Фалат бравари, ѕидари, стругари…сè од техничките струки
Објавено на од во луѓе и компании

Firmi 886 WEBПреку 227.000 невработени, а фабриките не можат да најдат потребен кадар

Невработени во Агенцијата за вработување има колку ти душа сака, но нема квалификувани работници, велат од бизнис секторот. Се жалат дека образованието не создава кадри спремни за работа, а од друга страна само 40%  од фирмите анкетирани од Стопанската комора оствариле соработка со средни училишта за да примат на пракса ученици. Згора на сè, домашните компании се жалат и дека странските инвеститори ослободени од придонеси нудат повисоки плати и им ги земаат вработените.

 

За потребите на текстов ќе ја именуваме Наташа. Иако се вика поинаку, но нè замоли да ја сочуваме нејзината анонимност, и покрај тоа што не ѝ го споменуваме презимето. Нејзините изјави не беа во негативен контекст за работодавецот, како што би било вообичаено за овој бизнис сектор до пред некое време… но, како што вели, таа сепак е само обична работничка  во една конфекција на истокот од Македонија, како илјадници слични на неа.

“До пред неколку години во текстилната индустрија платите беа навистина мизерни, не дека и денес нема луѓе што работат за 7- 8.000 денари и повеќе од 10 часа на ден, но тоа се сега поретки случаи. Зголемената конкуренција предизвикана и со доаѓањето на странските инвестиции, како и одливот на млади луѓе од Македонија ги натераа работодавците да ги покачат платите и генерално да ги подобрат условите за работа. Сега сè потешко се наоѓаат работници “, вели Наташа. За себе вели дека стигнува и до 20.000 денари плата месечно, затоа што има поголемо искуство и веќе ѝ доверуваат поодговорни задачи во конфекцијата. “Пониска плата од 12.000 речиси и да нема во конфекцијата кај што работам јас“, вели таа.

Порастот на платите во текстилниот сектор го потврдува и официјалната статистика: во делот производство на облека се забележува пораст на просечната нето плата во период од пет години, за 20%, односно од 10.332 денари за периодот јануари – јули 2011 на 12.412 денари за истиот период годинава.
Во делот пак на производство на текстилни ткаенини,  просечната нето плата во јули годинава била 15.320 денари, што е за 59% повеќе во однос од пред пет години, кога изнесувала 9.581 денар. И двете дејности статистиката ги анализира во рамки на  преработувачката  индустрија, но во производство на текстил има далеку помал број на вработени (околу 5.000 наспроти 30.000 во производството на облека, според последните расположливи податоци на државната статистика, за крајот на 2014 година), иако нивниот број во 2014 пораснал за дури 80% во однос на 2013. Истовремено, бројот на вработени во производството на облека останал речиси ист во истиот период. Во Заводот за статистика не сакаа да откријат на што конкретно се должи високиот пораст на вработувањата во производството на текстил, односно кои компании вработиле 2.500 луѓе за една година.  Според наши сознанија, дејноста производство на текстил  опфаќа неколку странски инвестиции отворени последниве години во Македонија, кои што понудија и повисоки плати со цел да ги привлечат работниците од оваа индустрија, традиционално позната по својата трудоинтензивност и ниските плати.

Firmi Brojki 866“Странските инвеститори се нелојална конкуренција!“

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, кој што и самиот доаѓа од текстилната индустрија (сопственик на конфекцијата Мода од Свети Николе, н.з.) неодамна изјави дека фабриките отворени од странските инвеститори во слободните економски и технолошки зони се нелојална конкуренција за домашните производители.

“Вработени што работеле кај нас и по 20-тина години, во кои што сме вложиле многу, преку ноќ ни ги земаат странците за повисока плата. Тие може да понудат повеќе бидејќи се субвенционирани, не плаќаат придонеси и сл., а разликата помеѓу бруто и нето плата сите ја знаеме. Ние не можеме тоа да го спречиме, се разбира, уставно право на секој е да работи кај што ќе му понудат подобри услови, но ако странците користат привилегии, тогаш би требало да вработуваат луѓе пријавени во Агенцијата за вработување како невработени, да вложат во нивната едукација, а не нам да ни ги земаат искусните работници.“, рече Димитров на прес конференцијата за состојбите во текстилната индустрија одржана во Стопанската комора на Македонија пред неколку денови.

Тој истакна дека со овој проблем се соочуваат сите индустриски гранки, не само текстилната  и побара да се изедначат условите за вработување.

