Економските индикатори навестуваат поголем економски раст годинава
Објавено на од во Економија

drekslmajer-4Економијата во 2018

Економските индикатори од почетокот на годината, но и проценките на меѓународните финансиски институции навестуваат дека 2018 година ќе биде далеку подобра на економски план отколку минатата, кога всушност немаше раст.Во јануари, извозот се зголеми дури 27,9% споредено со истиот месец лани, а компаниите во овој период најмногу ги зголемиле продажбите во Германија, каде што всушност се извезува речиси половина од се што е наменето за странските пазари. Освен извозот, оптимизам за нагорно движење на економијата влева и податокот за пораст на индустриското производство од 8,4%. Деловните тенденции во преработувачката индустрија исто така се попозитивни од почетокот на годината. Стартуваше од нула, а до крајот на годината, проценките се дека бруто домашниот производ (БДП) ќе порасне 3,2%.

 

Економските индикатори од почетокот на годината, но и проценките на меѓународните финансиски институции навестуваат дека 2018 година ќе биде далеку подобра на економски план отколку минатата, кога всушност немаше раст.

Државниот завод за статистика во јануари годинава евидентираше раст на извозот од дури 27,9% споредено со истиот месец лани, а компаниите во овој период најмногу ги зголемиле продажбите во Германија, каде што всушност се извезува речиси половина од се што е наменето за странските пазари. Голем раст на извозот е забележан и кај останатите најголеми извозни пазари на Македонија, и тоа 44,4% во Бугарија, 39,7% во Србија, 42,9% во Косово и 32,7% во Грција.

Освен извозот, оптимизам за нагорно движење на економијата влева и податокот за пораст на индустриското производство во јануари од 8,4%. Раст на производството е забележан во речиси целата преработувачка индустрија, и тоа во прехранбената, производството на неметални минерални производи, производство на машини и опрема, на електрична опрема, додека намалување на производството во првиот месец од годината има кај текстилната и металната индустрија.

Деловните тенденции во преработувачката индустрија исто така се попозитивни од почетокот на годината. „Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јануари во однос на декември е поповолна, а очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец. Оценката за економската состојба на деловните субјекти во јануари 2018 година е поповолна во однос на претходниот месец, поповолна и во однос на јануари 2017 година. Се очекува бројот на вработени да се зголеми“, пишува во последното соопштение на Државниот завод за статистика.

c1Проценките на Министерството за финансии за 2018 година се дека економскиот раст ќе забрза до 3,2% на годишно ниво а дека планот дека е реално остварлив потврдија и ММФ и Светска банка со тоа што објавија идентични прогнози. Иста е проценката и на Народната банка.

Оптимизмот произлегува главно од надминувањето на домашната политичка криза.

„Политичката стабилност и враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка. Понатаму, зголемувањето на извозот од новите производствени капацитети, како и опоравувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери, ќе придонесат за зголемување на извозот на Македонија“, објаснуваат од Министерството за финансии.

Прогнозите за најголемите трговски партнери на Македонија, каде што најмногу извезува земјата, исто така велат дека европските ѕвезди ќе ни бидат наклонети годинава. Економијата на Европската Унија се очекува да порасне 2,1% што е меѓу највисоките стапки на пораст во последната деценија, а особено е важно што и за германската економија каде што се извезуваат речиси половина од македонските производи, прогнозите се попозитивни.

Позитивни проценки за трговските партнери

За македонските извозници, кои што речиси половина од извозот го пласираат на само еден пазар, а тоа е Германија, е многу важно како ќе се движи оваа економија и колку ќе биде стабилна побарувачката за производи оттаму.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својот последен извештај од октомври лани, проценува дека германската економија во 2018 година ќе порасне за 1,8% што е мало забавување во споредба со очекуваниот економски раст од 2% лани. Извозот на германски производи според ММФ ќе се зголеми за 4%, додека пак увозот за 4,7%.

Македонските извозници што доминантно продаваат на германскиот пазар, пак, велат дека веќе склучиле договори за извоз во првите неколку месеци од 2018 година.

c2Втор најголем извозен партнер на Македонија според статистичките податоци за лани, е Бугарија, но на овој пазар се продаваат само 5,9% од македонските производи наменети за извоз.

Според проценките на ММФ, бугарската економија годинава ќе порасне 3,2% што е сепак попесимитичка проценка во споредба со ланската од 3,6%. Извозот од Бугарија се проценува да се зголеми за 4,1%, додека пак увозот за 5%.

Трет најголем извозен пазар со удел од 4,4% од вкупниот извоз е Србија. Според проценките на ММФ, српската економија во 2018 година ќе порасне 3,5%, за разлика од проекцијата за лани од 3%. Извозот се проценува дека ќе се зголеми за 7,5%, а увозот за 6%.

