СПОРЕД СИТЕ АНАЛИЗИ ЕВРОПСКАТА ЕКОНОМИЈА ЈА ОЧЕКУВА НОВА КРИЗА!
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
brojkiГерманија, земјата каде што македонските компании извезуваат производи во вредност од над 1,5 милијарди долари се соочува со ризик повторно да падне во рецесија. Иако германските власти зборуваат само за „фаза на слабост во економијата“, последните податоци покажуваат дека индустриското производство во Германија во август се намали за 2,8% на годишно ниво, нарачките од странство паднаа за 6%, а довербата на инвеститорите во германската економија паѓа веќе девет месеци по ред. Македонските компании што најмногу извезуваат во Германија веќе се соочуваат со намалувања, па дури и целосно стопирање на нарачките за производство. Имајќи предвид дека германскиот пазар е најзначаен за македонските компании бидејќи една третина од целиот извоз зависи од нарачките од Германија, негативните прогнози за најсилната економија во Европа се огромна закана за домашниот бизнис.

Земјата каде што македонските компании извезуваат производи во вредност од над 1,5 милијарди долари се соочува со ризик повторно да падне во рецесија. Иако германските власти зборуваат само за „фаза на слабост во економијата“, последните податоци покажуваат дека индустриското производство во Германија во август се намали за 2,8% на годишно ниво, нарачките од странство паднаа за 6% а довербата на инвеститорите во германската економија паѓа веќе девет месеци по ред. Ова беа првите знаци меѓународните финансиски институции да предупредат дека почнува репризата на кризата од 2008 година. Македонските компании што најмногу извезуваат во Германија веќе се соочуваат со намалувања на нарачките за производство, па дури и целосно откажување на пратките. Имајќи предвид дека германскиот пазар е најзначаен за македонските компании бидејќи една третина од целиот извоз зависи од нарачките од Германија, негативните прогнози за најсилната економија во Европа се огромна закана за домашниот бизнис.

Златко Симоновски генералениот директор на Факом

Златко Симоновски
генералениот директор на Факом

„Откажани се речиси сите нарачки од Германија и тоа не плаши дека може да биде почеток на нов кризен циклус. Од другите земји со кои соработуваме како што се Италија, Австрија и Холандија засега нема сигнали дека ќе го откажуваат нарачките, меѓутоа, наплатата се уште е проблематична. Во време кога се погласни се најавите за евентуална нова рецесија во Европа, ние како компанија се подготвуваме така што се обидуваме да најдеме нови пазари за извоз“, вели генералниот директор на Факом, Златко Симоновски.

Анализата на структурата на трговската размена со Германија покажува дека во македонскиот извоз, најзастапени се катализаторите што ги произведува британската компанија Johnson Matthey. Статистиката за првите осум месеци годинава покажува силен пораст на извозот во Германија од 35% што најмногу се должи на зголемувањето на извозот на катализаторите од Johnson Matthey. Освен катализатори, домашните компании во Германија најмногу продаваат облека. Менаџерите од текстилната индустрија велат дека засега нема откажувања на нарачки, но стравуваат дека тоа брзо ќе се случи ако се остварат лошите сценарија.

Ангел Димитров директор на компанијата од текстилната индустрија, Мода.

Ангел Димитров
директор на компанијата од текстилната индустрија, Мода.

„Засега компаниите од текстилната индустрија немаат проблеми со откажувања на нарачки, но доколку се остварат предвидувањата за европската економија повторно да падне во рецесија, со сигурност можам да кажам дека негативно ќе се одразат и врз нашето производство. Тоа ќе се знае на почетокот на следната година кога вообичаено ги склучуваме договорите за шиење на колекциите пролет/лето. Текстилната индустрија е многу чувствителна на негативни трендови во економијата бидејќи во такви услови, граѓаните вообичаено штедат на купување облека“, вели Ангел Димитров, директор на компанијата од текстилната индустрија, Мода.

