Фајл: Грција. Тема: Алексис Ципрас. Епилог: Европа пред “експлозија”!?
Објавено на од во Колумни
Победата на СИРИЗА и Алексис Ципрас е доказ за три работи: 
Прво. Стратегиска криза во Еврозоната.
Недостаток на идеи како ќе се излегува од економската криза во земјите од еврозоната. 
Второ, слепо држење на досегашните грчки политички елити до корупција и нејасни бизнис-политички врски со европските полови на моќ, во кој однос има се и сешто, што ја прели чашата кај граѓаните.
Трето, соочување на грчкото општество со сударот на генерациите. Дојде до судир меѓу традиционалните политички касти (дваесетина фамилии) кои неприродно и нелогично беа предодредени да ја водат Грција, со начинот на размислување на младите луѓе во Грција кои едноставно не сакаат да се исселат од својата татковина.
Сега тие ќе го играат сиртакито на големата европска сцена…!?
Со доаѓањето на Ципрас на власт, Грција стави крај на двете политички династии, Неа Демократиа и ПАСОК. 
Четири децении монопол.
“Надежта се враќа” е мотото на Алексис Ципрас, новиот грчки премиер, за корупцијата и олигархијата.
Пораката до Брисел и ЕУ е:
Сега ние наметнуваме преговори. Ако не ви одговара ние си одиме… Има каде!?!

Победата на СИРИЗА во Грција, има две големи поенти:

Прво, грчкиот народ искажа политичка волја енергично да се пресмета со корупцијата во грчкото општетсво кај двете монополски политички елити и олигархиски семејства кои повеќе од 40 години владееја со Грција – Неа Демократија и ПАСОК и ја донесоа земјата до точката до која е денес. Земја чии граѓани живеат во должничко ропство, без приходи, 60% од младите се невработени, а невработеноста вкупна изнесува 28%.

Второ, Алексис Ципрас и неговата СИРИЗА, победија со неочекувана голема разлика што практично значи дека политиката на штедење наметната од европската тројка меѓународни кредитори е практично поразена. Ципрас најмалку што наметна е веројатноста од тешки преговори чии цели и начин ќе ги наметне Грција. Сега таа ќе се закани дека ќе ја напушти Еврозоната, што може да биде лош пример за другите членки на ЕУ од нејзин ранг. Ова не е многу пријатно сознание во кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел.
„Надежта се враќа„ беше слоганот на Алексис Ципрас на штотуку завршените избори во Грција. Ултралевичарот, или како што неговиот кандидат за министер за финансии ќе рече „либертаријанскиот марксист„ стана премиер. Реторички и метафорички, иако суштински не држи, социјализмот доживеа реинкарнација таму каде најмалку се очекуваше. Во таканаречената колевка на демократијата и антиката … Грција.

Но, секако дека не е така, и дека квалификациите за СИРИЗА како ултралева партија не држат до крај ако подлабоко се анализираат нивните стратегиски цели за тоа што сакаат да направат за својата земја, како тоа ќе го направат и кои се нивните ставови за тоа како грчките граѓани треба да излезат од должничкото ропство и од економската криза? Како грчките компании ќе се соочат со недостатокот на пари и колапсот на индустријата?
Дека, победата на Ципрас во Грција, не е само нов почеток за грчкиот народ, туку ќе има и силни последици по Европската унија е повеќе од јасно. Тоа беше јасно уште во моментот кога Ципрас најави дека доколку победи, ќе ги запре преговорите со Тројката- Европската комисија, ММФ и Европската централна банка, и ќе бара нови преговори со Унијата за менаџирање на долгот кој неговата држава го има кон Еврозоната. Тој дури рече дека ќе иницира и европска конференција на која европските лидери ќе треба да разговараат околку новиот начин на враќање на долгот на сите држави од Еврозоната кои се задолжени, а кои исклучуваат било какви преговори со Тројката. За ваквата иницијатива Ципрас веќе доби поддршка од повеќе од земјите кои се задолжени, меѓу кои и Ирска, а медиумите веќе прашуваат дали со победата на Ципрас, доаѓа и крајот на Тројката.

Ципрас ќе става точка на грчката “ноќна мора”!

