Фактура во Македонија се наплатува просечно за 109 дена, во Европа за 34 денa
Објавено на од во Компании

invoice-designsМакедонските компании најдолго чекаат да си го наплатат сработеното

Едно побарување во Македонија се наплатува во просек за 109 дена, а просечното време на наплата на фактурите лани е скратено за шест дена во споредба со годината претходно, покажува Извештајот за финансиска стабилност за 2017 година што го објави Народната банка. По одделни сектори, најкратки рокови за наплата има во дејностите трговија, транспорт, складирање и угостителство каде компаниите наплатуваат просечно за 83 дена, во индустријата рокот е исто колку и просекот во земјата, 109 дена, 112 дена се чека за наплата во секторот информации и комуникации, 123 дена во секторот земјоделство, и дури 254 дена во градежништвото. Во јавниот сектор, пак, наплатата доаѓа по 200 дена. Во споредба со европските просеци, Македонија е земја каде што компаниите убедливо најдолго чекаат да ги наплатат побарувањата и од приватниот и од јавниот сектор.

 

Едно побарување во Македонија се наплатува во просек за 109 дена, покажува Извештајот за финансиска стабилност за 2017 година што го објави Народната банка. Пресметките на аналитичарите на Народната банка врз основна на податоци од Централниот регистар покажуваат дека просечното време на наплата на фактурите лани е скратено за шест дена во споредба со годината претходно.

По одделни сектори, најкратки рокови за наплата има во дејностите трговија, транспорт, складирање и угостителство каде компаниите наплатуваат просечно за 83 дена, во индустријата рокот е исто колку и просекот во земјата, 109 дена, 112 дена се чека за наплата во секторот информации и комуникации, 123 дена во секторот земјоделство, и дури 254 дена во градежништвото.

Според големината на компаниите, големите фирми наплатуваат најбрзо и тоа за три месеци, средните компании во просек за 101 ден, малите за 121 дена, додека пак ситуацијата е најлоша со кај микро фирмите кои чекаат во просек по 365 дена односно една година за наплата на побарувањата.

Компаниите што работеле со добивка очекувано наплатувале побрзо отколку загубарите. Првите во просек за 102 дена, а другите за 191 ден.

„Наплатата на побарувањата во Македонија не се подобрува значително и роковите за наплата се уште се долги, надминуваат и 90 дена. Има компании што плаќаат редовно во рок од 30 дена, но многу поголем дел од фирмите, и најчесто поголемите, не ги почитуваат договорените рокови. Она што најмногу ме изненадува е што тие компании имаат пари, не се во некои финансиски проблеми, но намерно не плаќаат навреме. Со тоа спречуваат и други компании да плаќаат навреме и проблемот станува голем. Финансиската дисциплина е многу битна, и ние како компанија се трудиме да ги почитуваме сите договорени рокови и обврските да ги плаќаме навреме“, вели Горан Антевски, генерален директор на компанијата Раде Кончар ТЕП.

Од Стопанската комора на Македонија исто така велат дека состојбата со наплатата на побарувањата е проблематична, а нивната последна анкета од минатата година, покажа дека дури 40% од анкетираните бизнисмени одговориле дека плаќањата се вршат подоцна од договорените рокови и најчесто надминуваат 90 дена.

08ta„Ова особено е потенцирано дека се однесува кога компаниите даваат услуги на јавниот сектор и оваа наплата е со продолжени рокови кои, иако се договорни на 30, 60 или 90 дена, повторно не се почитуваат. Како резултат на ваквите состојби, од страна на бизнис – заедницата e посочено непочитување на одредбите од Законот за финансиска дисциплина, кој системски треба да ги регулира меѓусебните плаќања и исполнувањето на меѓусебните договори. Воедно, се јавуваат и случаи кога компаниите се принудени да земаат нови кредити за да ги намируваат своите потреби и обврски во работењето, бидејќи навремено не успеваат да ги наплатат побарувањата за услуги кои веќе ги реализирале кон клиентите со кои соработувале. На овој начин компаниите генерираат дополнителни трошоци и загуби, со што значително се нарушува нивната тековна ликвидност“, изјавија неодамна од Стопанската комора.

