Финансирањето на компаниите, како и пазарот на обврзници во фокус на 20. Годишна конференција на Македонската берза
Објавено на од во Економија
Менаџери на инвестициски фондови, пазари на капитал, како и бизниси дискутираа околу оваа проблематика и тоа што се случува на глобално  и регионално ниво на полето на финансирање на корпоративниот развој со алтернативни начини, освен вообичаено користените кредити.
29032019_20_godisnina_mak_berza_3
Зошто македонските компании својот развој главно го финансираат преку банкарски кредити и сопствена акумулација, а не се обидуваат да приберат свеж капитал преку Берзата, на пример и кога државава ќе го добие своето прво вистинско IPO беше една од фокус темите на јубилејната 20. Годишна конференција на Македонска берза што се одржа во Охрид на 29 март.
Менаџери на инвестициски фондови, пазари на капитал, како и бизниси дискутираа околу оваа проблематика и тоа што се случува на глобално  и регионално ниво на полето на финансирање на корпоративниот развој со алтернативни начини, освен вообичаено користените кредити.
Ивана Гажиќ, шеф на Управата на Загрепска берза, зборуваше за најсвежиот пример од нивниот терен, а тоа е платформата Funderbeam, која што во партнерство со Загрепска берза, овозможува финансирање на стартапи преку системот на crowdfunding, нешто што треба да профункционира и во Македонија од оваа есен.
„Преку овој иновативен систем на прибирање свеж капитал, од 2016 досега седум хрватски стартапи успеаја да соберат нешто над три милиони евра коишто ги употребија за сопствениот развој. Инвеститорите се од 70-тина земји, додека самата платформа Funderbeam во моментов има можност за инвестиции од 113 земји. “, истакна Гажиќ.
Таа објасни дека минималното вложување за поединечен мал инвеститор во еден стартап преку платформата изнесува 100 евра.
„Платформата користи blockchain технологија, а вложувањата на инвеститорите претставуваат дигитални записи, односно токени. На пример, за 100 евра вложени се добиваат 100 токени, со коишто потоа може и да се тргува преку Funderbeam, односно иницијалните вложувачи може слободно да ги продаваат своите инвестиции (токени), доколку сакаат и доколку има заинтересирани купувачи.“, додаде Гажиќ.
Питер Риги, глобален директор на CEED, како и Дејан Калеников, директор на инвестицискиот фонд SEAF за Македонија, ги истакнаа предизвиците со коишто се соочуваат сопствениците и менаџерите на приватните компании што не се акционерски друштва, кога треба да одлучат како понатаму да се финансира развојот.
„Постојат повеќе причини зошто бизнисите во земјава и регионот што не котираат на берза, па и оние што веќе котираат како акционерски друштва, многу ретко, речиси никогаш, за овие триесетина години пазарна економија не одлучија да приберат пари за својот развој на друг начин освен банкарски кредит. Една причина е скепсата од отвореноста на компанијата што се случува кога емитувате акции, едноставно, непријатното чувство од тоа инвеститорската и останата јавност да има увид во вашето работење и резултати. Второ, е стравот од неизвесност за идниот развој. Потоа, банкарските кредити се многу поедноставен начин на обезбедување свеж капитал, договорот е помеѓу бизнисменот и банката, секако, има камата, но ги нема сите останати процедури и трошоци што ги бара една иницијална јавна понуда на акции. Веројатно и затоа толку долго го чекаме првото вистинско IPO во Македонија“, рече Калиников на панелот.
На Конференцијата имаше и панел посветен на обврзниците, односно, се дискутираше каква е иднината на овој пазарен сегмент.
Владислав Хаџидинев, извршен директор и член на УО на УНИБанка, објасни што значи издавањето на првата перпетуална корпоративна обврзница во земјава за самата банка, но и за пазарот на капитал.
„Емисијата на перпетуалната обврзница беше направена по пат на приватна понуда за 20 инвеститори, заради тоа што приватната понуда е поедноставна за реализација и адекватна за целите и обемот на трансакцијата. Но, по котацијата на Македонската берза која започна на 1 март бројот на инвеститори во обврзницата на УНИБанка се зголемува, бидејќи таа е достапна за инвестирање на повеќе вложувачи и со неа може да тргуваат и други заинтересирани инвеститори. Перпетуалната обврзница ќе ѝ помогне на УНИБанка и во следните години да продолжи да биде конкурентна, да го зголемува својот пазарен удел и вредноста за своите акционери.“, рече Хаџидинев.
На панелот посветен на обврзниците зборуваа и претставникот на Министерството за финансии, Дејан Николовски, Петар Трпески, член на топ менаџментот на Шпаркасе банка Македонија, како и гостинот од странство, Џим Трнбул, директор за капитални пазари во ЕБОР.
Последниот дел од Конференцијата беше одвоен за неколку интересни презентации, како, на пример, „Од другата страна во подготовката на IPO“ од Павел Жаја,  партнер во Shearman & Sterling (Лондон) „Имплементација на MIFID II во малите земји – Научени лекции“ од Дамјан Лешев, партнер, Адвокатско друштво „Цветкова, Бебов, Комаревски од Бугарија”, „Нови технологии на пазарот на капитал“ од Елмар Вогенхубер, инвестициски специјалист, Refinitiv, какои „Вештачка интелигенција – новиот играч во светот на бизнисот“ од Илијанчо Гаговски, основач и директор на PrymApps.
Подетално за главните поенти на конференцијата, со се’ делови од излагањата на сите панелисти ќе може да прочитате во магазинот Капитал овој и следниот петок.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×