Европратеникот Стелиос Кулоглу: Допрва следи работа помеѓу Скопје и Атина 
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

xrimatistirio_22Стелиос Кулоглу европратеник

Европратеникот и член на владејачката СИРИЗА, Стелиос Колуглу вели дека со Договорот од Преспа не завршуваат предизвиците помеѓу двете земји – тој ќе треба да се имплементира на терен, преку суштинска културна и образовна размена на двата народи и преку надминување на стравовите што националистите ги шират и кај нас и на југ.

 

Г. Кулоглу, Вие сте еден од групата луѓе кои сметаат дека премиерите Заев и Ципрас заслужуваат да добијат Нобелова награда поради решениот спор за името, па нема потреба да Ве прашам дали го поддржувате Договорот од Преспа. Објаснете ни зошто мислите дека овој Договор е важен, за нашите земји, за регионот и за Европа?

Прво затоа што е единствената добра вест од Европа во моментов. Можам да Ве прашам дали Вие можете да кажете друга добра вест? Ако ја прашате и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, г-ѓа Могерини и таа ќе го спомене само Договорот од Преспа како добра вест. Тоа е едниот аспект. Другиот е стабилноста. Ние сме во турбулентен регион со конфликти. Има растечка тензија помеѓу Косово и Србија. И мораме да ги решаваме проблемите.

Не сите го делат Вашето мислење за Договорот. Кога зборуваме за опозицијата на Договорот, можеме да зборуваме за онаа во двете земји и за онаа надвор од нив. Зошто грчката опозиција не го прифаќа Договорот? Кои се таму најголемите грижи?

Загрижени се дека Вашата држава ќе дојде и ќе ни го земе Солун со сила.

Воено мислите?

Да, да…Знаете, нема логика во тие стравови. Тоа е само страв. А единствено нешто од кое треба да се плашиме е самиот страв. Тие велат дека Владата и Ципрас се предавници на земјата. И опозицијата тука вели дека Заев ја предал државата. Епа ако двајцата се предавници, тогаш кој е добитникот? Сега сериозно, не беше прашањето за името. Дваесет и седум години стравот беше дека името Македонија има монопол на регионот. Добро, еве сега најдовме друго решение – Северна Македонија што ја опишува реалноста, дека имаме една Северна Македонија, има грчка Македонија итн.,итн… Е сега ни тоа не им одговара. Па викаат не било прашање за името, туку прашањето било и за тоа чиј е Александар Велики, тој бил наше наследство. Па Владата во Скопје вели, добро де ние немаме врска со тоа, ние сме Словени кои доаѓаат во регионот после Исус Христос…

И тоа не е доволно?

Не, па сега прашањето е зошто сме ви го признале јазикот. Зошто сме се откажале од македонскиот јазик. Па ние не сме го ни имале македонскиот јазик за да се откажеме од него или да го дадеме некому. Овој јазик си е признат од ООН пред половина век. Нема никаква рационалност во ставовите на грчката опозиција. Никаква. И истото важи за вашата опозиција.

Да, но тие ги злоупотребуваат емоциите на граѓаните, создавајќи…

Атмосфера на страв. Дали малцинството ќе биде признато, па Скопје ќе го бара целиот регион каде што ова малцинство живее… Ништо рационално.

Двете опозиции велат дека ако дојдат на власт ќе нашрават подобар договор. Велите дека не гледате никаква логика во нивните потези, но колку опасни можат да бидат за да се уништи процесот?

Верувам дека не може да помине Договорот и да мислиме дека се’ е завршено. Очигледно е дека делови од популацијата се искрени патриоти и не се изманипулирани од опозицијата што има политички планови зад забелешките, туку се искрено исплашени и имаат дилеми. Тоа значи деќа ќе мора да работиме за да бидеме заедно, да се мултиплицира културната размена, студентски размени, соработка во образование

За да се зближат народите…

На пример, екстремната десница пушта средношколци да протестираат и да окупираат училишта во Северна Грција, во грчката Македонија, против Договорот. Значи, ќе биде многу подобро, ако грчките студенти се запознаат со нивните колеги тука, па да изиграат еден фудбалски натпревар. Кога ќе ги запознаете луѓето сфаќате дека не ви се непријатели, немаат намера да ви ја окупираат земјата со оружје.

Туку само соседи со коишто треба соработка…

Соседи со коишто делиме иста култура, иста храна, менталитет. На пример, тука кога одам со пријателите во ресторан и сакам да ја платам сметката, никогаш не ми дозволуваат. Исто е и во Грција. Ако одам во Германија и посакам да платам, не само што ќе прифатат, туку ќе речат, плати слободно за цела кафеана. Не само во Германија, туку и во Западна и Централна Европа. Значи ние тука си имаме исти чувства и луѓето тоа мора да го сфатат.

А политиката мора да се издигне над партискиот интерест. Да порасне и државите да пораснат.

Треба храброст и лидерство за тоа да се направи. И тоа беше направено во случајов. И од двајцата минситри, Димитров и Коѕијас, а исто така и од премиерите Заев и Цирпас. Без да микро политички калкулации, одлуки што се во корист на целата земја. И тоа се случи сега. Клучната придобивка е почнувањето на преговори и влезот во ЕУ, бидејќи на вашата земја повеќе од се’ и’ треба економски и институционален систем

Реформи во општеството…

Да, реформи и Договорот ќе ги помогне прогресивните сили во земјата што сакаат реформи.

