ФИФА избира нов претседател во сенката на огромниот корупциски скандал
Објавено на од во СВЕТ-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Двеста и девет делегати на ФИФА, денеска, во Цирих, а во сенката, или, ако сакате, во светлината на огромниот корупциски скандал, избираат нов претседател на една од најмоќните светски спортски организации. Кандидатите се двајца – нов мандат може да добие актуелниот претседател Сеп Блатер, а да го спречи во намерата се обидува јорданскиот принц Али бин ал Хусеин.

Блатер, од барањата за негова оставка кои стигнаа од повеќе високи инстанци, вклучително и од премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерун, се брани дека не можел да го следи дејствувањето на секој член на Федерацијата.

„Знам дека ме сметаат за одговорен за постапките на раководната фудбалска организација, без разлика дали станува збор за избор на домаќин на светско првенство, или за корупциски скандал. Но, јас не можам да ги следам сите во секое време. Нема да дозволам постапките на малкумина да ја уништат упорната работа на мнозинството, кое силно се труди за доброто на фудбалот“, изјави Блатер.

Пред денешниот избор, за кој, и покрај сѐ, актуелниот претседател е фаворит, кандидатите имаат можност да им се обратат на делегатите, претставувајќи ги своите програми, во траење од 15 минути. Гласањето е анонимно, а за да победи во прв круг кандидатот треба да добие две третини од гласовите. Ако разликата е помала, следува втор круг, во кој е доволно просто мнозинство од барем 105 гласови.

Кој е принцот, противкандидатот на Блатер?

Братот на јорданскиот крал Абдула е образуван на Запад, во САД и во Англија. Од својата 25-та година е претседател на Фудбалската асоцијација на Јордан. Со 35 години стана и азиски потпретседател на ФИФА, а автор е на Програмата за развој на азискиот фудбал, чија задача е обезбедување пари за локалните потреби за овој спорт. Благодарение на Али бин ал Хусеин и жени може да играат официјални натпревари во арапскиот свет, а во Јордан ќе се одржи светското првенство во фудбал за девојки, во 2016 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×