КОЧО АНЃУШЕВ, директор на ЕДС
Објавено на од во Интервју

Фирмите кои нема да излезат на слободен пазар ќе плаќаат поскапа струја

Неколку месеци пред стартот на целосната либерализација на пазарот на електрична енергија го објавуваме интервјуто со Кочо Анѓушев, директорот на Енерџи Деливери Солушнс (ЕДС), кој се покажа дека најдобро знае да плива кога пазарот на енергенси е слободен. Од околу 200 големи компании кои пред половина година излегоа на слободен пазар, 60% го избраа токму ЕДС да ги снабдува со електрична енергија. Дали Анѓушев ќе успее да го повтори успехот и кај околу 20 илјади помали фирми кои на слободен пазар излегуваат од јануари 2015 година останува да видиме, но она што сега е сигурно што тој целосно застанува зад своите клиенти, на кој уште од сега им гарантира дека ќе плаќаат поевтина електрична енергија за 15% до 50%. Со Анѓушев зборувавме за пречките со кои се соочува при влез на овој досега монополизиран пазар, за енергетската ситуација во која се наоѓа Македонија и за многу други интересни прашања од областа на енергетиката.

За околу три месеци стартува целосната либерализација на пазарот на електрична енергија со која околу 20 илјади фирми и домаќинствата добиваат можност да излезат на отворен пазар и само да одберат од кого ќе се снабдуваат со електрична енергија. Но, во јавноста има многу малку информации за целиот процес, а очигледно регулаторот не се наоѓа за повикан да ги информира граѓаните и фирмите …Зошто е тоа така и како се одвива овој процес на терен?

-И јас се прашувам истото. Навистина точен е впечатокот дека има многу малку информации во јавноста за либерализацијата. ЕДС како компанија направи се што треба за да ги информира компаниите што е тоа што ќе следи, а јасно кажавме и за делот кој се однесува на граѓаните. На нашата веб страница www.eds.mk обезбедивме многу информации за сите компании и граѓани од кои може да се информираат за либерализацијата со цел на сите субјекти на пазарот да им објасниме како либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе функционира во пракса, кои се нивните права…Либерализацијата произлегува од Законот за енергетика и подзаконските акти од доменот на енергетиката, но јас не очекувам дека бизнисмените во Македонија имајќи ги своите грижи ќе седнат и ќе ги читаат законите за да разберат што значи либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Од таа причина, ЕДС ги сублимираше сите потребни информации со цел субјектите најдобро да се запознаат што значи либерализираниот пазар на електрична енергија. Мислам дека секој кој што ќе посвети 15 до 30 минути во текот на следниот месец на нашата веб страница ќе може целосно да се информира. Е тука нормално останува делот на сите институции да си ја одработат својата работа. Мислам дека Регулаторната комисија мора да биде поактивна во делот на информирање на компании.
Што се однесува до тоа како тече процесот на терен треба на сите да ни биде јасно дека либерализацијата не е замислена на тој начин дека сега компаниите и граѓаните треба нешто посебно да се подготвуваат. Тоа најдобро го покажа вториот чекор од либерализацијата кога најголемите 200 компании излегоа на слободен пазар. Тие ништо не менуваа кај нив. Не менуваат ниту приклучоци, ниту броила, ниту направија некои кадровски промени…Едноставно само добија нов снабдувач со електрична енергија. Најмногу треба да се подготват снабдувачите кои треба да понудат енергија и операторот на мрежата. Што се однесува до ЕДС можам да кажам дека сме целосно подготвени уште пред две години. Тоа го покажа и вториот чекор на либерализација во кој ЕДС покри 64% од целиот слободен пазар. За да биде малку појасно. Во Македонија има регулиран пазар и слободен пазар. На регулираниот пазар цените на електричната енергија ги одредува Регулаторната комисија. На слободниот пазар се сите овие 220 компании кои со процесот на либерализација добија можност самите да одберат снабдувач на електрична енергија. Сите овие субјекти кои се на слободниот пазар моментално имаат потрошувачка на енергија околу 300 мегавати енергија, а од тоа околу 230 мегавати ги обезбедуваат преку ЕДС.