Вие сте дел од Европскиот Паркламент. Дали сте загрижени од трендовите во ЕУ? Има лидери на земји членки кои се против демократските принципи и европски вредности, директно загрозувајќи го јадрото на ЕУ.

Да . Има неколку „Груевци“ во ЕУ. Не е само еден Груевски.

Тој ви е како вирус…

Да, да… Еве се, на пример, г. Орбан, или Владата во Полска, или г. Салвини во Италија. За жал екстремната десница е во раст и ова е причина за загриженост. Зошто? Не поради стереотипите кон десницата, туку затоа што тие се суштински против европските интеграции, против ЕУ како таква, против еврозоната и на секоја тема во Европскиот Парламент тие гласаат против секоја позитивна реформа.

Како изгледаат тие дебати? Вие, како претставник на прогресивните сили како разговарате со нив?

Ох, можам да Ви раскажам милион случки. На пример, на една панел дискусија бев со еден полски пратеник, конзервативец и еден француски десничар. На пример, Полјакот тврдеше дека Инвазијата во Ирак во 2003 беше еден убав настан. Сега самите Американци, самиот Буш рече дека била грешка, а овој… Французинот на пример пак тврдеше дека Колонизацијата била многу потребна и здрава за Африка. После завршувањето на дебатата, луѓето од техника дојдоа да ме бакнат со коментар: “Боже, Вие бевте единствениот тука со логика“. Така што, нема што многу да им се каже ним. Тие се во друг свет. Тие се во 19 век. Припаѓаат на минатото…

Како да ги трансформираме, да им помогнеме, да ги донесеме на оваа страна?

Не знам како можеме ние да им помогнеме, ним им треба психијатар. Но, можеме да му помогнеме на народот, на луѓето кои гласаат за нив. Зошто го имаме овој пораст на национализмот? Заради сиромаштијата, лошите економски политики, штедење, штедење, штедење… особено после кризата во 2008. Ова не важеше за сите. Дел од оние кои беа богати стануваа се’ побогати.

Ама се уништи средната класа…

Да, средната класа го изгуби својот социјален статус. И тука е и чувството на несигурност, не знаете што ќе ви се случува во иднина. Младите генерации за прв пат после Втората светска војна бе апринудени да живеат полошо од своите родители, а би требало секоја генерација да живее подобро од претходната. И ова ги прави луѓето лути, бесни кон естаблишментот. Па се вртат кон радикализам.

Национализам, национални држави…

Национализмот дава прости одговори. Кој е виновен за несигурноста? Бегалците – тие ви ги земаат работните места. Или емигрантите, или сите политичари…

Или се против глобализацијата како процес.

Глобализацијата, политичарите кои се крадци…

Ги симплифицираат политичките процеси…

Да. И сега што да правиме? За да му помогнеме да обичниот гласач кој не е радикален по убедување, мора да ги смениме политиките во самата ЕУ. Да се вратиме во периодот на социјална правда, просперитет и повеќе работни места. И тоа можеме да го направиме. ЕУ има капацитет и покрај глобализацијата, покрај растот на Кина итн, итн, ЕУ има свои извори. Има предлози.

Има иницијативи што можат да помогнат?

Поголеми даноци за големите компании, кои имаат пари. Големите корпораци мора да плаќаат даноци и да креираат социјални програми. Да допрете дел од финансиските трансакции на пример. Секој ден милиони евра се движат на пример во казината, ајде дел од тие пари да дадеме на грашаните. Еве кризата со која се соочува Макрон сега е поради тоа што негова прва мерка беше да ги намали даноците за богатите, па сега го сметаат за претседател на елитата. Зошто тој го направи тоа? Затоа што мислеше дека може да направи се’ што сака. Тој беше избран поради кризата, дојде „од никаде“ и стана претзедател затоа што и социјалистите и десницата беа во криза. И наместо да ги оправда причините поради коишто беше избран, тој продолжи по истиот пат. И тоа обично така се случува. Значи се соочуваме со криза на лидерство. И затоа многу е важно, што во нашите земји имаме лидери што сакаат да направат нешто добро за своите земји без политички калкулации, нешто што не е случај во ЕУ. Затоа бродот оди кон сантата мраз. Тоа е сега случајот. Ние сме како Титаник.

Европа мислите? Европската Унија?

Да… Се соочуваме со тој синдром на Титаник. Во првата класа луѓето свират и танцуваат додека бродот се движи кон сантата мраз. Затоа итно мора да го смениме курсот и да се вратиме на социјална правда, солидарност и европски врендости.

Изборите ќе бидат индикација за тоа кој пат Еу ќе го фати?

Се плашам дека десницата повторно ќе расте пак. И ова требаше да првенира кога видовме на каде се движи, уште пред две години. На пример Брегзит. Брегзит беше аларм. Аларм зошто ЕУ не е веќе привлечна. Како да ја направиме попривлечна? Се разбира, да ја доближиме до луѓето. Тоа не го сфативме, зафатени со други работи како обично и сега имаме криза, тука, таму, секаде.. Кризата почна од југот, Грција, Португалија, Шпанија…

Ама сега се прошири…

Да и тоа во самото срце на Европа. Во Германија…

Франција?

Да, Франција…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×