Ексклузивно интервју на Евангелос Венизелос за “Капитал”: За конечното решение прво морате да имате консензус меѓу вас
Објавено на од во Интервју

venizelos-5706Евангелос Венизелос, поранешен заменик премиер и министер за надворешни работи на Грција

 

Поранешниот шеф на грчката дипломатија Евангелос Венизелос во специјално интервју за магазинот “Капитал” вели дека за решение на спорот за името потребен е нов амандман во Уставот.
“Имаше тешкотии со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и на договорот од 31-ви март. Би сакале да се избегне слично непочитување на евентуалниот договор преку јасен знак на волјата на сите политички фактори во Вашата земја”, вели тој.
Затоа, според него, амандманот ќе биде гаранција дека има политички консензус помеѓу сите партии, како клучен фактор во однос на перспективите и одржливоста на можното решение. На прашањето како бараат ваков консензус од нас, кога и во неговата земја тој не е постигнат, Венизелос вели:
“Ова е реална политика и треба да го имаме предвид факторот наречен “баланс на силите”.


Со г-дин Венизелос се сретнавме во неговата канцеларија во Атина и во разговорот се фокусиравме исклучително на грчките позиции во спорот за името, во обид да ги откриеме сите пречки во процесот и грчките реални барања. Јасно е дека пораките се оти нема потреба од илузии дека решение е можно без промена на македонскиот Устав, но она што е интересно е што Венизелос во листата на препреки силно го потенцира нашето домашно неединство и како што вели “бруталната конфронтација” помеѓу ВМРО –ДПМНЕ и СДСМ.

Како ги цените преговорите во овој момент?

Сметаме дека сега има еден нов момент во вашата земја за сериозно да се разговара и образложи конечното решение на прашањето за името. Но, критична е секогаш внатрешната состојба во вашата земја и дали таа ќе дозволи една ваква можност. За нас, решението е апсолутно поврзано со регионалната стабилност, мирот и просперитетот на регионот и од оваа гледна точка навистина сме загрижени за државноста на соседот.

Проблемот е подготвеноста на националниот политички систем за сериозно да учествува во оваа меѓународна процедура поврзана со името. Грчката позиција е многу јасна, ние имаме една стабилна национална стратегија за потребата од име со географска одредница што ќе го вклучува терминот “Македонија”, но тоа да биде за севкупна употреба, без разлики во уставното име и тоа “надворешното” име, или без разлики во името што би се користело билатерално со Грција и меѓународните организации и друго име за останатите држави. Значи, тука се зборува за едно единствено име што ќе важи секаде.

Тука доаѓаме до уставните измени што Грција ги бара и тоа е голем проблем.

Разбирам. Потребно е двотретинско мнозинство за ревизија на Уставот. Правно гледано, мора да правиме разлика помеѓу меѓународната правна основа на решението и онаа домашната. На полето на меѓународното право, клучно е да се потпише и ратификува Договорот паралелно со одобрувањето од страна на Советот за безбедност. Знаете дека токму Резолуцијата од таму беше и стартна точка за целиот процес, и тоа е тоа. Но, од друга страна, во рамките на домашното уставно право апсолутно е потребен еден нов амандман за да понуди легална интернационална гаранција, но поважно е да биде неопходен доказ за една политичка и историска волја да се прифати решение од сите заедници и сите партии за истото потоа да може да биде имплементирано. Имаше навистина едно тешко искуство со Охридскиот рамковен договор, но и на Договорот од 31 март во однос на коегзистенцијата и односот меѓу двете најголеми политички партии (СДСМ И ВМРО – ДПМНЕ, н.з). Затоа, за да се оди напред неопходно е двотретинско мнозинство, но и избегнување на конфронтации помеѓу партиите во иднина, да не се користи ова прашање и како гаранција за неговата имплементација.

Зарем гаранциите во Привремената Спогодба не се доволни?

Привремената Спогодба се однесува на прифаќањето дека постои еден меѓународен спор и ги дефинира процедуралните рамки што би воделе до решение. Од овој аспект таа се покажа како ефикасна и битна, но реалноста е дека 25 години таа не не донесе до решение што е неопходно за нормализација на односите меѓу двете земји. Овој период од 25 години, од друга страна, беше одличен за економските односи. Грција е огромен финансиски и трговски партнер на вашата земја и е посакувана туристичка дестинација за вашите граѓани. Но, без една стабилна политичка рамка што ни недостасува, односите не може да се развиваат, да одат напред со посакуваниот динамизам.

Со вашиот став ги уривате илузиите дека решение е можно и без уставни измени.

