Финансиските пазари скокнаа! Бикот заигра на берзите во Азија и САД по вчерашната објава на Трамп, по најнестабилната епизода од пандемијата на ковид-19 до денес. Тајванската берза забележа раст од 9,2% утрово, јапонскиот индекс Никеи 225 порасна за 7,2%, а јужнокорејскиот Коспи за повеќе од 5%. Австралиската берза оствари скок од над 6%.
Индексот Дау на Вол стрит порасна за речиси 8% по објавата на Трамп, а технолошкиот индекс Насдак за 12,2%, што му е најдобриот ден во последните 24 години.
Сепак, царините за кинескиот увоз сега изнесуваат 125% и Пекинг вети дека ќе се бори до крај. Весникот „Чајна дејли“ синоќа објави дека попуштањето пред американскиот притисок не доаѓа предвид.
„Се надеваме дека во одреден момент во блиска иднина Кина ќе сфати дека деновите на рушење на САД и другите земји повеќе не се одржливи или прифатливи“, кажа Трамп вчера.
Тој го промени своето мислење околу царините еден ден откако на републиканска донаторска вечера кажа дека „добро знае што прави“ и дека светските лидери му се јавуваат и му го бакнуваат газот со надеж дека ќе се договорат.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент појасни дека одложувањето било планирано цело време со цел државите да се донесат на преговарачка маса. Иако инсистираше дека никогаш нема да ги промени своите политики, Трамп вчера кажа:
„Мора да бидете флексибилни“.




















