Гласот на бизнис секторот е женски
Објавено на од во Економија

Za otvaranjeРазговаравме со три директорки на бизнис комори во Македонија

2019 ќе биде година на обединување на приватниот сектор и унифицирање на неговиот глас,велат трите соговорнички на Капитал, извршни директорки на бизнис комори во земјава: Дијана Десподов од Американската стопанска комора – АмЧам, Анита Никова – Бундовски од Комората на ИКТ секторот МАСИТ и Билјана Марковиќ – Стаменова, од Македонија 2025. Веќе е направен голем чекор напред во соработката помеѓу стопанските комори, велат тие, и тој тренд, ќе продолжи годинава и ќе порасне, затоа што, според нив, целиот приватен сектор е обединет во лоцирањето на предизвиците и секојдневните препреки во процесот на нивното работење. 

 

разговара
Божидар Барлакоски

 

Однапред најавената економска година започна, a со неа и можностите и предизвиците кои нè очекуваат на економски план. За да дознаеме како бизнис секторот се подготвува за економската 2019-та година и кои економски параметри се важни за развојот на стопанството и подобрување на целокупната општествена состојба, поканивме претставници на неколку стопански комори и бизнис асоцијации на разговор на тема каде оди македонската економија.

Од другата страна на масата седат три гласноговорнички на бизнис секторот: Анита Никова – Бундовски, од МАСИТ, комората на ИКТ секторот, Дијана Десподов, од Американската стопанска комора – АмЧам и Билјана Марковиќ – Стаменова од Македонија 2025, чиишто организации веќе заеднички настапуваат како застапници на приватниот сектор.

Дамите зрачат со ентузијазам и енергија уште од првите денови на 2019. Подготвени да ја зграпчат годината за ревери и да се изборат за подобар меѓусекторски дијалог со цел унапредување на економската клима во Македонија.

Едногласни и обединети, заедно претставувајќи стотици компании од македонското стопанство кои вработуваат илјадници граѓани, во конструктивен манир на вистински лидери ги споделија со нас нивните ставови за параметрите кои утврдуваат во колкава мера ќе ја живееме најавената економска година.

Низ разговор велат дека бизнис заедницата не очекува економска година, туку година на неизвесности во однос на законодавните промени кои влијаат врз бизнисот.

“Бизнис секторот е локомотива која ја движи економијата и за да може да работи со полна пареа потребно е опкружување кое се одликува со предвидливост, еднакви правила на игра, владеење на правото, транспарентност, и елиминирање на сивата економија”, вели Дијана Десподов, извршен директор на АмЧам.

“Ние не критикуваме политичари, туку политики,” вели таа, “бидејќи политичарите се менуваат, но политиките остануваат и влијаат врз економијата со децении”, додава таа.

За разлика од бомбастичната најава за економската година, нивниот став е повеќе претпазлив и свесен за тоа дека параметрите кои ги оставаме зад нас во голема мера ќе влијаат на развојот на економскиот систем во годината која тукушто започна.

„Годинава Македонија имаше раст меѓу 2,8 и 3,2%. Според анализите на Светска Банка, за Македонија да го достигне стандардот на ЕУ, со раст на БДП од 5% ќе ни требаат 30 години, а доколку растот е 10% стандардот ќе го достигнеме за 15 години. Од ова е јасно дека ни е потребен многу агресивен раст и сериозни реформи на економскиот систем”, одговара Дијана Десподов, анализирајќи го остварениот економски раст на Македонија.

Според неа, крајно време е да почнеме да ја движиме економијата врз основа на создавање вистинска вредност и раст, наместо да се потпираме на субвенции кои не ги мотивираат претприемачите и не инспирираат раст и развој. На тоа се надоврзува Анита Никова – Бундовски од МАСИТ, која рече дека треба да размислуваме за економија базирана на знаење, и да настапуваме повеќе плански во програмирањето на регулативите и реформите. Тоа, како што рече таа, е нешто што во моментов и фали на бизнис заедницата во Македонија, како домашната, така и на странската.

19

„Се продолжува со праксата за неконсултирање на бизнис заедницата околу клучните регулативи“

Наспроти тврдењата на владата дека секоја регулатива се носи преку транспарентна јавна дебата, трите наши соговорнички велат дека „бизнис заедницата не е доволно уважена“, стоејќи на ставот дека тој тренд не е променет со години наназад, вклучително и изминатата година кога, како што велат тие, се изготвија неколку закони без претходна и соодветна консултација со бизнис секторот.

Начинот на носење на легислативата треба да се измени и планираните промени да бидат најавувани благовремено, минимум една година однапред“, вели Никова – Бундовски.

“Кога во Хрватска се воведуваше прогресивниот данок, промените беа најавени пет години однапред и сите фактори во општеството – администрацијата, приватниот сектор и граѓаните имаа време да се консултираат и да се прилагодат на новата регулатива”, додава Десподов.