Повторувам дека има разлика помеѓу полето на меѓународното и домашното уставно право. Обврзувачки билатерален договор со неопходната согласност на Советот за безбедност е битна меѓународна рамка, но тој амандман дома е доказ дека целиот политички спектрум, вклучувајќи ја опозицијата е согласен да прифати едно долгорочно решение. Силните разлики помеѓу Владата и опозицијата се лош знак за иднината на можниот договор. Суштината е географската одредница, деталите во однос на јазикот, националноста, производите итн. за да се избегне идеолошко користење на историјата и каков било иредентизам. Без паралелни интервенции во полето на Уставот Договорот секогаш ќе има ризик да се отвори во иднина како едно внатрешно прашање. Владино мнозинство не може да биде доволно за историски чекор од овој тип. Ова е многу важно, ова е суштински витално за вашата држава пред се. Ова ќе значи заштита на вашето внатрешно единство, државност и е гаранција дека сме дошле до решение на долг рок. Земете го предвид последниот пример во врска со законот за употреба на албанскиот јазик и реакциите на опозицијата и на Претседателот потоа.

Но, искуството со Договорот со Бугарија е сосема поинакво.

Ја земам предвид Вашата забелешка. Очигледно, опозицијата го прифати овој Договор меѓу Скопје и Софија.

Со Атина тоа не би било случај?

Ова е клучно – вклученоста на опозицијата. Политичката и правна вклученост не само на парламентарното мнозинство, туку и на малцинството. Еве, примерот со Бугарија е многу добар, од ова гледна точка.

Ако зборуваме за вклученост на сите политички фактори и консензус меѓу нив, тогаш тука во Атина имате опозиција дури и против употреба на терминот “Македонија” воопшто во конечното решение. Каков консензус тогаш барате од нас?

И тука ни треба консензус за конечното решение. Тоа мора да биде прифатено од широк политички спектрум и од јавното мислење исто така. Ни треба функционално и остварливо решение. Од друга страна, остварливоста и применливоста на решението е апсолутно поврзана со ситуацијата кај вас и фактот дали ќе се вклучат сите големи партии.

Видовме како Вие мислите дека би се постигнал тој консензус кај нас – преку уставни измени, но како и преку која гаранција ќе го постигнете вие тука во Атина?

Ова е многу суштинско прашање. Значи мораме да најдеме решение прифатливо за двете страни и тоа е вистина. Но, мора да имате предвид дека постои и таканаречена “корелација на силите” затоа што Грција е членка на ЕУ и многу стара членка на НАТО и има европско ниво на раст и развој и покрај десетгодишната криза. Вам исто ви е неопходен еден стабилен европски и евроатлантски пат за развој. Значи секоја страна треба да ги има на ум меѓународната и регионална реалност, важноста на решението во однос на националниот интерес.

Да се вратиме на преговорите и можностите за решавање на прашањето во овој момент…

Јас не ги знам деталите од преговорите во овој момент.

Но, сигурно можете да направите една проценка за перспективите на процесот?

Колку што знам, оваа недела е средбата во Виена во присуство на г. Метју Нимиц. Ги знам добро сите актери во процесот во моментот, го знам г. Нимиц многу добро. Одлично се сеќавам на мојата последна посета во Скопје во 2014 година кога дојдов не само како министер за надворешни работи на Грција, туку и во својство на Претседател на Советот на Европската Унија, за време на грчкото претседателство со ЕУ. Сега моментот е очигледно многу различен. Моето внимание е не само за прашањето за името, туку за перспективите на тоа решение, имајќи го предвид бикомуналниот карактер на државата, но и бруталната конфронтација на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ.

Како ја гледате улогата на Меѓународната заедница?

Тие се секогаш позитивни за решение, тоа е генерален тренд во нивната политика. Но, проблемот е да се решат клучните детали и гаранции во моментот.

Не мислите дека има една интензивирана вклученост на Западот во однос на зголемениот руски интерес за Балканот?

Апсолутно е клучно во овој процес да се избегне секаков тип на влијание. Всушност, токму вие треба да ја имате на ум оваа долга листа на фактори и разни параметри поврзани токму со конечното решение на спорот.

Кој е ризикот ако овој спор воопшто не се реши?

Генерално кога зборуваме, состојбата на Западен Балкан е секогаш многу чувствителна. Но, мораме да имаме предвид дека овие факти се многу поважни за вашата, отколку за нашата страна, оти реално, вие сте во директен географски контакт со останатите фрагилни ентитети од регионот.


Кој е Евангелос Венизелос?

Професорот по уставно право на Правниот факултет на Аристотеловиот универзитет во Солун, на македонската јавност ѝ е најпознат како министер за надворешни работи на Грција. На оваа функција, истовремено и како земеник-премиер, беше од јуни 2013 година, до јануари 2015.

Претходно, а одново паралелно со позицијата заменик-шеф на грчката Влада, беше и министер за финансии (2011-2012).

Неслучајно го нарекуваат „вечниот“ министер, зашто раководел и со ресорите за одбрана, за култура, за развој, за правда, за сообраќај и врски, за печат и медиуми.

Венизелос е поранешен лидер на ПАСОК, а моментално е член на грчкиот Парламент.

Како професор, предмет на интересму е, од кој соодветно има објавено бројни научни трудови, секако уставното право, како и политичката теорија и културната политика.

Претходно работел во советот на Националниот центар за јавна администрација, во Националната банка на Грција (каде му бил заменик на Лукас Пападимос, поранешниот премиер), во Комитетот за регионалните радиостаници во Грција (независен орган за надзор).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×