Колку субјекти има сега во бизнисот со трговија со струја?

На пазарот моментално околу 70 компании имаат лиценци за трговија со електрична енергија, а снабдувачи со електрична енергија има 10. Тоа се оние компании кои можат да направат балансна група и кои сега можат да снабдуваат со енергија.

Кои се најголеми губитници и добитници од отворањето на пазарот со електрична енергија

Како и во секој процес на либерализација станува збор за процес на создавање на конкурентски амбиент во една држава. Во Македонија на овој пазар досега имавме една класична монополска ситуација која функционираше врз база на презентирање и признавање на трошоци од страна во Регулаторна комисија и така се формираше цената на струјата и за индустријата и за домаќинствата.
Индустријата во Македонија до скоро плаќаше цена на електрична енергија од 96 евра по мегават час кај големите компании па до 141 евра по мегават час кај помалите фирми. Таа цена на електрична енергија е многу повисока во споредба со било која друга европска земја. Зошто е тоа така? Бидејќи падот на цената на електричната енергија на меѓународните пазари никогаш не стигна до компаниите. Со либерализацијата тоа се случува. Она што е важно дека со либерализацијата ако се спроведе правилно нема да има губитници. Либерализацијата ќе предизвика поголема конкуренција на пазарот, што од друга страна ќе ги поттикне сите компании кои учествуваат во бизнисот со снабдување со електрична енергија , да понудат поквалитетен и поевтин производ за сите корисници и потрошувачи. Така беше случајот во мобилната телефонија, но тоа е случај и на било кој пазар. Полошо од државен монопол може да биде само приватен монопол. Искуството и праксата на многу држави покажале дека приватниот монопол е многу полош од државниот монопол. Ние во Македонија за жал имавме приватен монопол во делот на снабдувањето. Сега што ќе се случи со отворањето на пазарот? Компаниите ќе добијат пониска цена на електрична енергија, а граѓаните нема да добијат многу повисока цена на електрична енергија. Односно, од целиот процес ќе има многу повеќе добитници кои ќе имаат корист.

ЕДС е релативно нова компанија на пазарот. Се соочувате ли со конкретни пречки или злоупотреби на позицијата со оглед на тоа и самите кажавте дека овој пазар до пред извесно време беше монополизиран?

Јас мислам дека во овој сектор има многу работа за Комисијата за заштита на конкурентноста и сметам дека треба да поведе одредена активност по однос на ова прашање. До мене доаѓаат различни информации дека понекогаш се случува некоја позиција на пазарот да се злоупотребува. Сакам да ги кажам законите во овој дел и јасно да предупредам. Операторот на мрежата е оператор на мрежа за сите клиенти во Македонија. ЕВН Македонија е поделена на две претпријатија. Едното е ЕВН мрежа кое има задача да ја одржува и да се грижи за состојбата на мрежата, значи за жиците, трансформаторите, приклучоците, броилата и тн. Тие за таа работа имаат добиено регулирана цена од Регулаторна комисија и таа цена за таа услуга не е дискутабилна и не е предмет на преговарање, ниту пак се формира на слободен пазар. И таа цена е една и иста за сите. Затоа, компанијата треба да има недискримнинаторски однос кој сите снабдувачи. Доколку некој сака да создаде ситуација во која ќе има различен однос кон различни снабдувачи сакам јасно да порачам дека тоа е пред се противзаконско, не е во согласност со европската регулатива, не е во согласност со македонските закони и е казниво со закон. На секој што ќе се осмели да направи такво нешто му препорачувам да внимава што прави бидејќи ги крши законите. Ние како ЕДС ќе ги заштитиме сите наши клиенти. Имаме две адвокатски канцеларии кои стојат зад нас и кои ќе стојат зад нас во заштитата на нашите клиенти доколку се случи некоја таква несакана ситуација. Што се однесува до функционирањето во пракса без разлика колку и да има најави за такво однесување јас можам да кажам дека во делот на функционирањето ние немаме никаков проблем. Никој досега не се обидел да направи такво нешто и тоа сакам да го потенцирам. Не знам кој што најавувал меѓутоа од 1 април компаниите кои излегоа на слободен пазар ниту имале, ниту некој се обидел да им направи било каков проблем во делот на мрежата. Сакам да кажам дека никој не треба да се плаши од некакви најави дека се можни проблеми со мрежата. Јас како снабдувач гарантирам дека ќе ја донесам енергијата во системот. Дали таа енергија која е донесена во системот ќе дојде до корисникот одговара ЕВН мрежа. За тоа законите се многу јасни и тоа така функционира во целиот свет. Но, во Македонија постои една друга ситуација. Ако клиентите не си ги знаат своите права, што е нели и нормално, бидејќи не може секој да биде експерт и да ги знае сите закони од енергетиката, некој се обидува тоа да го злоупотребува па бесплатно да им зема трафостаници, да ги уценува со некои други активности.Ние сме тука да ги заштитиме нашите клиенти и да им помогнеме да ги знаат подобро своите права. Затоа гарантирам дека ако корисниците си ги знаат своите права, не може да се случи никаква непосакувана ситуација. А ако се случи, законите се така поставени што клиентите можат да бараат и да добијат обесштетување и ние на нашите клиенти во тој дел им ја нудиме нашата поддршка.

