Ѓерѓ Конрад: Револуцијата може да ја симне, но само образованието може да ја порази лошата власт!
Објавено на од во Интервју

Hegymagason_2006 WEBЃерѓ Конрад
писател

Поранешниот претседател на Светската организација на писатели(PЕN International) и претседател на Академијата на уметности на Германија, адвокат за човековите слободи и пpава, добитник на мал милион награди, преведуван и цитиран на сите светски јазици во ексклузивно интервју за „Капитал“ вели дека само силно образовани луѓе можат да се спротивстават на денешниве илиберални демократии и нивните автократски лидери. Токму затоа, автократите удираат по универзитетите, вели тој и порачува да се стави акцент на таа борба во којашто слободоумните и умните мора да победат за општеството да се опорави од годините на лоша власт.

 

Со Ѓерѓ Конрад се сретнавме едно сончево мајско попладне во неговиот дом во Будим. Возбудата како новинар е огромна, се витка пред неговата биографија и кулминира кога вратата ја отвора 84 годишен човек со енергија на вечен борец и нескршлив дух. Домот му мириса на знаење и мудрост. Книги насекаде. Ме води во библиотека со прекрасен поглед на ридовите на будимовата страна на Дунав. Идиличната атмосфера покрај терасата и песната на птиците од дрворедот пред неговиот стан ја прекинува нашиот сериозен разговор:

Светот после Брегзит и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД повеќе не е истиот. Можеби она што најмногу ги плаши либералните умови не се политичките промени коишто ќе следат, туку фактот што милиони луѓе поддржаа политики на изолационизам, популизам, регрес на науката, притисок врз човековите права и слободи. Во вашата автобиографска книга „Гостин во сопствената земја“ опишувајќи како како мало дете – Евреин сте гледале на фашизмот велите: „Се што ми претставува закана мене, мора да е идиотско, секој којшто ми е закана е идиот, оти јас не сум закана за никого“. За Вас поддржувачите на Хитлер биле глупави и задоени идиоти. Денеска повторно гледаме остатоци од него и од неговата визија воскреснати не во еден, туку во повеќе лидери низ Европа и светот. Си имаме ли повторно работа со политички идиоти?

Со локални идиоти (се смее, н.з)

Како го објаснувате тој мазохизам кога луѓето свесно избираат лидери коишто им ја ограничуваат индивидуалната слобода?

Прво да кажам дека не бев воопшто среќен со Брегзит и не бев среќен ниту со изборот на г. Трамп за претседател. Сметав дека двата столба, гаранции за либералната демократија, Велика Британија и САД се разнишани. Вистинското прашање коешто се наметна после ваквиот тек на настаните е – како ќе се развива иднината на Европа? Реална е опасноста од порастот на десните и особено крјано десните политички движења, но фактот дека тие не победија на изборите во Холандија, во Австрија, во Германија не стануваат посилни, а како што гледаме веројатно нема да победат ниту во Франција, дава надеж дека Западна Европа не е сосема полудена.

 А Источна?

И Источна е солидна. Во Чешка, Земан не е некој особен извор на мудрост, но не верувам дека би одел далеку. Во Словачка, Фицо е националист, но сепак покажува знаци на модернизација. На пример, добро е што го избраа еврото како официјална валута. Мислам дека национализмот во овие држави останува повеќе на ниво на празна реторика.

Минатата недела го слушнавме и кандидатот за претседател на Франција Емануел Макрон, оној во којшто либералите полагаат надежи за пораз на кандидатката на крајната десница, Ле Пен, како вели дека Европската унија мора да се реформира или ќе следува „Фрегзит“. Верувате ли во овие закани, или Макрон само се обидува да ги „преземе“ гласачите на Ле Пен пред вториот круг гласање?

Ќе кажам само дека Макрон беше прилично добар министер за економија, доаѓа од Ротшилд банката. Ако некој е добар банкар не може да е глупав.


