потврдуваат дека секоја страна ги штити своите интереси, без притоа да не се гледа големата слика за економски напредок на државата.
Секоја држава има право, а воедно и обврска да го втемели својот економско – развоен суверенитет, преку зајакнување на капацитетите и условите за економскиот развој, со што ќе ги зачува своите стратешки определби и ќе се промовира во сериозен партнер на меѓународните пазари, без притоа да се доведува во подредена положба, да ги распродава државните економски интереси и бесцелно да ги троши парите на даночните обврзници за да привлече каква-таква странска инвестиција. Економскиот патриотизам е применлив и разбирлив, ако е поставен на сериозни темели како што се иновациите, конкурентноста, владеењето на правото и сесрдна поддршка од државната управа и институциите. Овие темели, не само што не беа поставени, беа постојано надгледувани да не видат бел ден, како не би избегале паричните текови и воспоставените практики на криминално богатење на досегашните политички и финансиски елити. Редно е по 28 години независност, да се посветиме на градење на заедничка култура на моќ, меѓусебно почитување и натпреварување, ослободување на прангите на инфериорност и сервилност, што неминовно ќе резултира со национален успех на економско-финансиски план. Таа заедничка култура, па да речеме и визија околу проблемите и предизвиците со кои треба да се соочи современата македонска економија, треба да ги предвиди заканите и можностите, правата и обврските, целите и препреките, конкурентноста и реализацијата, како и ред други параметри и варијабли кои влијаат на растот и развојот на економијата, а воедно ќе го заштитат државниот интерес.
Да резимирам, модерните економии не се стигнати таму каде што се, без притоа да преземат сериозни ризици во моменти на реструктуирање и фаќање на чекор, или пак правење исчекор напред во однос на останатите економии со кои соработуваат, а во исто време да го постават како приоритет државниот интерес. Овие економии не се базираат само на големите компании, туку се посветуваат и на малите и средните претпријатија кои претставуваат значителен потенцијал на иновации и отворање на нови работни места. Економскиот патриотизам треба да им помогне на малите и средните претпријатија да се развиваат во економско здраво опкружување и преку конкурентско натпреварување да достигнат соодветна големина и моќ, која е неопходна да истрчаат на меѓународни пазари и да ја претставуваат својата држава, со гордо крената глава.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×