Европа воведе квоти и царини за увоз на челик од Македонија
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Европската комисија воведе привремени заштитни мерки за увоз на одредени производи од челик од земјите што не се членки на Унијата.

Мерките се воведуваат како контра одговор на наметнатите царини од страна на САД, односно стравувањето на Европската Унија дека американските царини може да ги пренасочат производите од челик на европскиот пазар.

Привремените мерки се во форма на тарифни квоти, се однесуваат на 23 категории на производи од челик. За секоја од 23 категории, царинската давачка од 25% ќе се воведе само откако увозот ќе го надмине просечниот увоз во текот на последните три години.

За Македонија, воведени се квоти за четири челични производи. Привремените заштитни мерки можат да останат на сила до 200 дена.

„Царините на САД за производи од челик предизвикуваат пренасочување на трговијата, што може сериозно да ги оштети производителите на челик во ЕУ и работниците во индустријата. Затоа, ние сме принудени да воведеме привремени заштитни мерки за заштита на нашата индустрија од ненадејно зголемување на увозот. Сепак, мерките, исто така, ќе обезбедат непрекината отвореност на ЕУ и одржување на традиционалните трговски текови. Убедена сум дека мерките ја постигнуваат вистинската рамнотежа помеѓу интересите на производителите на челик и корисниците во ЕУ, како што се автомобилската индустрија и градежниот сектор. Ќе продолжиме да го следиме увозот на челик за да ја донесеме конечната одлука најдоцна до почетокот на следната година“, изјави комесарот за трговија, Сесилија Малмстром.

Сите засегнати страни сега имаат можност да ги коментираат наодите од постапката за тестирање досега. Од Комисијата велат дека ќе ги земат предвид овие забелешки при донесувањето конечна одлука, која ќе биде најдоцна до 2019 година. Доколку се исполнети сите услови, може да се воведат конечни заштитни мерки.

Од Комисијата истакнаа дека најголемиот дел од земјите – членки изразиле поддршка за воведување на овие мерки.

Претседателот на Здружението за металургија при Стопанската комора, Митко Кочовски, вели дека се оствариле стравувањата дека Европската комисија ќе го ограничи увозот на челични производи и вели дека со ова македонските производители на челик и челични производи се под сериозна закана од намалување на извозот.

„Воведувањето на царини од 25% за увоз на челичните производи што веќе ги исполниле предвидените квоти од Европската комисија е сериозен удар врз конкурентноста на нашето производство. Загрозен е македонскиот извоз и индустријата којашто веќе подолго време се соочува со проблеми“, истакна Кочовски.

Извозот од Македонија учествува со 0,87% во увозот во Европа, односно се извезуваат вкупно 256.000 тони производи.

Штетите кои компаниите би ги претрпеле од овие мерки би чинеле околу 128 милиони евра. Но засегната би била и македонската економија, бидејќи металската индустрија учествува со 5,7% во бруто домашниот производ.

Овие мерки што веројатно ќе се воведат најмногу ги погодуваат шест големи македонски компании од оваа индустрија и тоа Макстил, Миттал Стил, Дојран Стил, ФЗЦ 11 Октомври ИГМ и Метал Промет.

Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 луѓе, но покрај нив индиректно од мерките на САД и ЕУ ќе бидат погодени 15.000 ангажирани во поврзаните дејности.

Во меѓувреме, до донесување на конечната одлука од страна на Европската Комисија, продолжува истрагата отворена во март годинава која треба да ги утврди состојбите на пазарот.

Помеѓу 2013 и 2017 увозот на челик во ЕУ се зголемил од 17,8 милиони тони на 29,3 милиони тони.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×