Ги видовме на терен ефектите од Проектот на УСАИД за развој на деловни екосистеми
Објавено на од во Компании

 

 

Za glavna 1

Ги видовме на терен ефектите од Проектот на УСАИД за развој на деловни екосистеми
Со цел зголемување на продуктивноста, приходите и вработувањата во македонската економија, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем во 2018 започна циклус на коинвестиции со водечки компании во развојот на нивните локални вредносни синџири, работна сила и пошироко во развојот на локалната економија. Со овие активности, Проектот сака да го поттикне приватниот сектор стратешки да пристапи кон локалниот економски развој и да инвестира во него на начин кој создава вредност за заедницата, но и за водечките компании кои инвестираат. Заедно со луѓето од овој проект на УСАИД посетивме неколку компании од различни сектори кои се нивни коинвестициски партнери, за да видиме какви ефекти дава тој на терен.

 

Игор Петровски
igor.petrovski@kapital.mk
Божидар Барлакоски
bozidar.barlakoski@kapital.mk
Пред извесно време големо внимание кај регионалната читателска јавност, а и на нашиот веб портал предизвика веста дека Србија во 2018 година извезла малини за без малку 200 милиони евра. За оние што малку подобро ги познаваат приликите во агро – бизнисот на Балканов ова и не е некое изненадување, познато е дека Србите се меѓу петте најголеми производители и извозници на малини во светот, со количини од преку 120 илјади тони во најдобрите години изминатава деценија. За жал, сличните климатски и останати погодни услови што ги имаат Србија и Македонија за производство на малини, капини, јагоди и останати зрнесто овошје, не значат дека фармерите во државава доволно ги користат, напротив, овие овошки се доста потценети како култура, иако малината конкретно, може да донесе и до седумкратно поголем приход по хектар од гравот, на пример, една од најзастапените и најпрофитабилни култури во полошкиот регион. Токму во Полог, поточно с. Јанчиште крај Јегуновце, е лоцирана ЛК Распбери Дооел (LK Raspberry, raspberry= малина, анг., н.з.) семејна компанија формирана во 2013 година, реално со активности од 2015 –та, чиишто сопственици се обидуваат да покажат во пракса зошто е исплатливо да се одгледува и пакува малината. За потребите на оваа репортажа ја посетивме ЛК Распбери и уште три компании од секторите производство на овошје, млечна индустрија и текстил, на покана од Проектот на УСАИД за развој на деловни екосистеми, при што овие фирми се само дел од 12-те домашни бизнис субјекти вклучени во циклусот на коинвестиции од страна на Проектот со цел да се развие нивниот локален вредносен синџир, работна сила, a пошироко, и локалната економија.
„Првите засади на малини ни се во ноември 2015 –та на површина од еден хектар, потоа се проширивме на уште еден, па уште еден, и сега располагаме со плантажа од околу 32 илјади м2 под малина“, објаснува Синиша Стефановски, сопственик на ЛК Распбери.
52Тој вели дека со добра практика при работата и добро одржување на насадите добиваат околу 20-тина тони малини од хектар, годинава очекуваат 40 тони од нивната реколта, додека во 2020 година планот е да имаат околу 60-тина тони малини од нивните насади, откако ќе стасаат и тие од последно засадениот хектар површина. Компанијата соработува и со кооперанти од коишто добива уште 80 – 90 тони годишно, па сите овие количини се пакуваат и замрзнати се продаваат, и на домашниот пазар, но дел и за извоз.
Од малината може добро да се живее – потребно е развој на кооперантството
„Пласманот е најтешкиот дел од целата работа. Посетуваме саеми, остваруваме контакти, но продажбата оди тешко затоа што никој не ја знае Македонија по малина. Но, еве, добивме понуда од една германска фирма, дека ќе го откупат целото производство ако квалитетот е како тој од лани. Ако претходно во земјава се продавале околу 40 тони малина преку синџирите на маркети, и тоа исклучиво од увоз, лани се продадени 35 тони од нашата малина и само 5 тони од увоз, што е одлично. Идејата е да ја задоволиме домашната побарувачка со домашна малина, а сето што ќе остане да го пласираме надвор. Моментално имаме 21 кооперант, со уште седум потпишуваме договори. Комуницираме со локалното население од кое што се всушност најголем дел од кооперантите, ги советуваме, го контролираме квалитетот. Од оваа година, новитет во договорите е да се покаже доказ за квалитетот на препаратите што се користат, затоа што купувачите се ригорозни околу тие работи“, објаснува Стефановски.
53За помошта од УСАИД вели дека им олеснува при инвестициите, коишто локалните фармери тешко ги почнуваат заради слабата финансиска моќ.