Економистите анализираат дека Германија ги предизвикува проблемите преку доследноста до планот за штедење, односно кратењето на јавните инвестиции и на тој начин ја загушува побарувачката. Директорот во челичарницата Макстил, Митко Кочовски објаснува дека замрзнувањето на јавните инвестиции во Европа и како последица на тоа, падот на побарувачката за челик е главната причина за намалувањето на производството и во Макстил.

Митко Кочовски директор на челичарницата Макстил

Митко Кочовски
директор на челичарницата Макстил

„Се додека не се динамизира инвестициската активност во најмоќните европски земји, не може да се очекува дека металуршките компании ќе го зголемат производството бидејќи нема доволна побарувачка за нашите производи. Продажбите не може да се надоместат на домашниот пазар бидејќи кај нас многу малку се употребува челикот“, вели Кочовски.

Последните проценки на Меѓународниот монетарен фонд за германската економија се слаб раст до 1,3% годинава и до 1,5% догодина, меѓутоа иако статистичките прогнози се далеку од рецесија, извршниот директор на ММФ, Кристин Лагард јавно ја опомени Германија дека може да биде жариште на нова економска криза доколку продолжи инаетливо да штеди со цел да го елиминира буџетскиот дефицит. Merkel„Некои земји како што е Германија, кои што можат тоа да си го дозволат, би требало повеќе да вложуваат во изградба на инфраструктура бидејќи тоа ќе го поттикне заздравувањето на економијата“, изјави Лагард за време на годишните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон. Таа предупреди дека целата европска економија се соочува со ризик да падне повторно во рецесија. „Не велиме дека Европа тоне во рецесија, но предупредуваме дека има сериозен ризик да се случи тоа доколку ништо не се преземе“, рече Лагард. Германската канцеларка Ангела Меркел на притисоците од Вашингтон врз Берлин да ги засили јавните инвестиции и да троши повеќе пари одговори дека „Германија ќе биде пример како може да се оствари економски раст и доколку строго придржува до планот за штедење“. Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, само потврди дека не планира да потпишува повеќе чекови за да се зголемуваат јавните инвестиции преку задолжувања. Освен за Германија, песимистички се прогнозите и за Италија која исто така важи за еден од најголемите трговски партнери на земјата. Според проценките на меѓународните финансиски институции, Италија, каде што за осум месеци годинава се извезени производи во вредност од 220 милиони долари, годинава останува во рецесија со пад на бруто домашниот производ (БДП) од -0,2%, додека пак следната година се очекува благ економски раст од 0,8%.

И Балканот е kaputt

Кога Европа манифестира симптоми на рецесија преку намалување на побарувачката, истиот вирус ги заразува речиси сите балкански земји. ММФ проценува дека Србија и Хрватска и годинава остануваат во рецесија, додека кај сите останати балкански земји, економскиот раст ќе варира меѓу 0,5% до најмногу 3%. Загрижувачки се најавите од повеќе компании од регионот дека ќе ги откажат нарачките од Македонија.

Горан Антевски директор на компанијата од металната и електро индустријата, Раде Кончар ТЕП.

Горан Антевски
директор на компанијата од металната и електро индустријата, Раде Кончар ТЕП.

„Се намалуваат нарачките од сите земји од регионот со кои што најмногу соработуваме, како Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Главна причина за тоа е што се стопирани инвестициите како последица на економската криза. Конкуренцијата е силна, има голем притисок врз цените на производите, а освен тоа, сите земји се обидуваат да го штитат домашното производство така што нас не исфрлаат надвор од игра. Резервен план мора да се бара во нови извозни пазари надвор од Европа која се соочува со ризик повторно да падне во рецесија. Ние конкретно се обидуваме да се пробиеме на рускиот пазар, во Казахстан и Узбекистан“, вели Горан Антевски, директор на компанијата од металната и електро индустријата, Раде Кончар ТЕП.

