Европска младинска картичка – можност за поврзаност, информираност и мобилност
Објавено на од во Економија
Младите на возраст од 15 до 29 години од 1 јули годинава ќе можат да ја користат Европската младинска картичка, со која добиваат поволности и попусти во повеќе од 300 субјекти поделени во неколку сектори, и тоа угостителски објекти, малопродажба, култура, спорт, едукативни центри за обуки за стручни вештини итн. во земјава и во странство.
младинска кКартичка е бесплатна и за неа може да аплицира секој млад човек во државата преку регистрација на www.mladinskakarticka.mk.
На почеток младите ќе добиваат попусти и поволности, но проектот предвидува во иднина таа да се прошири и да се користи за плаќање, за внесување стекнати вештини и искуства и да претставува еден вид лична карта на младите во земјата и во странство.
Картичката треба да претставува европска легитимација на младите
Можностите и начинот на добивање на Европската младинска картичка минатата недела пред младите ги претставија премиерот Зоран Заев, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.
Премиерот на промоцијата рече дека Европската младинска картичка ќе ги поттикне младите повеќе да бидат мобилни, да се информираат и да го осознаваат своето место во средината и со тоа да бидат активни чинители во својата средина.
„Ова е одлична можност за долгорочно почнување процеси преку кои со една единствена картичка ќе може да плаќаат преку интернет, да вадат пари од терминалите, нивните вештини да бидат меморирани на картичката, со еден збор, тоа да биде нивното CV и европска легитимација“, изјави Заев.
За картичката ќе се аплицира онлајн и ќе може да се подигне на повеќе локации или да биде испратена по пошта.
Во проектот досега се вклучени околу 300 субјекти, како што се кафулиња, ресторани, театри, киносали, транспорт, железница и други што ќе дадат одредени попусти во нивните услуги. АМС има склучено меморандум со сите овие субјекти и ќе им биде дадена една налепница што ќе ја залепат на своите објекти.
Можност за поврзаност, информираност и мобилност…
За одличната можност со една единствена картичка младите да можат да користат повеќе бенефиции, како и за начинот на кој функционира, говореше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
„Агенцијата за млади и спорт се залага за подобар живот за младите, а оваа картичка несомнено го олеснува секојдневието на секој млад човек, најпрвин финансиски, но покрај тоа нуди и многу отворени можности за младите, за нивна поврзаност, информираност и мобилност“, истакна Каевски.
Повеќе од 300 субјекти досега се вклучени во проектот, а Каевски нагласи дека очекува тоа да продолжи да се применува и во иднина и бројката на компании да расте.
„Досега се потпишани околу 320 меморандуми за соработка. Со околу други 100 е договорена соработка, а со уште стотина преговараме и им објаснуваме дека треба да бидат општествено одговорни и да пристапат и бидат дел од оваа картичка“, изјави Каевски.
Картичката е поделена во неколку категории, и тоа: во угостителски објекти – има голем број кафулиња и ресторани што нудат од пет до 25 проценти попусти за младите. Во категоријата малопродажба има продавници за храна, облека, книжарници и продавници што нудат соодветни услуги за младите. Во категоријата култура се вклучени институции како МНТ, МОБ, Театар „Комедија“, Театар за деца и младинци и други што нудат 50 проценти на услугите.
Во катергоријата спорт влегуваат спортските центри „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“, продавници како што се „Мондано“, „Полеспорт“, „Триспорт“ и многу други спортски објекти што што се пред сè во насока на услуги на младите да спортуваат и да се рекреираат.
Во категоријата едукативни центри и обуки за стручни вештини има широка понуда на обуки за стручни вештини преку Стопанската комора, а од приватниот сектор се „Семос едукација“, „Сивус“, „Брејнстер“, центри за странски јазици и останати субјекти што овозможуваат попусти и квалитетна содржина на обуки потребни за младите за нивна доедукација, развој и напредок.
Халк банка е единствена банка партнер и поддржувач на овој проект и нуди повеќе поволности.
Услугите не се централизирани само во главниот град, туку низ повеќе градови низ државата. Тука се и туристичките центри како Попова Шапка, Маврово, Охрид и други што нудат дополнителни можности за младите. Подигањето на картичката е од 1 јули 2019 година.
Вклучување кон системот на Европска младинска картичка
Проектот „Младинска картичка“ беше најавен кон крајот на 2018 година, а Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за реализација на овој проект во март годинава на 127. владина седница.
Проектот е наменет за младите од 15 до 29 години и има за цел да го олесни и да го подобри нивното секојдневие со поволности што ќе опфатат повеќе категории. Владата донесе и заклучок одредени министерства да се вклучат во проектот, како и препорака за единиците на локалната самоуправа да станат дел од овој проект.
Втората фаза од „Младинска картичка“ е вклучување на националната картичка кон системот „Европска младинска картичка“, кога младите од нашата земја ќе можат овие бенефиции да ги уживаат и во земјите членки на ЕУ.
Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, рече дека „Европската младинска картичка“ е резултат на заедничките заложби на двете различни владини институции за да обезбедат дополнителни придобивки за младите.
– Агенцијата за млади и спорт ќе се грижи за обезбедување на што е можно поширок спектар услуги со привилегирани цени за младите, додека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ќе ги искористи своите ресурси од програмата „Еразмус+“ за да отвори нови перспективи за младите од областа на неформалното и и формалното образование, како и во делот на поттикнување зголемена мобилност на младите. На овој начин, успеваме да отвориме нови можности за младите, притоа водејќи сметка за исклучително строгите одредби на новата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ, рече директорката Димова.
Посочи дека Националната агенција во текот на следната година планира процес на дигитализација, со што ќе стане возможно сите обуки, сертификати и стекнати вештини и во земјата и во странство, заедно со дефинирани резултати од учењето да може да се регистрираат на оваа младинска картичка.
–  Тоа нам многу ќе ни ја олесни работата. Кога вашите вештини се наоѓаат на една картичка, обраќањето до работодавачите станува многу поедноставно. Сите вештини практично ќе бидат тука и многу полесно ќе ги спроведеме сите обврски што произлегуваат од Еуропас и Јутпас. Меѓутоа и вие како млади ќе знаете точно каде се наоѓате и како може понатаму да напредувате во вашата кариера и да допрете до тие што практично навистина ќе ви требаат, изјави Димова.
Европската младинска картичка е бесплатна. Аплицирањето за картичката е онлајн, преку апликација во која корисникот ги внесува личните податоци. Повикот за аплицирање за картичката  е отворен на веб-страницата mladinskakarticka.mk, а издавањето на картичките ќе почне од 1 јули 2019 година. Младите ќе може да ги подигнат картичките и да се информираат на повеќе локации одредени од Агенцијата за млади и спорт, а постои можност картичката да им биде доставена и по пошта.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×