„Ако инвестицијата во насадите требаше да биде 1,7 евра за квадрат, со помошта од Проектот падна на 1 евро, поточно се намали цената на садниците како најголем дел од инвестицијата. Тука влегува исто така и донацијата од УСАИД на системот капка по капка, па така секој од одгледувачите сега со првата берба, којашто се случува во втората година од садењето, ќе ја врати инвестицијата, без разлика на големината на плантажата. Да ги споменам и субвенциите од државата, коишто покриваат дел за одржување на постоечките насади, односно ги покриваме трошоците за прскање“, објаснува Стефановски.
Се пожали на откупната цена на малината за минатата година, најниска на светско ниво во последниве две децении, но вели дека годинава очекувањата се да се качи за околу 30% и да се стабилизира на 1,3-1,5 евра за килограм, што е одлична цена, според него.
„Ме радува што интересот за малината расте. Кога луѓето ќе видат успешна приказна, сакаат и тие да станат дел од неа. И за мене сето ова е ново, и учам во трк што се вели. И покрај големиот интерес за станување наш кооперант, морам за почеток да ги селектирам кооперантите да се поблиску до нас, затоа што трошоците за транспорт се големи, а нашата екипа с$ уште е мала, петмина сме постојано вработени и уште 5 со договор на дело, одам малку попретпазливо на почетокот. Фирмата функционира како задруга, иако е 100% во моја сопственост. Се што правиме е во договор со кооперантите. Ако цената на малината е 1,5 евро на пример трошокот и заработката на ЛК Распбери е половина евро, а 1 евро добиваат кооперантите. Што подобра откупна цена постигнеме, толку подобро за сите нас. Идејата е да стигнеме до 100тина кооперанти, за да расте и нашата преговарачка моќ околу цената и останатите услови со откупувачите. Ова сето го правам најмногу заради желбата да ги задржам моите деца да не заминат во странство. Истото е и со кооперантите. И тука може добро да се заработи, ако се работи сериозно, секако, и ако се следат упатствата и советите од тие што даваат стручна и секаква друга помош, како што е Проектот на УСАИД, итн. Зошто да одиме во Германија и да мешаме малтер за 1.500 евра месечно, кога може да ги заработиме и овде“, вели нашиот соговорник од ЛК Распбери.
Аронија со висока додадена вредност преку свежо цедени сокови, пласманот проблематичен
Шанса за добра заработка со одгледување и преработка на овошје, поточно аронија, виделе и во ИРН – АГРО, компанија сместена исто така во полошката котлина, с. Лешок. Нејзиниот сопственик вели дека инспирирани за овој бизнис бил од растечкиот тренд на консумирање здрава храна, а за аронијата до пред некоја година во земјава не се знаело речиси ништо.
„Прв имаше посадено човек од Пехчево, но многу мали количини. Ние решивме да пробаме со 4000 м2. Купивме 1000 садници, ги засадивме и собравме околу 300 кг аронија. Во меѓувреме и лично ги сфативме благодетите од оваа овошка – моите родители со помош на сокот од аронија, буквално ја прекинаа терапијата за хронично висок крвен притисок. Пари за почеток на бизнис немавме, па се обидовме да побараме кредит од банка, но ниедна не неподдржа, па со позајмица ја основавме фирмата и почнавме да работиме“, вели Николче Серафимовски, основач и сопственик на ИРН- АГРО, сега препознатливи на пазарот со својот бренд Aroni, под којшто произведуваат сокови од аронија, но и од јаболко, калинка, како и мешавини од овие овошја.
Тој вели дека не користат никакви програми од ЕУ фондовите, затоа што процедурите им се предолги и компликувани, а ним, како што вели, им треба поддршка “сега и веднаш“.
„Се бориме за пазари“, вели Серафимовски„Македонија не ни е доволен пазар, затоа што за него потребно е да работиме еден месец. Побарувачката за нашите сокови е еден милион шишиња годишно, што е еден месец работа. Пласманот тешко се наоѓа, пазарот, и домашните и регионалните, се преплавени со стандардни комерцијални сокови полни со шеќер, додека нашиот производ е свежо цеден сок, без конзерванси и други додатоци, здрав и нормално, поскап. Амбалажата е 100% од увоз, а 70% од трошоците одат за амбалажа.“, објаснува тој.
Серафимовски додава дека задруги на производители на аронија, малина и слични култури нема, иако имало обиди за формирање, но за жал, неуспешни.
“Не може здружувањето да биде, еден човек да ги брка сите работи. Производителите на аронија на пазарите за кои сме заинтересирани, се гиганти. Без 200 тони не се постигнува договор. Одгледувачи на аронија има повеќе, но ние сме единствени преработувачи во земјава. Во соработка со УСАИД го развиваме кооперантството, имаме кооперанти од тетовско со кои соработуваме, но откупуваме и од другите градови. На национално ниво не верувам дека има повеќе од 300 тони производство на аронија годишно. Можеме да произведеме многу повеќе, но проблемот е пласманот. Дури го селектираме и родот, не го преработуваме цел, затоа што немаме што да му правиме во недостаток на пласман.“, вели Серафимовски.