Ваквите лидери сакаат да му дадат демонско лице на либерализмот, оти за обичниот човек потребно е лице, персонификација, демонот да има човечко лице. И тоа е претстава за масите. Се избира човек којшто е моќен и којшто има многу пари и тој е ѓаволот. Сега тоа е Сорос. А всушност ѓаволот е на друго место“, вели тој објаснувајќи ги состојбите на Балканот и во неговата земја.

Сепак сведочиме на засилени националистички чувства…

Во оваа земја да. Всушност во сите земји. Тие коњи на национализмот некогаш многу брзо јаваат, некогаш се остарени, уморни.

 Ова е време на нивна силна потенција?

Да, јас секогаш велам  - побавно, побавно…  особено во време кога галопираат по наредба. Во политиката времето е клучна категорија. Брзите политички одлуки обично се осудени на пропаст. За се потребно е време и трпение. Процесите треба да се одвиваат полека.

Во Унгарија благодарение на отпорот што го даде интелигенцијата, не само унгарска, туку и од светот, реагираа универзитети од Лондон, Париз, Њујорк, Владата се откажа од намерата за затворање на Централно Европскиот Универзитет (ЦЕУ)…

Тоа беше секако идиотски чекор. Кога некој има се повеќе и повеќе моќ, почнува да мисли дека сите негови идеи се секогаш најдобри. Ваквите лидери се спремни да веруваат дека знаат доволно за темата. Притоа сакаат да му дадат демонско лице на либерализмот, оти за обичниот човек, којшто го зборува јазикот на омразата потребно е лице, персонификација, демонот да има човечко лице. И тоа е претстава за масите. Се избира човек којшто е моќен и којшто има многу пари и тој е ѓаволот. Во случајов, тоа е Сорос. Сорос кај нас, а и во светот е основач на многу универзитети, на многу културни институции. Тука, дури 70 % од инвестициите во културата се негови. А во економијата 90 % од инвестициите се од фондови од Европската Унија. Ѓаволот е значи на друго место.

Каква е иднината на Европа со вакви лидери, за коишто се добри нејзините пари, ама не и нејзините вредности?

Луѓето коишто работат таму во Брисел, во Европската Комисија, во Европскиот Парламент не се толкави идиоти како што нашите лидери ги мислат. Нашиве мислат дека ако во 10 наутро ним им кажат нешто, а во 4 попладне дома кажат нешто сосема друго, тие нема да разберат и да ја имаат таа саркастична насмевка што Вие ја имате сега во моментов.


Револуцијата е секогаш вештачка креација, спротивна од еволуција.  Не сум револуционер, оти знаете  – тие што се победници во Револуцијата на крајот ќе је повторат позицијата на оние што биле губитници. Стануваат едно исто. 

На вистинските интелектуалци власт не им треба, политичарите се луѓе без професија

 Сепак, успеавте да го спасите ЦЕУ. Дали ова е единствениот начин да се избори општеството за вредностите? Кога интелигенцијата го крева гласот….?

Па видете, не е единствен, секогаш има и тенкови, бомби… (се смее, н.з)

Ништо чудно што ова го зборувате. Во 1956 лично сте биле дел од Револуцијата. Прочитав дека сте носеле и пиштол, иако никогаш не сте го употребиле.

Не се плашете од мене, Ве уверувам дека нема да пукам во никого.

Верувате во моќта на Револуцијата или сепак се залагате за мирно уривање на режими?

Револуцијата е секогаш вештачка креација, спротивна од еволуција.  Не сум револуционер, оти знаете  - тие што се победници во Револуцијата на крајот ќе је повторат позицијата на оние што биле губитници. Стануваат едно исто.

Значи Револуцијата не е решение?

Не. Револуционерите се сепак политичка класа, а јас сум скептик во однос на политичката класа. Професионалните политичари се борат за власт и за моќ и за да ја задржат таа моќ. На вистинските интелектуалци не им треба власт. Власта е досадна, ве одвратува од вашата работа и професија.

