Одбивањето на било каква можност за корекција или надградба на Буџетот е јасен показател за затвореност и исклучување, кои го ослабнуваат парламентарниот дијалог. Овој пристап на исклучување на опозицијата од процесот значи и исклучување на граѓаните чии интереси тие ги застапуваат, оставајќи го Буџетот како едностран политички документ, лишен од баланс и консензус. Консензусот како темел на инклузивноста ја наметнува обврската за политичка зрелост и визионерство, особено во клучните процеси како што е креирањето на Буџетот.
Националната развојна стратегија (НРС), која претставува симбол на единство и долгорочна визија, ја нагласи оваа вредност преку својот инклузивен процес на изработка, обединувајќи ги сите релевантни сектори – државата, академијата, бизнис заедницата и граѓанското општество.
За жал, токму оваа Влада, која е задолжена за спроведување на НРС, не покажува разбирање за суштината и значењето на овој документ. Буџетот за 2025 година, кој е основниот инструмент за реализација на оваа стратегија, воопшто не ги адресира поставените национални приоритети од НРС. Ова го потврдува и Фискалниот совет, кој укажува дека „во услови на усвоена 20-годишна Национална развојна стратегија, за очекување е дека во Буџетот треба да биде направено поврзување со истата, односно кои програми и ставки водат кон нејзината реализација и исполнување“.
Во ера на глобални предизвици, економијата на секоја држава не зависи само од бројките напишани во Буџетот. Таа зависи од начинот на кој и од кој (кои) тие бројки се креирани, распределени и разбрани.
За да ја препознаеме суштината на економскиот стремеж на општеството за планирање, управување и контрола на финансиските ресурси, треба да направиме пресек на вредностите врз основа на кои е направена распределба на приходите и расходите. И токму тука лежи неговиот најголем проблем – отсуство на инклузивност.
Но, зошто е толку важно да зборуваме за инклузивноста и кога расправаме за економските теми?
Инклузивноста не е некаква академска теорија или декоративен термин што убаво звучи во јавните настапи. Таа е суштински принцип што ја разликува политиката за луѓето од политиката за привилегираните.
Добитниците на Нобеловата награда за економија за 2024 година (Дарон Аџемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон) ни укажаа дека само општества со инклузивни институции – каде што гласовите на сите чинители се земаат во предвид – успеваат да изградат долгорочна економска стабилност, раст и развој.
Инклузивноста е вредност со универзална претензија. Затоа инклузивноста дава комоција низ нејзина призма да погледнеме и на условно речено „чисти“ економски категории.
Оттука, кога сме кај дефицитот, кој е проектиран на 4% од БДП за наредната година, укажува на отсуство на одговорност да се почитува законската норма истиот да се држи на ниво до 3%. Но, проблемот не се исцрпува само со овој волунтаризам.
Над Буџетот демнат и доспеаните, но не подмирени обврски на јавните претпријатија и институции, кои се очекува до крајот на годинава да достигнат една милијарда евра. Се соочуваме со реален дефицит кој е далеку над оној кој е проектиран од министерството за финансии, односно изнесува 9,8% од вредноста на БДП. Прекршувајќи ги фискалните правила и прикривајќи ја вистинската состојба на јавните финансии, имаме буџетски дебаланс кој го исклучува интересот на идните генерации. Инклузивноста од овој аспект значи одговорно трошење денес за да се обезбеди одржлива иднина за сите.
Добивме Буџет кој го игнорира овој принцип ставајќи го товарот на оние кои немаат можност да се изјаснат денес.
Ситуацијата се пресликува и со јавниот долг, создавање економски баласт за кој не се води системска грижа како да се ослободиме. Според официјалните проекции јавниот долг ќе достигне 62,7% од БДП, но независните експерти проценуваат дека оваа бројка ќе се зголеми до 70,8%, ако се земат предвид и неподмирените обврски.
Имаме економски и социјален товар кој е создаден на селективен начин. Владата дискреционо одлучува каде ќе насочува средства, не воздржувајќи се и за подмирување на непродуктивни и луксузни трошоци. Инклузивноста бара приоритет да имаат проекти што ќе го зајакнат општеството како целина (образование, здравство, иновативни потенцијали). А не само одредени елити или групи.
Соочувањето со растечкиот јавен долг е директно поврзано со способноста на државата да управува одговорно со своите финансии, но и да покаже грижа за оние кои ја одржуваат во функција.
