Миноски: Главна цел треба да ни биде да создаваме богати компании
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2016
IMG_4300
Кирил Миновски од пред нешто повеќе од еден месец го презема управувањето со Управата за јавни приходи (УЈП). Станува збор за една од најжешките и најтешките извршни функции, посебно што неговата работа може конкретно да биде измерена преку тоа колку успева да ги наплати даноците и да го наполни буџетот. Што во време на економска криза воопшто не е така лесна задача. Но, Миновски се чини веќе има план што и како треба да се промени во УЈП за таа да може подобро да си ја заврши. Ќе започне од градење на организациска култура која почива на транспарентниот и тимска работа. Како човек кој поминал долги години во приватниот сектор, тој е уверен декаУЈП треба да биде во служба на бизнисите и нивниот развој. “Бизнисите како даночни обврзници се нужен партнер на Управата, од причина што единствено тие креираат нова вредност од која што се финансира функционирањето на државата”, вели Миновски. Во интервјуто за Капитал, што е прво интервју од кога дојде на чело на УЈП, тој зборува за промените и инвестициите кои ќе следат во УЈП и за начините на кои планира УЈП да ја доближи до даночните обврзници.

 

Од неодамна ја презедовте функцијата директор на Управата за јавни приходи. Што е вашиот предизвик и кои ви се целите кои сакате да ги постигнете во раководењето на оваа институција?

Главниот предизвик на мојот професионален ангажман е дададам придонес во процесот на институционален развој на Управата за јавни приходи, процес кој што треба да обезбеди поефикасни услуги за потребите на државата, граѓаните и компаниите. Во таа насока, главниот фокус на активностите ќе биде насочен кон намалување на даночната евазија и воспоставување на систем за поефикасно прибирање на даноците, стандардизирање, поедноставување и унапредување на деловните процеси во УЈП, воспоставување на повисоки етички и професионални стандарди за вработенитепреку инвестирање во развој на работната сила и инфраструктурата на Управата.
Централно место во сите активности ќе им биде дадено на “луѓето“ како креатор и корисник на услугите и на градењето на организациска култура која што почива на транспарентност и тимска работа. Воедно, како Управа посебно внимание ќе посветиме на меѓународната соработка со останатите даночни управи од Европа и светот, со цел следење и имплементирање на позитивните деловни практики од развиените економии, кои ќе доведат до градење на даночна управа која што ќе биде компатибилна со тие стандарди.
Целта на процесот на организациски промени е да се изгради Управaта за јавни приходи како “state of art“ институција во Република Македонија, што е во интерес на државата и нејзините институции, бизнисите и граѓаните.

Во Вашата кариера имате искуство и од приватниот бизнис. Ако гледате со очи на бизнисмен што е тоа што и недостасува на УЈП? Во која насока треба да се движат реформите и промените?

Креирањето на деловна клима која што ќе биде “пријателски“ настроена кон процесот на водење бизнис е еден од основните предуслови за поттикнување и развој на претприемништвото и економскиот развој во целина. Во изминатиот временски период беа имплементирани бројни реформи кои што имаа за цел унапредување на деловната клима, што на соодветен начин беше верификувано и во “Doing Business“извештајот на Светската Банка. Низ таа призма јас ја гледам Управата за јавни приходи како институција која што треба да биде во служба на бизнисите и нивниот развој. Бизнисите како даночни обврзници се нужен партнер на Управата, од причина што единствено тие креираат нова вредност од која што се финансира функционирањето на државата. Потребен ни е исчекор во насока на јакнење на јавната свест и едукација на компаниите во однос на значењето на даночниот систем и начинот на реализирање на нивните даночни обврски, како и едукација на поодделни целни групи, како на пример: книговодители, земјоделци, даночни консултанти, микро и малите компании  и слично, кои имаат силно влијание врз процесот на прибирање на даноците или врз масата на даноци кои што се прибираат. Неопходно ни е да работиме на подигнување на општото ниво на знаење на македонскиот претприемач во оваа сфера.
Од друга страна, ние како Управа ќе работиме и на надминување на внатрешните слабости на институцијата: менувањето на бирократскиот ментален склоп кај нашите вработени, унапредување на нивните комуникациски вештини, фокусирајќи се на проактивен наместо реактивен институционален пристап.

Во насока на приближување на услугите на Управата кон даночните обврзници, со поддршка на меѓународните донатори и средства од Европската унија веќе се отпочнати активности за реновирање на контакт центарот во РД Скопје, процес кој што не подразбира само реконструкција на деловните објекти, туку и воведување на нов модел на даночни услуги, согласно на модерните европски практики. Идејата е истиот да биде имплементиран и во останатите регионални дирекции на УЈП, откако ќе се анализираат искуствата од неговата примена.

За да се обезбеди повисоко ниво на услуги, на Управата за јавни приходи и се неопходни соодветни ресурси, како и инвестиции во неколку сегменти и тоа во: техничко технолошката инфраструктура на управата и воведување на нов информационен систем кој што ќе обезбеди повисока ефикасност во функционирањето на Управaта и поедноставување на деловните процеси, инвестирање во континуирани обуки на вработените со цел унапредување на нивното знаење и вештини и воспоставување на повисоки стандарди на професионална и деловна етика, преиспитување на дел од  надлежностите  за администрирање на неданочни приходи и обврски – РДТ, глоби, концесии, игри на среќа… кои одземаат многу време и енергија и не дефокусираат од основната надлежност наплата на даноците. Сите овие активности ќе обезбедат поефикасни и поквалитетни услуги на УЈП.

