Рударството е при врвот по загадување на животната средина
Објавено на од во АНАЛИЗА

SASA 916 WEB

Професорот Бошко Ников, експерт за индустриско загадување, за Капитал вели дека рударството е при врвот на списокот на активности кои имаат негативно влијание врз животната средина. Тој одговора на клучните дилеми што се појавија во јавноста околу потенцијалните опасности за загадување на животната средина со отворањето на новите рудници за бакар, злато и сребро во југоисточна Македонија.

 

Секоја стопанска активност е поврзана со одредено нарушување на квалитетот на животната средина, но рударството и металургијата се при врвот на списокот на активности кои имаат негативно влијание, оценува за Капитал, професорот Бошко Ников, експерт за индустриско загадување.

Професорот Ников одговора на клучните дилеми што се појавија во јавноста околу потенцијалните опасности за загадување на животната средина со отворањето на новите рудници за бакар, злато и сребро во југоисточна Македонија.

Професорот Ников, предупредува дека постојат низа ризици што може да направат штети врз животната средина.

„За да се работи во отворен коп неопходно е прво да се открие голема површина земјиште. Самото откривање прави двојна штета врз животната средина. Прво,  уништува дел од вегетацијата. Понекогаш тоа може да биде значителна штета, па според тоа да биде регулирано според законот за животна средина, односно да се направи претходна (ex ante) процена на еколошката штета и да се определи соодветна компензација. За време на врнежи се намалува количеството на површински води, а се зголемува на оние кои низ откриената површина, низ почвата, се упатуваат кон подземните води. Тоа само по себе не е голем проблем, но при експлоатација на рудното тело, минералите се изложени на кислород од воздухот со што се олеснува растворањето на некои од нив“, вели Ников.

Според него, во текот на експлоатацијата нивото на работната површина ќе се спушти под нивото на подземните води. „Квалитетот на тие води значително ќе се промени откако ќе дојдат во контакт со минералите во оксидациона и евентуално закиселена средина“, предупредува професорот Ников.

Тој вели дека остатоците од лужењето, односно оросувањето на купот руда со раствор на сулфурна киселина, по одредено време се сушат со што се изложени на ерозија од ветер и така стануваат извор на загадување со цврсти честички. Ископот и дробењето, како што објаснува Ников, се исто така активности кои предизвикуваат емисии на цврсти честички.

„Воздухот ќе биде изложен на загадување поради големи откриени површини, ископ и транспорт на рудата, дробење, складирање (градба на халди), одлагање на јаловина, оросување со сулфурна киселина, понесување на сулфурни соединенија (H2SO4, SO2, SO3) со испарената вода и сл. Загадувањето на почвата е локално, односно ограничено на близина на рударските операции. Најголем е ризикот од загадувањето на подземните води и се надевам дека овој проблем инвеститорот го имал предвид“, оценува Ников.

На прашањето колку примената на современите достапни техники во процесот на ископување и преработка на рудата, професорот Ников вели „тоа не е само по себе гаранција дека животната средина нема да биде под одредено негативно влијание“.

Загриженоста произлегува од недостатокот на информации, вели Ников, a конкретно за студијата за оцена на влијанијата врз животната средина за рудникот Казандол во валандовско, вели дека мора да ги квантифицира влијанијата.

„На пример: „концентрацијата на сулфурни соединенија на одредена локација, според пресметките базирани на одредена (стандардна) метода се очекува да биде Х mg/m3“. На сличен начин треба да се прикаже распространувањето на суспендираните честички како и другите штетни супстанции“, сугерира Ников.

Катастрофални инциденти

Професорот Ников, вели дека рудници со отворен коп во Европа има во голем број, меѓу кои е и рудникот Бучим, но помал е бројот на рудници со отворен коп и лужење на халда. Халда е куп од различни фракции издробена руда кој се формира врз претходно подготвена подлога и кој потоа се полева со раствор за лужење (главно разредена сулфурна киселина). Покрај Бучим меѓу последните се, Талвивара (Talvivaara), рудник за никел во Финска; Тарсис (Tharsis), рудник за бакар во Шпанија и Баја Маре, (Baya Mare), рудник за злато во Романија.