Немањето предвидливост во регулативата води до несигурност во приватниот сектор која резултира со намалени инвестиции и зголемена внимателност која не инспирира раст и развој, велат дамите.

Кога ќе се додадат зголемените административни оптоварувања, велат нашите соговорнички, како и немањето стратегија за привлекување дополнителни странски инвестиции, се соочуваме со бизнис клима која стагнира и обесхрабрува.

Билјана Марковиќ – Стаменова од организацијата Македонија 2025, вели: „ За да се надеваме на 2019 како на економска година, мислам дека треба да си ги научиме грешките на економски план кои беа направени изминативе две години.“

„Често сме во контакт со претставници на компании од странство, кои оствариле контакт преку економски промотори или членови на дијаспората и се заинтересирани да инвестираат во земјава. Минатите две години видовме негативен тренд на несоодветна комуникација и поставеност на државните институции и службеници кон потенцијалните странски инвестиции. За време на предизборната кампања како да се ‘демонизираа’ странските инвеститори, кои носат бенефиции за државата низ стимулирање на економијата и дополнително придонесуваат преку нови технологии, пренос на знаење, плаќање даноци, развој на квалификации кај вработените итн., што државата треба да ги земе предвид“, коментира Марковиќ – Стаменова, осврнувајќи се на третманот на странските компании во земјава, кои како што се согласуваат нашите соговорнички, се голем и сериозен фактор во македонската економија и истовремено промотори на земјава кај своите трговски партнери во странство.

Нашите соговорнички велат дека постојано добиваат поплаки од странските компании кои најмногу се жалат дека на економски клучни позиции се поставени луѓе кои немаат капацитет да ги водат тие сектори. Пренесувајќи ги искуствата од нивната комуникација со странските компании кои функционираат во земјава или се заинтересирани да инвестираат тука, тие констатираат дека без соодветни луѓе не може да се имплементираат клучни економски политики, ниту да се задржат на долг рок постоечките инвестиции од странските компании.

„А од друга страна пак, Македонија има преголем број министри и владини институции кои работат во сферата на привлекување странски инвестиции, што дополнително ја отежнува работата во однос на давањето соодветни услуги за постоечките, како и процесот на реализирање на нови инвестиции“, забележува Марковиќ – Стаменова. „Во текот на годинешниот Самит на Македонија2025, говорникот Ендру Вробел од списанието ‘Emerging Europе’ истакна дека некои од потенцијалните инвеститори во Македонија се збунети бидејќи не знаат точно на кого од Владата треба да се обратат, и добиле лош впечаток кога различни тела на Владата почнале отворено да се расправаат околу тоа кој треба да им помогне и да биде одговорен за нив.“

Сè уште видно разочарани од начинот на носењето на новиот Закон за данок на личен доход, претставничките на трите комори останаа едногласни во ставот дека иако барале да бидат вклучени во носењето на тие клучни регулативи за приватниот сектор и понудиле експертиза и ресурси за внимателно осмислување на економските политики, сепак велат нивните барања и забелешки биле игнорирани.

„Како пример, јавната дискусија за предлог законот за личен доход беше закажана дури откако предлог законот беше доставен во Собрание и општествените актери реагираа на недостатокот на јавна дебата. Тоа не е знак дека имало желба да се слушне фидбекот на приватниот сектор. Дополнително, се пласираа тврдења дека приватниот сектор не сака да плаќа даноци, што е иронично кога ќе се земе предвид дека државниот буџет претежно се полни од давачките од приватниот сектор, каде платите и придонесите се повисоки, а не од државната администрација која го празни буџетот или од граѓанските организации кои не се значителен економски фактор. Ние само сакавме дополнително време и анализи за да се направи смислена даночна реформа и да се изготви даночна стратегија која навистина ќе биде прогресивна и ќе соодветствува на локалните околности и нивото на развој на економијата. Ова што сега го имаме не е прогресивен данок, туку рамен данок со две стапки. Зошто, на пример, не се укине данокот на личен доход за оние кои што земаат минимална плата? И зошто стапката за оние кои земаат да речеме 5,000 евра не се зголеми на 25% ако веќе целта беше да се дојде до некакво социјално изедначување? Моментално тие што заработуваат 12,000 денари и тие што заработуваат 90,000 денари имаат иста даночна стапка. Каде е тука прогресивноста?“, прашува Дијана Десподов.

Билјана Марковиќ – Стаменова, пак реагира на односот на државните службеници кон странските инвеститори и понуди информација за неколку компании кои што ги дислоцираа своите седишта од Македонија како резултат на несоодветните политики и мерки.

