Фељтон за етничките заедници (2): Власи – oд памтивекa посветени на работата, моќни и богати…
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Магазинот “Капитал” започнува фељтон кој преку длабоко и коренито истражување на историјата ќе се обиде да придонесе за подобро разбирање на актуелните состојби во државата и секако преку тоа барем минимално да влијае на подобра заедничка иднина на сите кои живеат во земјава. Конкретно, иако Македонија од секогаш се промовирала како космополитска земја и територија, секогаш владеела сериозна недоверба помеѓу различните етнички групи. Една од главните причини за ваквата недоверба отсекогаш била недоволното знаење на мнозинството население за историјата, традициите, навиките и сфаќањата на другите етнички заедници.
“Капитал” како многу пати досега визионерски сака да се издигне над општото колективно сивило и на нашите читатели од различни етнички заедници да им помогне во проучувањето, спознавањето и најважно од се, разбирањето на нивните соседи со кои заеднички живеат со векови. Сметаме дека со ваквиот пристап не само што ќе придонесеме за поголема читаност на нашиот магазин, туку и ќе поттикнеме сериозна расправа во јавноста околу еден од клучните проблеми на меѓуетничките односи во Македонија, а тоа е фактот „колку ние навистина не се познаваме еден со друг“
 6789737648_9795eb6abf_bВласи продолжение број 2: Што работеле и со што се занимавале Власите низ вековите?
Тешкиот сточарско-номадски живот и потребата постојано квалитетно да го пласираат својот производ, од Власите низ вековите направиле одлични економисти и уште подобри трговци. Просто неверојатно изгледаат податоците дека со векови и генерации Власите биле на врвот на трговската скала и современо речено претприемничката скала во целиот регион на Балканот. Од тука не е случајно што овој етнос и ден денеска во сите балкански држави и покрај малата бројност игра клучна улога во бизнис, културната, научната, па и политичката сцена.

[/freetext]

Власите покрај по успешни луѓе и убави градови, во балканската историја се прочуени и како традиционално успешни и богати луѓе. Навистина несвојствено е цел еден народ низ толку векови да пренесува една ваква карактеристика од колено на колено. Дури и на светско ниво, примери како Еврејскиот и Ерменскиот на пренесување на успехот од колено на колено се ретки, а на Балканот дефинитивно ова го има само кај Власите.
Токму поради тоа ќе се обидеме да проанализираме зошто и како Власите од секогаш, па и до ден денеска биле економски и претприемачки супериорни во однос на останатиот околен свет со кој живееле во најдобри односи. Или поедноставно, кои древни влашки тајни поврзани со бизнисот можеме да ги украдеме и да ги користиме и денеска.
Зошто баш сточарство?
Во јужните словенски јазици терминот Власи исто така значел и овчари, сточари или номади поради фактот што сите Власи во минатото биле моќни сопственици и одгледувачи на стада.
Значи основната дејност на Власите од памтивека било одгледување на овци, производство на млеко и млечни производи. Поради тоа и главната храна со која се користеле Власите била „белото месо“ (сирење, млеко, крем и маст). Нивен најомилен пијалак била сурутката која останува откако ќе се направи сирењето, за чии лековити својства дури денеска современата медицина пишува епопеи.
Иако според сите податоци отсекогаш биле во можност да носат било каква облека ја преферирале онаа која ја изработувале сами од производот кој најмногу го имале, овча волна. Од памтивека се знаело дека нема подобра заштита за здравјето на еден човек кој поголем дел од својот живот го поминува во планина отколку да биде покриен со овча кожа. Веројатно тоа е и еден од факторите за просечната висока долговечност на Власите и покрај тешките услови во кои живееле.
За Власите и овците низ литературата и во наративните кажувања постојат илјада и една приказна. Една од најинтересните и најблиски до територијата на Македонија е онаа околу Осоговскиот млековод. Иако оваа приказна долго време се сметала за мит, со ископувања се докажани запишаните кажувања на современиците дека од врвот на Осоговски планини до подножјето кај познатиот манастир Свети Јоаким Осоговски бил спроведен млековод во должина од близу десет километри целосно изработен од печена глина. Колкав труд и инвестиција биле потребни за ова да се изведе во примитивните услови на 18 и 19 век може само да се претпоставува, но ако се знае фактот дека во тие години само на Осоговските планини крстареле повеќе стотици илјади овци (колку што денеска има во цела Македонија) цела приказна околу економската исплатливоста на ваквиот несекојдневен потег ќе изгледа многу пореално. За Осоговскиот кашкавал се раскажува дека на крајот на 19 век и почетокот на 20 век се извезувал дури и во Америка и за тоа време држел квалитетна и висока цена.
Бројките за овците и Власите звучат уште поневеројатно ако се издигнат малку на пошироко ниво. Имено, според официјалните турски податоци од 18 и 19 век на територијата на Солунскиот Вилает (која опфаќала најголем дел од Македонија) во одредени периоди имало и до 12 милиони овци. Бројка која денеска е адекватна на целокупното овчарство на Балканот. Народски е познато, а и историски е потврдено, дека најголем дел од овие милиони овци биле во влашка сопственост. Прочуени се легендите за големите влашки Ќаи кои во одредени убави периоди за турската империја контролирале и по неколку стотици илјади овци.
Од денешна перспектива можеби сите овие бројки изгледаат надреално, но ако се знае колкав бил пазарот за млеко, јагнешко месо и волна на Отоманската империја (која во тие моменти се протегала од реката Дрина во Босна и Херцеговина се до градот Триполи во денешна Либија), овие бројки звучат многу пореално.
44fПостојат податоци дека покрај со овчарство и банкарство, Власите (особено оние во делот на Североисточна Србија) се занимавале и со рударство и преработка на метали. За Власите населени по течението на Дунав се знаеле дека се занимаваат и со фармерство, производство на овошје и други култури погодни за рамничарските предели. Сепак, и покрај сите овие факти овчарството останувало нивна примарна гран гранка.
Што се однесува до градските Власи, тие во различни периоди низ историјата биле споменувани и како добри трговци и дограмаџии. Тие биле и добри чевлари, занаетчии па и градители. По поголемите градски јадра на Балканот особено помеѓу постарите жители уште се раскажуваат приказните за малите влашки продавници во ориентален стил кои секогаш биле преполни со многу роба.
Сепак, она по што биле најпрепознатливи градските Власи уште од памтивека било банкарството и финансиите. Нивната дисциплина во поглед на чување на парите и нивно умножување со најмал можен ризик од секогаш биле прочуени. Во овој дел постојат контроверзии околу тоа дали многумина сакале или не сакале да прават бизнис со Власите. Некои ги сметале за тешки за договори и преговори. Но, факт е дека тој што успевал еднаш да се договори и да ги задоволи јасно дефинираните услови на Власите од нив понатаму гледал само профит.
Како живееле Власите?
Традиционалните населби на номадските Власи се летните престојувалишта -Катуни, поставени на високите планини близу добрите пасишта. За пократок престој се поставувале шатори покриени со дебела волна, а за подолго колиби направени од материјали достапни на високите планини. Нивните зимски престојувалишта кои што се разликувале од летните, и по формата и по големината, најчесто биле на помала надморска висина и биле многу поголеми. Тука поради заштита од крадци и диви ѕверови се групирале повеќе влашки фамилии, кои заеднички си ја штителе стоката и богатството.
Дел од Власите имале и постојани селски живеалишта кои по правило морале да се наоѓаат во подножјето на планините. Нивните куќи од секогаш се карактеризирале по нивната пространост и богатство, но и по нивната збиеност една до друга, повторно поради одбрана, заштита и општо чувство на сигурност. Оваа карактеристика помеѓу Власите на Балканот е задржана и до денешни денови.
За Власите пасиштата, водата и шумата од секогаш се сметале за колективно добро и секоја фамилија од групата имала подеднакво право на нив. Поделбата настанувала единствено со помош на рента кога поголема група на влашки фамилии наречена тајфа ќе се групирала и заеднички ќе изнајмела некое поголемо пасиште. Ваквиот договор подоцна важел и за преработката на млекото и за продавањето на млечните производи, што значи дека колективниот дух од секогаш преовладувал помеѓу влашкото население на Балканот.
Поделбата на трудот во влашките семејства обично била стриктно поделена дури и за балкански стандарди. Молзењето на кравите, правењето сирење, грижата за децата биле исклучителни женски обврски во кои мажот никогаш не се мешал. Од друга страна, жените скоро никогаш не работеле полски или било какви потешки физички занимања.

