Фабриките од зоните прават двојно поголеми профити од сите други компании
Објавено на од во Економија

34zСтранските компании од зоните vs. сите останати фирми

Странските компании што отворија фабрики во зоните веќе неколку години ја крепат домашната економија а нивното работење значително го подобрува билансот на успех на целиот корпоративен сектор. Анализата на Народната банка на билансите на 30 странски компании покажува дека новите производствени капацитети лоцирани во некоја од зоните, лани ги зголемиле приходите од продажба за дури 25,3%, додека пак сите останати приватни компании инкасирале 5,6% повеќе пари од продажба. Добивката по оданочување што ја искажале странските компании лани е зголемена за 18,3%, додека пак останатите фирми од корпоративниот сектор пријавиле за 9,3% поголем профит. Така, новите производствени капацитети бележат значително повисока профитабилност, со стапки на поврат на средствата и на капиталот и резервите двојно повисоки во однос на останатите компании од корпоративен сектор.

 

Странските компании што отворија фабрики во зоните веќе неколку години ја крепат домашната економија а нивното работење значително го подобрува билансот на успех на целиот корпоративен сектор. Анализата на Народната банка на билансите на 30 странски компании покажува дека новите производствени капацитети лоцирани во некоја од зоните, лани ги зголемиле приходите од продажба за дури 25,3%, додека пак сите останати приватни компании инкасирале 5,6% повеќе пари од продажба. Добивката по оданочување што ја искажале странските компании лани е зголемена за 18,3%, додека пак останатите фирми од корпоративниот сектор пријавиле за 9,3% поголем профит. Така, новите производствени капацитети бележат значително повисока профитабилност, со стапки на поврат на средствата и на капиталот и резервите двојно повисоки во однос на останатите компании од корпоративен сектор.
„Споредбата на показателите за работењето на новите производствени капацитети со показателите на останатите субјекти и на вкупниот корпоративен сектор покажува дека ваквите субјекти бележат подобри остварувања во сите аспекти од работењето. Успешноста во работењето на новите производствени капацитети упатува на ефикасна организација на овие компании, функционалност на избраните деловни модели засновани на технолошки напредно производство и квалитет на управувачките процеси, а кај одредени субјекти значајна предност е и припадноста кон меѓународно активни компании. Имено, станува збор за компании што се насочени кон производство на производи со повисока додадена вредност и се дел од меѓународните синџири на снабдување што го олеснува пристапот на глобалниот пазар и позитивно влијае врз успешноста во работењето“, пишува во најновиот Извештај за финансиската стабилност на Народната банка.
Компаративната анализа на податоците покажува повисока ефикасност на користење на средствата кај странските компании, што се согледува преку повисокиот обрт на залихите и на побарувањата и следствено пократките периоди на врзување на одделните категории на средства во оперативниот процес. Повисоката ефикасност придонесува за одржување на соодветно ниво на ликвидност од страна на новите производствени капацитети за разлика од останатиот корпоративен сектор за којшто, скромните нивоа на ликвидност и потребата од нивно подобрување, се меѓу позначајните предизвици во работењето.
Показателите за задолженоста покажуваат дека новите производствени капацитети работат со исто ниво на задолженост (во однос на капиталот) како и остатокот од корпоративниот сектор, но имаат пониско ниво на долгорочен и на каматоносен долг и значително пониска оптовареност со каматни плаќања. Ваквите разлики во еден дел може да се објаснат со поголемата пристапност на новите производствени капацитети до извори финансирање, како на меѓународните финансиски пазари, така и преку користење меѓукомпаниски заеми, што им овозможува финансирање по поповолни услови во однос на расположливите форми на финансирање во домашната економија, односно на останатиот корпоративен сектор.
