д-р Катерина Бошевска
генерален директор на EOS Матрих
Каква година е зад вас?
Во 2024 година, на глобално корпоративно ниво, EOS Групацијата прослави 50 години од своето основање. Во Македонија, 2024 ја започнавме со нашиот редовен менаџмент ритрит, кој се одржа во Охрид. Високиот и средниот менаџмент дојдоа подготвени со своите проекти за 2024 на кои работеа претходните два месеца и од кои требаше да се изберат проектите на кои ќе се фокусираме во текот на годината, а кои значеа иновација и прогрес. Можам да кажам дека во Охрид дефиниравме суштински проекти за нашето работење во оваа година. Проекти кои дадоа еден нов тек и едно ново светло на сè она што го практикувавме досега, истовремено поставувајќи еден нов правец за иднината.
Се чини дека градите корпоративна култура која става акцент на тимска работа, иновација, одржливо финансирање и едукација.
Така е, особено оваа година за EOS Матрих беше посветена на иновацијата. Се обидовме да внесеме иновативен пристап во нашиот начин на работење, во начинот на кој ги обработуваме податоците и севкупно на нашиот пристап на пазарот. Особено сум горда и благодарна на средниот менаџмент, кој активно придонесуваше кон дефинирање на проектите, но и тековно е ангажиран во нивната реализација. Целта беше токму тоа ниво на нашата организациска структура да го даде својот отпечаток во работењето на компанијата, да биде слушнато и предлозите да бидат имплементирани.
Сите заедно, се обидовме да навлеземе подлабоко во светот на иновациите, учествувајќи на првата конференција за иновации во нашата земја, Иноватив Х каде компанијата ЕОS Матрих беше претставена со 15 вработени организирани во 3 тима кои ги разработуваа своите проекти за 2024 и добиваа насоки и консултации од експерти во областа.
Особено сме задоволни што овој наш напор и ангажирање кон промени преку иновации беше забележан од манифестацијата Бизнис Лидер, каде го добивме Признанието за иновација во областа на финансирање на потрошувачката-финансиски инвеститор. Ова значеше многу за мојот тим, затоа што факт е дека во изминатите години, а особено во 2024 интензивно се фокусиравме на развивање дигитални решенија за нашите клиенти и нашите корисници-граѓаните во задолжување, кои ги менуваа нивните финансии кон подобро.
Велите дека сакате да направите разлика и да ги менувате животите на луѓето на подобро. Како?
Од една страна, нашата цел е да се грижиме за нашите корисници – граѓаните во задолжување, да им помогнеме да се најдат во ситуација без долгови, а од друга страна да овозможиме нашите клиенти да добиваат исплати за нивните доспеани побарувања што е можно побрзо. Лошата практика на плаќање предизвикува егзистенцијални финансиски тешкотии за секого, но и ја нарушува рамнотежата во ликвидноста на пазарот.
Заклучно со 2024 инвестиравме близу 13,5 милиони евра во откуп на близу 85 илјади случаи, од кои скоро половината се во банкарскиот сектор. Улогата на компанија како EOS на нашиот пазар е значајна затоа што делуваме на двете страни и се трудиме одржуваме некој баланс не само со наплатата, туку и со постојана и континуирана консултантска и експертска помош во изнаоѓање решенија, односно постигнување на потребната оптимална рамнотежа на ликвидноста.
Постојано правиме анализа на состојбата на нашите корисници – граѓаните во задолжување од една страна, и можностите и условите на пазарот од друга страна. Да бидеме реални, ситуацијата кај повеќето наши сограѓани не е баш најповолна, особено ако имаат некое задолжување кое не можеле да го адресираат подолго време. Самиот период кој поминува ја влошува ситуацијата. Токму тоа ние се обидуваме да го промениме. Со нас влошувањето на состојбата запира, ние почнуваме да работиме кон решение.
