ЕУ и НАТО значат семејства, не Фамилии!
Објавено на од во Колумни

Kate-2019Диоптријата со која на македонското општество се гледа низ интересите исклучиво на партиските членови кои четири (или десет, сеедно) години се дискриминирани, па следните четири фаворизирани го открива целиот дефект во тоа што значи, а што треба да значи политиката. Во оваа држава поставеноста на партиите, нивната внатрешна структура и самиот порив на членовите и раководните органи кои се таму со единствена цел  – не да го менуваат општеството, туку просто да го преживеат дискриминирањето, па да го дочекаат фаворизирањето, открива дека ние всушност не ни имаме политики и нивни креатори.  Ниту воопшто имаме политика, ниту имаме политичари – си имаме партии. 

Единствено што повеќе нервира од прес – конференциите на ВМРО – ДПМНЕ на коишто партијата што ја претвори Македонија во заробена држава и партизацијата ја издигна на ниво на религија, глуми дека се згрозува од непотизмот во Владата, е дрскоста и безобразноста со која актуелниве функционери упорно ги злоупотребуваат своите позиции за вработување на членови на нивните потесни и пошироки семејства низ лавиринтите на јавната администрација.

Изминативе денови сведочиме на еклатантна презентација на филозофијата на власта за тоа како се доживува и се практикува политиката и најважно -  на нивната не само неподготвеност за општествени промени, туку и очигледен план како тие никогаш вистински да не се случат.

На денот кога пред Владата целиот министерски состав на чело со премиерот Зоран Заев присуствуваше на свечената церемонија за подигнување на знамето на НАТО, се чини дека ескалираше незадоволството кај граѓаните по социјалните мрежи за серијата вработувања во разни државни институции на блиски роднини на македонски пратеници и министри.

Реакциите за ваквите обиди за дефиниција на непотизмот низ практика дополнително ги засилуваат неверојатно безобразните изјави на функционерите кои така „фатени на дело“ немаат елементарно чувство за срам и одговорност, па или глумат невидена наивност, или се нешто „изненадени и навредени“ што јавноста воопшто се осмелила да ги разоткрие.

Пратеничката Мира Стојчевска на пример којашто веќе еднаш се прослави со 12 000 евра за патни трошоци, а сега се откри дека синот и’ е вработен во ЕЛЕМ, а братот во РЕК Битола, кажа дека немала поим оти синот воопшто аплицирал за ова вработување. Братот и синот не ја “фермале”, па сигурни во сопствените квалитети не ја ни информирале за плановите за своите кариери. Ви се верува, нели?

Министерот за култура Асаф Адеми, кој исто се прослави и на друга тема – спорниот распоред на пари во културата за оваа година, пак, беше видно скандализиран што јавноста се скандализирала, оти внимавајте -  родената сестра му се вработила во ЕЛЕМ додека тој седи на министерското столче.

Еднакво смешни беа и релативизирањата дека не е проблем што баџанакот на собранискиот спикер Талат Џафери е член на новата Антикорупциска комисија, оти “баџанак” и не била така значајна роднинска титула. Плус и човекот бил многу компетентен, па не требало да имаме сомнеж дека тоа што вториот по важност човек на државата му е роднина ќе има влијание кога овој ќе одлучува за нешто што се вика ни помалку ни повеќе туку – конфликт на интерес.

Пратеничката Емилија Александрова пак, остана натажена што медиумите информирале дека ќерка и’ се вработи во Фондот за иновации со коментар дека е “разочарана како медиумите ги третираат децата и семејствата на јавните личности”. Можеби и ќе тргневме како фела во дополнување на Кодексот на новинари со некој нов член каде што ќе ги обврзевме колегите да не ги споменуваат напразно роднините на “јавните личности” (небаре се музички ѕвезди, а не трошачи на јавни пари), ама ни текна дека за овој истиот “иновативен” Фонд веќе имаше информации дека делеле пари и проекти на фирми на блиски и роднини на функционери, па не е Александрова уникатен пример.

