економија
Finance Think: БДП се зголеми за 3% во третиот квартал, но ниска е споредбената основа од 2020

Растот во третиот квартал од 2021 е на широка основа, но со забележлив пад на преработувачката индустрија (-5.8%), поради изразените неизвесности во глобалната и домашната економија, сврзани со растечкото влијание на делта сојот од Ковид-19 и забавувачкото темпо на имунизација кон крајот од кварталот.
Во третиот квартал од 2021, БДП се зголеми за 3% на годишна основа, како резултат на консолидацијата на економските текови и напредувањето на имунизацијата.
Сепак, овој раст е остварен на се’уште ниска споредбена основа од третиот квартал од 2020, во кој економијата се намали за 5.1% по обемната владина интервенција за
ублажување на ударот од пандемијата, се вели во Макроекономскиот монитор на Finance Think за третиот квартал.
Според дејности, растот во третиот квартал од 2021 е на широка основа, но со забележлив пад на преработувачката индустрија (-5.8%), поради изразените неизвесности во глобалната и домашната економија, сврзани со растечкото влијание на делта сојот од Ковид-19 и забавувачкото темпо на имунизација кон крајот од кварталот. Според тоа, и бруто инвестициите се задржаа на нивото од пред една година (0.4%), додека извозот и увозот забележаа забавен раст (4.1% и 2.7%, соодветно). Јавната потрошувачка порасна за 4.9%, што е особено висок раст во контекст на намерата за фискална консолидација, но е во линија со продлабочувањето на буџетскиот дефицит со јулскиот ребаланс на буџетот (од 4.9% на 6.5% од БДП).
Невработеноста во третиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 15.7% од претходните 15.9% (К2-2021). Падот на невработеноста е проследен со
запирање на активацијата на претходно-пасивизираното население. Вработеноста забележа само благо зголемување, од 47.3% на 47.4%, што упатува на тоа дека
неизвесноста во економијата го засилила својот притисок врз пазарот на труд споредено со претходните квартали.
Во третиот квартал, евидентно е понатамошното губење работни места во преработувачката индустрија (околу 3,000 во однос на К2-2021), стагнацијата кај угостителството (ист број работници) и консолидацијата во
транспортот (креирани 6,500 работни места) и трговијата (3,800).
Неизвесноста во економијата остана присутна во четвртиот квартал од 2021 со тековниот бран од пандемијата, забавувањето на темпото на имунизација и појавата на
нови соеви на вирусот.
Дополнително, во четвртиот квартал се зголемија притисоците од растечките цени на храната и енергијата, кои се очекува да бидат присутни и во
текот на 2022. Finance Think ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2021 на 4.1%, додека проекцијата за 2022 изнесува 4%.