Евроинс ќе остане лидер во иновациите во осигурителниот бизнис
Објавено на од во Интервју
Evroins 5 za slajder

Евроинс е присутна на македонскиот пазар веќе седум години со бруто полисирана премија од 9 милиони евра, околу 150 вработени и 50 канцеларии низ целата држава со кои се покриени скоро сите градови во Македонија. Ако треба да се издвои едно нешто по кое Евроинс се препознава од македонскиот осигурителен пазар, тоа се новитетите во производите и услугите кои ги воведуваат во работењето, и кои ги издвојуваат од другите осигурителни компании. Целите на Евроинс се поврзани со реализирање на профитабилен бизнис и подобро рангирање на пазарот за неживотно осигурување, но најголем приоритет е да биде вистински партнер и еталон за сигурност и стабилност на своите клиенти. Со менаџерскиот тим на Евроинс, составен од Јанко Николов и Ралица Губерова во ова интервју разговараме за тоа каде ги гледаат потенцијалите за раст и во која насока ќе се развива македонскиот осигурителен пазар.

 

Евроинс Осигурување АД Скопје повеќе од седум  години е дел од холдингот Евроинс Иншуранс Груп (EIG) од Бугарија. Како се развиваше Евроинс во овој период и кои се предностите што компанијата ги доби што е дел од еден голем холдинг во осигурителниот бизнис?

Евроинс дојде на пазарот во Македонија во 2008 година со превземање на една од постоечките компании чија бруто полисирана премија тогаш изнесуваше неполни 5 милиони евра. Со воведување на нов начин на работење, се прошири продажната мрежа со што се опфатија скоро сите градови во Македонија. До овој момент тој концепт го имаа застапено само неколку од најголемите осигурителни компании во државата.

Главната цел беше максимално да се доближиме на клиентите, а се со цел поедноставно да пристапат до нашата услуга. Новиот концепт веднаш даде резултат и само во првата година Евроинс оствари раст од преку 30% на бруто полисираната премија, а бројот на вработените од 60 се зголеми на 140.

Сето ова се изведе во период кога се менуваше легислативата и се зголеми  потребата од капитал за осигурителните друштва. Финансиската моќ што Евроинс Иншуранс Груп (EIG), како дел од Еврохолд, холдинг чии акции се тргуваат на две европски берзи – Варшава и Софија, овозможи да се изведе оваа одредба во законски пропишаните рокови.

Сакавме како најголема инвестиција во Македонија во 2008 година да бидеме добар пример и да ги покажеме нашите сериозни намери во регионов. Веќе EIG имаше осигурителен бизнис во Бугарија, Романија, Србија, а со влегувањето во Македонија, стана најголемата регионална осигурителна компанија. Идејата уште од тоа време беше да се стави акцент на балканскиот регион. Како што се вели, си ја знаевме големината на чергата до каде може да се распростреме. Денес, работејќи напорно и во континуитет со оваа стратегија, Евроинс Иншуранс Груп има скоро 300 милиони евра полисирана премија преку осигурителните компании што ги поседува во Бугарија, Романија и Македонија!

Каква компанија е денес Евроинс, ако се гледа според учеството на осигурителниот пазар, според бруто полисираната премија, финансиските резултати…?

Моментално, Евроинс е цврсто рангирана во средината на табелата на осигурителниот бизнис во Македонија со околу 9 милиони евра полисирана премија на годишно ниво. Има скоро 50 канцеларии распространети низ целата држава, а со продажните места се покриени скоро сите градови во Македонија. Евроинс е една од ретките осигурителни компании која исплаќа мали штети до 10.000 денари во рок од еден ден. Евроинс е компанија која во соработка со брокерските друштва и другите набавувачи, најкоректно и навремено си ги подмирува своите обврски.

Кои производи и услуги се дел од палетата на Евроинс денес? Во изминатиот период се промовиравте со прилично нови и иновативни производи и услуги на пазарот?

Овде сте наполно во право. Како што знаете пред две недели го промовиравме нашиот нов пакет ОДЛИЧЕН 7 во соработка со најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров. Тоа е семеен пакет кој вклучува домаќинско осигурување,  осигурување од незгода за целата фамилија и патничко осигурување за целиот свет. Уникатноста на овој пакет се содржи и во називот ОДЛИЧЕН 7 поради фактот дека тоа е најквалитетниот пакет на пазарот во моментот, кој ги покрива сите ризици, без франшиза и со многу конкурентна цена.

Освен тоа, Евроинс нуди и осигурување од одговорност, незгода, карго, имотно осигурување, каско и се разбира и задолжителна автомобилска одговорност. Како што се трудиме да нудиме најквалитетни пакети во Македонија, исто така во нашата гама на услуги ги имаме и најевтините Еврокаско и Евродом. Тоа се полиси што ви ја штитат колата при мала штета за само 300 денари и го штитат вашиот дом од основните ризици за цена под 1.000 денари.

Со еден збор, се трудиме да нудиме услуги за сите категории на клиенти.

Evroins 2

Во изминатите неколку години Евроинс внесе некои нови и оригинални принципи и стандарди во работењето на македонскиот осигурителен пазар. Кој е вашиот таргет и како ги оценувате деловните потенцијали на македонскиот осигурителен пазар?

Да, факт е, дека Евроинс се труди секогаш да биде пионер во новитетите на работење. Ние први во Македонија инвестиравме во продажна мрежа со цел максимално да им се приближиме на клиентите. Ние први во Македонија јавно влеговме со сериозна поддршка на македонскиот спорт – бевме еден од главните спонзори на кошаркарската репрезентација која го освои 4-тото место на Европското првенство во Литванија. Први сме и во поддршка на аматерското маратонско трчање и први во Македонија јавно ја покажавме нашата припадност кон социјалните потреби на децата преку СОС детското село.

