Еве што треба да (не)правите за да ја преживеете првата година во бизнисот!
Објавено на од во Start-up
Зборувавме со неколкумина млади основачи на стартапи во Македонија за тоа што треба, што не треба, што смеете, а што не смеете да правите доколку сте тазе претприемач и сакате да го дочекате првиот роденден на вашата компанија.

Ако почнете сопствен бизнис, веројатно сте чуле многу хорор приказни за деловни неуспеси. Толку многу се, што во еден момент ќе добиете впечаток дека 90% од бизнис потфатите пропаѓаат. Стварноста е сепак малку поинаква. Статистиките на светско ниво велат дека 75% од стартапите ја преживуваат првата година, 69% првите две, а 50% успешно ги пребродуваат првите пет години. Иако фактот дека имате 50% шанси да ги доживеете првите пет години не звучи претерано ветувачки, работата е во тоа што не морате с$ да и препуштите на веројатноста. Прашавме неколку млади македонски претприемачи кои што ги преживеале првите критични години за тоа што треба, а што не смеете да правите доколку сакате и вашиот стартап да ги следи нивните стапки.

Ако не знаете да направите добар маркетинг план, платете му некому да ви го направи

Во ситуација во која што не ви е потребен кредит или не мора да барате инвеститори, се чини дека е едноставно да ја прескокнете изработката на бизнис планот, или да го оставите тоа за подоцна. Меѓутоа, пишувањето на бизнис планот е извонреден начин јасно да ја дефинирате сопствената визија. Во секој случај, ќе би помогне да одговорите на некои битни прашања: Што се обидувам јас да решам? Чии животи сакам да ги унапредам? Кои се реалистичните рокови за поедини почетни фази на работењето?
“За мене најголемата грешка која ја направив на почетокот беше недоволно добро
планирање на буџетот со кој што располагав и осмислување на самата реализација на проектот.. Иако имав подготвено детален план, сепак не посветив доволно време на разработка на секој детаљ и негова егзекуција..“, вели Даниела Милошеска, основач на Бастет Ноар (Bastet Noir), првата онлајн продавница за еко-мода во Македонија, но и во регионот.

Таа вели дека доколку не знаете да изработите добар маркетинг план, добро е да платите на некој што тоа може да го направи тоа за вас – консултант или специјализирана компанија..

„Апсолутно е неопходно да ги знаеш сите детали за својот таргет пазар и навиките на твоите купувачи, за да можеш да им го продадеш она што твојата компанија го нуди.“, вели Даниела, која што неодамна доби признание и од Conscious Living платформата, како еден од најдобирте 20 сајтови за еко мода..

Одржувајте ниски трошоци

Многу претприемачи почетници пропаѓаат затоа што им снемува пари, па затоа почетните трошоци треба да ги одржувате на што пониско ниво. Вработете ги само оние без кои што никако не можете. Ако канцеларијата не ви е потребна, во прво време избегнете ја. Генерално, парите трошете ги на работи кои што навистина ви требаат, наместо на нешта за кои што вие мислите дека ви требаат.

Goce Stojanov

Гоце Стојанов, дигитална маркетинг агенција ИВИЛ


Трошоците треба да се сведат на минимум, а најдобро би било да се започне од дома, доколку природата на бизнисот го дозволува тоа.

 

Гоце Стојанов, кој што ја тера веќе третата година со својата компанија за дигитален маркетинг ИВИЛ, вели дека трошоците на почетокот треба да се сведат на минимум, а најдобро е да се почне од дома, ако природата на бизнисот го дозволува тоа.

“И јас како и многу други основачи на стартапи на почетокот мислев дека ќе биде доволна само една година за да застанам на нозе, но искуството ми покажа дека се потребни барем три години. Така што, со контролирано трошење најважно е да се издржи што подолг период.“, вели Стојанов.
Ако се работи за некој посложен сервис или продукт за кој е потребно подолг период за развој можеби треба да се размисли и за некој проект (side project) кој нема да биде поврзан со идејата за бизнис се со цел да се покријат трошоците за да се издржи што подолго на пазарот, додава Стојанов.

Дајте си време себеси, не само на бизнисот

Јоцо Тодоровски, сериски претприемач и маркетинг консултант на повеќе мали бизниси, од своето искуство вели дека “давање време на бизнисот“ од година, две или три да застане на нозе е клише кое што втурнува многу претприемачи во замката да започнат себеси да се гледаат како маченици во периодот додека го развиваат бизнисот.
“Ова клише потекнува од порано, кога луѓето отварале бизнис кој се заснова на перцепцијата ‘built it and they will come’ (отвори дуќан/бизнис и ќе почнат луѓе да доаѓаат). Ова веќе не важи денес т.е. е возможно само како исклучок.
Денес, сметам дека ова треба да се преформулира во ‘Колку време ќе си дадеш на себеси?’ за да го развиеш бизнисот. Повторно, давањето време на себеси не значи колку денови (финансиски и емотивно) ќе издржиш да седиш во дуќан и да чекаш некој да ја отвори вратата.”., вели Тодоровски.
Ова значи колку време ќе си дадеш себеси за да стигнеш до потребната бројка на купувачи од твојата таргет група.