„Ретроактивното плаќање на ДДВ направи неколку од тие странски компании да си заминат од земјава. Тоа беа компании од паметните индустрии. Им се наложуваше да плаќаат ретроактивно ДДВ, за 5 години наназад на нивните извозни фактури“, открива Марковиќ –Стаменова.

„Неколку македонски компании пак ни соопштија дека како резултат на изменетите даночни стапки, своите оперативни активности ќе ги префрлат во Бугарија и во Естонија“, додава таа.

ANG_4122_1024x683

„Искривена е перцепцијата и за домашните и за странските инвеститори“

Анита Никова од МАСИТ, коментира на немањето владина стратегија за економски раст. “Ниту еднаш владата не излезе да каже со кои алатки ќе се справува со сивата економија, а нивните статистики покажуваат дека во Македонија има околу 30% сива економија. Во вакви услови, ние очекуваме дополнително зголемување на сивата економија која е штетна за приватниот сектор бидејќи води до нелојална конкуренција“, вели Никова – Бундовски.

Според неа, македонските власти немаат стратегија со која ќе им пристапат на странските компании во светот и ќе им презентираме можности за инвестирање. Документи и материјали за промоција, вели, немаме.

„Земјата не ја промовираме никаде, имаме четири министри за привлекување странски инвестиции, јас не знам кои се, ни како се викаат. Самото тоа што некој кој ја работи таа тематика не знае кои се тие министри е поразително“,коментира Никова – Бундовски.

“Имаме ли ние приоритетни индустрии? Нè прашал ли некој каков тип на инвестиции се потребни на нашиве индустрии? Затоа што ние точно знаеме на која индустрија што и треба“, додаде таа.

На темата се надоврза Дијана Десподов, со потенцирање дека не постои стратегија ни за горливиот проблем со недостаток на кадри, и стручни и нестручни. „Стратегиите за преквалификација и доквалификација на Агенцијата за вработување не се засновани на реалните потреби на пазарот на трудот, можеби затоа што бизнис заедницата не е консултирана кога се носат овие стратегии и политики“, рече Десподов.

Нашите соговорнички со несмален жар продолжуваат да ги коментираат предизвиците во водењето бизнис во земјава, како сивата економија, корупцијата, како и наметнатиот лош однос кон бизнис заедницата, и како што велат тие, искривената перцепција за странските инвеститори, кои, според нивниот впечаток, се озлогласени како експлоататори и узурпатори.

„Имаме 10-тина инвеститори од дијаспората коишто се откажаа од инвестирање. Наместо да се фокусираме на економски развој и привлекување нови инвеститори, се фокусираме да извадиме што е можно повеќе пари од тие што се тука“, вели на темата Билјана Марковиќ – Стаменова.

Осврнувајќи се на бихејвиористичките параметри за развојот на претприемништвото во Македонија, како клучен тренд во развојот на економијата во една земја, Десподов вели дека е „скоро невозможно да се поттикне претприемништво во земја во која“, како што рече таа, „луѓето немаат визија за иднината подалеку од следниот изборен циклус, а истовремено земја во која јавната администрација сè уште е најголемиот работодавец“.

„Сè додека луѓето се надеваат на вработување во јавната администрација, нема да имаме развој на претприемништвото на задоволително ниво. Дури и да привлечеме големи компании, во ситуација кога се чека ред за вработување во јавна администрација, кој ќе работи во тие компании? Јас сум разговарала со компании кои моментално имаат 250 слободни места кои што не можат да ги пополнат. И да не се залажуваме, тоа што ни фали не се само програмери. Тоа што ни фали се машин – бравари, заварувачи, лифт – монтери итн.“, коментира извршната директорка на АмЧам, Десподов.

Темата за одливот на мозоци од Македонија е сè по болна тема за македонската економија чијшто развој дотолку повеќе зависи најмногу од стручните кадри кои ги имаме сè помалку. Во разговорот се осврнавме и на иселувањето на младите, а според нашите соговорнички тоа води кон сè поголема борба за опстанок на приватниот сектор.

Прва поентира Десподов, која вели: „Приватниот сектор мора да разбере дека најголемиот ресурс им се вработените и таму треба да инвестираат. Не само во поглед на повисоки плати, туку и во поглед на развој на вработените со овозможување на професионална обука, доквалификации,создавање на пријатно опкружување за работа во кое што работникот ќе работи задоволно и продуктивно, со минимум стресови.”

Дополнувајќи го својот одговор додава: „За да може приватниот сектор да се опушти и да почне да инвестира така во своите вработени, му треба предвидливост, стабилност, владеење на правото, му треба сива економија толку мaла што е скоро незабележителна, му треба лојална конкуренција, транспарентност, отсуство на корупција.

