Фељтон за етничките заедници (3): Влашките села и градови – населби пред своето време
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

IMG_3135Најпознатите Влашки населби, села и градови

Влашките населби во минатото покрај по својата економска моќ, развиената трговија и финансии се одликувале и по независност која не била својствена за останатите места во Отоманската империја. Власите некаде со мудрост, некаде со храброст успевале секогаш да останат што е можно понезависни од тогашните сурови власти. Во овие слободарски енклави образовниот и културниот живот не претставувале ништо ново, додека за бројот на црквите чии мецени биле Власи може да се набројува со години.

 
Москополе
Кога се зборува за стари влашки населби прво секогаш се помислува на Москополе. Древниот влашки град кој се наоѓал во денешна југоисточна Албанија, а од кој е преостанато само едно мало планинско село со 700 жители.
Градот прв пат се споменува во 13 век, но својот најголем процут го доживува во 17 и 18 век. Различни извори наведуваат различен број на жители на Москополе во неговиот зенит: од 50.000 па до 80.000. Населението го сочинува скоро исклучиво Власи. Во градот цутело занаетчиството и трговијата, а многу негови жители превземале трговски патувања и во далеките краеви. Внимателните, добро поврзани и доверливи Власи на Балканот практично претставувале прва неформална транспортна компанија. Стекнатото богатство на тој начин главно се слевало во Москополе, па од таму е сосема разбирлива дека географската непристапност на самото место во немирните времиња всушност била и неговата главна предност.
Куќите се градени од сечен камен, а улиците биле поплочени и уредени. На плоштадите се наоѓале ѕидани чешми со вода доведени од планинските извори. Според кажувањата градот имал дури седумдесет и две цркви. Москополските градби важеле за величествени, па со името на градот секогаш се споменувале епитетите „славно“ и „сјајно“.
Москополе бил културен и верски центар во регионот. Околу 1730 година е основана првата печатница во која се печатени книги на грчки и влашки јазик. Тука е издадена и првата граматика на влашки јазик. За толерантноста и прагматичноста на москополци сведочи и четворојазичниот речник на влашко-грчки-албански-словенски јазик кој го подготвил извесен поп Данаил. Речникот бил наменет првенствено за трговците и кираџиите.
Сето погоре споменато допрело до очите на турските власти и башибозукот. Па така веќе во 1769 година настанува првото разрушување на Москополе што преставува крај на неговата златна доба. Москополци, според националното чувство Власи, ги подржувале пелопонеските востаници чие востание против турската власт таа година бил загушено. Околното муслиманско население кое одамно љубоморело на благосостојбата во христијанскиот град, едвај дочекало преќутно одобрување на турските власти и тргнало во пљачка.
После тој настан, Москополци се распрснале по околните земји носејќи со себе и поприлично големо богатсво. Како образовани и способни, лесно се снаоѓале во нови средини и брзо се пробивале во интелектуалната, политичката и економската елита.
Градот подоцна е константно вознемируван, а уште два пати е формално рушен, во 1788 година и конечно 1821 година, под водство на Али паша Тепелени. Населението сосема се угасило на почетокот на дваесеттиот век. Остатоци од раскошните градби уште можат да се видат.
Во свеста на Власите, Москополе добило митска димензија и станало нивен изгубен рај и симбол на етничките посебности.
Мецово
Уште една интересна точка гледана низ призмата на влашката мапа на Балканот е Мецовон или Мецово, градче во грчката област Епир, кое припаѓа на округот Јанина. Ова место отсекогаш било познато како седиште на влашката заедница во Грција, а во последните години градот станал и најважно зимско туристичко одредиште во државата. Ова место се наоѓа на надморска висина од 1.160 метри. Населбата се сместила близу главниот превој преку Пинд или патот преку кој Тесалија и Македонија се поврзани со Епир и јонската обала. Денес токму покрај ова место е изграден автопатот Игнација, па градот станал лесно достапен и прометен. Ова особено погодувало за развојот на зимскиот туризам во изминатите две децении.
Мецово е познато по тоа што за време на Втората светска војна било седиште на германската квинслишка творевина т.н. Пиндоско македонско кнежество. Веднаш после војната оваа држава е укината и е вратена во рамките на Грција, а влашкото население поради ваквиот потег со децении трпело реперкусии во овој регион. Како последица на тоа, после Втората светска војна голем дел од месното население морале да се декларираат како Грци наместо Власи.
Калин Камен