Joco Todorovski - ovoj levo

Јоцо Тодоровски, сериски претприемач и маркетинг консултант

Прво мора да дефинирате кој е ваш клиент. Кој има пари да плати за вашите производи или услуги. Некој можеби има потреба, но ако е нема пари или е измамник тогаш треба да му кажеме ‘не благодарам’ уште во старт.

Основните прашања што треба да си ги одговориме на почетокот се: Кој е мојот купувач. (Како изгледа, што работи, колку плата зима, од кај купува во моментов; Во колкав број го има и каде е лоциран географски или online; Koлку е минималниот профит што сакам да започнам да го остварувам месечно, колку продажби/трансакции месечно ќе ми го донесат тој профит, колку луѓе од бројката дефинирана погоре треба да донесам кај мене во дуќан за да ги направат тие трансакции; Со кои продажни и промотивни тактики јас ќе ја донесам таа минимална бројка на луѓе секој месец кај мене во дуќан за да ги направи тие трансакции и да го остварувам тој профит.

Откако претприемачот има јасна слика за ова погоре, ќе може да одреди колкав период ќе му треба за да застане на нозе и да утврди основа за развој.

“За жал, она што го прават најголемиот број од претприемачи е да се втурнуваат во трошоци за работи или активности кои што немаат врска со основата на започнување бизнис – продажбите.“,истакнува Тодоровски.

Вложувајте назад во компанијата

Кога од платена работа ќе преминете во претприемнички води, тешко е да се откажете од стабилноста на платата. Меѓутоа, првите пари до кои што ќе дојдете, најдобро е да ги вложите назад во компанијата, производот и маркетингот.
“Ако се работи за некој посложен сервис или продукт за кој е потребно подолг период за развој можеби треба да се размисли и за некој проект (side project) кој нема да биде поврзан со идејата за бизнис се со цел да се покријат трошоците за да се издржи што подолго на пазарот“, советува Гоце Стојанов од ИВИЛ.

Хиперактивност не значи и продуктивност

Во првата година од работењето бидете селективни околу тоа на што го трошите времето и ресурсите. Не морате да ја прифатите секоја работа што ќе наиде. Пред прифаќањето на секоја бизнис понуда размислете дали тоа се вклопува во вашиот долгорочен план.

Фокусирајте се на потрошувачите

Вашата основна цел треба да биде да му помогнете на крајниот потрошувач. Прилагодувајте се на нивните потреби и желби и земете ја предвид секоја повратна информација. Потребно ви е вистинско истражување и проучување што точно му треба на клиентот или купувачот. Овде не се мисли на про-форма истражувања со здодевни прашалници. Се мисли на експериментирање и трошење на пари за правење на грешки врз основа на кои ќе се подобри услугата/продуктот.

Daniela Miloseska

Даниела Милошеска, онлајн продавница Bastet Noir

За најефективно да ги користите социјалните мрежи за промоција, најдобро е да имате месечен план или во најмала рала неделен план за постови кои би сакале да ги пласирате на нив. Дознајте во кое време од денот вашите клиенти се најактивни, на која социјална мрежа се наоѓаат тие и што би ги интересирало да прочитаат.

Гоце Стојанов од ИВИЛ советува дека на почеток важно е да се испита дали има свесност за производот или сервисот кај потрошувачите.

“Ако нема свесност, невозможно е сам да ја создадеш бидејќи потребни се многу средства за да се постигне тоа кај купувачите“, вели тој.

Според него, секој претприемач на почеток треба да испланира и средства за маркетинг, и тоа 30% од планираните трошоци треба да ги одвои за таа намена. “Обично, овој дел не се предвидува, па понатаму излегува како дополнителен трошок.Бидејќи најверојатно ќе немате пари за традиционалните форми на маркетинг, дигиталниот маркетинг е еден од поевтините начини за микро и мали бизниси да можат да го прошират гласот за своите производи на поголем број на луѓе.

Ефективно користете ги социјалните мрежи

Најефективното користење на социјалните мрежи лежи во СЛУШАЊЕ на луѓето што ги користат, смета нашиот соговорник Јоцо Тодоровски.
“Тоа се луѓето што се дел од вашата таргет група, а вие треба со стратешки подготвени активности кои што ќе им привлечат интерес да ги тргнете од социјалните мрежи, носејќи ги некаде каде што можеш да зборувате со нив ‘насамо’ без да им пречите на другите“, вели Тодоровски.