Какви се искуствата на големите компании кои од април излегоа на слободен пазар? Имаат ли заштеда кај трошоците за енергија и колкава заштеди проценувате дека се можни кај компаниите кои од јануари 2015 година излегуваат на слободен пазар?

Компаниите кои излегува на слободен пазар во втората фаза на либерализацијата на пазарот на електрична енергија трошеа околу 700 гигават часови електрична енергија годишно. Тие плаќаа просечна цена од 96 евра по мегават час, а сега сите тие имаат просечна цена на енергија од 75 евра по мегават час. Значи, 20 евра по мегават час поевтино ја плаќаат електричната енергија која ја трошат. Или тоа е заштеда од 14 милиони евра на годишен план. Моите компании го добија овој износ на заштеда. Што добија компаниите што ги снабдуваат други снабдувачи не можам да зборувам бидејќи немам увид во договорите кои ги имаат со нивите клиенти.
Она што ќе го кажам е дека македонската индустрија за сиве овие години наназад пред да се случи либерализацијата плаќаше многу скапа електрична енергија, која беше поскапа од енергијата која ја плаќаше европската индустрија каде беше завршена либерализацијата.

Како ја коментирате вие ценовната политика која Македонија ја води кога се во прашање енергенсите? Каква е ситуацијата во европските земји, кој плаќа поевтина енергија индустријата или домаќинствата?

-Македонија според мене води исправна ценовна политика. Мислам исправна на тој начин што уште домашното производство кое е поевтино од меѓународната цена на електричната енергија го насочува кон граѓаните.
Она што не е доволно објаснето сега во овој процес на либерализацијата е тоа кои се опциите на граѓаните како клиенти на пазарот. Едната опција е да излезе на слободен пазар и да склучи договор за снабдување со електрична енергија со некоја од фирмите кои имаат лиценца за снабдување, а другата опција е да остане на регулираниот пазар. Државата, преку Регулаторната комисија ги кажа цените на електричната енергија за сите субјекти кои ќе останат на регулиран пазар. Цената на електричната енергија за домаќинствата кои ќе останат на регулиран пазар изнесуваат околу 72 евра.
Тоа значи дека на домаќинствата повеќе им се исплатува да останат на регулираниот пазар, бидејќи ако излезат на слободен пазар ќе плаќаат поскапа цена. Кај индустријата е друг случајот. Оние фирми кои сега се на регулиран пазар плаќаат поскапа цена од пазарната, а ако останат и од јануари следната година на регулираниот пазар ќе плаќаат уште поскапа цена на струја од постојната. Значи нив повеќе им се исплати да излезат на слободен пазар, а не да останат на регулиран пазар. Значи компаниите ќе бидат големи добитници, а граѓаните нема да бидат големи губитници , бидејќи цената на струјата кај овој сегмент може да се зголеми од 2% до 5%.

Колкави заштеди се очекуваат кај компаниите кои сега имаат можност да излезат на отворен пазар?

