Со оваа оценка денес почна Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија
Ризикот од меѓународен конфликт ќе биде најголемата закана за земјите и бизнисот во следната деценија, што значително ги надминува економските проблеми, е истакнато на денес почнатиот Светски економски форум, во Давос, Швајцарија. Оценката е базирана врз одговорите од светски бизнис лидери и аналитичари добиени пред неколку месеци, но ова е прв пат во историјата на истражувањето, конфликтите во светот да ги тргнат економските ризици од врвот на листата.
Овој пат речиси 900 експерти кои учествувале во студијата, ги посочиле како главни закани активностите на проруските сепаратисти во Украина, подемот на екстремистичката група “Исламска држава” и други геополитички проблеми. “Изненадувачки е дека геополитичките ризици се истакнати многу посилно отколку другите ризици”, изјави Маргарета Џениек – Хануз, водечки економист на Светскиот економски форум.
Не сме излегле целосно од кризата
Во прилог на стравувањата од големи судири меѓу држави е и тоа што начините за водење на воени дејствија се менуваат, вели истражувањето и во тој контекст ги наведува меѓународните сајбер напади, ударите со беспилотни дронови, како и проширувањето на употребата на економски санкции.
Од спроведувањето на истражувањето до сега, економската слика се влоши значително, затоа што нафтата падна под 50 долари за барел, дефлацијата во еврозоната се зголеми, а Светската банка ја намали прогнозата за растот на светската економија.
“Се уште не сме надвор од опасност во однос на заздравувањето на економијата”, рече Џениек- Хануз. Економските стравувања меѓу експертите не се намалуваат од година во година, но едноставно се засенети од геополитичките прашања, додаде таа.