ЕВРОПСКИТЕ БАНКАРИ ВО ФРАНКФУРТ СЕ ПЛАШАТ ОД ДЕФЛАЦИЈА!?
Објавено на од во Економија
И во Македонија цените паѓаат. Ама од тоа никој не се возбудува затоа што македонската економија е веќе во „депресија“ и дефлација или инфлација ништо не и значат. Исто како што не и значи дали статистиката ќе измери економски раст од 3,5% или 3,8%. Тоа нема да го заживее бизнисот, на кој му фалат пари. А, пари нема затоа што се во банките, кои пак ги инвестираат во благајнички записи и државни хартии од вредност и наместо фирмите ја финансираат државата. Фирмите, па,к одвај преживуваат поради влошената наплата и недостигот на ликвидни средства.

recesija-grafikЕвропската унија го запали алармот – најнова закана за економијата е дефлацијата. Таа е сигналот дека во економијата се е умртвено. Ниедна мерка досега не вроди плод за да го запре падот на цените, кој, пак, не стимулира поголема потрошувачка ниту од граѓаните, ниту од фирмите. Затоа паѓаат и производството и инвестициите, а расте невработеноста. Се отвора еден магичен круг, од кој Европската централна банка и националните влади во еврозоната не можат да најдат излез. Сега сите играат на картата да се пуштат што повеќе пари во приватниот сектор за да се поттикнат инвестициите и да се отворат работни места.
И во Македонија цените паѓаат. Ама од тоа никој не се возбудува затоа што македонската економија е веќе во „депресија“ и дефлација или инфлација ништо не и значат. Исто како што не и значи дали статистиката ќе измери економски раст од 3,5% или 3,8%. Тоа нема да го заживее бизнисот, на кој му фалат пари. А, пари нема затоа што се во банките, кои, пак, ги инвестираат во благајнички записи и државни хартии од вредност и наместо фирмите ја финансираат државата. Фирмите, пак, едвај преживуваат поради влошената наплата и недостигот на ликвидни средства. Кога не функционира бизнисот, тоа значи дека економијата е умрена и ништо не функционира. Исто како што не функционираат ни економските закони во Македонија. Засега работат само градежништвото и слободните индустриски зони. Затоа и никој не се потресе од фактот дека и Македонија се соочува со дефлација. Никој посебно не се загрижи дека дефлаторните тенденции може уште повеќе да го замрат производството, да ја забават трговијата и да ја зголемат невработеноста. Економска реалност не се менува и затоа што не се менуваат монетарната и фискалната политика во насока на поддршка на бизнисот. Може само да биде полошо откако стана јасно дека нов бран на рецесија доаѓа од ЕУ и од регионот, што ќе биде тежок удар за македонските извозници.
Колку е лоша состојбата во македонската економија и колку полошо може да биде?
Од официјалните податоци што ги објавува Државниот завод за статистика може да се заклучат неколку работи. Прво, во првите девет месеци цените на мало се пониски за 0,6% во однос на истиот период лани, а трошоците на живот се намалени за 0,2%. А, Владата за годинава проектираше инфлација од 3,3%, која требаше да поттикне економски раст од 3,2%. Растот се уште се држи, но само поради градежништвото, кое го стимулира Владата со јавни инвестиции, кои ги финансира со кредити, и поради трошењата на вработените во јавната администрација, кои повторно ги стимулира Владата, па сега ќе им зголеми и платите. Ќе ги зголеми и пензиите.

recesija-grafik-2Едноставно економската реалност во земјава е полна со апсурди. Токму фактот дека целата економија во моментот се потпира на парите од Буџетот покажува колку е нездрава целата состојба. Уште поголем апсурд е што во банките има вишок ликвидни средства од околу 1,7 милијарди евра. Толку пари банките чуваат на сметки во Народната банка (249 милиони евра), во благајнички записи (415 милиони евра), во задолжителна резерва (284 милиони евра) и во државни хартии од вредност (611 милиони евра). А, за кредити годинава месечно одобрувале во просек по 8,5 милиони евра. Вкупно за осум месеци за фирмите се одобрени кредити во износ од 68 милиони евра, што е ислучително мал износ на кредитирање. Причината зошто не одобруваат повеќе кредити за фирмите ја лоцираат во зголемените ризици во фирмите и во економијата, па наједноставно им е парите да ги пласираат во безризични и нископриносни инструменти на државата и на централната банка. Со тоа се отвора уште една апсурдна ситуација – банките детектираат ризици, Владата смета дека економијата цвета и остварува најголем раст во регионот и во Европа, а фирмите одвај преживуваат. И тоа е така веќе две децении. Сите си тераат своја политика, а македонската економија тапка во место. Сите како да играат на картата полошо од ова не може да биде.