Оваа листа можеме да ја пишуваме до утре еве токму додека набројуваме се појави  и нова информација дека сопругата на пратеникот Зекир Рамчиловиќ се вработила во МВР… и ова трае и трае…

Сосема е јасно дека не се работи за поединечни случаи, туку за една сериозно разработена шема, за добро организирана мрежа надвор од секаков мерит систем, каде што оваа држава избрано е да ја водат оние партиски погодните, заедно со партиски не толку погодните ама веќе избрани, кои не можат да бидат отпуштени оти законот (донесен со консензус во Собранието) ги штити.

Дека ова е вака покажа и срамната изјава на првиот човек токму одговорен за јавната администрација, министерот Дамјан Манчевски, кој се обиде да ги оправда овие вработувања со коментар дека цела деценија луѓето од СДСМ и нивните семејства биле дискриминирани и не можеле да си најдат работа во времето на режимот. Неговиот став доби поддршка и од заменикот министер за животна средина, Јани Макрадули и “лајк” од министерката која е задолжена за реформите во клучното Поглавје 23, министерката за правда, Рената Дескоска.

Диоптријата со која на македонското општество се гледа низ интересите исклучиво на партиските членови кои четири (или десет, сеедно) години се дискриминирани, па следните четири фаворизирани го открива целиот дефект во тоа што значи, а што треба да значи политиката.

Во оваа држава поставеноста на партиите, нивната внатрешна структура и самиот порив на членовите и раководните органи кои се таму со единствена цел  – не да го менуваат општеството, туку просто да го преживеат дискриминирањето, па да го дочекаат фаворизирањето, открива дека ние всушност не ни имаме политики и нивни креатори.  Ниту воопшто имаме политика, ниту имаме политичари – си имаме партии. Си имаме лепачи на плакати, посетители по митинзи и слепи поддржувачи на одлуките на оние од кои зависи опстанокот на семејството.

А тој, опстанокот не може да се наѕре во ниеден случај надвор од партиските структури, оти за оние коишто се на “ничија земја”, оние без книшка и без тетовирано име на лидерот, за нив нема години на фаворизација – тие се вечно дискриминирани.

Оваа луда владина идеја дека реформите на јавната администрација (ама и оние во другите реформски полиња забележани од Брисел) толку важни за државата, ама и за ЕУ,  ќе ги истуркаат само одредени “најумни, најспособни и најубави” фамилии ќе и’ се удри од глава на самата Влада и на нејзините партии, оти е дијаметрално спротивна со идејата за “едно општество за сите”.

Но, она што е поважно – ќе се удрат од глава и на самата држава, оти овде очигледно ретко кој разбрал дека борбата за ѕвездата на европското небо, беше и е борба за вредности, а не за парче документ макар бил тој вреден и за Нобел.

Овде очигледно ретко кој и ја разбрал вистинската суштина на Преспанскиот договор, без разлика што за него кренале два прста во Парламентот или го испофалиле во некоја јавна изјава од позиција на министри. Ретко кој воопшто разбрал што значи целиот процес на македонската интеграција со Европа и со светот и дека промените на општеството за кои декларативно се залагаат нема да ги заобиколат нивните лични, а примитивни политички работни навики. Напротив, од таму ќе и треба да тргнат.

Оти, знаете, и Европската Унија и НАТО себеси милуваат да се дефинираат како семејства, ама тие дефиниции немаат врска со овие, на нашиве функционери, кои вака затрчани накај Брисел, додека расправаат што значи баџанак, а што сестра и кое е влијанието на свекрвата, а кое на братот,  се сместуваат и себе си и сопствените политики надвор од дефинициите, надвор од самите граници дури и на она што значи непотизам или го дефинира семејството како поим – нашиве се се’ поблиску до она што значи Фамилија! А тоа, драги мои, тоа вечно дискриминираните не го простуваат…

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×