Експeртите предупредуваат: Економијата станува целосно зависна од државата!
Објавено на од во Економија

Во услови кога 300 илјади пензионери секој месец чекаат пензии од државата, уште околу 200 илјади вработени исто така чекаат плата од буџетот и илјадници фирми бараат некој тендер од државата за да добијат работа, значи дека имаме „економија на инвалиди“ целосно свртена и зависна од државата, изјави универзитетскиот професор Горан Петревски на јавна дебата за перспективите на македонската економија во 2015 година.

До каде е отидена работата покажува тоа што дури и пејачите овде чекаат државата да им даде пари, односно субвенции за да создаваат и пеат песни. Јас под економска активност подразбирам активност на приватниот сектор, а не на државата. Ако продолжи да се зголемува влијанието на државата во економијата, не треба да не зачуди зголемувањето на политичкото влијание во општеството. Ако државата е таа што ве храни, таа ќе го има и последниот збор“, изјави Петревски.

Зборувајќи за ниската продуктивност на трудот, професорот Владимир Филиповски сподели податоци според кои нивото на продуктивноста од 2004 до 2013 година е зголемено само за 1,2%.

Ако се анализираат основните макроекономски показатели како растот на БДП, инфлацијата, невработеноста, тогаш може да се каже дека рамнотежата е постигната, но ако се анализира подлабоко, имајќи ги предвид домашните приватни инвестиции и продуктивноста на трудот, доаѓаме до заклучок дека заздравувањето од квалитативен аспект не е толку добро“, изјави Филиповски.

Тој оцени дека пристапот државата да е многу активна во економијата го применуваат повеќе земји во светот во услови на криза, меѓутоа, според него одредени политики креираат проблеми на создавање конкурентска структура односно фер натпревар на сите учесници на пазарот.

Добро е да имаме субвенции, како на пример во земјоделството и тоа го прават и развиените земји. Но, ние имаме субвенционирање во многу различни сектори како на пример во креативната индустрија, односно создавањето музика. Со преголема поддршка, субвенции и даночни олеснувања во одредени сектори, тешко може да се каже дека имате една пристојна пазарна економија во која сите економски субјекти се еднакви. Овој пристап доведе до голем пораст на нивото на јавен долг, односно до негово удвојување па се поставува прашањето за долгорочната одржливост на фискалната позиција на државата. Компаративно гледано буџетскиот дефицит и јавниот долг не се многу високи споредено со други земји, но прашањето е каква е структурата на долгот. Има едно правило кое дозволува да има пораст на јавниот долг соодветно на порастот на јавните. Тогаш е оправдано да се зголемува задолженоста за инвестиции, а не за финансирање тековни потреби. Ако ги погледнеме бројките ќе видиме дека ова правило не се применува кај нас еден подолг временски период“, изјави Филиповски.

Тој додаде дека добра економска политика е што државата сега се фокусира, иако малку задоцнето, на градење на инфраструктурни објекти.

Според последните статистички податоци, јавниот долг заклучно со септември достигна 46,6% од БДП.

Зборувајќи за перспективите на македонската економија, вицегувернерот Анита Ангеловска Бежоска изјави дека Народната банка очекува засилување на растот на БДП до 4,1% следната година и 4,5% во 2016 година. Според очекувањата на Народната банка, растот ќе биде воден главно од странските директни инвестиции и јавните инвестиции на државата.

Професорот Петревски изјави дека иако македонската економија се смета за високо отворена со трговска размена над 105% од БДП, произлегува дека за нас е ирелевантно што ќе се случува во ЕУ каде што се извезува 70% од домашното производството.

Високо отворена економија по дефиниција треба да е „вејка на ветрот“, и исклучително треба да зависи од тоа што се случува на светскиот пазар. Кај нас е сосема спротивно, бидејќи како што покажуваат податоците ние имаме повисоки стапки на економски раст од сите други земји со кои што тргуваме. Тоа во еден дел може да се објасни со тоа што имаме странски инвестиции кои што работат по принципот на лон производство, како што е во текстилната индустрија. Тие градат фабрики во кои што потоа произведуваат за однапред познат купувач, односно имаат фиксна побарувачка, ги увезуваат материјалите а овде само ангажираат работна сила да ја заврши работата. Со таква структура имаме загарантиран пазар и затоа за нас е неважно дали побарувачката во ЕУ паднала за 10% или не“, објасни Петревски.

Дебатата за перспективите на македонската економија ја организираше асоцијацијата за економско истражување Finance Think.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×