Финансиските регулатори ќе ја подигаат финансиската писменост на македонските граѓани
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

На денешниот настан во Народната банка беше најавено и дека во текот на следната седмица во земјава ќе се одржат бројни активности по повод традиционалната Глобална недела на парите. Голем дел од активностите ќе бидат наменети и за најмладите.

2Регулаторните институции на финансискиот систем на земјава ќе ги зајакнат активностите  за подигнување на нивото на финансиска писменост, а започнуваат и активности за подобрување на финансиската инклузија на популацијата.

Ова беше нагласено и на денешниот настан организиран по повод склучувањето на новиот Меморандум за соработка во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија, меѓу Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Со Меморандумот, за првпат, петте институции, во редот на своите заеднички активности ги вбројуваат и оние коишто се во доменот на финансиската инклузија на населението.

Гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска нагласи дека потребата за постигнување повисока финансиска инклузија е глобално прашање со оглед на проценките дека околу 1.7 милијарди од населението во светски рамки сѐ уште немаат пристап до банкарскиот систем.

Осврнувајќи се на податоците на Светската банка коишто укажуваат на неопходноста од подобрување на финансиската инклузија на населението во земјава, таа апелира дека поголемата финансиска вклученост во различни сегменти на финансискиот систем бара заедничко ангажирање ‒ на регулаторните институции во однос на едукацијата и регулацијата, но и на приватните финансиски институции во однос на обезбедувањето поголема достапност и информираност за понудените финансиски услуги, вклучително и за придружните ризици.

Во завршницата на своето обраќање, Ангеловска-Бежоска порача: „За нас како регулатори, предизвик е финансиската инклузија којашто значи пристап на што поголем дел од населението до  финансискиот систем, но на одржлив начин, без прекумерни ризици, што на долг рок треба да придонесе за сеопфатен економски раст чии придобивки ќе ги почувствуваат сите.“

Министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, посочи дека сите треба да имаат пристап до финансиските услуги, и тоа на лесно достапен, безбеден начин и под прифатливи цени.

Тој рече дека првиот чекор кон поголема финансиска инклузија веќе е направен, а тоа е Законот за платежни услуги и платни системи којшто го подготвува Министерството за финансии заедно со Народната банка и сѐ уште е во работна верзија.

„Тој предвидува воведување платежна сметка со основни функции, која ќе може да ја отвори секој граѓанин. Согласно со работната верзија, тaa сметка, за ранливите категории ќе биде бесплатна, односно по закон, тие ќе добијат бесплатни услуги за отворање, водење на сметката, уплати и исплати.

За останатите потрошувачи, платежната сметка со основни функции ќе биде со разумен надоместок.“ – рече Тевдовски и посочи дека со Законот, исто така, се воведуваат и решенија коишто ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги, што, пак, ќе придонесе за засилена конкуренција и нови, иновативни начини на плаќање, лесно достапни и со помали трошоци.

Во однос на финансиската едукација, министерот за финансии ги повика сите заинтересирани училишта коишто сакаат да го посетат Министерството или што сакаат вработените од Министерството да одржат предавање кај нив да достават барање на е-адресата: edukacija@finance.gov.mk.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, м-р Нора Алити порача дека без разлика колку е развиен еден пазар на капитал и независно колку многу можности нуди, ако поединецот и потенцијалните инвеститори не се информирани и не се финансиски едуцирани, тогаш можностите ќе изгубат пред неукоста.

„Верувам и целосно сум убедена дека со потпишувањето на овој меморандум за соработка поставуваме значаен камен-темелник во нашите заеднички напори за блиска соработка во постигнувањето на нашата заедничка цел за унапредување на финансиската писменост на нашето население и за финансиска инклузија.“ – нагласи Алити.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека тие се насочени и кон постојано информирање на јавноста за сите новости поврзани од областа на капиталното финансирано пензиско осигурување.

„Постојано преземаме активности за подигнување на свеста на јавноста и особено на младите како идни членови во тристолбниот пензиски систем. Спроведуваме активности преку кампањи за младите и посети на средните училишта и факултетите, преку информативни летоци, редовно ажурирање на нашата веб-страница и на страницата на „Фејсбук“, преку изработка и достава на електронскиот информатор Е-МАПАС и преку заедничките маркетиншки кампањи со постојните пензиски друштва „КБ Прво пензиско друштво“ АД Скопје и „Сава пензиско друштво“ а.д. Скопје.“ ‒ рече Али.

Потсетувајќи дека финансиската едукација, писменоста на потрошувачите и дигитално-информациската писменост се едни од повеќето одлики на модерното општество, Ратка Целаковски од Агенцијата за супервизија на осигурување истакна дека тие силно веруваат дека со заеднички ангажман и посветеност на сите релевантни институции во земјава може да се придонесе за поголема вклученост и опфат на населението во процесите на подигнување на нивото на финансиска писменост.

„Агенцијата години наназад презема многубројни иницијативи и активности за подигнување на финансиската едукација меѓу кои се: организирањето работилници, отворени денови, одржувањето професионални презентации, издавањето брошури и летоци, друштвените игри од кои помладите учат за ризиците и како да  управуваат со нив, соработката со училиштата и универзитетите преку нивните посети итн.“ – истакна Целаковски.

„ Сето она што го остваруваме и ќе го остваруваме на планот на финансиската едукација на младите, воедно е наш влог во иднината. Како институции, ние сме должни да носиме политики за развој и поддршка на финансискиот систем и економијата на долг рок. Преку активностите за збогатување на финансиските знаења на младите, придонесуваме за градење на капацитетот на генерациите кои во иднина ќе бидат главни носители на економските и финансиските текови во земјава.“ – беше нагласено на настанот.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×