Заштедите се движат од најмалку 15% па до 50%. Тоа зависи од фирма до фирма. Просечната заштеда на клиентите на ЕДС изнесува околу 32%.
Сите правни лица треба да излезат на слободниот пазар, да добијат поконкурентна цена на електричната енергија и така да имаат помали трошоци во работењето и да бидат поконкурентни на пазарот.
Фирмите не треба да го чекаат последниот ден 15 ноември, туку да се заинтересираат на време кај снабдувачите. Ние како ЕДС цениме дека сме најголем снабдувач и ја имаме најголемата балансна група во Македонија. Ние ја преземаме одговорноста за клиентите за нивното најавување кон МЕПСО, пеналите заради нивното отстапување, ние сето тоа го покриваме. Компаниите немаат никаква одговорност. Во нашата цена се вклучени сите тие трошоци, значи над тоа нема да платат никакви дополнителни цени, пенали, итн. Така, вклучувајќи ги во нашата балансна група, ние тој трошок го преземаме. Односно, ние за нив одговараме пред систем операторот МЕПСО. Практично немаат никаква обврска, а продолжуваат да си работат како и претходно. Не менуваат приклучоци, броила, едноставно менуваат само снабдувач и договор. Не треба ништо да направат, освен да добијат договор со пониска цена. И да биде тоа на нивни бенефит. Тоа треба да им биде јасно на сите клиенти. Ние како ЕДС им нудиме на компаниите да направиме пред се анализа за нив. Лично им се обраќање на најголемите компании и ќе бидат лично посетени од наша страна. Тоа се околу 10.000 компании. Ние имаме мрежа на агенти и тие агенти ќе ги посетат сите компании. Ќе им објаснат за либерализација, а ако компаниите ни ја дадат нивната досегашна потрошувачка, ние им правиме анализа специјална за тоа колку до сега плаќале, и колку би плаќале како снабдувани во краен случај, и колку ќе плаќаат кај нас со симулација, со цени. Во тоа е вклучена и цената на мрежарината и колку ќе заштедат заедно со се плаќањето на струјата и мрежарината. Така на секој клиент, му даваме понуда. А за да добијат понуда од наша страна може да ги направат следните работи. Може да го посетат нашиот сајт, можат на тој веб сајт кај генераторот на понуди да остават податоци за својата фирма и за потрошувачката. Така автоматски ќе добијат и анализа и понуда. Втор начин за да добијат понуда е да се јават на телефон кај нас, па ќе бидат насочени што треба да направат за да добијат понуда од наша страна. Трет начин е да се обратат преку мејл, а ние веднаш ќе ги контактираме. И на крај конечно, секој наш агент ќе ги посети нив и ќе можат на лице место со него да поразговараат, да им стане јасно за што станува збор и да добијат понуда.
Јас им препорачувам на компаниите да не го чекаат последниот ден, оти станува збор за над 20.000 компании и тие податоци не може да се обработат брзо. Ние како ЕДС сме убедени дека ќе им ја дадеме најконкурентната, најдобрата понуда. Практично ЕДС не е човек фирма, туку дел од Фероинвест во која има 670 вработени. Само во делот на ЕДС во делот на малопродажба има 25 агенти, 15 специјалисти во бек-офис, кои секојдневно се занимаваат со овие прашања. ЕДС е единствена компанија во Македонија, една од најбрзорастечките компании, која има ќерки фирми во цела Југоисточна Европа, и тоа е гарант дека ние практично електричната енергија сами ја носиме за себе, имаме крајни договори со термоелектраните и хидроелектраните од целиот регион. ЕДС е единствена фирма во цела Македонија која котира на релевантните берзи каде секојдневно купуваме и продаваме енергија и со тоа успеваме да ја избалансираме нашата балансна група.

Кои се Вашите прогнози околу енергетското снабдување на Македонија? Дали енергетската политика која сега ја води Македонија може да обезбеди нормално снабдување по нормални цени на индустријата и домаќинствата или скапата струја е неизбежен процес?

Што се однесува до електричната енергија Македонија е увозно зависна и енергетски сиромашна земја. Како држава мора да работиме на тоа го подобриме домашното производство на струја. Од енергетски ресурси Македонија има јаглен, чии ресурси се веќе при крај, и имаме вода. И толку.