Статистичките податоци за првите осум месеци годинава покажуваат извозот од Македонија во земјите од Западен Балкан се намалил за 9,6% на годишна основа. По одделни земји, најостар пад има извозот во Косово за дури 17,7%, во Србија годинава сме извезле 3,6% помалку во споредба со лани, во Босна и Херцеговина извозот се намалил за 3,8%. Интересно е што извозот во Грција се зголемува паралелно со првите знаци на опоравување на грчката економија после долгогодишна криза. ММФ за прв пат објави оптимистички проценки за пораст на грчкиот БДП од 0,6% годинава, и засилување на растот до 2,9% следната година.

Растот догодина до 4%?!

Владата засега не ги перцепира ризиците за можниот нов рецесивен бран од Европа, барем не во своите прогнози за движењето на економијата според кои економскиот раст следната година ќе достигне 4%. Економистите коментираат дека економскиот раст е неизвесен во услови кога ризикот од нова криза се зголемува, меѓутоа, сугерираат државата преку јавните инвестиции да ја поттикнува економската активност во земјава. Во буџетот за следната година што веќе го усвоија пратениците во Собранието, Владата предвиде само 345 милиони евра за инвестиции во капитални објекти. Тоа значи дека само 11% од сите пари што ќе ги собере државата од даноци или ќе ги позајми, ќе ги потроши продуктивно за изградба на патишта, железнички пруги, училишта. Економистите коментираат дека буџетот според начинот на трошење на народните пари е изразено социјален бидејќи вклучува зголемувања на платите во јавниот сектор, пензиите и социјалната помош, со цел да го одржи социјалниот мир во општеството.

Абдулменаф Беџети академик

Абдулменаф Беџети
академик

„Буџетот за следната година е најмалку развоен од сите досегашни буџети. Не само што развојната компонента како удел во целиот буџет е најмалку застапена, туку и голем дел од парите што се книжат под оваа ставка, всушност не се за развојни проекти“, вели академик Абдулменаф Беџети.

Професорот Марјан Петрески смета дека друг важен аспект на дискусијата за развојната компонента е колку се реализираат буџетираните капитални расходи.

Марјан Петрески, професор

Марјан Петрески,
професор

Кога буџетот трпеше надолни корекции, први на удар беа токму капиталните расходи, така што она што е буџетирано за 2015, нема гаранција дека во целост ќе биде реализирано, особено што претпоставувам дека целосен приоритет во тој буџет ќе се даде на најавените зголемувања на платите, пензиите и социјалната помош“, вели Петрески.

Статистичките податоци за македонската економија годинава покажаа дека порастот на БДП во првите шест месеци изнесува 3,9% на годишно ниво, а индустриското производство за осум месеци исто така забележа пораст од 4,3%. Од друга страна, анализата на полугодишните финансиски извештаи на фирмите што ги доставуваат резултатите од работењето до Берзата, покажа дека нема крај на кризата во бизнисот а само на прсти се бројат компаниите што годинава продаваат повеќе од лани или пак заработуваат повеќе. Најголем дел од компаниите прикажаа намалување на приходите од продажба како на домашниот, така и на странските пазари, профитите се помали од лани а значаен дел од нив се уште работат и со загуби. Бројот на блокирани фирми заклучно до септември достигна 42.027, а неликвидноста во бизнис секторот значително ја отежна отплатата на кредитите во банките доведувајќи ги повторно до рекордно ниво од 370,9 милиони евра што е 16,3% од сите кредити дадени на компаниите. Причина за тоа според банкарите е дека долгата економска криза што ја чувствуваат приватните фирми. „Наплатата на кредитите од фирмите се влошува и тоа е очекувано бидејќи нема значително забрзување на економската активност. Порастот на економијата главно се должи на компаниите што работат во технолошко – индустриските зони, и по сектори најдобро се држат градежните компании поради нивниот ангажман во изведувањето на некои јавни инвестиции. Останатите домашни фирми помалку или повеќе се уште се соочуваат со криза. Порастот на лошите кредити засега не е драматичен и нашиот банкарски сектор во овој дел се држи подобро отколку сите други земји во регионот“, објаснува генералниот директор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×