“Државниот проект ‘ Македонија вработува’ на пример, пропишува дека за да компанија вработи младо лице до 35 години возраст и три години да не плаќа придонеси, условот е кандидатот да е најмалку 3 месеци невработен, а новиот работодавец да не намали број на вработени. За да вработи пак, лице на возраст од 35 – 50 години, треба во изминатите 15 години, 10 години да има статус невработен. Зошто овие услови да важат за домашните, а не и за странските компании? “, прашува Димитров. 

Програмерите “најжешка роба“

Проблемот на недостиг на квалификувани работници го истакнаа и од Агенцијата за вработување, од каде што директорот Влатко Поповски вели дека сите инвеститори, и странски и домашни, бараат најмногу технички кадри.

“Најмногу интерес постои за машински инженери, електроинженери, програмери, информатичари, инженери на софтвер, градежни инженери, графички дизајнери, економисти, сметководители, правници,  машински техничари, градежни техничари, компјутерски техничари, текстилни техничари, но исто така на пазарот на трудот се бараат и градежни работници, кранисти, монтер на градежни елементи, армирачи, автомеханичари,  заварувачи, ѕидари, текстилни работници (шивачи, кројачи), чевлари, келнери, готвачи, пекари,  бравари, столари, електроинсталатери и електромонтери на станбени и индустриски објекти,работници  за едноставни работи на производствена линија  и др. “, изјави Поповски.

Конкретно програмерите, се веројатно профилите што најмногу профитираат од побарувачката за нивната експертиза на светско ниво, па и во Македонија, ИТ компаниите даваат високи плати за овие кадри. Според  Државниот завод за статистика, за пет години просечната нето плата во дејноста Компјутерско програмирање пораснала за 70%, на 48.264 денари, колку што изнесувала во јули годинава. Тоа е и највисоката исплатена просечна нето плата во Македонија, за околу 1.000 денари повисока од онаа во дејноста Воздухопловен транспорт со 47.020 ден.  Следат Производство на фармацевтски производи со 42.020 ден., Телекомуникации со 41.491 ден., Финансиско – услужни дејности (освен осигурување) со 40.293 денари, итн. Од софтверските фирми велат дека платите на искусен програмер, особено е ако е лидер на проект за странски или домашен клиент,  знаат да стигнат и  до 2 – 2.500 евра.

Од АВРМ велат дека со цел да се зголеми вработливоста на невработените лица  преку стекнување на знаења и вештини за занимања кои се побарувани на пазарот на трудот, тие спроведуваат бројни обуки, меѓу кои и обуката  за задоволување на побарувани занимања на пазарот на трудот.

“Обуката  се реализира во период од четири  месеци кај верификуван спроведувач на обука, при што еден месец се изведува во реални услови кај работодавач. Програмата за обука ја спроведуваат верификувани  спроведувачи на обуки и средни стручни училишта, кои добиваат максимум 30.000,00 денари паричен надомест по обучено лице. Во изминатиот период на реализација на оваа мерка,  во обуките земале учество 1.437 невработени лица, а од нив речиси 39% се вработени. Исто така  би ја споменал и  обуката кај познат работодавач која има за цел невработените лица да се стекнат со знаења и вештини за извршување на работни задачи кои ги бара работодавачот. Обуката кај познат работодавач се спроведува во работните простории на  работодавачот, а невработените лица кои се вклучени во обуката се стекнуваат со знаења и вештини за извршување на работни задачи кои се бараат за конкретно работно место. Обуката е во траење од три месеци и за времетраење на истата  невработеното лице добива месечен паричен надомест во износ од 6.200,00 денари (со вклучен персонален данок на доход  и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување), додека работодавачот  добива паушален износ за менторство и материјални трошоци во износ од  1.339,00 денари по обучувано лице. По завршување на обуката работодавачот е должен да вработи најмалку 50% од невработените лица кои учествувале во обуката. Во изминатиот период од реализација на мерката, во обуката биле вклучени   8600 лица, кај речиси 2000 работодавачи. Од невработените лица кои земале учество во обуката, речиси 73% се вработени.  Најголем број обуки биле спроведени кај работодавачи од преработувачка индустрија, од дејноста информации и комуникации, други услужни дејности и др.“, вели Поповски, директорот на АВРМ.

Firmi 886  izjavi 01
“Фирмите научија што се човечки ресурси“

Дарко Велков, сопственик на агенцијата за посредување при вработување “Vrabotvanje.com“ вели дека пазарот си го прави своето, и нормално е дефицитарните струки да добиваат поголеми плати и останати привилегии со цел да бидат задржани кај постојниот работодавец.

