ЕУ препорача подготовка за „хаотичен Брегзит без договор“
Објавено на од во СВЕТ-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Ризикот Велика Британија да излезе од структурите на Европската унија без договор, кој ќе го ублажи ударот за двете страни, се зголемува, предупреди Брисел во однос на политичките превирања во Лондон.
Brexit-news-1022759 (1)„Преостанатото кусо време и политичката состојба во Велика Британија го зголемија ризикот земјата да се повлече на тој датум (31 октомври 2019 година) без договор“, соопшти Европската комисија која ја издаде својата последна препорака за подготовка за „хаотичен Брегзит без договор“.
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека Парламентот е „на работ да уништи каков било договор“, што неговата Влада ќе може да го постигне со ЕУ за условите за излез на Велика Британија од Унијата.
Џонсон, кој ноќеска претрпе пораз во Парламентот бидејќи ториевските побунети и опозициските пратеници гласаа за преземање на контролата врз излегувањето на Велика Британија од ЕУ , предупреди дека со гласањето за блокада на Брегзит без договор, што е најавено за денеска, Брисел ќе добие предност во преговорите. Тој тврди дека тоа би довело до неизвесност, одложување и забуна.
Џонсон кажа и дека не сака нови избори, но оти ќе ги распише за избирачите да можат да одлучат кој ќе ги води преговорите за Брегзит.
Британскиот Парламент ноќеска го одобри почетокот на постапката за усвојување закон со кој ќе се спречи излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор.
За предлогот гласаа 328 пратеници, додека 301 беа против.
Парламентот денеска треба да се изјасни и за одложувањето на Брегзит, односно за излегувањето на Велика Британија од ЕУ  без договор.
Џонсон вчера го загуби мнозинството во парламентот кога еден пратеник од неговите конзервативци премина во редовите на проевропската Унија на либерални демократи.
Планот на Џонсон за суспензија на британскиот парламент е легален, оцени шкотскиот суд
Законски е планот на британскиот премиер Борис Џонсон за суспендирање на работата на британскиот Парламент од средината на септември до средината на октомври, пресуди денеска шкотскиот суд.
Повеќе од 75 пратеници правно го оспорија правото на Џонсон да го суспендира парламентот, тврдејќи дека е тоа незаконско и неуставно бидејќи тој тоа го сака за да го протурка Брегзит без договор до 31 октомври, со ограничување на своите противници, пренесоа британските медиуми.
Судијата Рејмонд Доерти изјави дека ова не е прашање за судовите, туку е политичко прашање за кое треба да се изјасни парламентот и избирачкото тело.
Џони Чери, пратеничка на Шкотската национална партија, која ја предводеше иницијативата, изјави дека тие како подносители на барањето ќе се жалат на одлуката на судот.
Џонсон суспендира 21 пратеник од неговата партија кои го поддржаа предлогот на опозицијата
Британскиот премиер и лидер на Конзервативната партија, Борис Џонсон, од партиските тела суспендираше 21 пратеник кои синоќа го поддржаа започнувањето на процедурата за спречување на Брегзит без договор, јави агенцијата Анадолија.
Претседателот на Долниот дом на британскиот Парламент, Џон Берков, одобри итна расправа за блокада на Брегзит без договор која се одржа доцна синоќа. Со тоа опозицијата во земјата направи важен чекор да се спречи реализирање на Брегзит без договор на 31 октомври. За започнување на процедурите за спречување на Брегзит без договор гласаа 328 пратеници, додека 301 беа против. Синоќешното гласање даде можност опозицијата денеска во Парламентот да предложи нацрт-закон со кој би се забранил Брегзит без договор.
Резултатот од синоќешното гласање е првиот поголем пораз за актуелниот премиер Борис Џонсон во Парламентот, а тој поради тоа од клубот на пратеници на Конзервативната партија исклучи 21 пратеник кои го поддржаа предлогот на опозицијата.
Меѓу суспендираните конзервативци се и поранешните министри за финансии, Филип Хамонд и Кен Кларк, поранешниот министер за правда, Дејвид Гок и внукот на Винстон Черчил, лорд Николас Соамс.
Суспендираните за овој потег се информирани преку телефон.
Позицијата на Владата на Борис Џонсон е дополнително загрозена во британскиот Парламент. Минималното мнозинство во Парламентот, премиерот Џонсон го изгуби со вчерашното преминување на еден од пратениците во Либералната партија.
Џонсон најави можни предвремени избори во Велика Британија ако опозицијата успее во намерата законски да го забрани Брегзит без договор. Аналитичарите предвидуваат дека изборите би можеле да се одржат на 15 октомври.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×