Колкави се тогаш опциите за зголемување на домашното производство?

Опциите се да се искористат и направат сите можни производни капацитети. Тоа веројатно ќе значи малку поскапо производство на енергија. Втората опција е да се искористат веќе постојните објекти како термоелектраните Осломеј, Битола, а при тоа горивото кое за нив го немаме да го увеземе. Но, тие моментално работат на лигнит, а кој има барем малку познавање од енергетиката знае дека не е баш паметно да се увезува лигнит бидејќи на тој начин се увезува многу количина и тежина, а малку калории. Паметна опција би била да се увезува високо калоричен јаглен, камен јаглен или слично, но тоа од друга страна бара адаптација на постоечките котли. Значи, со инвестиција во адаптација на котлите може да се продолжи векот на електраните и да се овозможи една подолгорочна стабилност во снабдувањето со електрична енергија на земјата од домашно производство. Ние и тоа да го направиме ќе бидеме 30% увозно зависни од електрична енергија, но ако тоа не го направиме процентот на зависноста од електрична енергија од увоз ќе биде многу поголем.

Втората работа која треба да ја расчисти Македонија како земја е поврзана со електраните. Во јавноста многу често слушаме различни работи околу малите електрани. Јас лично во јавноста имам објаснето дека малите електрани се многу поисплатливи за државата. Ако на пример ги земеме големите електрани како Чебрен и Галиште , кои допрва треба да се градат, како Света Петка и Козјак, кои се веќе направени тоа што може да се заклучи е дека тие чинат многу скапо, над 400 милиони евра, направени се со странски кредити кои треба да се враќаат и за кои државата дала банкарски гаранции, македонските компании не можеа да се појават како понудувачи и да учествуваат во нивната изградба, па се појавија само како подизведувачи, а главниот бенефит го однесоа странски компании кои беа главни изведувачи. Во двете изградени електрани има инсталирана вкупна снага од 120 мегавати , а цената на електричната енергија е околу 120 до 130 евра за мегават час. Ние тоа не го гледаме директно, туку го гледаме преку цената на ЕЛЕМ од 39 евра која е просек од многу ниската цена на струја од РЕК Битола и од скапата струја од овие две електрани. Не сакам да кажам дека тие не требало да се градат. Напротив, добро е што тие се изградени. Но, сакам да го потенцирам моментот со малите електрани. На пример ако се изградат 100 мали електрани, повторно ќе има инсталирана снага од околу 120 мегавати, кои ќе произведат вкупна количина струја исто колку и Света Петка и Козјак заедно. Но, тука државата не дава никакви гаранции, туку напротив собира концесиски надомести од прилично сериозни износи од 20 до 30 милиони евра. За изградбата гарантираат македонски или странски компании, а главно градат македонски компании. Инвестицијата на пример за 100 електрани би била околу 200 до 250 милиони евра, а во нивната изградба би се вклучиле градежната индустрија, металната индустрија…И на крајот цената на електричната енергија по бенефицираната цена на струја изнесува 75 евра по мегават час. Тогаш зошто големите електрани се добри, а малите електрани се лоши? Мојот став е дека треба да се градат и големи и мали електрани.

А каква е моментално државната политика во однос на малите електрани?

Владата дозволува да се градат и едните и другите. И тоа треба да продолжи. Мислам дека во моментот се изградени околу 30- 35 мали електрани. Поделени се концесии за околу 60-тина без најновите, а со новите веројатно ќе се дојде до бројка од 100 мали електрани. За жал тука локациите се ограничени. Хидроелектрани можат да се направат толку колку што има одредено географски локации.

Се добива впечаток дека Македонија недоволно ги користи тие ресурси како вода, сонце … Намерно е затворен пазарот или се уште е скапо да се инвестира во тоа?

Јас го оправдувам ограничувањето во градбата на ветерните електрани. И тоа пред се поради стабилност на системот, како и ограничувањето на сончевите колектори и тоа од аспект од цената на електричната енергија. Но, за хидроелектраните мислам дека треба да се направат колку што е можно повеќе. Бидејќи и цената е ниска, а и добро е да се зафатат сите водни потенцијали.