На ова прашање се надоврза и Анита Никова – Бундовски од МАСИТ, која како илустрација го понуди ИТ секторот, којшто постојано работи со странски партнери. „За таа соработка да биде во континуитет“, вели таа, „ние постојано наоѓаме начини да инвестираме во развој на човечки и компаниски сертификати“. Во продолжение на својот одговор Никова го покрена прашањето за спремноста на македонските менаџери, како и за инвестирањето во знаење од страна на домашните компании.

„Не треба секогаш да н$ предизвикува само конкуренцијата да правиме инвестиции во својот кадар. Треба да направиме дополнителен чекор во развој на менталитетот, и образованието на луѓето кои се на менаџерски позиции. На странските компании тие сертификати им се гаранција. Не им е гаранција земјата од која доаѓаш, но сертифицираноста на компанијата и човечките капацитети им се сериозна гаранција“, дополни Никова – Бундовски.

 

“Нам ни е поважна оваа земја и нејзината благосостојба од било кој политичар или партија“

Во текот на разговорот ги запрашавме нашите соговорнички за нивните видувања и сугестии како би се зголемила соработката помеѓу странските и домашните компании. Имено за соработката помеѓу домашните бизниси и странските компании, економските показатели велат дека е незадоволителна, што резултира со многу мала трговска размена.

„Апсолутно е точно,” потврдува Десподов, “дека постои многу мала соработка помеѓу странските инвестиции и домашните компании како добавувачи. Но,” продолжува таа, „во јавноста тоа се презентира како вина на странските компании, коишто наводно не сакаат да соработуваат со домашните компании.

Од мое искуство и разговори со компаниите, мој впечаток е дека постои многу поголем интерес кај странските компании да работат со домашните. Но, често пати се среќаваат со проблеми како недостаток на стандарди и сертификати кај домашните компании, и немање волја кај домашните претприемачи да инвестираат во своите бизниси и да се здобијат со потребните сертификати кои странските компании ги бараат. Македонските компании си ја сакаат својата комфорна зона и статус – кво и не се расположени да инвестираат ниту пари ниту труд за да ги донесат стандардите до степен на кој ќе можат да служат како добавувачи на странските компании. Исто така, проблематично е што домашните компании често не ги запазуваат роковите за испорака и други услови во договорот. Така што, проблемот тука е двонасочен. Прво, странските компании треба да направат малку повеќе напор да ги идентификуваат тие домашни компании кои што се спремни да инвестираат и да ги зголемат своите стандарди, меѓутоа и домашните компании треба да покажат малку повеќе интерес да се развијат до степен до кој што ќе им овозможи да служат како добавувачи на странските компании“, образложи извршната директорка на АмЧам.

Разговорот го приведовме кон неговиот крај иако ентузијазмот и жарот кои нè заковаа на столчињата, едни спроти други, направија комплетно да изгубиме чувство за време. А веќе скоро три часа нашиот разговор течеше во пространиот ресторан Four во Хотел Парк.

Лоцирање на пречките со кои се соочуваат компаниите застапувани од организациите кои ги претставуваат овие три дами, во нивното секојдневно функционирање, именувани со нивните вистински имиња, не навестуваше дека овој разговор ќе заврши тука и овде.

Вистинското чувство е како ова да беше само мала најава за нивното преземање на подиумот во економската 2019 година, како најава за многу следни средби, во поширок состав, со уште погласни ставови, со уште посилни аргументи, присутни насекаде во медиумскиот простор.

„Оваа, 2019 година, ќе биде година на обединување на приватниот сектор и унифицирање на неговиот глас,“ вели Десподов

Запрашана на што го базира тоа тврдење, таа вели дека веќе е направен голем чекор напред во соработката помеѓу стопанските комори. Тој тренд, како што анализира таа, ќе продолжи и тековнава година и ќе порасне, што се должи, како што вели таа, на тоа што целиот приватен сектор е обединет во лоцирањето на предизвиците и секојдневните препреки во процесот на нивното работење.

„Ние сме обединети и гласни и не се плашиме да продолжиме да бидеме такви затоа што нам, на приватниот сектор оваа земја ни е поважна од било кој политичар, од било која политичка партија. Ние сакаме тука да продолжиме да работиме, и нашите деца да живеат и работат тука,” вели Никова – Бундовски. “И ги повикуваме и останатите комори и граѓанскиот сектор и сите кои сакаат реформи и прогрес да ни се приклучат“, повикуваат нашите соговорнички, „затоа што земјата не ја наследуваме од нашите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца, кои не сакаме уште од детството со една нога и едно око да веќе да бидат во странство“, како што вели Дијана Десподов.

И доколку оваа година, толку самоуверено и наречнички прогласена од Владата за економска година, ја цениме по нејзиниот почеток, несомнено дека после оваа посведочена енергија, гласот кој ќе води низ предизвиците за подобра економија, подобри услови за развој на приватниот сектор, до подобар и поголем стандард на граѓаните, дефинитивно ќе биде гласот на бизнис заедницата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×