Историјата сигурно ќе запише дека Алексис Ципрас е првиот европски водач кој на местото премиер е избран поради експлицитното ветување дека ќе ја промени политиката на штедење на ЕУ (најревносна е Германија и канцеларката Ангела Меркел) која е на власт од 2010 година.
Забележливо е дека во моментот на европско тло политиката на Ципрас нема многу симпатии, но на американско тло таа наиде на голема подршка. Угледниот Њујорк Тајмс му даваат суптилна подршка на Алексис Ципрас. Неделава овде предничеа ставовите на нобеловецот Пол Кругман кој со многу знаење и умешност порача дека политиката на СИРИЗА може да биде големиот пресврт во ЕУ.

Тој порачува дека Европа мора на Ципрас да му даде шанса да ја заврши долгогодишната „ноќна мора за Грција„.
Прашањата за дискусија се: Дали левичарите и социјалистите се единствените што можат да ја извлечат земјата од криза? Дали десничарскиот капитализам ја губи силата? Или само банкарите ја изгубиле контролата врз Владата…?!
Грција во 2010 година потпиша договор со ММФ со кој доби заем кој требаше да ја спаси од банкрот!? За возврат на финансискиот план на ММФ, Европската Унија и други меѓународни кредитори, Грција се обврза на аскетизам и болни реформи.

Епилог: падна Владата на Андонис Самарс (влада во која на неприроден начин коалицираа Неа Демократија и ПАСОК, партии кои ја донесоа Грција во оваа точка!!??).
Сосема природно таа влада ја изгуби довербата кај гласачите. 60% од младите во Грција се невработени, а вкупната невработеност е 28%.
Нобеловецот Пол Кругман, во Нујорк Тајмс за договорот меѓу Грција и европската тројка од 2010 година напиша: „Тоа е неверојатен документ во најлоша можна смисла на зборот„ …
Тројката склопена за операции врз Грција, под геслото „практичност и реалистичност„ Грците ги фрли на колена. Тие во последните неколку години скапо ги плаќаа заблудите и на домашните и на европските политички елити. Анализите од денешна перспектива говорат дека во моментот кога Грција го потпиша договорот со ММФ во 2010 година, таа била во длабока рецесија, наспроти проекциите на тој документ дека до 2012 година Грција ќе се опорави. Дури документот предвидувал дека невработеноста до 2012 значително ќе се намали!?

Денес е 2015 година, растот во Грција го нема, многу стотици илјади млади луѓе не можат да најдат работа, а приходите на граѓаните се намалиле многукратно, што директно ја намалува потрошувачката, ја зголемува неликвидноста на компаниите, а многу од нив банкротираа. Таа спирала надолу беше предизвикана директно од мерките за штедење на Тројката.
Кругман се прашува што е тоа што тргна толку надолу во Грција. Често се говори дека Атина не ги исполнила ветувањата, и не ги намали трошоците. Не е точно!!!
Вистината е дека Грција во последните пет години направи страшни резови во јавните служби, укина бројни државни служби, ги укина речиси сите социјални олеснувања, многу субвенции …Но, ништо од тоа не и помогна на Грција. Прашањето е зошто?
Европската Комисија и Европската Централна банка сакаа да веруваат во бајката тврдејки дека уништувањето на работните места и намалувањето на трошоците ќе го потикнат приватниот сектор.
Политиката на Тројката не успеја. Пациентот остана во длабока кома, на инфузија, и на апарати. Во Грција го бараа невозможното…!? Политиката на Брисел и Берлин, како и донекаде на ММФ, не беше реална. Ќе остане забележано дека ММФ нема ниту еден историски пример сличен на Грција, во кој, со намера да се отплатуваат кредити применувајќи политика на штедење, државата поминала без голем долг и инфлација …!? Невозможно.

Зошто Тројката не реагираше во 2012 година на отсуството на резултати од политиката на штедење, а продолжи да ја условува Грција дека за кредити ќе треба да продолжи драстично да ја намува потрошувачката … Тоа е можеби тема за друга, исто така многу длабока анализа, која можеби ќе се отвори сега откако двете монополски партии Неа Демократија и ПАСОК се надвор од власта, а земјата ја држеа во заложништво цели 40 години и ја доведоа на ова ниво, да биде континуирано нето корисник на кредити во спрега со моќни финансиски лобија во Европа и пошироко… Многу релации сега ќе излезат на виделина … И можеби затоа веќе во ЕУ се појавија првите силни и сериозни отпори од страна на врвни политички елити.