 Дали затоа најчесто политичарите се луѓе без кариера, без своја професија? Да не се политичари тие нема што да бидат друго..

Да. И тоа најчесто се лоши ученици, со слаби оценки. Можеби луѓето треба да доаѓаат на власт кога се веќе пред пензија.


Процесот на учење е најдобро решение за борбата против пропагандата. Најголем влог би ставил во образованието, тоа е најважно. Образован човек потешко можеш да манипулираш. Затоа и ги напаѓаат универзитетите. 

Како ја гледате улогата на медиумите во процесот на уривање на демократијата? Велат, човек којшто не е информиран, или полошо – погрешно е информиран, не може да донесе правилна одлука на денот на изборите. Дали вината на оние коишто ја  шират пропагандата е подеднаква како на оние кои ја креираат?

Прво, медиумите не се евтини, а во слаби деморкатии обично има и сиромаштија. За да купите весник ви требаат пари, за повеќе весници – повеќе пари, за да имате компјутер, повторно ви требаат пари. Без лична инвестиција, немате пристап до информации, или немате пристап до различни, квалитени информации. И тогаш ќе повторувате глупости што ќе ги чуете или ќе ви ги кажат без сами да донесете заклучок преку читање.

Кое е решението?

Нема едно, големо решение. Сепак би рекол  – универзитетите. Тие ја бранат вистината. Процесот на учење е најдобро решение за борбата против пропагандата. Најголем влог би ставил во образованието, тоа е најважно. Образован човек потешко можеш да манипулираш. Затоа и ги напаѓаат универзитетите.

Пишувате: „Домот е на мостот Ержебет (мост што ги поврзува Будим и Пешта, н.з) каде што враќајќи се од пат го гледам Дунав и велам – колку убаво)“. Затоа ли секогаш се враќавте? Никогаш не ја напуштивте Унгарија…

Се враќав затоа што верувам дека и во други земји ќе најдам идиоти. Верувам дека лошите дечки се насекаде. А јас веќе си ги знам лошите дечки тука. Не можам да бидам толку моќен во мојата критика, толку гласен во друга земја оти тие лоши дечки ќе речат – од кај знаеш, пак ти, ти не си од тука. Е па, од тука сум, и овие ги знам.

Кога сте се вратиле после војната во Вашиот роден град сте добиле задача да напишете есеј – Зошто ја сакам мојата земја. Во автобиографијата пишувате дека во тој момент сте биле збунет. Не сте знаеле што да напишете. „За татковината имав слика дека тоа е едно место на среќата, место на сигурноста. Но, откако ќе видите дека таа татковина е закана за вас и ќе ги видите вашите сонародници како немо гледаат, дури и учествуваат во бруталноста, веќе никогаш дома нема да се чувствувате како дома“- велите. Како повторно да се засака татковината? Како да се врати тоа чувство на припаѓање откако сте виделе како е силувана од политички криминалци и профитери?

Со тоа што ќе се опкружите  со убави луѓе. Јас не гледам лоши луѓе, немам што да барам со нив, си ги имам моите пријатели, моето семејство, опкружен сум со умен, убав народ.

Не се мешате со „другите“?

Ако сакам да видам лоши луѓе пуштам телевизија. Дури и тогаш имам далечинско, имам избор.

А имате ли вистински избор?

Да, апсолутно. Секогаш можам да си пуштам „Анимал планет“(се смее, н.з).

Што Ви е моментална преокупација, додека уживате во овој прекрасен поглед од вашиот дом во Будим?

Се подготвувам да одам за Берлин. Бев претседател на Академијата на уметности на Германија, па има годишна конференција таму. Веднаш потоа ќе одам за Ајхен, каде што оваа година мојот драг пријател Тимоти Гартон Еш ќе ја добие престижната награда за промоција на европските вредности, (International Charlemagne Prize of Aachen).
Ќе се дружам со него. Јас ја добив оваа награда во 2001-та во конкуренција со Бил Клинтон и Тони Блер.