Тоа му доаѓа исто како да одиш на коктел забава секогаш кога ќе се вклучиш на FB. После коктел, со луѓето со коишто си се зближил/а решавате да одите на кафе или да продолжите во дискотека. Таму дополнително се зближувате, неколку од нив разбираат што работиш и споделуваат дека имаат потреба од твоите дизајнерски услуги…
Друга работа во однос на нивното користење е дека треба убаво да се разбере која е “културата” на секоја социјална мрежа. На Facebook луѓето се однесуваат и комуницираат на еден начин, а луѓето на Twitter или Instagram на друг. Одредете каде се луѓето од вашата таргет група и појавете се на таа социјална мрежа. Бидете интересни таму и едуцирајте, покажете вредност за да им се допаднете и добиете доверба.

„Кога почнувавме со Бастет Ноар, веднаш стартувавме со следење на неколку информативни сајјтови кои пишуваат за бизнис модата, инвестициите во модата и е- commerce бизнисот.. Од таму ги дознаваме и најновите технологии, кои социјални медиуми да ги користиме, како и каде да ги пласираме продуктите за да привлечеме повеќе сообраќај на нашата страна“. го споделува своето искуство и Даниела Милошеска.. Во врска со ефективното користење на социјалните мрежи за промоција, таа смета дека најдобро е да имате месечен план или во најмала рала неделен план за постови кои би сакале да ги пласирате на социјалните мрежи..
„Дознајте во кое време од денот вашите клиенти се најактивни, на која социјална мрежа се наоѓаат тие и што би ги интересирало да прочитаат.. Исто така добро е да имате посебен план за секој социјален медиум, за да не им здосадите на тие кои ја следат вашата работа“.

Изградете мрежа на деловни контакти

Генерално зборувајќи, што повеќе луѓе познавате, ќе ви оди подобро. Обидете се да дојдете до врвни стручњаци во индустријата во која што работите или до оние кои што успешно покренале сопствен бизнис. Притоа бидете обѕирни. Посетувањето на настани, предавања и конференции се секогаш добри за ширење на мрежата.
„Start Up Griind и Sillicon Drinkabout во Македонија се настани кои дефинитивно вредат да се посетат.. На овие настани секогаш доаѓаат луѓе со кои можеш да размениш мислења,, искуства и кои можат да ти дадат добронамерни совети, како и да добиеш инспирацијја од бизнис приказните кои се презентираат..“, вели Даниела од Бастет Ноар.

816-Startap2
Како е најдобро да го финансирате вашиот стартап
Дури откако ќе имаш веќе реални продажби и доказ дека луѓето ќе платат за твојот продукт или услуга можеш да побараш пари од инвеститори, роднини и пријатели.

“Најдобриот начин да го финансираме нашиот бизнис според мене се продажбите“, вели Јоцо Тодоровски.
“Добрите продажни стратегии и програми опфаќаат продажба на продуктот/услугата дури уште пред да имаме компанија или продукт/услуга.
Дури постојат и такви механизми со назив crowdfunding платформи каде што твојата идеја т.е. продукт/услуга ја купуваат луѓето уште пред да ја имаш реално реализирано. Позајмувајќи го овој crowdfunding пристап и надоврзувајќи се погоре на моментот колку минимум луѓе треба да купат месечно од тебе можеш многу лесно да се фокусираш на продажби и да ги направиш продажбите за 3 месеци однапред и да осигуриш стартна позиција.
Ова е тешко и е голем предизвик, но е најсигурниот пат до долгорочен бизнис, а не ментална екскурзија дека правиш бизнис.
Дури откако ќе имаш веќе реални продажби и доказ дека луѓето ќе платат за твојот продукт услуга можеш да побараш пари од инвеститори, роднини и пријатели.
Нема кој не би ти дал пари тогаш. За жал, денес се повеќе и повеќе ‘претприемачи’ трчаат по натрпевари и инвеститори без да имаат реални цели или идеи. Ова се случува бидејќи претприемништвото стана тренд и помодарство во последно време.
Друг начин би било партнерство со правите луѓе во право време.
Се почесто забележувам бизниси кои што од прва генерираат пари бидејќи тимот е составен од 3 типа на луѓе:
1. Еден што ја има идејата и што има ентузијазам да го менаџира целиот бизнис; 2. Еден што има ресурси да се направи продуктот/услугата;
3. Еден што има пристап до голема бројка од потенцијалните клиенти.

Е да, ова значи дека од твојата пита ќе јадат повеќе луѓе, но подобро во иднина да имаш неколку такви пити кои што растат и твојот дел се зголемува отколку една мала, дома што си ја правиш сам.”

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×