Четврта на листата најголеми извозни пазари на Македонија е Косово. Проценките за косовската економија се забрзување на растот од 3,5% годинава, пораст на извозот за 2,3% и на увозот за 5,3%.

Првите пет најголеми извозни пазари, на кои што се продаваат 65% од производите наменети за извоз, ги заокружува Грција. Проценките на ММФ за грчката економија која долги години се соочува со намалување на БДП поради последиците од финансиската криза, се раст од 2,6% во 2018 година, зголемување на извозот за 3,9% и на увозот за 3%.

Меѓу првите десет пазари каде што најмногу се продаваат македонски производи се Белгија, Италија, Романија, Шпанија и Босна и Херцеговина.

За сите нив ММФ има позитивни проценки за економскиот раст.


Прогнозите за најголемите трговски партнери на Македонија, каде што најмногу извезува земјата, исто така велат дека европските ѕвезди ќе ни бидат наклонети годинава. Економијата на Европската Унија се очекува да порасне 2,1% што е меѓу највисоките стапки на пораст во последната деценија, а особено е важно што и за германската економија каде што се извезуваат речиси половина од македонските производи, прогнозите се попозитивни.


Во следните години раст до 4%

Ако гледаме малку подолгорочно, во следните четири години, македонската економија ќе оствари раст најмногу до 4%, и овие проценки јасно покажаа дека целта на новата Влада а и на премиерот Зоран Заев за остварување на многу повисоки стапки на економски раст што ги вети во изборната кампања, а потоа ги вметна и во владината програма, засега е неостварлива.

„Нашата цел е остварување на просечна стапка на раст на економијата повисока од 5% во периодот на мандатот“, пишува во новата владина програма за работа до 2020 година, но за жал владиниот ентузијазам го нема во официјалните владини проценки, ниту пак во прогнозите на меѓународните финансиски институции.

Економистите оценуваат дека новите власти мора да спроведат длабоки реформи за да може економијата да ги испорачува посакуваните резултати. ММФ и Светска банка исто така посочија дека земјата треба да започне со спроведување на подлабоки институционални реформи кои ќе обезбедат повеќе предвидливо работно опкружување за приватниот сектор и според тоа зголемување на инвестициите, вработеноста, платите.

Бордот на директори на ММФ истакна дека формирањето на новата влада е пресвртна точка за македонската економија, и го истакна ова како можност за обнова на политичкиот простор и заживување на реформите.

Најголемите очекувања на бизнис секторот всушност се поврзани со Планот за економски раст на Владата односно мерките за субвенционирање на фирмите за кои што се одвоени околу 50 милиони евра годинава. Засега е неизвесно кога Парламентот ќе го усвои предложениот закон, меѓутоа, вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека без оглед дали ќе се усвои законско решение поради одолговлекувањето на работењето на Собранието, мерките за државна помош ќе се имплементираат годинава.

c3Старт од нула

Економскиот раст во 2017 година е нула, објави Државниот завод за статистика. По квартали, во првите три месеци лани е евидентирана стагнација на бруто домашниот производ (БДП) или стапка на пораст од 0%, намалување на растот од 1,3% во вториот квартал, минимален раст од 0,2% во третиот квартал и раст од најмногу 1,2% во последните три месеци.

Со тоа, не се остварија проценките на Владата и меѓународните финансиски институции за порастот на БДП во 2017 година. Владата првично процени дека економскиот раст минатата година ќе достигне 3%, па потоа ја ревидираше проценката на 2,2% за на крајот да се сведе на прогноза од 1,6% раст на БДП.

Последните проценки на ММФ пак беа раст д 1,9%, додека Светска банка прогнозираше дека економскиот раст ќе биде 1,5%. Единствено Народната банка беше најблиску, со прогноза за раст од само 0,5%.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, до пред десетина дена, во своите јавни настапи се уште беше голем оптимист дека последните три месеци лани економската активност забрзала значително и изјави дека очекува многу поголем економски раст што би можел да ја извлече целата година во позитива.

Ако се анализираат причините што доведоа до стагнирање на економијата лани, произлегува дека овој тренд е последица на падот на градежништвото од 13,7%.

Запирањето на неколку крупни градежни проекти, како одлуката на новата Влада да ја прекине изградбата на дел од објектите од проектот Скопје 2014, но и забавувањето на изградбата на автопатите, всушност го издишаа градежниот меур којшто се дуваше претходните години, финансиран со народни пари. Кај останатите сектори во економијата, исто така е евидентирано благо намалување на производството, но сепак моторот на домашната економија, градежништвото, е тој што заринка.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×