Фељтон за етничките заедници (4): Најпознатите Власи низ историјата
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
feljton vlasi-1Фељтон: Запознајте ги етничките заедници во Македонија
Неверојатно изгледа квалитативниот и квантитативниот обем на листата на истакнати влашки дејци од земјава и светот. Тоа дека ги има од секоја можна област веројатно се подразбира само по себе. Од целиот фељтон за Власите во Македонија најнеблагодарна задача беше токму да се состави оваа листа, која веројатно може да опфати и неколку томно издание на книга. Се надеваме дека Капитал барем делумно успеа да им долови на своите читатели дел од прогресивната влашка атмосфера.
feljton vlasi-3Михајло Пупин
Михајло Пупин (1858 – 1935) великан од областа на физиката и електрониката, научник и пронаоѓач од светски глас, кој дал особен придонес во областа на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата. Иако е роден во Идвор, тогашна Австро-Унгарија , неговото семејство потекнувало од регионот покрај Охридското езеро и влече длабоки влашки корени.
Бил професор по физика и математика на Колумбија во САД, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжил со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. За своето автобиографско дело „Од имигрант до пронаоѓач“ посмртно ја добил Пулицеровата награда во 1924 година, како и многу други награди со светско значење за својата научна работа.
Браќата Манаки
Браќата Манаки – Јанаки (1878-1954) и Милтон (1882-1964) биле првите филмски сниматели на Балканот. Тие биле родени во влашкото село Абдела, во близина на градот Гребен, Егејска Македонија. Уште во 1906 година Јанаки од Лондон купил филмска камера, производство на компанијата „Charles Urban Trading”, и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Така, со таа фамозна „Камера 300″ започнала кинематографијата на Балканот. Браќата Манаки биле многу познати фотографи, за што сведочи и фактот дека имале свој личен заштитен печат и калиграфски потпис. Печатот, кој се чува во битолското подрачно одделение на Историскиот архив на Македонија, има кружна форма, а текстот е испишан на влашки јазик, на латинично писмо. Во средината на печатот има врежан грб над кого пишува: „Романски кралски двор (Furniborii Curtii Regale Romane)”, а под грбот пишува: „Битола, Турција (Monastir, Turcia)”.
Питу Гули
Питу Гули бил македонски револуционер со влашко потекло, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација. Познат е по херојското загинување на Мечкин Камен на 12 август 1903 година, бранејќи го градот Крушево од нападот на 20 илјадната турска војска. Питу Гули бил еден од ретките војводи кој одбил да ја испочитува наредбата на главниот штаб на Илинденското востание да се повлечи од градот и преку оставање на населението на цедило да ги зачува силите за евентуални нови востанички дејствија. Поради ваквиот негов потег тој војвода инаку со низок чин во организација добил митски карактер во историјата на македонската револуционерна борба. Денеска се сврстува во првите пет великани на македонското ослободување, а неговото име е дел и од официјалната македонска химна.
feljton vlasi-2Тоше Проески
Тодор „Тоше“ Проески (1981 – 2007) — познат македонски пејач со крушевско (влашко) потекло и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена. Имал блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Phoebus, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори. Во 2004 година бил прогласен за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. Загинал на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно бил прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, е прогласен за Ден на Национална Жалост.
Бранислав Нушиќ
Бранислав Нушиќ (1864 -1938) српски книжевник, комедиограф, писател на романи, драми, приказни и есеи, зачетник на реториките во Србија и истакнат фотограф аматер. Иако е роден во Белград, неговото семејство потекнува од влашките села во околината на Битола. Исто така работел и како новинар и дипломат. Најзначајни дела од неговото творештво се комедиите, од кои најпознати се: Госпоѓа Министерка, Народен пратеник, Сомнително лице, Ожалостена фамилија и Покојник. Освен што пишува за театар, работел и како драматург или управник во театрите во Белград, Нови Сад, Скопје и Сараево. Бил избран за член на Српската кралска академија.
Георге Хаџи