Монетарната политика нема да се менува

Што друго покажуваат статистичките податоци во Македонија? Во првите девет месеци годинава пад на трошоците на живот има речиси кај сите категории – храна и безалкохолни пијалоци, мебел и покуќнина, домување, вода, електрика и други горива, ресторани и хотели, рекреација и култура, комуникации и транспорт. Зголемени се трошоците за алкохолни пијалоци, тутун, облека, обувки, здравје и образование. Додека овој тренд е ист како во повеќето земји во регионот и во ЕУ, сосема е различна состојбата кај потрошувачката и инвестициите. Податоците за структурата на бруто-домашниот производ покажуваат дека во првите шест месеци годинава потрошувачката на домаќинствата изнесува 3,1 милијарда евра и е за околу 100 милиони евра поголема во однос на истиот период лани. Јавната потрошувачка, пак, изнесува 715 милиони евра во првата половина од 2014, а во истиот период лани беше 687 милиони евра. Раст има и кај бруто инвестициите, кои изнесуваат 1,2 милијарди евра оваа година и 950 милиони евра лани во првите два квартали. Од друга страна, иако потрошувачката расте, прометот во трговијата на мало паѓа и тоа за многу повисоки проценти од падот на цените. Во првиот квартал годинава е намален за дури 11,4%, а во вториот за 3,1%. Чудно, ама тоа е реалноста што ја покажуваат официјалните статистички податоци.
Од Народната банка на Македонија смируваат. „Годишното намалување на цените, започнато во вториот квартал, а кое продолжи и во третиот, не предизвика дефлација во Македонија. Сезонски приспособените податоци упатуваат на квартален раст на потрошувачките цени од 1,1%. Инаку, намалувањето на инфлацијата се должи пред се на намалениот притисок на увозните добра. Економскиот раст и домашната побарувачка солидно растат, така што намалувањето не е поради домашни фактори“, велат од кабинетот на гувернерот.
Задоволни се и од кредитирањето на приватниот сектор во услови кога детектираат неизвесен економски амбиент. „Прелиминарните податоци за септември укажуваат на забрзано темпо на годишен раст на вкупните кредити, при што динамиката на кредитната активност го надмина проектираното ниво за третиот квартал. Се работи за еден од највисоките кредитни растови во Европа, кога во најголем број од тие земји кредитниот раст се уште е негативен“, велат од НБРМ.
Обидите на НБРМ за дестимулирање на банкарите со цел повеќе да ги кредитираат фирмите не вродија плод. Последната мерка на НБРМ е намалување на каматна стапка на расположивите депозити преку ноќ од 0,75% на 0,50% и на седумдневните депозити од 1,25% на 1%. Но, тоа не ги демотивира банките.
„Со оглед на високата капитална позиција на банките, кредитирањето кон приватниот сектор не зависи директно од инструментите на НБРМ. Последните имаат за цел оперативно управување со ликвидност, во функција на проценка на самите банки каде да ги вложуваат ликвидните средства. Но, поголемо вложување во самите инструменти не значи по автоматизам дестимулација на банките за кредитирање на приватниот сектор. Износот на благајнички записи подолго време е ограничен на ист износ, а каматите на депозитите на седум дена и преку ноќ носат минимални камати“, објаснуваат од централната банка.
Во НБРМ оценуваат дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. „Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви“, објаснуваат од НБРМ.
Европската централна банка буквално ги тера комерцијалните банки да пласираат кредити за бизнисот. Во централната банка потврдуват дека закрепнувањето на економијата во голема мера зависи од поддршката од банките, но сметаат дека сегашната монетарна политика е доволно добра за да ја поддржи економијата. ЕЦБ веќе презеде низа мерки за да ја поттикне инфлацијата преку зголемена потрошувачка – на крајот од минатата година ја намали основната каматна стапка на 0,25%, а годинава на 0,15% за да ги поттикне кредитирањето и економскиот раст. За прв пат воведе и негативна каматна стапка на депозити на банките со цел да поттикне кредитирање на реалната економија. Каматите на депозити на банките се намалени од нула на -0,1%, што значи дека комерцијалните банки ќе плаќаат за централната банка да им ги чува парите. Тоа досега не ги даде посакуваните ефекти, па инфлацијата во ЕУ се уште е под целната од 2%. ЕЦБ и понатаму води многу експанзивна монетарна политика затоа што опоравувањето од кризата е многу скромно, а невработеноста висока.

Решението е во повеќе пари за фирмите?!

Сите досега преземени мерки за излез од кризата што ја зафати глобалната економија од 2008 година наваму се во насока на инјектирање што повеќе пари во економските текови. Идејата е да се стимулираат потрошувачката и инвестициите. Крајната цел е фирмите полесно да доаѓаат до кредит за да инвестираат и да отвораат нови работни места. И граѓаните, што преку кредити, што преку плата треба да се стимулираат за повеќе да трошат. Тоа треба повторно да го поттикне растот на цените, затоа што дефлацијата никому не му одговара.
„Опоравувањето продолжува, но е многу слабо и нерамномерно. Најверојатно развиените земји никогаш не ќе можат да се вратат на преткризните стапки на раст и затоа каматните стапки ќе мора да останат на историски најниско ниво“, изјави главниот економист во Меѓународниот монетарен фонд, Оливие Бланшар, и објави дека очекуваниот раст за годинава од 3,3% веќе е за 0,4 процентни поени понизок од објавениот пролетва. Во ММФ само стравуваат долгорочно ниските камати да не доведат до нови проблеми – зголемени финансиски ризици и безгрижни инвеститори.
Директорката на ММФ, Кристин Лагард, и советува на Европа да направи своја верзија на политиката на јапонскиот премиер Шинцо Абе, позната како „абеномикс“, која значи повеќе монетарна стимулација за полесно доаѓање до пари и поголема фискална стимулација преку поголемо јавно трошење, како и структурни реформи за да се направи економијата поефикасна.
Дефлацијата е проблем во многу европски земји. Дефлација е забележана минатиот месец во осум земји од ЕУ. Годишната инфлација во ЕУ во септември се спушти на 0,4%, што е најниско ниво во последните пет години. Највисока дефлација е измерена во Бугарија, каде цените паднаа за 1,4%, а следува Грција со пад од 1,1%. Најголем скок на цените има во Романија (1,8%), Финска (1,5%) и Австрија (1,4%). Во регионот, Хрватска цела година има дефлаторни тенденции, па стравува дека тоа може дополнително да го отежне излегувањето од рецесија. Од 1996 година во оваа земја не е забележана дефлација.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×