Податоци странски и домашниАнализата на структурата на обврските покажува водечко учество на обврските кон поврзани субјекти во вкупните обврски (без капиталот и резервите) на новите производствени капацитети од околу 68% во просек, додека останатите кредити и заеми учествуваат со само 4%. Кај останатите фирми од корпоративниот сектор сликата е различна и најголемо учество имаат обврските врз основа на кредити и заеми, во просек околу 37%, по што следуваат обврските кон добавувачи со 32%, додека обврските кон поврзаните субјекти учествуваат со околу 18%.
Ако се сумираат податоците од последните неколку години, може да се заклучи дека новите производствени капацитети иако се малку по број во споредба со големината на вкупниот корпоративен сектор, сепак имаат се позначајно влијание врз резултатите од работењето и севкупните остварувања на секторот. Така, во 2018 година, новите производствени капацитети зафаќаат 6,7% од вкупните средства на домашниот корпоративен сектор, што е повеќе од двојно зголемување на учеството во споредба со 2014 година. Нивното значење е уште поголемо во однос на вкупните приходи од продажба и остварената нето-добивка по оданочување на корпоративниот сектор, во коишто во 2018 година учествуваат со 12,6% и 12,4%, соодветно. За периодот 2015 – 2018 година, новите производствени капацитети придонесувале со 31,6% во просек за растот на вкупните приходи од продажба на домашниот корпоративен сектор, додека придонесот во растот на вкупните средства за истиот период изнесува 44,4%, во просек. Истовремено, тие придонесле со 11,5% во просек за растот на вкупната нето добивка на корпоративниот сектор.
Во 2018 година, новите производствени капацитети вработуваат 7,1% од просечниот број на вработени во корпоративниот сектор, во споредба со 2,9% во 2014 година, што укажува на сѐ уште умерено, но сѐ поголемо значење на овие субјекти за домашниот пазар на труд.
Мала поврзаност со домашните добавувачи
Еден од главните предизвици за странските компании што отворија фабрики во земјава е слабата поврзаност со домашни добавувачи. Анализите укажуваат на ограничени индиректни ефекти согледани преку поврзаноста на новите производствени капацитети со останатите субјекти од домашниот корпоративен сектор.
Проценките направени врз основа на билансни податоци покажуваат ниско ниво на соработка на новите производствени капацитети со компании од домашната економија преку набавки на стоки и услуги, како и на основни средства. Така, вкупните набавки на новите производствени капацитети од домашни снабдувачи во 2018 година се проценуваат на околу 0,7% од БДП, што претставува 2,9% од вкупните расходи, односно 4% од нивната вкупна актива.
Гледано на агрегирано ниво, значењето на овие набавки за останатите фирми од корпоративниот сектор е многу мало и во 2018 година се проценува дека изнесува 0,4% од нивните приходи, односно 0,3% од нивната актива.
„Овие проценки укажуваат на многу ниско ниво на вклученост на домашните компании во синџирите на снабдување на новите производствени капацитети. Оттука, очекувано е остварувањата на новите производствени капацитети да имаат многу ограничени преносни ефекти врз остварувањата на останатите субјекти од корпоративниот сектор, што упатува на засега ограничени индиректни ефекти од нивното работење врз состојбата и стабилноста на домашниот финансиски сектор“, оценуваат аналитичарите на Наодната банка.
5 милијади евра додадена вредност
По стагнацијата во текот на 2017 година, додадената вредност на домашниот корпоративен сектор во 2018 година изнесува точно 5 милијарди евра и е зголемена за 2,7% на годишно ниво. Таа е всушност и главен двигател на растот на бруто домашниот производ. При зголемена реална активност и умерен раст на цените во економијата, номиналната стапка на раст на додадената вредност на корпоративниот сектор на годишна основа забрза и во 2018 година изнесуваше 6,2%, додека пак во 2017 година беше 3,8.
