Геополитички игри околу гасот 
Објавено на од во Бизнис и политика

Putin gasovod WEBЌе се поврзе ли Македонија на Турски тек, на ТАП, или и на двата заедно?

На не повеќе од педесетина километри од нашата јужна граница набргу ќе поминуваат барем два гасоводи – Турски тек и ТАП, околу кои се испреплетуваат геополитички интереси што може да резултираат и со поврзување на првиот – што ја задржува Русија во играта, со вториот – што е поддржан од ЕУ, а токму со цел Москва да се ограничи како фактор   

Од кај што беа запрени со Јужен тек, Русите продолжуваат со Турски тек. Во голема мерка поради непринципиелноста на Европа која се спротистави на Јужен тек, а Германија со Русите „на големо” го развива проектот Северен тек 2, на чие чело од неодамна е поранешниот канцелар Герхард Шредер. Ако се прави преседан со европската регулатива и политика за Северен тек 2, за Германија да биде центар за дистрибуција на рускиот гас на југ, истата формула Русите можат да ја применат за реставрација на Јужен, во Турски тек, гасоводот што преку продолжување од видот на проектот Тесла, може да носи гас и на север, до Унгарија.

Русија и Турција до декември 2019 година планираат да ја завршат изградбата на двата цевководи од овој гасовод. Договорот, на 10 октомври во Истанбул, го потпишаа министрите за енергетика на Русија и на Турција, Александар Новак и Берат Албајрак, под „надзор“ на претседателите Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган. Првиот цевковод од Турски тек ќе доставува гас за Турција, а вториот треба истото да го прави за јужна и за југоисточна Европа.

Овој втор крак го отовора прашањето што ќе значи Турски тек за Македонија, а во контекстот, кај нас, во Скопје, неколку дена по договорот за Турски тек, беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Македонски енергетски ресурси (МЕР) и грчкиот гасен оператор ДЕСФА, за овозможување на изградбата на интерконективен вод за пренос на гас до Грција.

Директорот на МЕР, Крсте Миладинов, говорејќи во пригодата, рече дека со завршувањето на првата делница од магистралниот гасовод Клечовце-Штип, се отворила можноста за изградба на интерконективниот вод за поврзување со Грција. А на северот на Грција, на не повеќе од педесетина километри од нашата јужна граница, ќе поминуваат барем два гасоводи – единиот руски (Турски тек), а другиот поддржан од Европа (ТАП – Трансјадранскиот гасовод).

„Гасоводот (интерконективниот вод за пренос на природен гас, Штип-Неа Месемврија, со вкупна должина од околу 160 километри, н.з.) ќе има годишен капацитет од над една милијарда метри кубни природен гас. Придобивките се големи зашто ќе се овозможи снабдување со дополнителни количини на природен гас што ќе бидат неопходни за наредните години, како што е користењето на рускиот гас и на оној од Азербејџан, и поврзување на гасоводот со проектот ТАП и со гасоводот Турски тек, како и со други коридори за кои има можност да поминуваат во нашето опкружување“, изјави Миладинов, кој рече дека се во тек подготовки за потпишување мемерандум (како овој со Грција) и со Србија, со што коридорот ќе стане и транзитен со дополнителни количини на гас.

Од Турски тек, од вториот крак, според информации од руски медиуми, околу 6 милијарди кубни метри гас годишно може да одат во Романија, во Молдавија и во Македонија.

Но, од овој втор крак, наменет за извоз во Европа, „Газпром“, кој целосно ќе ја финансира изградбата на морскиот дел од гасоводот, може и да се откаже – како што дозволува клаузула од договорот од 10 октомври. Првиот човек на рускиот гигант, Алексеј Милер, изјави дека цевководот за Европа ќе се реализира „само во случај пред тоа да не се зголемат потребите за руски гас во Турција“, но споменатата клаузула повеќе треба да се гледа во контекст на релациите со ТАП – гасоводот на истата линија, поддржан од ЕУ.