Повеќе од 10 години сте во бизнисот во Македонија. До сега немало шпекулации дека сте блиски до една или друга партија, а сепак сте успешен во бизнисите во кои влегувате?

Мојот став е дека бизнисот е бизнис, политиката си е политика. И тие работи не треба да се мешаат. Не можам да кажам дека мене политиката нешто значително ми пречи, а пак не можам да кажам ни дека нешто значително ми помогнала. Процесите, како на пример објавувањето на тендер за хидроелектрани е позитивен процес и ние сме учествувале на него и сме добиле. Тоа е нашиот допир со политиката и тоа е нивна позитивна проценка дека требало тоа да се случи. Но, од друга страна освојувањето на странските пазари, организирањето на производството итн. не е нешто што ние очекуваме политиката да го направи и да ни помогне. Ако сте вие стопанственик и ако имате проблем со производството, вие самите треба да го решите. Ако имате проблем со финансиите, разговарајте со банките и решето го проблемот. Ако имате проблем со пазарите, направете си комерцијална анализа, направете комерцијален пробив за да ги освоите тие пазари. Кратко речено- јас не се занимавам со политика, и не сакам да се занимавам со политика. Политичарите нека го прават амбиентот, ако можат тоа да го направат, а ние стопанствениците треба да си ја работиме нашата работа. И јас тоа се обидувам да го правам.

Досега сте влезен во бизнисот со трговија со струја, во изградба на мали електрани..Планирате ли да влегувате во уште некој друг бизнис?

Не. Јас влегувам само во бизнисите што ги разбирам, оти само тие бизниси можам и знам да ги менаџирам. Мојот домен е металната индустрија и енергетика. До тие гранки ќе се држам и во тие две гранки ќе правам проекти. Но, да влегувам во други гранки како на пример храна, вино, хотелиерство, банкарство, во кои немам никакво искуство, не планирам. Јас сум присталица на правилото дека секој треба да си се држи до гранката во која е најспособен и која најдобро знае да ја работи.

***

Досега имавме класична монополска ситуација на пазарот со електрична енергија

Како и во секој процес на либерализација станува збор за процес на создавање на конкурентски амбиент во една држава. Во Македонија на овој пазар досега имавме една класична монополска ситуација која функционираше врз база на презентирање и признавање на трошоци од страна во Регулаторна комисија и така се формираше цената на струјата и за индустријата и за домаќинствата. Индустријата во Македонија до скоро плаќаше цена на електрична енергија од 96 евра по мегават час кај големите компании па до 141 евра по мегават час кај помалите фирми. Таа цена на електрична енергија е многу повисока во споредба со било која друга европска земја. Зошто е тоа така? Бидејќи падот на цената на електричната енергија на меѓународните пазари никогаш не стигна до компаниите. Со либерализацијата тоа се случува. Она што е важно дека со либерализацијата ако се спроведе правилно нема да има губитници. Либерализацијата ќе предизвика поголема конкуренција на пазарот, што од друга страна ќе ги поттикне сите компании кои учествуваат во бизнисот со снабдување со електрична енергија , да понудат поквалитетен и поевтин производ за сите корисници и потрошувачи.

Операторот на мрежата треба да има ист однос кон сите снабдувачи

Јас мислам дека во овој сектор има многу работа за Комисијата за заштита на конкурентноста и сметам дека треба да поведе одредена активност по однос на ова прашање. До мене доаѓаат различни информации дека понекогаш се случува некоја позиција на пазарот да се злоупотребува. Сакам да ги кажам законите во овој дел и јасно да предупредам. Операторот на мрежата е оператор на мрежа за сите клиенти во Македонија.

Доколку некој сака да создаде ситуација во која ќе има различен однос кон различни снабдувачи сакам јасно да порачам дека тоа е пред се противзаконско, не е во согласност со европската регулатива, не е во согласност со македонските закони и е казниво со закон. На секој што ќе се осмели да направи такво нешто му препорачувам да внимава што прави бидејќи ги крши законите. Ние како ЕДС ќе ги заштитиме сите наши клиенти. Имаме две адвокатски канцеларии кои стојат зад нас и кои ќе стојат зад нас во заштитата на нашите клиенти доколку се случи некоја таква несакана ситуација.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×