Европскиот Илон Маск
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Хрватот Мате Римац меѓу 28-те највлијателни луѓе во Европа

maxresdefault

Угледниот европски портал “Politico.eu” ги избра највлијателните личности во Европаза оваа година. Таму, се најде и Хрватот Мате Римац кој овој магазин го нарекува „европскиот Илон Маск“. Младиот претприемач почна буквално од неговата гаража пред пет-шест години, а денес има технолошка фирма која не само што успеа да развие супер брз електричен автомобил, туку нуди и други високо технолошки решенија и услуги за кои се тепаат да вложат пари многу светски инвеститори. Неговата претприемачка приказна е навистина импресивна.

 

 

Хрватот Мате Римац, човекот кој го измисли најбрзиот електричен автомобил на светот Concept One и кој важи за тврдоглав хрватски претприемач, кој без разлика на одличните понуди да го пресели својот развој во странство, тоа редовно го одбива, е еден од највлијателните 28 луѓе во Европа денес, пишува европскиот портал “Politico.eu”.

Римац се најде на листата меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговите реформи,  генијалниот чешки математичар Карл Јанечек, кој ја создаде Demokracia 2.1, и холанѓанската принцеза Мабел од Orange – Nassau, заслужна што ООН донесе одлука да ги забрани браковите меѓу децата до 2030 година, пишува Politico.eu.

Станува збор за медиум зад кој стои американскиот политички медиум Politico и еден од најголемите европски издавачи Аксел Спрингер. Токму овој портал, го опиша Римац како европскиот пандан на американскиот Илон Маск.

„Едно е да се работи со диструптивна иновација (иновација што прави турбуленција на пазарот) во автомобилската индустрија со користење на електричен погон, ако сте Илон Маск, мултимилјардер од Силиконската долина со влијателни врски на светскиот пазар со брилијантни дизајнери и научници. Но што ако сте од Хрватска, мала европска држава со ограничено педигре во индустријата?“, пишува Politico.eu опишувајќи зошто Римац се најде меѓу избраните.

Во текстот се додава дека многумина сметаат дека Римац бил луд кога на негова 27 годишна возраст, зборуваше дека во Хрватска сака да го произведува најбрзиот електричен автомобил на светот. Но денес, пишува порталот, истите тие луѓе стојат во ред со цел да соработуваат со него.

Politico додава дека визијата на Римац, неговата упорност и резултати кои ги има постигнато со производството на супербрзиот автомобил, кој, пак, според карактеристиките ги надминува Bugatti, Maclaren и Lamborghini ги заинтригира автомобилските индустрии насекаде низ светот.

Уште повеќе, Римац стана симбол на хрватската старт – ап сцена, пишува овој портал. Римац за Politico изјави дека инспирацијата ја наоѓа во Никола Тесла, и дека освен што е Хрват, тој се чувствува и како граѓанин на светот.

„Се надевам на иднина во која светот ќе биде едно нешто и во кој националноста ќе стане минато“, вели Римац.

Според она што го пишува порталот Politico, критериумите при изборот, биле не со цел да се изберат луѓе исклучиво по влијателни позиции, оти така ќе требало да направат листа од најпопуларните луѓе во Унијата, туку листа од оние кои се влијателни во областа во која работат.

Оттука, сосема во ред  е да се заклучи  дека во Европа највлијателен во автомобилската индустрија денес е Мате Римац.

„На луѓето им поставивме прашање кој најмногу им влегува во око во секоја од 28-те земји членки, од Австрија до Велика Британија“, вели извршниот уредник на европското издание на Politicо, Метју Камински.

Признанието на Римац доаѓа неколку дена откако Google на листата 100 најголеми иноватори во средна и источна Европа стави четири Хрвати: Матеј Копач, Јана Јилек, Валент Турковиќ и Мирослав Вракич.

По изборот, Римац веќе при крајот на јануари, повикан е да зборува на светски реномираниот Stanford University.

Hrvatska-senzacija-Rimac-koautor-najbrzeg-automobila-na-svijetu

Големиот сон стана јаве

Мате Римац уште во 2012 година се најде на листата човек на годината на Forbes, заради глобалниот познат стартап кој го произведе најбрзиот електричен автомобил со импресивни перформанси: брзина до 100 километри на час постигнува за 2,8 секунди, а може да вози со брзина од 300 километри на час.

Кога во 2011 година на Франкфуртскиот саем за автомобили го откри она на што работеше во својата гаража, својот електричен автомобил Concept One, сите ги остави без здив, но многумина не веруваа дека тој може да ја стави Хрватска на листата на производители на автомобили. Но, тој не застана и упорно го развиваше својот стартап.
Минатата година младиот претприемач Римац со неговата фирма успеа да собере 10 милиони евра капитал, до крајот на годинава планира да вработува вкупно 160 луѓе, а најави и дека е во преговори со инвеститори да отвори свој погон за производство на автомобили.