Putin gasovod WEB 02

ВИШЕГРАДСКА ГРУПА: „Германија со Северен тек 2 ќе ја минира можноста во Европа да се направи добра енергетска унија што ќе гарантира конкуренција во испораките и вистинска диверзификација на изворите на гас“

Турски тек ќе ја „преживее“ ЕК: Што прави Германија со Северен тек, ќе се направи и овде

Европското разгледување на прашањето за Турски тек е веќе почнато, потврди амбасадорот на ЕУ во Москва, Вигаудас Ушацкас. Претходниот проект, Јужен тек, не го преживеа спротиставувањето на Европската комисија (требаше по дното на Црното Море да пренесува гас од Русија во Бугарија), зашто беше донесен Третиот енергетски пакет на Европската унија според кој една иста страна не може да извезува гас додека истовремено е сопственик на гасна инфраструктура. Во вакви околности рускиот претседател Владимир Путин, во декември 2014 година, објави дека гасоводот се врти кон Турција, и оти наместо Јужен, ќе има Турски тек. Руски Газпром и турски Ботас тогаш и го потпишаа меморандумот за разбирање за изградба на Турски тек. Предвидено е гасоводот да биде долг 660 километри и да оди по поранешната рута на Јужен тек (со што Русија ќе си ги намали загубите од стопираниот проект), со околу 250 километри нова патека кон европскиот дел на Турција. Реализацијата на проектот се забави поради соборувањето на рускиот воен авион од страна на турската авијација на крајот од 2015 година.

„Никогаш не велиме „не“, и секогаш сме отворени за дискусија по различни варијанти, но врз основа на тоа колку тие одговараат на интересите на ЕУ. Во овој контекст ќе донесеме одлука, кога ќе имаме јасна слика, односно информации од овој договор, имајќи предвид дека постојат и други проекти што се водат и се поддржани од ЕУ“, изјави амбасадорот Ушацкас.

Експертите што ги консултиравме сметаат дека Турски тек овој пат ќе ја „преживее“ Европската комисија.

„За Турски тек Грција, членка на ЕУ, има договор. Истото што го прави Германија со Северен тек, ќе се направи и овде. Ако може за Германија ова да помине, ќе може и во овој случај. Во договорот што го има Грција е искористена правна форма каква што употреби Германија, и тоа ќе помине“, вели професорот Константин Димитров, претседател на МАЦЕФ – Центарот за енергетска ефикасност на Македонија.

Тој во гасоводните проекти на македонската Влада насетува намера да се приклучиме на еден од гасоводите – Турски тек или ТАП, кај Гевгелија.

„Првата цевка од Турски тек би служела за Турција, и таа скоро целосно ќе го замени таканаречениот балкански цевковод што тргнува од Русија, низ Украина, Молдавија, Бугарија, Грција, и стасуваше до Турција, на кој сме и ние приклучени, и ја добиваме нашата количина на гас. Со тоа Русија ја елиминира Украина од равенката. Вториот цевковод од Турски тек треба да оди кон Европа, преку Грција, кон Италија, и е конкурентен на цевководот ТАП, а го подразбира договорот лани потпишан од Русија, од Грција и од Италија“, вели Димитров.

Следниот чекор ќе биде изградба на цевководот до грчката граница, на истата линија каде што се предвидуваше да помине Јужен тек, кој требаше да продолжи до Виена.

„Ова го спречи Европа, односно Германија, со голема поддршка на САД. Германците сакаат да ја преземат улогата од Австрија, која, ако стигнеше до неа Јужен тек, ќе станеше центар за распределба на гас со голем профит. Германија си направи договор со Русија за Северен тек 2, и таа ќе го земе профитот како дистрибутер“, коментира претседателот на МАЦЕФ.

Неспорно, Турски тек е конкуренција на ТАП, оди по истата маршута, и ќе има натрпевар кој прв ќе заврши со изградбата и ќе стигне со маршута до Италија. При што постои можност да коегзистираат двата гасоводи, а може и да се обединат.

„Гасот ќе поминува низ северна Грција, над Солун, на педесетина километри од нашата јужна граница, пред да отиде во Албанија, па на море во Италија. Така што, ние можеме да се приклучиме кај Гевгелија, зашто таму е природно погодно, рамно, а може да се размислува, како што сметаат некои, и од Албанија, што сметам дека е поневеројатно, зашто цевководот ќе оди покрај море, а од таму се уште 250 километри. Оптимално е, веројатно и државата затоа брза со цевководот што го гради кон Неготино – чувствува дека таму е пристапот, да се приклучиме од Грција.

Постои и варијантата, проектот Тесла, кој предвидува минимум една цевка – продолжение на Турски тек, а некои велат и две, што би поминувал низ Македонија и Србија, до Унгарија.

Ние го имаме изборот со овие два гасоводи – Турски тек и ТАП“, вели Димитров.