“Она што радува како тренд е што компаниите сè повеќе го сфаќаат значењето на менаџментот со човечки ресурси и веќе речиси секоја компанија штом стигне до 50-тина вработени, формира посебен оддел за оваа намена. Работодавците сфаќаат дека изјавата од типот ‘вработените се нашиот највреден капитал’ не е само обична флоскула и вложуваат сè повеќе во зголемување на нивните компетенции и знаење. Исто така сфаќаат дека висината на платата не е најбитниот фактор за задржување на квалитетните кадри, туку и создавањето атмосфера каде што се цени нивниот придонес за растот на компанијата, како и вложувањето во  развој на нивниот индивидуален капацитет“, вели Велков.

Според него, дефицитот со кадри не е толку изразен во делот на инженерските кадри, кои што “засега ги има доволно, туку поголем проблем се работните позиции со пониски квалификации“.

“На фабриките не им требаат толку многу инженери, колку што им требаат општи работници. Странските инвеститори доаѓаат со најави дека ќе вработуваат и по неколку илјади луѓе, а тоа се претежно ниско квалификувани или работници со средно образование. Точно е дека платите што ги даваат компаниите за овие позиции се прилично ниски, но луѓето мора да сфатат дека за да стигнат до позиција на супервизор во производство и сл., и да имаат повисока плата, мора да почнат од некаде, да се вложуваат максимално за да напредуваат“, вели Велков.


Firmi 886 01Фирмите ни се тераат, ни се водат
Сакаат квалитетни кадри да излегуваат од школите, а не ги примаат на пракса

Само 9% од компаниите вработиле до шест ученици кои биле кај нив на практична работа, покажува анкетата на Стопанска комора на тема „Соработка меѓу јавниот и приватниот сектор со цел креирање јавно – приватни партнерства за обезбедување висококвалитетно стручно образование и обука“.

Истата анкета покажува дека само 40% од компаниите оствариле соработка со средните стручни училишта и го прифаќаат дуалниот систем на образование кој предвидува учење преку работа, односно практична работа за средношколците.

„Кај компаниите постои првичен интерес да се вклучат во процесот на дуално образование, но многу од нив не се упатени што тоа всушност претставува. Тие трошат пари за дообука на нестручен кадар, наместо да го обучат уште додека е во образовниот процес “, вели Софче Јовановска, советник во Стопанската комора која презентираше дел од анкетата.
Дуалното образование, вели таа, директно придонесува за поголема конкурентност на претпријатијата и за намалување на невработеноста, како и за одливот на стручниот кадар.
„Помалку од десет отсто е невработеноста во земјите кои го негуваат системот на дуално образование, а 70 отсто од најдобрите менаџери во светот минале токму ваков циклус на школство – паралелно учење теорија и стекнување пракса во соодветна компанија“,  посочи Јовановска.

Спротивно на ова кај нас се уште се стравува дека ако средношколците работат додека учат, ќе завршат како чираци, наместо како академски граѓани.


Цела Европа има дефицит на квалификувана работна сила
Емиграцијата ја намалува конкурентноста на економиите во развој

Во периодот од 1990 до 2012 година над 20 милиони луѓе емигрирале земјите на Источна, Централна и Југоисточна Европа. Најголем дел од нив биле млади и високо едуцирани и обучени луѓе кои заминале во западноевропските земји членки на ЕУ барајќи подобра работа, покажува извештајот на ММФ кој ги анализира сите економски ефекти кои емиграцијата ги предизвикува. Најголеми губитници се земјите кои ја губат најдобро обучената и едуцирана работна сила, која, пак, придонесува за зголемување на економскиот раст и приходите во земјите на Западна Европа, кои што исто така имаат недостиг на работна сила заради негативните демографски трендови кај нив.
Емиграцијата исто така ја намалува и конкурентноста на економијата.  Прво, намалувањето на работната сила создава притисок за зголемување на домашните плати, бидејќи олеснетите услови за работа во странство ја зголемуваат моќта за преговарање на оние работници кои остануваат. Во исто време, замената на обучените работници кои се отселиле оди многу бавно и создава поголеми трошоци за економијата, што ја намалува нејзината конкурентност. Анализите на ММФ покажуваат дека продуктивноста во регионот на Источна, Централна и Југоисточна би била шест процентни поени повисока од онаа во периодот од 1995 до 2012 година, ако не била емиграцијата. Овие ефекти се многу поизразени во Југоисточна Европа.
Исто така, да не била емиграцијата економскиот раст на земјите од овие региони бил за седум процентни поени повисок во истиот период.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×