Велите дека интелектуалците не сакаат власт и моќ. А што е со наградите? Тие се вистинската моќ. Како се чувствувате со толку награди?

Кога писателот е доволно добар, тогаш тој е веќе над ова прашање. И кога е доволно стар.

Вие сте и двете?

Да.


Hegymagason_2007 WEBЗа мала европска држава опасно е да бара закрила во Москва

Во „Антиполитика“ пишувате дека најлошото нешто што им се случи на државите од Централна Европа е што по падот на Железната завеса тие припаднаа во Источниот блок. Ќе беше поинаку, сигурно, ако овие држави уште тогаш почнеа со имплементација на западните вредности.

Да, не е убаво Европа да биде поделена на два дела, а особено не сакам овие два дела да се гледаат на нишан. Особено сум среќен што на местото на поранешната Железна завеса сега има велосипедска патека со тоа исто име. Европа треба да е обединета, обединета во своите демократски, западни начела и сите опасни симболи како „Железната завеса“ да останат шега на минатото.

Црна Гора станува членка на НАТО. Тоа е една држава минус во очите на Русија. Велат дека токму Балканот е новото жариште на битката Западот-  Русија. Какво е влијанието на Москва врз европските и балканските политички процеси денеска?

Присутно. Јас сметам дека не треба да имаме особени односи со Русија, треба да имаме добри, но не специјални. Опасно е за една мала европска држава да стане инструмент на таква голема светска сила. Но, ете со насмевка прифаќам кога гледам во Будва руски туристи, слушам реклами на руски јазик. Ако руските туристи сакаат да доаѓаат на Медитеранот или еве на Балатон кај нас, добредојдени се. Ако сакаат нека трошат пари тука, но политички дистанцата е неопходна.


Добрите книги се богатство!

Што мислите за литературата денес? Станува ли се поповршна?

Еден стар господин како мене може да си дозволи да прочита три страници од која било книга и да рече: „ова е ѓубре!“

 Така се справувате со лошите книги?

Да. Во корпа. Но, има и добри книги. Секогаш било така. Имало и добри и лоши писатели и дела. Добрите книги се реткост, вистинско богатство.

Читате на компјутер?

Не, книгите ги сакам во нивната физичка форма. Обично прво пишувам на хартија, па потоа тоа го ставам на компјутер, па сега да го гледам екранот и за читање, за забава, апсолутно ми е премногу.


Hegymagason_2000 WEBКој е Ѓерѓ Конрад?

Ѓерѓ Конрад е роден на 2 април во 1933 година во малиот унгарски град Береќоујфалу, блиску Дебрецин во влијателно еврејско интелектуално семејство. Основното и средно образование го завршува во Будимпешта, каде што заедно со неговата сестра бега за време на германската окупација, а подоцна дипломира на Етвеш Лоранд Универзитетот.

Токму детството поминато во криење, разделбата со родителите коишто бегаат на сосема друга страна, фактот дека сите негови соученици се убиени од Германците (Конрад спасува жива глава само затоа што родителите ноќта пред масакрот во малиот град го носат во Будимпешта каде што шансите за криење се поголеми) го одбележува целиот негов живот и негово творештво. Во својата автобиографска книга „Гостин во сопствената држава“ тој го објаснува целиот живот како Евреин, како некој којшто ќе израсне во заколнат противник на фашизмот и вечен борец за слободата. Во својата кариера тој бил претседател на Светската организација на писатели (1990-1993), но е и првиот странец претседател на Германската академија на уметности, во два мандати.
Автор е на многу книги, есеи, колумни, некои фиктивни, но главно автобиографски. Добитник на наградите: Хердер (1983), Чарлс Велон (1985), Кошут (1990), Ман – Шпербер (1990), Гете медал (2000), Националната награда на Ајхен (2001). Наградата за човекови права на Франц Верфер (2007), Националната награда за еврејска книга (2008). Офицер е на легијата на честа во Франција, Германија и Унгарија. Почесен граѓанин е на Будимпешта и на Береќоујфалу.

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×