Националната гасоводна мрежа на Македонија треба да биде завршена до 2022 година, при што делницата Клечовце-Штип е готова, а се гради вториот потег од Штип до Неготино. Следната фаза ќе се однесува на краците од Неготино до Битола, потоа Скопје–Гостивар и од Штип до Струмица и Гевгелија.

Од парите за Клечовце-Штип – 75 милиони долари, 60 милиони се обезбедни од пребивање на клириншкиот долг од Русија, а 15 милиони од нашиот државен буџет. Вкупната должина на гасоводите во Македонија е околу 201 километри, а заедно чинат околу 90 милиони евра.

Владата на Македонија веќе донесе одлука за почнување постапка за изградба на дистрибутивна мрежа за гас, со подобрени услови за полесно привлекување на потенцијалните инвеститори по пат на јавно-приватно партнерство, при што до крајот на месецов ќе се избира концесионер за скопскиот, за западниот и за источниот регион.

Подобрените услови подразбираат зголемување на концесијата од 20 на 30 години, како и намалување на цената за приклучување кон гасоводот за домаќинствата, од 100 на 80 евра.

Турција најавува интеграција на Турски тек и на ТАП

Грција го поддржува Турски тек, „зашто ќе ја зголеми енергетската безбедност во земјата и ќе ѝ помогне да ја достигне својата цел – да стане регионален енергетски центар“, како што изјавија од Министерството за животна средина и енергетика во Атина. Нашиот јужен сосед е заинтересиран за проекти како Посејдон – морскиот грчко-италијанско-руски гасоводен проект, за да се заврши коридорот за гас од Турција во Грција преку морски цевковод низ Јонското Море до Италија.

„Заинтересирани сме за транспорт на руски природен гас преку Грција во Италија и во остатокот на Европа, во рамките на европските правила“, наведуваат од грчкото Министерство. Таму сметаат дека проектите Турски тек, и поддржаниот од ЕК, Трансјадранскиот гасовод (за транспорт на азербејџанскиот гас до европските пазари) во рамките на Јужниот гасен коридор, не се исклучуваат взаемно, и придонесуваат за конкурентноста на цената на гасот.

Турците, пак, се залагаат гасоводите не само взаемно да не се исклучуваат, туку и да престанат да си претставуваат проблем еден на друг, преку заедничко вклучување во единствениот систем за снабдување на Европа по јужниот правец.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, неодамна изјави дека Турција „по изградбата на првиот крак од Турски тек сака рускиот гас да го доставува во Европа по Јужниот гасен коридор“, и оти Анкара планира „интеграција на рускиот проект и на ТАНАП (Трансанадолискиот гасовод – од Азербејаџан, преку Грузија и Турција, до Европа; што ќе биде централен дел од Јужниот гасен коридор и ќе го поврзува наоѓалиштето Шах Дениз во Азербејџан, со Европа, преку Јужнокавкаскиот гасовод и ТАП)“. Чавушоглу рече дека низ првиот цевковод на Турски тек го годишно ќе доаѓаат околу 16 милијарди метри кубни гас, а вишокот, што нема да ѝ треба на Турција, ќе оди во ТАНАП.

„Ние оваа работа (интеграцијата на двата гасоводи, н.з.) ќе ја завршиме до 2018 година. Тој гас оди во Европа“, изјави шефот на турската дипломатија.

Во овој правец се изјаснија и Азербејџанците во лицето на потпретседателот на нафтената компанија СОЦАР (која учествува во ТАНАП со 58%), Елшад Насиров, кој изјави дека „Азербејџан е подготвен да ја искористи силата на Турски тек“.

Ако ова биде вака, како што навиваат Турците и Азербејџанците, и ако за сѐ има конкретни договори на државите, толкувањата на експертите се дека Европската комисија против овој проект не би можела да има аргументи од економска природа.

Секако, нешто сосем друго е кога аргументацијата ќе се префрли на геополитичкото поле, дека е потребно да се намали европската зависност од рускиот гас преку диверзификација на доставувачите, за што најнедоследен европски пример е она што Германија го прави со Северен тек 2.

Членките на Вишеградската група веќе ги осудија плановите за ова проширување на гасоводот Северен тек, сметајќи дека „изградбата на Северен тек 2 ќе ја минира можноста во Европа да се направи добра енергетска унија што навистина ќе гарантира конкуренција во испораките, а со тоа и вистинска диверзификација на изворите на гас за Европа“, како што изјави полскиот претседател, Анджеј Дуда.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×