ЕУ го изгуби кредибилитетот…!?

Перцепцијата кај независните аналитича-ри и познавачи на состојбите во Грција во ЕУ и во САД е дека сега кога во Атина дојде до радикална промена на лидерството и администрацијата, на европските бирократи во Брисел, а особено во Берлин ќе им биде советувано да ги прескокнат лекциите барајќи од Ципрас одговорност и продолжување на договорените реформи. Факт е дека ЕУ на тлото на Грција го изгуби кредибилитетот, а политиките на Брисел во оваа земја се поразени. Затоа што програмата и терапијата што и беше наметната на Грција практично ја губеше секојдневно својата смисла.
Можеби звуши претенциозно, но сега практично најголемиот проблем во Грција може да биде тоа што СИРИЗА соочена со многу силни политички притисоци од надвор (Брисел и Берлин), може да ја затупи острицата, и да не биде доволно радикална во намерата да го смени „бизнис моделот„ на својата земја, со стратешкиот проект да го напушти штедењето како основно сидро на реформите и враќањето на долгот.

Но, проценките се дека ослободувањето на долгот и намалувањето на штедењето можеби нема да бидат доволни за излегување од кризата!? Во овој дел потполно е нејасно што може грчката Влада да направи освен да го напушти еврото, на што, според анализите, грчките граѓани во моментов не се подготвени.
Нобеловецот Кругман сугерира заклучок дека Ципрас, барајќи ја промената, е многу пореален од европската политичка елита предводена од Ангела Меркел, која всушност бара од Атина агонијата да продолжи. Затоа, “остатокот од Европа мора на Ципрас да му даде шанса да ја заврши ноќната мора на својата држава”, порачува Кругман.
Врвните економски аналитичари порачуваат дека победата на СИРИЗА на изборите во Грција претставува отфрлање на народот на строгите мерки за штедење. И тоа треба да се почитува. Анализите одат во правец на тоа дека граѓаните, особено средната класа во Грција, конечно го изгуби трпението и енергично ја отфрли политиката на строги мерки за штедење. Граѓаните го поразија нејасниот десничар Самарас, а му отворија порта на младиот и храбар левичар Ципрас.
Јасниот заклучок е дека минатото повеќе не може да биде показател за иднината, барем не во случајот на Грција, а можеби ниту во другите делови на Европската Унија, што ќе се потврди во блиската иднина… !?

Прашањето за Грција и за Европа е што ќе се случува сега откако се е завршено и Ципрас стана премиер? Никој во ЕУ и во Грција се уште не прозборел на оваа тема, освен што Ципрас го претстави „командосот„ на местото министер за финансии, школуван на врвните универзитети во САД и енергичен противник на политиката на штедење на Европската Унија.
Можеби главното прашање ќе биде, дали новата Влада во Атина и меѓународните експерти можат да најдат заеднички интерес за договор што ќе ги задоволи и Грците и Еврозоната, посебно Германија. А при тоа, таквиот договор, да не предизвика домино ефект во пошироката зона на еврото, и практично сите земји да го побараат истото решение за своите проблеми…!?
Ваквите решенија најмногу ќе зависат од волјата на Германија, која и понатаму инсистира на мерките на штедење, строга фискална дисциплина, и која практички можеби е и клучниот фактор за политичка дестабилизација на Грција.

Клучна е германската канцеларка Ангела Меркел. Таа полека се соочува со непријатниот факт дека ако во Грција и остатокот од еврозоната не дојде до зголемување на потрошувачката, цела Европа во блиска иднина ќе се соочи со истата дисторзија со која сега се соочува Грција. Оттука, перцепцијата е дека “новиот почеток не и потребен само на Грција, туку на целата еврозона. Време е северот да почне да ги слуша и сериозно да ги земе во предвид пораките кои стигаат од југот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×