 

Ликвидноста под границите

Показателите кои што покажуваат каква е ликвидноста во бизнис секторот покажуваат дека македонските фирми немаат доволно пари за нормално работење.

Коефициентот за тековна ликвидност кој што го изразува соодносот меѓу тековните средства и обврски, би требало да изнесува 2 (граница која според економистите гарантира дека тековните обврски ќе бидат платени навреме), според податоците од Извештајот за финансиската стабилност за 2017 година, изнесува 1,31 и е благо зголемен во споредба со годината претходно, за 0,04 процентни поени. По одделни сектори, овој показател е највисок во трговија, транспорт, складирање и угостителство каде што изнесува 1,45, во индустријата е 1,34, во информации и комуникации како и во градежништвото по 1,25, додека пак најнизок е во секторот земјоделство, шумарство и рибарство каде што изнесува 0,64.

По големина на компаниите, кај големите компании тековната ликвидност изнесува 1,25, кај средните е највисока и достигнува 1,6, кај малите фирми е 1,36, додека кај микро компаниите е најниска и изнесува само 0,9.

Логично, кај компаниите што лани оствариле добивка, тековната ликвидност е повисока и достигнува 1,5, додека пак кај загубарите е 0,7.

„Претпријатијата коишто прикажуваат добивка од работењето имаат речиси двојно повисока ликвидност во споредба со претпријатијата коишто работат со загуба. Ова се потврдува и преку негативниот нето работен капитал на компаниите загубари. По одделни дејности, највисоки показатели за ликвидноста се забележуваат кај дејноста „трговија, транспорт, складирање и угостителство“, кај која е концентриран половина од вкупниот нето работен капитал во корпоративниот сектор“, оценуваат аналитичарите на Народната банка.

Коефициентот на моментална ликвидност, пак, кој што треба да биде 1, минатата година е измерено дека изнесува 0,91. Висината на овие коефициенти јасно покажува дека најголемиот проблем на македонскиот корпоративен сектор е одржување задоволителна ликвидносна позиција, што се потврдува и со ниското ниво на показателот за паричната ликвидност.
09tВо Европа се плаќа за 34 дена

Роковите за наплата на побарувањата се скратуваат и во Европа. Најновиот Извештај за наплата Интрум, покажа скромен, но сепак евидентен тренд во споредба со 2016 година, при што анкетираните европски компании се соочуваат со помалку проблеми со задоцнети плаќања отколку пред неколку години. Сепак, задоцнетите плаќања или неплаќањата остануваат проблем за многу европски бизниси, особено малите и средните претпријатија.

Во Европскиот извештај за наплата од 2018 година, вкупно 9.670 анкетирани претпријатија објавија дека 1,69% од годишниот приход мора да го отпишат поради неплаќање во изминатите 12 месеци, што претставува намалување во споредба со 2,14% во 2017 година, па дури и значително подобро отколку проценетите 2,44% во 2016 година.

Во повеќето земји, времето на наплата се намалува и полека се движи кон посакуваните 30 дена утврдени со локалните регулативи и директивата што ги опфаќа сите нации во Европската унија. Во корпоративните трансакции, просечното време за наплата изнесува 34 дена, што е намалување за три дена во споредба со Извештајот од 2017 година.

 

Јавните пари се чекаат подолго

Трансакциите со јавниот сектор во европските земји и понатаму траат подолго, 40 дена во просек, и покрај тоа што директивата за плаќање за 30 дена всушност, е задолжителна и за нив.

Во Македонија фирмите чекаат просечно по 6 месеци и 21 ден, односно околу 200 дена просечно за да ги добијат парите за завршената работа од јавни набавки, покажа анкетата помеѓу 210 фирми за нивното искуство со тендерите, спроведена во периодот февруари – март годинава од старана на Центарот за граѓански комуникации.

Споредено со лани, рокот за наплата е зголемен за 20 дена, додека пак пред две години просекот изнесувал 8 месеци.

Подетално, 39% од фирмите велат дека чекаат меѓу 3 и 6 месеци за наплата на побарувањата, 21% чекаат од 6 до 9 месеци, а 20% чекаат по 1 до 3 месеци. 11% чекаат од 9 до 12 месеци, 7% меѓу 1 и 2 години, а 2% изјавиле дека на наплата на побарувањата чекаат и по повеќе од 2 години.

