македонија
Finance Think: Вакцинацијата во Македонија заштеди најмалку 2.8 милиони евра во текот на делта бранот

Иако мерењето на вкупните ефекти е предизвик, се фокусираме само на директната економска заштеда на државата од вакцинацијата преку намалување на бројот на хоспитализации во текот на последниот (делта) бран.“, велат од Finance Think.
Вакцинацијата во Македонија спречила да се заразат дополнително околу 14,500 луѓе (или 148 повеќе новозаразени на ден) во текот на последните 3.5 месеци, а отсуството на вакцинација би придонело, кумулативно, до дополнителни 4,595 неделни хоспитализации (околу 328 хоспитализации повеќе, неделно). Според проценките, вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37.9% и 46.5%, се вели во анализата на Finance Think.
„Вакцинацијата донесе нова надеж за борба против Ковид-19 пандемијата. Ефектите од вакцинацијата се многубројни, од намалување на притисокот врз здравствените системи до намалување на рестриктивните мерки и придвижување на економскиот и социјалниот живот. Иако мерењето на вкупните ефекти е предизвик, се фокусираме само на директната економска заштеда на државата од вакцинацијата преку намалување на бројот на хоспитализации во текот на последниот (делта) бран.“, велат од Finance Think.
Според анализата, вакцинацијата ги намалила трошоците за хоспитализација за 170.8 милиони денари (2.8 милиони евра) во текот на последните 5 недели од делта бранот.
„Иако вкупниот ефект врз хоспитализацијата изнесува само 3.2% заштеда од вкупниот годишен буџет на Министерството за здравство, тој е значаен поради следните причини: 1) според официјалните статистики, Северна Македонија само што надмина 34% вакцинирано население (блиску 50% вакцинирано полнолетно население), што е сè уште пониско ниво на вакцинација од нивото во развиениот дел на Европа; 2) целата анализа се базира на конзервативна проценка на ефектите, што значи дека ефектот е веројатно поголем; 3) главна претпоставка на оваа анализа е дека делта бранот се однесува како претходните, иако постојат мислења дека делта сојот е далеку позаразен.“, објаснуваат од Finance Think.
Овој бриф за политиките им препорачува на носителите на политиките да го забрзаат темпото на вакцинација воведувајќи стимулативни мерки (пр. вредносни ваучери), посебно во градовите со пониско ниво на вакцинирана популација, со цел да се намали притисокот врз здравствениот систем и јавните финансии. Исто така, приватниот сектор да го препознае општествениот бенефит од вакцинацијата и преку стимулативни мерки да ги мотивира своите вработени и клиенти да се вакцинираат. Конечно, новинарите и истражувачите да го зголемат нивото на информираност на популацијата за ефектите од вакцинацијата преку издржани и детални анализи.