„Ваквите движења беа остварени во услови на стабилен домашен амбиент и исцрпување на ефектите од политичката неизвесност коишто беа изразени во претходните две години, што позитивно се одрази врз очекувањата на корпоративниот сектор. Високиот прилив на странски директни инвестиции, којшто е највисок во периодот по глобалната криза, и зајакнатата кредитна поддршка на компаниите од страна на банкарскиот сектор, како и растот на расположливиот доход и стабилните очекувања на населението, се фактори што придонесоа за раст на активноста на корпоративниот сектор. И во текот на оваа година значаен извор на растот беше извозната активност, поддржана од активноста на новите производствени капацитети од технолошкоиндустриските зони. Подобрување на остварувањата беше забележано и кај дел од традиционалните извозни сектори, пред сѐ во индустриите од металопреработувачкиот сектор“, пишува во Извештајот за финансиска стабилност за 2018 година.
Анализирано по дејности, најголем придонес за реалниот раст на додадената вредност на корпоративниот сектор во 2018 година имаат дејностите од групата „трговија на големо и мало, транспорт, складирање и угостителство“, што придонесе за натамошно зголемување на учеството на оваа група во вкупната додадена вредност на корпоративниот сектор. Растот на „индустријата“ забрза на годишна основа и со тоа позитивно придонесе кон формирањето на додадената вредност, додека дејностите од групата „информации и комуникации“ забележаа пад, којшто доаѓа по високиот раст остварен во претходната година. Додадената вредност на дејностите од групата „земјоделство, шумарство и рибарство“ и натаму се намалува трета година по ред. Aктивноста во градежниот сектор на годишна основа стагнира, во споредба со претходните две години кога дејноста „градежништво“ имаше негативен придонес кон растот на додадената вредност на корпоративниот сектор.
Закрепнувањето на активноста на корпоративниот сектор позитивно се одрази на домашниот пазар на труд преку отворање нови работни места и забрзан раст на вработеноста во корпоративниот сектор од 4,2% на годишна основа во споредба со 2,9% во 2017 година. Раст беше забележан и кај просечната бруто-плата исплатена во корпоративниот сектор од 7,4% на годишна основа којшто е највисок во последните пет години и во еден дел произлегува од законската одредба за зголемување на минималната плата од септември 2017 година и дополнителниот раст согласно со редовното усогласување на нивото на минималната плата од јули 2018 година. Ваквите движења придонесоа за зајакнување на улогата на корпоративниот сектор за домашниот пазар на труд. Така, заклучно со крајот на 2018 година, корпоративниот сектор вработува 76,5% од вкупниот број на вработени лица во земјата, чиишто просечни бруто-примања достигнаа 89,6% од просечната бруто-плата исплатена во земјата. Од друга страна, повисокиот раст на вработеноста и на просечната бруто-плата во однос на растот на додадената вредност неповолно се одразија врз продуктивноста и конкурентноста на корпоративниот сектор. Додадената вредност по вработен на ниво на корпоративниот сектор забележа пад од 1,1%, во просек, додека трошоците за труд по единица производ во просек се зголемија за 7,3% на годишна основа.
Поизразено влошување на конкурентноста беше забележано кај дејностите од групата „земјоделство, шумарство и рибарство“ и од градежниот сектор, а раст на трошоците по единица производ остварија и дејностите од индустријата. Трошоците за труд по единица производ на корпоративниот сектор имаат тренд на зголемување во последните три години со тоа што растот е најсилен во 2018 година кога и просечната бруто-плата забележа највисок годишен раст.
„Доколку овој тренд на раст на платите продолжи и во следниот период, а притоа не биде проследен со соодветно јакнење на продуктивноста на трудот, може да претставува значаен фактор на ризик за конкурентноста и финансиската способност на корпоративниот сектор. Ова особено се однесува на трудоинтензивните гранки со ниска додадена вредност кај коишто севкупната конкурентност е во значителна мера утврдена од динамиката на трошоците за работна сила. Ваквите движења наметнуваат потреба од зајакнување на капацитетите на домашниот корпоративен сектор за конкурентска и финансиска одржливост и вложувања во зголемување на продуктивноста на трудот преку прифаќање нови технологии, јакнење на вештините и унапредување на човечкиот капитал, како и приспособување на производството кон производи со повисока додадена вредност“, пишува во Извештајот на Народната банка.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×