Сите анови од Солун до Стамбол ги држеле Власи

Запишаните и наративни сеќавања на оние кои патувале по прочуената Виа Егнација од Солун за Стамбол во 19 век кажуваат дека Власите ја играле клучната улога на тој пат. Со оглед дека средствата за патување (до изградбата на железницата) биле примитивни , се патувало долго и морало да се преспива во анови. Власите биле распоредени токму на овие стратешки точки и контролирале најголем дел од ановите на овој витален пат за големата империја.
Ановите не биле само место за преспивање, туку често служеле и како центри за размена и трговија. Се користеле како идеални места за склучување трговски договори и вршење финансиски трансакции. Приказната кажува дека кај Власите секогаш можело да се обратиш за пари, нормално со одреден интерес кој секогаш за разлика од другите тогашни банкари бил точно и прецизно утврден.
Власите од овој пат за време на немирните години во своја служба имале и цели вооружени придружби кои покрај што го чувале Анот од напади на разбојници за одредена цена ги придружувале патниците и до наредниот ан. На таков начин Власите и во најтешките години од Отоманската империја успеале да ја одржат жива трговијата помеѓу клучните нејзини центри.

Во останатите продолжение на Фељтонот Власи уште ќе читате:

  1. Најпознатите влашки населби, села и градови
  2. Најпрочуени претставници на оваа етничка заедница
  3. Етничката заедница денес и нејзините перспективи (финален текст со изјави на истакнати (живи) претставници на етничката заедница
    1.  

One thought on “Фељтон за етничките заедници (2): Власи – oд памтивекa посветени на работата, моќни и богати…

  1. Се родив и одраснав во влашко маало. Најголем број од другарчињата и потоа другарите ми беа Власи. Се оженив со едно од девојчињата и благодарение на Бога, еве заедно сме во љубов и слога полни 60 години. Е сега кога говорам за Влаинките, морам да признаам дека се одлични , најпедантни, најверни домаќинки ама си имаат една мана која ете 6 децении си ја “трпам” , многу сакаат се да биде по НИВНО. Јас сум во хорослоп “лав” ама “рибата” од мојата бабичка, ми велат дека во неа сум сеуште вљубен, признавам , е ПОДОМИНАНТНА. Ела да те видам убеди ја во нешто за што ете таа не мисли така. Се шегувам , се разбира. Какко и да е, јас како “ЛАВ” , станав “ВЛАВ” , петнаесетина години бев претседател на месна заедница во село Горна Белица, Струшко.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×