Месноста Калин Камен за свое место на живеење ја одбрале стотина влашки семејства и во првата половина на 19 век таа била една од најпознатите влашки населби. Сточарството им било главно занимање и претставувало извор на егзистенција. Тука влашките семејства, меѓу кои најпознато било семејството на Санде Влао, одгледувале овци, кози, говеда и коњи. Месноста била значајна и по одгледувањето на ситен добиток, а квалитетот на овците, пастрмата и на волната ги заживеал старите трговски врски кон Цариград и Солун. Историјата запишала дека како што тие се повеќе зајакнувале така и Крива Паланка станала важен пазар и средиште на препродавачите, во тоа време познати како џамбази.
Најпознати трговци со овци од овој регион биле Стефан Беглигчија, Зико Коста Ќаја, Никола Ќаја и Санде Влао. Нивните овци, кашкавал, сирење, масло, волна и јамболии најмногу биле застапени на пазарите во Солун и во Скопје.
Власите, традиционално, секоја година на 28 август дарувале по 200 овци и јагниња на манастирот “Св. Јоаким Осоговски”, по повод неговиот празник. Со одлука на властите, во 1948 година сите Власи се иселиле од Калин Камен во рамничарските села на Свети Николе, Штип и Куманово.
Од влашката населба на Калин Камен денес има само по некој камен на место каде некогаш имало куќи, а насекаде може да се најдат заборавени грнци, бардачиња и садови што се користеле во населбата. Бидејќи влашките куќи биле урнати до темел, денес на нивно место има бачила и ливади на кои пасат овци.
Овчарите и туристите не се единствените кои се искачуваат на Калин Камен. Таму речиси секојдневно доаѓаат групи диви копачи на злато. Меѓу нив е раширен митот дека таму има закопано ајдучко злато од турско време.
IMG_3132Сули
Иако помалце познато, но нималку понезначајно за историјата на Власите е грчкото градче Сули. Имено, запишано е дека под притисок на турската тиранија во 16 век власите од епирскиот регион се населиле во региониот на Сули источно од Парга. Веќе на средината на 18 век државата Сули вклучувала 60 села. Седиште на целата држава биле населбите Сули и Самонива, како и тврдините Киафа, Кунги и Аварикос. Запишано е и дека армија од 2.000 луѓе ја штитела независноста на планинската репиблика. Турците сепак не се откажувале од својата намера. Во 1731 Јанинскиот паша Хаџи Ахмет, добил директна наредба од силтанот да го уништи Сули. Во тој негов обид тој изгубил армија од 8.000 луѓе. Истото му се случило и на Мустафа Паша и неговата армија во 1754 година. Понатаму познати се обидите за напад на Сули од страна на Мустафа Кока со 4000 војница и Бекир паша со 5.000 кои исто така биле неуспшени. Во 1759 бил победен и турскиот командант Дост Беј. Махмуд Ага од Маргарите гувернер на Арта се соочил со истата судбина само три години подоцна во 1762 година. Десет години подоцна Сулејман Цапари го напаѓа Сули со армија од 9.000 луѓе која исто така биле жестоко поразане, како и експедицијата на Курт Паша три години подоцна. Работите добиваат на жештина со доаѓањето на Али Паша јанински на власт во 1788 година кој цели 15 години се обидувал да го освои Сули. Власите од овој региони сите нивни потребштини ги добивале од Парга, но исто така биле подржувани од остатокот од Европа, особено од Русија и Франција кои им доставувале оружја и муниција. За европските сили тие биле инстурмент за ослабување на Турција. Сепак, кога британската политика се свртила во полза на Турција со цел да се зајакнат сите сили против Наполеон, нивната помош кон влашката држава била прекината. Без подршката однадвор и соочени со постојана опсада настанува поделба помеѓу клановите во Сули. Семејството Боцарис поради политчки причини го напушта Сули и се осојузува со Али Паша. Но, остатокот од 2.000 вооружени луѓе се собира прет црквата Свети Ѓорги и одлучува да победи или да умре. Во историјата е запишано дека Власите биле издадени од предавникот Пелиос Гоусес, кој им помогнал на Турците да влезат во селото. Повлекувајќи се тие ја водат последната битка на 7 декември 1803 и по договорот склучен со Али Паша на 12 декември се повлекуваат кон епирскиот брег. Монахот Самуел кој останал во селото го запалил магацинот со барут и се самозапалил. Али Паша сепак решил да не го испочитува своето ветување и ги нападнал Власите кои се повлекувале, од заб грб. Така започнува една од најголемитге влашки драми каде 22 жени заедно со своите деца се фрлиле од карпа кај Залонго само за да не бидат живи фатени од турците. Сепак голем дел од овие Власи стигнале до градот Парга кој во тој момент бил британски и од таму продолжиле да се раселуваат на јонските острови.
Во останатите продолжение на Фељтонот Власи уште ќе читате:
  1. Најпрочуени претставници на оваа етничка заедница
  2. Етничката заедница денес и нејзините перспективи (финален текст со изјави на истакнати (живи) претставници на етничката заедница

     

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×