Во таа насока, одбивањето на амандманот за зголемување на платите во јавниот сектор за 3,5 милијарди денари дополнително го истакнува недостатокот на инклузивност и одговорност во управувањето. Оваа одлука претставува кршење на Општиот колективен договор – историско постигнување со синдикатите што е симбол на социјалната правда и почит кон трудот. Почитувањето на колективниот договор е начин да се покаже дека за сите, без исклучок, има место во визијата за праведна и инклузивна држава.
Односот кон Фискалниот совет дополнително го зацврстува наративот за отсуство на инклузивност во Буџетот за 2025 година. Ова тело кое беше замислено да игра клучна улога во одржувањето на фискалната стабилност и рационалното управување со јавните финансии, беше третирано како пречка што треба да се заобиколи.
Наместо да му се овозможи да го достави своето мислење на време, што е и законски определено, Владата го маргинализираше и отстрани од процесот, ставајќи го пред свршен чин. Кога неговите препораки се игнорираат во целост, тоа испраќа јасна порака дека професионализмот и експертизата се секундарни наспроти политичките интереси. Овде не станува збор за административна грешка, овде зборуваме за симптом на подлабок проблем: игнорирањето на институциите што постојат за да обезбедат објективност и експертиза.
Во процесот на креирање на Буџетот, инклузивноста не подразбира само вклучување на граѓаните, синдикатите и експертите, туку и одржување на отворен дијалог меѓу политичките актери.
Отфрлањето на сите амандмани предложени од опозицијата за Буџетот за 2025 година претставува политичка ароганција, која ја нарушува суштината на парламентарната демократија. Со ваков чин, владејачкото мнозинство покажува дека не ја гледа опозицијата како легитимен партнер во креирањето на јавните политики. Со тоа се губи суштинската компонента на инклузивноста.
Одбивањето на било каква можност за корекција или надградба на Буџетот е јасен показател за затвореност и исклучување, кои го ослабнуваат парламентарниот дијалог. Овој пристап на исклучување на опозицијата од процесот значи и исклучување на граѓаните чии интереси тие ги застапуваат, оставајќи го Буџетот како едностран политички документ, лишен од баланс и консензус. Консензусот како темел на инклузивноста ја наметнува обврската за политичка зрелост и визионерство, особено во клучните процеси како што е креирањето на Буџетот.
Националната развојна стратегија (НРС), која претставува симбол на единство и долгорочна визија, ја нагласи оваа вредност преку својот инклузивен процес на изработка, обединувајќи ги сите релевантни сектори – државата, академијата, бизнис заедницата и граѓанското општество. Овој модел на четиристран хеликс стана пример за тоа како консензусот и инклузивноста можат да водат до дефинирање на заеднички приоритети кои гарантираат стабилност и напредок.
Но, за жал, токму оваа Влада, која е задолжена за спроведување на НРС, не покажува разбирање за суштината и значењето на овој документ. Буџетот за 2025 година, кој е основниот инструмент за реализација на оваа стратегија, воопшто не ги адресира поставените национални приоритети од НРС. Ова го потврдува и Фискалниот совет, кој укажува дека „во услови на усвоена 20-годишна Национална развојна стратегија, за очекување е дека во Буџетот треба да биде направено поврзување со истата, односно кои програми и ставки водат кон нејзината реализација и исполнување“. Но Владата одлучува и оваа сугестија да ја отфрли, продолжувајќи со краткорочни и несистемски буџетски решенија кои ја игнорираат националната визија.
Свесно или не, се пропушти можноста Буџетот да се трансформира во инструмент за долгорочен и одржлив развој. Штетата е јасна – поткопување на институционалната подготвеност за спроведување на стратешки реформи. Без јасна врска меѓу НРС и буџетските програми, секоја ветена суштинска и системска промена на подобро останува само декларативна. Ускратена е можноста на граѓаните за просперитет споделен од сите.
За да ја изградиме Македонија како стабилна, праведна и просперитетна држава, мораме да го прифатиме принципот на инклузивност како централна вредност во сите јавни политики. Прифаќањето на различностите и нивното интегрирање во процесите на одлучување не е слабост, тоа е наша најголема сила.
Буџетот за 2025 година требаше да биде одраз на таа инклузивност, документ што ги обединува сите граѓани под заедничка визија за подобра и споделена иднина.




