 

Се доцни поради финансиски проблеми

Поголемиот дел од европските компании анкетирани од Интрум одговориле дека финансиската состојба односно финансиски тешкотии кај нивните должници била главна причина за задоцнети плаќања.

Дури 62% од анкетираните европски компании го пријавуваат ова како една од главните причини за задоцнето плаќање. Речиси половина од нив, или 48% посочиле на намерни задоцнети плаќања и 45% пријавиле административни неефикасности од страна на клиентите како уште една од главните причини. Секоја петта фирма посочува на спорови во врска со стоки и услуги што се испорачуваат како еден од главните причини за задоцнети плаќања.

Според тоа, евидентно е дека задоцнетите плаќања се предизвикани од неефикасност и негативни надворешни околности, како и од злонамерни и намерни бизнис практики.

Во извештајот оваа година, исто така, се гледа дека бизнисите низ цела Европа стануваат малку пооптимистички за нивната идна способност да остварат профитабилен раст во нивното работење. Но, и покрај тоа, 28% од анкетираните испитаници искусиле доцнење или се соочиле со отпис на побарувања и тоа го истакнуваат како пречка за растот, а 21% велат дека не можат да ангажираат нов персонал, бидејќи нивните клиенти не успеваат да платат навреме.

Најголемиот дел од европските бизниси се мали и средни (мали и средни претпријатија) и како таква, целокупната деловна заедница на Европа е подложна на неправилна примена на постојната директива, која беше имплементирана за да ги заштити компаниите. Речиси 6 од 10 од анкетираните компании велат дека од нив се бара да прифатат подолги услови за плаќање отколку што можат да управуваат во нивните секојдневни активности, а повеќе од половина (56%) исто така признаваат дека ги прифатиле овие барања. Со други зборови, нерамнотежата меѓу големите корпорации и малите бизнисите останува.

Јасно е дека европската директива што веќе е имплементирана за справување со задоцнетите плаќања, не е доволна за да се справи со несоодветното однесување кон малите и средните фирми. Сите земји – членки требаше да ја спроведат оваа директива во локалните регулативи до сега, но се чини дека ова имаше многу мал ефект досега. Само 58% од анкетираните компании се свесни за локалните закони кои се во сила за да ги заштитат од задоцнети плаќања. Свеста за Европската директива е значително помала, со само 28%.

Европската директива за рокови и обврски во плаќањата (2011/7/ЕУ) е средство на Европската унија за борба против доцнењето во плаќањето на комерцијалните трансакции, која европските земји беа задолжени да ја воведат во националните законодавства најдоцна до март 2013 година. Главната цел беше да се заштитат малите и средните фирми кои не можат сами да се изборат за правото на навремена наплата, заради што беа доведени во опасност да банкротираат.

„Законодавството е важно, но јасно е дека промената во односот и однесувањето, исто така, мора да произлегува од подготвеноста да се направи вистинската работа и да престанат да ги користат предностите на добавувачите кои се зависни од нивните поголеми клиенти“, вели Микаел Ериксон, извршниот директор и претседател на Интрум.

Па така, во европските земји во последно време се формираат неколку доброволни иницијативи – во Франција, Белгија и Холандија. Во Холандија, “Betaalme.nu” привлече 50 од најголемите корпорации доброволно да го променат својот став и да им платат на своите доверители во рок од 30 дена или помалку. Резултатот е околу 2 милијарди евра ослободена ликвидност, итно потребна во холандската деловна заедница.

Во Обединетото Кралство, Prompt Payment Code, со повеќе од 2.000 потписници, којшто се надополнува и со барања за известувања од големите корпорации.

Исто така, на малите и средните претпријатија им се овозможува пристап до битни информации за тоа како да се однесуваат ако клиентот не плаќа во разумни услови.

Се чини дека доброволните платежни практики имаат позитивно влијание во бизнис заедницата. Во Франција, потписниците на француската верзија за брзо плаќање сметаат дека покажува подобро однесување на бизнисот, вклучувајќи ги и платежните практики, од оние кои не се потписници.

Плаќање во рок од 30 дена. Ова е она што директивата и локалните прописи предвидуваат. Треба, на крајот, да биде пракса меѓу бизнисите низ цела Европа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×