„Наведените три рудници имале инциденти со сериозни последици по животната средина. За волја на вистината, тие инциденти не се во врска со начинот на лужење, туку со безбедноста на одлагањето на милта. Најпознат е инцидентот во Баја Маре во 2000 година, кога околу 100.000 m3 раствор со околу 1g/l цијанид беа испуштени во Tиса и Дунав откако се урна браната за јаловина“, посочува професорот Ников.

Според него, повеќе рудници со отворен коп за кои има информации се во близина или се граничат со населени места, но „треба да се процени дали придобивките се поголеми од загубите и соодветно на тоа да се донесе одлука да се изгради рудникот или не“.

Земјоделскиот имиџ може да се загрози

Зборувајќи за југоистокот на земјата, каде што, како што пишуваше Капитал, се произведува околу една третина од целото земјоделско производство, професорот Ников оценува дека за земјоделски крај којшто претендира на органско производство, најголемата опасност е губењето на претставата за подрачјето, односно имиџот како здрава животна средина. „Загубите од овој вид треба да се присутни во извештаите за оцена на влијанијата врз животната средина, како и мерките за компензација (ако се неопходни)“, вели Ников.

„Земјоделското производство не е значително загрозено. Меѓутоа, вредноста на земјоделските производи може да биде редуцирана, меѓу другото и поради субјективната оцена на корисниците на производите. Мој впечаток е дека оддалеченоста на рудникот од земјоделските површини е значителна и според тоа влијанијата се ограничени, но во секој случај треба да се направат детални анализи на дисперзијата на загадувачките супстанции во воздухот и да се процени таложењето врз земјоделските површини“, сугерира Ников.

Тој вели дека изградбата на рудник и металуршки капацитет ја менува структурата на стопанството во поблиската или пошироката околина.

„Последиците од затворањето на рудникот (еден ден тоа секако ќе се случи) веројатно ќе бидат поголеми отколку оние од неговото отворање и работа, ако навреме не се подготви и финансиски не се поддржува план за затворање на рудникот. Тој план треба да содржи мерки за преструктурирање на стопанството и вработување на работниците од рудникот. Непланското затворање на рудниците „Злетово“ и „Тораница“ се доволна поука за тоа“, посочува Ников.

Недоволна информираност

Јавноста има право да ги знае ризиците и последиците ако некој од нив се случи, вели професорот Ников за отворањето на новите рудници во југоисточна Македонија, но неопходно е да ги знае и сите позитивни ефекти од изведувањето на предложените проекти.

„Ако веќе одлучува за спроведување на проект или не, тоа мора да го направи со доволно информации. Повикот за јавна расправа не треба само да ги задоволи минималните законски услови. Тој треба да обезбеди можност ( во смисла на навремено и зачестено известување, прикладен термин и место на одржување) секој заинтересиран граѓанин да присуствува. Тогаш, надлежниот орган може да донесе решение кое ќе го поддржи и јавноста“, вели Ников.

Според него, погрешната одлука да се отвори рудник може да има значајни последици и ќе биде потребен одреден временски период тие да се санираат.

„Но, ако таа одлука е исправна, а под притисок на јавното мислење не се реализира, ќе минат децении дури некој се сети да направи нови истражувања и да го врати процесот на одлучување. Затоа, наместо пребрзо да се оди на референдум, сметам дека е многу посоодветно, инвеститорот и изготвувачите на студијата за оцена на влијанијата на проектот врз животната средина да подготват дополнителни информации, вклучувајки ги и оние за економскиот развој и во соработка со локалните и државните надлежни органи да организираат јавни расправи“, смета Ников.

Граѓаните од југоистокот се мобилизираа и бараат преку референдуми во неколку општини, меѓу кои Гевгелија, Валандово, Богданци, Дојран, Струмица, да се слушне нивниот глас, откако три компании, од кои две веќе ги градат и уште една допрва планира да побара таква концесија откако ги заврши геолошките истражувања, планираат да отворат рудници за вадење на злато, сребро и бакар.

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×