Поранешен романски фудбалер кој се сметал за еден од најдобрите офанзивни фудбалери за врска во текот на осумдесеттите и деведесеттите години и секако најдобар романски фудбалер на сите времиња. Со прекар „Марадона од Карпатите“, Хаџи се смета за херој во неговата држава. Седум пати бил избиран за фудбалер на годината и со право се смета за еден од најдобрите фудбалери од неговата генерација. Три пати играл за Романија на светските првенства, а во професионалната кариера покрај за тогашниот Европски првак Стеауа настапувал и за клубови како Реал Мадрид, Барселона и Галатасарај.
Атина Бојаџи
Атина Бојаџи (1944- 2010) светски позната пливачка маратонка. Уште на 11 годишна возраст успева да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки во слободен стил, делфин стил итн. Таа била светски шампион во маратонско пливање на слатки води на Охридскиот маратон одржан во 1962 година. Вкупно, двапати била светски првак на слатки води, првиот пат само со 18 години. Во 1962 година со испливување на патеката Капри – Наполи станува светски првак на солени води. Врв на нејзината пливачка кариера е препливувањето на Ла Манш на 9 септември 1969 година. Во 1977 година во чест на овој подвиг на Атина Бојаџи снимен е филмот Исправи се, Делфина. Потоа пливачката кариера ја заменува со тренерска, најнапред во белградскиот клуб „Црвена звезда“, а потоа и во спортски центар во Лос Анџелес, САД. Во 1998 година Македонскиот олимписки комитет и го доделува признанието великан на македонскиот спорт, а во 2000 година дневниот весникот Утрински весник ја прогласува за спортист на векот.
Христо Стоичков
Христо Стоичков, бугарски фудбалер, тренер и почесен конзул на Бугарија во Шпанија. Важи за најуспешен бугарски фудбалер, носител на најпрестижните фудбалски награди. Освојувач на купот на Европските шампиони, Купот на победници на купови и полуфиналист на светското фудбалско првенство во САД 1994 година и најдобар стрелец на истото. Важи за една од легендите на фудбалскиот клуб Барселона и е најпознат балкански фудбалер на Пиринејскиот полуостров.
Јанис Колетис
Јанис Колетис (1773-1847) е грчки политичар кој игра една од најистакнатите улоги во грчкото ослободување од турската власт на почетокот на 19 век. Тој е и првиот премиер на грчката држава кој во кабинетот останал цели два мандати. До крајот на неговиот живот е политички активен и заслужен за конституирањето на грчката држава каква што ја познаваме денеска.
Браќата Фрашери
Наум, Сами и Абдул Фрашери се најпознатите албански преродбеници кои на крајот на 19 и почетокот на 20 век играат клучна улога во албанското национално освестување. Познато е дека албанскиот народ е еден од најлојалните на Отоманската империја која во тој период е во изумирање. Токму браќата Фрашери кои биле образовани во Истанбул најмногу придонесуваат за менување на оваа свест и создавање на национално јадро кое ќе води кон идното формирање на албанската држава. Во денешна Албанија бројни школи, универзитети, булевари и библиотеки се именувани по браќата Фрашери.
Вселенскиот Патријарх Јоаким Трети Величествениот
Помеѓу сите останати моќни функции кои ги извршувале Власите имале и свиј Вселенски Патријарх или врховен поглавар на целиот православен свет. Станува збор за Јоаким Трети Величествениот Екуменски Патријарх на Константинопол од 1878 до 1884 година и од 1901 до 1912 година. Бил роден во Константинопол во 1834 година како потомок на влашко семејство од Крушево. Тој е образован во Виена, а веќе во 1864 бил избран за бискуп на Варна, а во 1874 за бискуп на Солун. Познат е по неговата работа за подобрување на финансиската состојба на Патријаршијата и по основањето на магазинот Вистина. Работел и на решавање на проблемот со бугарската шизма, што завршило неуспешно. Сепак се смета за еден од од поуспешните патријарси од поновото време.

Листата на истакнати Влашки дејци како да нема крај….
Преродбеникот Рајко Жинзифов, поранешниот премиер Хари Костов, актуелниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, поранешниот премиер на Србија, Никола Пашиќ, глумецот Ташко Начиќ и уште еден Вселенски Патријарх Атинагора Константиополски се само кратко продолжение на долгата листа на успешни Власи. Бидејќи просторот ни е ограничен само ќе напоменеме дека нема област од обштественото живеење во било која балканска држава одделно каде што нема барем десетина истакнати влашки претставници. А нивниот број не е мал ниту во Западна Европа и во САД.

Во останатите продолжение на Фељтонот Власи уште ќе читате:
  • Етничката заедница денес и нејзините перспективи (финален текст со изјави на истакнати (живи) претставници на етничката заедница

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×