Za glavna 2До повисок принос на млеко со квалитетна храна и нутриционист за крави
Третата компанија што ја посетивме во рамки на нашата обиколка на фирми вклучени во проектот на УСАИД за развој на деловен екосистем е Сано. Сано (SANO) е всушност германска компанија со свое претставништво овде, формирана во 1978 година во близина на Минхен, првично како производител на млеко во прав, а сега и за консалтинг во област на млекопроизводството. Консалтингот на Сано е цел еден советодавен концепт за постоечка фарма за крави, а денес компанијата има осум производни погони за исхрана за животни (говеда, свињи, овци, кози и живина), 35 сопствени компании и повеќе од 700 соработници низ цел свет.
„Наша цел е да имаме партнерски однос со фармерите, и затоа наша прва задача е скенирање и анализа, договарање на целите со сопствениците, да се изработи концепт за исхрана и заштита, во соработка со ветеринарите, и заедно, Сано, ветеринарот и фармерот да изградиме оптимален концепт за постоечката фарма.“, ни објасни Александар Христовски, менаџер на продажба на Сано во Македонија.
Токму затоа, компанијата влегла во иницијативата со УСАИД, конкретно за промоција на TMR (total mix rotation), целосно измешан оброк за хранење на кравите. За таа цел Сано има инсталирано три показни фарми во земјава, за да им докаже на домашните фармери дека и во Македонија може да се дојде до 10.000 литри лактација годишно по крава.
„Зошто TMR и зошто токму во Пелагонија? Затоа што најголемиот говедарски регион во земјава и млечното говедарство е најприсутно тука.Сано производите содржат важни активни материи, кои производот го прават високо ефикасен; од кои голем број се резултат од сопствено истражување спроведено во соработка со партнерите и нашите стручни институции. Сите останати состојки се произведени од страна на реномирани производители, кои се сертифицирани, и се вградуваат во Сано производите потполно свежи, скоро директно од производната линија. Сано производите се применуваат со високо стручно советување од страна на Сано советникот. Секој купец ја има на располагање оваа вредна услуга, чија цел е постигнување на оптимална економска ефикасност со Сано концептот, на секоја фарма на која се применува. При советувањето се користат најсовремени модели за пресметка на оброкот – од изборот на рецепти со оптимални цени, преку балансирањето на оброкот на ниво на енергија и протеини, потоа со оптимизирање на амино-киселинскиот состав со специјализирани компјутерски модели, до проценка на сварливоста на оброкот и опсегот на сопствената синтеза на протеини.Се заедно – како целосен систем овозможува постигнување на оптимални производни резултати  на животните со најнизок можен трошок, што доведува до зголемување на профитот на претпријатието – фармата – за производство на месо и млеко. “, објаснува Христовски.
Купувајќи им машини на подизведувачите, текстилна фабрика си помогна и себеси
И како last, but not least, во нашата обиколка е конфекцијата Кули од Прилеп, чии почетоци датираат уште од 1993 година, како мала фирма со 3-4 вработени, основана од Лилјана Мариновска, а сега управувана од нејзиниот син Александар Мариновски.Во 2002 година Мариновска формирала и сестринска компанија – Кули текс, со цел да развие специфични логистички и добавувачки сервиси за потребите на Кули, која што работи главно за германскиот, холандскиот и италијанскиот пазар.
„Ние во текстилната индустрија сме меѓу најпогодените со одливот на работна сила. Странските инвестиции исто така ни одмогнаа во развојот, затоа што ни ги преземаат вработените – тие беа ослободени од одредени давачки кон државата и логично можеа да понудат повисоки плати. Одржливоста на бизнисот при вакви услови е единствено преку автоматизација и соработка со подизведувачи, при што ни помагаат вакви проекти како овој на УСАИД. Без помош, овие фирми ќе згаснат, а вака им се помага на нив, да го развиваат својот бизнис, додека ние добиваме можност да го држиме темпото во производството и извозот.“, вели Мариновски.
Тој објаснува дека со програмата за коинвестирање, купиле машини за двајца нивни добавувачи, две компании што биле во многу тешка ситуација, а со овие инвестиции се вратиле во живот – тоа се компаниите Гармент Најс од Македонски Брод и Стил Мода од Битола.
„Овие инвестиции помогнаа да се створи впечатокот дека еве, се инвестира и во текстил, па полека да се враќа оптимизмот на луѓето околу иднината на оваа гранка. Сепак, останува предизвикот за наоѓање на доволен број работници, покрај целта на секоја текстилна фирма, а тоа е основање на сопствен бренд. За жал, од младите никој не сака да работи во конфекција, сите бегаат надвор барајќи подобра живеачка, а ние немаме проблем со наоѓање или задржување на пазарите, туку со наоѓање и задржување на нашите вработени“, вели Мариновски.