Како компанија имаме дефинирано една посебна т.н. ранлива категорија на наши корисници – сограѓани во задолжување, за кои имаме посебен пристап. Така на пример, само во изминатата 2024 година успеавме да затвориме близу 3 илјади случаи кои ги имавме преземено за работа, помогнавме на најмалку толку сограѓани да живеат во свет без долгови во 2025 година. Во сите години до сега пак, оваа бројка изнесува близу 30 илјади случаи. Сепак, за да можеме да го постигнеме тоа, треба да делуваме одговорно и одржливо, влевајќи сигурност на пазарот и на неговите чинители. Од тие причини, компанијата се залага за концептот на одржливо корпоративно управување, во смисла на усогласеност не само со локалната законска рамка туку и со едни општествени норми и правила на делување уредени во рамката на ЕСГ, како и одржливите развојни цели на Организацијата Обединети Нации.
Важите за компанија меѓу ЕСГ лидерите во Македонија. Дали плановите за 2025 година се токму во насока на достигнување и надминување на ЕСГ стандардите?
Благодарна сум што се препознаени нашите напори за обезбедување заштита на животната средина, инвестиции во луѓето и заедницата и одговорно управување.
Во 2025 година, планираме уште поголем акцент на нашите 4 области на корпоративна одговорност, нашите мерливи акции, нашите материјални теми (од рамката ESG) и нашиот избор од одржливите развојни цели на ОН кон кои се обврзавме дека ќе се придржуваме.
- Одговорна наплата
- Финансиска одржливост
- Заеднички напредок
- Заштита на животна средина
EOS се залага за правично раздолжување и достоинствен однос кон потрошувачите, достоинствен контакт, лесно разбирлив јазик, чувство за одговорност и тактичност. Покрај тоа, она што ќе биде новина во следната 2025 година е нашата дигитална платформа за нашите корисници, но и за сите други заинтересирани страни, а која ќе понуди увид во состојбата, можности за дигитални плаќања како и едукативни содржини. Сето тоа, достапно во секое време, по потреба и видување на нашите корисници, без непожелни контактирања и комуникација преку телефон.
Во духот на нашиот друг столб од корпоративната одговорност, финансиска одржливост, во 2025 во нашиот фокус ќе биде како да ја унапредиме нашата дејност кон подобро. Посветени сме на високи обврзувачки стандарди во нашата сопствена компанија и се трудиме да бидеме пример во целата индустрија за наплата и откуп на побарувањата – впрочем, за тоа како треба да се работи оваа дејност.
Посебно се фокусираме на заштитата на приватноста и безбедноста на податоците и на силни партнерства. ЕОS е единствената компанија од финансискиот сектор која го има имплементирано стандардот ИСО 27701 уште од 2022 година, а кој само ја потврди нашата определба за заштита на информациите, поставена уште од 2016 година со воведување на стандардот ИСО 27001. Она што е од особено значење за нашиот пазар е што силно се залагаме за негова имплементација и од страна на нашите партнери. Обука за заштита на податоците и безбедност на информации ја поминуваат сите вработени и сите редовно полагаат тестови. Планираме зајакнување на нашиот оддел за усогласеност со цел позачестени проверки и внатрешни контроли на практичната имплементација на овој и другите ИСО стандарди во нашата компанија.
Вложувавме во нашите вработени со посебни програми за обука. Реализиравме околу 20-тина обуки за скоро 50 наши вработени. Дополнително, за 2025 во оваа област се и нашите образовни иницијативи со кои ќе се обидеме да го направиме финансиското знаење достапно за секого (Societal Impact through Financial Literacy). Водени од прашањето како можеме да го промениме општеството кон подобро, во 2025 година сакаме да продолжиме да ги менуваме работите на подобро за нашите клиенти и вработените, но и за корисниците-граѓаните во задолжување, нашата индустрија и општеството во целина преку нашата платформа “Зборуваме за финансиите со ЕОS”. Таа ќе добие нов формат за 2025 година кој ќе овозможи да адресираме значајни предизвици од повеќе области во финансиите и нивните придружни дејности.
Финално, ја спроведуваме стратегијата за заштита на животната средина на Групацијата Otto. Собираме податоци за емисиите на стаклените гасови. Заедно работиме како да ја подобриме климата кон подобро со имплементација на мерки кои имаат за цел намалување на апсолутните емисии на стаклените гасови за 42 проценти до крајот на фискалната 2031/32 година во споредба со фискалната 2021/22 година. Активно работиме да го намалиме нашиот еколошки отпечаток.
Пред нас е година во која имаме амбиции да донесеме многу позитивни промени за општеството, економијата, граѓаните и нашите партнери.



