“Ми беше многу тешко додека стигнав до првата инвестиција. Сега сме во ситуација кога можеме да бираме бидејќи инвеститорите не натрупуваат со понуди”, вели 27 годишниот Мате Римац.
Според него, оваа 2015 година почнуваат да ги берат плодовите на сето она што досега го работеле. “Производството на нашиот автомобил веќе тргна и се подготвуваме за поголеми серии, но имаме и големи проекти за други компании, на кои им развиваме автомобили, батерии…Овие business-to-business проекти се навистина многу комплексни, па нашите работници кои се ангажирани на проекти за други компании не можат истовремено да работат и на нашите сопствени проекти. Затоа мораме да се шириме”, објаснува Римац.

Rimac_ev_recordsНеговата визија е до 2020 година да вработува 1.000 луѓе. Тој оптимистично најавува дека инвестициите во неговата фирма од 2014 година до 2016 година
ќе достигнат вкупно 20 милиони евра. Оваа година почна и со масовно вработувања, а веќе истражува каде ќе биде најпогодно да изгради нова фабрика. За ова ширење најверојатно ќе аплицира за бесповратни пари од фондовите на ЕУ, а веќе бара и користи пари од европската програма за иновативни компании Хоризон 2020 за понатамошен развој на батерии.
Годинава Римац очекува приходи од 6 милиони евра, што е огромен раст од приходите од еден милион евра кој ги остварил изминатата 2014 година. Но, тоа изгледа само како загревање, барем според неговите амбициозни планови. До 2017 година, вели Римац, ќе има значителни приходи кои ќе се мерат во десетици милиони евра, а до 2020 година и во стотици милиони евра. Кон тоа е целосно насочен и делува прилично сигурен и самоуверен, сметајќи притоа на заработката од планираните нови модели на суперавтомобили.

“Моментално го произведуваме само Concept One, а следниот hypercar, кој ќе биде во истата ценовна категорија е веќе наголемо во развој. Планираме да го претставиме во 2016 година во Женева на Саемот за автомобили. За новиот автомобил се уште немаме ништо објавено, само можам да кажам дека ќе се произведува во поголема серија, од 15 до 20 автомобили. Потоа планот е следниот модел да го произведуваме во 60 до 80 примероци, а четвртиот модел во околу 300 примероци, со тоа што  цените ќе паѓаат надолу. Но, тоа и понатаму нема да биде автомобил за просечниот купувач. Тоа ќе биде автомобил во класата на Ferrari, а цената ќе се спушта на околу 300 илјада евра по автомобил. Сите три модели на автомобили треба да бидат развиени до 2020 година”, најавува Римац, што практично значи дека ќе има фабрика и ќе ја впише Хрватска на глобалната карта на производители на автомобили.
Но, тие по дефиниција се вистински стартап. Кој сега е под притисок на големиот раст и кој заради тоа мора да гради структури и процеси на зрела компанија.
Римац секако има причини да биде задоволен. Колку е реален останува да се види. Бидејќи во автоиндустријата нема баш многу фирми како неговата, а во последните 30 години во оваа бранша се основаа само три слични фирми: италијанскиот Pagani, шведскиот Koenigsegg и американскиот Tesla.
Што според Римац нe очекува во иднина?
d81f6ca6476d76b29fbe7a8460e88746

 

„Во иднина нема да поседуваме сопствени автомобили, оти овој ресурс во поголем дел од времето е неискористен, а сообраќајната гужва во светските метрополи не дава други опции освен развој на автономни електрични возила кои ќе ги употребуваме по потреба“, тврди Римац.

Тој додава дека денес речиси сите ние имаме автомобил, а малку ги користиме. Тогаш кога возењето автомобил ќе стане автономно, автомобилите ќе станат подобро искористени, оти сите ќе можеме да ја користиме таа технологија, истакнува Римац.

Римац: Сакам со конкуренцијата заедно да растеме, а не да војуваме

„Ние сме секогаш отворени, нашите конкуренти, купувачи и сите останати, можат да поминат низ целата компанија со фотоапарат. Сакаме оваа индустрија да расте и сите заедно да растеме, а не да сме сите едни против други“. Ова го вели Римац прашан што мисли за конкуренцијата.

На иноваторите им недостасува смисла за реализација на проектите

Главен проблем со иновациите е тоа што на иноваторите им недостасува смисла за реализација на проектите, вели Римац.

„Треба се повеќе да се фокусираме на реализација. Додека јас одев на натпревари една жена донесе салата од грашок и за тоа доби награда за иновација. Треба повеќе да се фокусираме на старт- апи, на комерцијализација, значи не на идеи, туку на комерцијализација на производот“, тврди тој.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×