Секогаш сакавме на македонската јавност да и покажеме дека нашите намери се долгорочни.

Таргетот  за бруто полисирана премија во следните 3 до 5 години е околу 670 милиони денари и да се позиционираме во првата половина на табелата на најголеми осигурителни компании. После тоа, ќе продолжи периодот на стабилно работење на нашата компанија во Македонија. Искрено се надеваме дека во текот на овој период на македонскиот пазар ќе има доволно слух за новите производи и услуги што ги нудиме и тоа најмногу во осигурувањето на домаќинствата. Таму е и големиот потенцијал на осигурителниот бизнис во државата.

И покрај влезот на странски капитал и зголемувањето на конкуренцијата, се чини дека македонскиот осигурителен пазар се развива многу бавно, посебно ако се следи понудата на производи и услуги. На што се должи тоа?

За жал, тоа е така и иако има тренд на зголемување на пазарот на неживотно осигурување за околу 5% на годишно ниво, се уште најголем дел, околу 50%, од осигурителното портфолио припаѓа на задолжителната автомобилска одговорност. Согласно последните истражувања на осигурителните пазари во Европа, податоците за Македонија кажуваат дека пенетрацијата на домаќинското осигурување при физички лица е 1% – 2%, од што директно се гледа дека се уште не сме го достигнале потребното ниво на осигурителна култура, посебно кога станува збор за доброволно осигурување на домот и на предметите. Мислам дека тоа се уште е еден балкански менталитет типичен за нашите простори да не мислиме однапред за ризиците кои е можно да затропаат на нашата врата. Тоа е чудно и од еден друг аспект – цената на домаќинското осигурување е прилично ниска овде.

И доброволното здравствено осигурување покажува тренд на пораст, кое мислам е нормално ако се земе во предвид начинот на кој функционира здравствениот систем овде. Присуството на се повеќе странски инвеститори овде исто е еден вид на катализатор, бидејќи дополнителното доброволно здравствено осигурување е препорачан дел од пакетот на секој еден странец  кој работи на територијата на Македонија.

Evroins 4

Јанко Николов, извршен директор на Евроинс

Како што веќе споменавте осигурувањето на домовите во Македонија е на многу ниско ниво. Дали и како Евроинс размислува да го освои овој пазарен сегмент кој се чини дека има најголем потенцијал?

Секако тоа е неспорен дел од долгорочната стратегија на Друштвото особено имајќи го предвид фактот дека Евроинс поседува многу мал дел од постоечкиот пазар на осигурувањето на домови. Како што веќе спомнавме дел од оваа стратегија е и пуштањето на пазарот на семејниот пакет ОДЛИЧЕН 7, каде со помош на еден од националните херои во спортот во Македонија, Кирил Лазаров, ќе успееме да ја издигнеме свеста на граѓаните за тоа што е осигурување на домот и фамилијата и да им понудиме едно долгорочно стратешко и квалитетно партнерство заедно со Евроинс.

Колку македонските компании се свесни и користат услуги од осигурителните компании? Што е најважно за компаниите да осигураат и што нуди во овој дел Евроинс?

Може слободно да се каже дека македонските компании имаат култура да ги користат услугите на осигурителните компании. Не сите редовно си ги подмируваат навреме обврските за плаќање, но тоа не е новина за целокупниот развој на бизнисот во Македонија. Ние не сме исклучок за услугите што ги нудиме на фирмите во државата во споредба со останатите осигурителни компании. Но, во ист момент се трудиме да станеме најдобри за одредени видови на осигурување.

На пример, веќе 7-ма година ние го осигуруваме транспортот на парите на Македонија преку довербата која ја имаме добиено од НБРМ, за која сметаме дека е најдобрата референца за работењето во една држава.

Evroins 3

Ралица Гуверова, извршен директор на Еуроинс

Пред неколку месеци ракометарот Кире Лазаров стана бренд амбасадор на Евроинс, со кој започнавте еден многу добар проект за поддршка на млади таленти во спортот. Кој е мотивот на Евроинс за отпочнување на еден ваков проект? 

Корпоративната социјална одговорност од секогаш била не само модерен збор во речникот на Евроинс, туку свесно поставена цел да го дадеме својот придонес за развојот на општеството, каде и ние функционираме како дел.

Иако повеќе пати сме поддржувале мноштво хуманитарни и добротворни проекти, мислам дека нашата корпоративна култура најдобро се препознава по поддршката и развојот на спортот во Македонија. Размислувајќи каде да ги насочиме нашите приоритети, а базирајќи се на претходната соработка со ракометниот камп на Кирил Лазаров, некако најприродно се стигна до остварувањето на подолгорочна соработка со најдобрата светска седмица во ракометот.

Бидејќи ги препознавме нашите заеднички вредности -  професионалност, надежност, квалитет, мислам дека беше сосема природен чекор да го започнеме проектот „Потрага по Одличните 7„.

Кои се визиите за развој на Евроинс на македонскиот пазар и што ново може да се очекува во следниот период?

Евроинс е на многу сериозна раскрсница во својот развој, бидејќи ги поминавме првите седум години од нашето “раѓање” и сега сите очекуваат од нас да покажеме стабилност и сигурност на овој премал, но многу конкурентен пазар. Иако нашите квантитативни цели се поврзани со реализирањето на профитабилен бизнис и подобро рангирање на пазарот за неживотно осигурување, нашите квалитативни цели имаат најголем приоритет, а тоа е да докажеме дека Евроинс може да биде вистински партнер за своите клиенти и да биде еталон за сигурност и стабилност за нив. Притоа, без да забораваме дека секогаш ќе се трудиме да бидеме лидери во новитетите на македонскиот осигурителен пазар.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×