 


Za ramka2Успешни коинвестициски иницијативи во 2018 година на Проектот на УСАИД за развој на деловни екосистеми

Во текот на 2018 година, Проектот спроведе осум вакви иницијативи, од коишто седум беа коинвестиции во развој на локални вредносни синџири и една во доменот на развој на идната работна сила. Со максимална коинвестиција од 50%, проектот поддржа 12 водечки компании во набавка на нови машини/опрема, во обезбедување на советодавна помош и во обуки за добавувачи и/или клиенти на водечките компании. Користејќи различни модели на коинвестирање, со една или повеќе водечки компании, се покажа дека инвестициите во развојот на локалната економија не се зависни од секторот или големината на компанијата, туку од потребата за подобрување на локалните вредносни синџири и работна сила.
Земјоделство со висока додадена вредност
Проектот на УСАИД прави коинвестиции со водечки компании од полошкиот регион, веќе споменатата ЛК Распбери и ИРН-Агро (производител, преработувач и извезувач на аронија) во развојот на нивниот локален синџир на добавување, т.е. во зголемување на бројот и продуктивноста на нивните кооперанти (земјоделци кои одгледуваат малина или аронија).
Проектот и двете компании коинвестираа во набавка на опрема (системи за наводнување) и советодавни услуги за нивните кооперанти. Придобивката за кооперантите e сигурен откуп и 5-7 пати поголем профит од традиционалните култури (грав, пченка, пиперка, итн.), додека придобивката за водечките компании е забрзан раст на мрежата на добавувачи, а со тоа и количините кои можат да ги пласираат за извоз.
Za ramka3Млекарство
Со цел зголемување на продуктивноста на млечната индустрија, Проектот задно со четири водечки компании (Сано, Екошар, Маранчо и Здравје Радово) коинвестираше во набавка на опрема, експертска помош и советодавни услуги за нивните сточари кооперанти во Пелагонија. Беа набавени четири видови на опрема (лактофризери, миксер за мешање на сточна храна, роло-балирачка, и разбој/бокс за кастрење на копита) кој само во една година ги зголемија приносите на млеко за 5-10% по фарма. Дваесет фарми беа директни корисници на овие парчиња опрема, додека разбојот за кастрење копита, неопходен за спречување на ламинитис и други болести кај кравите, опслужи вкупно 70 фарми. Преку зголемениот квалитет и принос на млекото кај кооперантите, млекопреработувачите ја намалуваат нивната зависност од увезено сурово млеко и млеко во прав.
Текстил
Проектот спроведе два вида на интервенции во текстилниот сектор: 1) коинвестиции во модерна опрема за мали текстилни компании (5-10 вработени) кои се добавувачи на големите текстилни компании, т.е. агентури, и 2) коинвестиција во Business Social Compliance Initiative (BSCI) сертификација на компанијата Окитекс. Логиката на коинвестициите во модерна и опрема беше едноставна: Кога малите добавувачи губат на продуктивност ради застарена опрема, таа загуба се одразува со намалена конкурентност на големите текстилни компании во земјата. Затоа, компаниите Хатекс и Кулитекс коинвестираа со проектот во набавка на машини за шиење и везење за 3 мали фирми кои се нивни редовни добавувачи. Новите машини ја зголемија нивната продуктивност за околу 20%. Иницијативата за BSCI сертификација на Окитекс произлезе од растечкиот притисок од европски купци во текстилната индустрија за подобрување на работните услови во текстилните фабрики низ целите нивни добавувачки синџири.
Развој на работна сила 
Во 2018, Проектот и Раде Кончар ТЕП кофинансираа натпревар на кој студенти од Машинскиот факултет при УКИМ се натпреваруваа во дизајнирање на печка на пелети која ќе биде нов потенцијален производ на компанијата. Целта на натпреварот беше да се развијат професионалните компетенции на студентите преку практична работа, со што водечката компанија ќе си обезбеди подобар избор на инженери кои може да ги вработи. Трите најдобри решенија беа наградени, а ТЕП се обврза да им понуди работни места на двата најуспешни студенти, по завршувањето на нивните студии.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×