Затоа, прв приоритет на процесот на организациски промени во наредниот временски период треба да има воведување на нова ИТ инфраструктура која што ќе одговара на барањата на воспоставување на ефикасен систем за размена на податоци и управување со ризици, како основни предуслови за модернизација на даночната управа. Без соодветни инвестиции во човечкиот капитал, технологија и опрема, УЈП нема да биде во можност да го издржи товарот на обврските, ниту да ги задоволи барањата и очекувањата на корисниците на нејзините услуги.

Многу често УЈП се критикува дека многу лесно и често ги казнува фирмите, дури и тогаш кога фирмите ненамерно не ги исполниле законските обврски. Дали ќе го промените ваквиот однос кон даночната администрација и што може фирмите да очекуваат во УЈП под ваше раководство?

Пред извесно време го прославивме Свети Матеја, денот на даночниците во Република Македонија. Самиот факт што во Библијата се споменува даночник, покажува дека сите организирани форми на држава, историски гледано, спроведувале некаква форма на даночна политика која што го обезбедувала нивното функционирање. Дали една држава ќе биде просперитетна или не, зависи од нејзината даночна политика. Тоа е историска максима која што важи и денес.

Управата за јавни приходи ги собира даноците од даночните обврзници со цел да овозможи непречено функционирање на државата и нејзините институции. Преку даноците кои што се прибираат се обезбедуваат средства за финансирање на проектите во образованието, културата, економијата, здравството кои што придонесуваат за подигнување на животниот стандард и на условите за работа и живеење на граѓаните.

Како што веќе напомнав, главен акцент во делувањето на УЈП ќе настојуваме да дадеме на превентивното делување и едукацијата на даночните обврзници, за тоа кои се нивните обврски и како истите да ги исполнат.

Од друга страна морам да потенцирам дека ние како Управа мораме да користиме и репресивни алатки. Природата на нашата работа подразбира собирање на даноци. Кога превентивните инструменти ќе се исцрпат, се применуваат казнени мерки и мерки на присилна наплата.

Во целокупниот даночен систем Управата е имплементатор на даночните политики, со јасно дефинирани надлежности согласно на закон, со прецизно утврдени начини на делување и рокови на постапување кон кои што ние мораме да се придржуваме.

Процесот на откривање на прикриениот данок од аспект на Управата и државата е успех, но не и за сторителот на прекршокот. Казнувањето не е цел за себе, туку нашата основна цел е да обезбедиме почитувањето на законите. Преку нашето енергично делување во сферата на наплатата на даноците, ние придонесуваме за воспоставување на подеднакви услови за работење на сите деловни субјекти на пазарот и сузбивање на сивата економија, што во крајна линија е во интерес и на компаниите.

Доколку при контролата се утврдат недостатоци, даночните инспектори треба  да ја утврдат фактичка состојба. Со последните законски измени во Законот за прекршоци при одмерувањето на прекршокот се вклучени неколку елементи меѓу кои што е и претходното поведението на даночниот субјект. Целта на нашите активности е преку унапредување на системот за управување со ризик, субјектите да се категоризираат на помалку и повеќе ризични од аспект на контролата. Се разбира во рамките на нашата организациска структура ќе направиме се, за да се минимизираат можностите за тенденциозно постапување кон деловните субјекти, преку стандардизирање на начинот на вршење на надзор.

IMG_4356


Како се одвива наплатата на даноци во однос на проекциите? Дали успорувањето на економијата се одразува врз помала наплата на даноците? Или во каква состојба е македонската економија ако се оценува преку темпото на наплата на даноци?

Ако ги следиме моменталните трендови, оваа година наплатата на даночните приходи процентуално веќе ја надминува наплатата од минатата година, а се надевам дека до 31 декември ќе го достигнеме и планираниот износ.
Што се однесува до социјалните придонеси, наплатата бележи позитивен тренд како во однос на изминатата година, така и во однос на планот за оваа година. Податоците со кои што располагаме покажуваат тренд на пораст на приходите од данок на добивка, кај приходите од данокот на додадена вредност се движиме во рамките на проектираните износи  со мали отстапувања. Наплатата на даноците е само еден од сегментите на севкупната даночна политика, која што е дел од вкупните економски политики. Во зависност од динамиката на економскиот развој ќе зависи и колкав ќе биде обемот на даноци кои што Управата ќе биде во можност да го прибере од деловните субјекти и граѓаните. Во овој процес ние сме само еден од учесниците во процесот, податоците и анализите со кои што располагаме ќе послужат во процесот на креирање на економските политики на Владата на РМ за наредниот временски период.

Порано имаше многу жалби од компаниите за повратот на ДДВ. Каква е сега ситуацијата?

Воспоставување на нова ИТ инфраструктура со која што би се автоматизирале процесите во УЈП кои што во моментов се спроведуваат рачно, како и унапредувањето на системот за управување со ризик, преку воведување на нови параметри и модели за анализа на ризичноста на субјектите, ќе придонесат кон скратување на времето за поврат на ДДВ-то. Преку забрзување на овој процес средствата се враќаат во реалниот сектор и се подобрува севкупната ликвидност, што влијае позитивно на економскиот раст и развој. За нас како Управа, скратувањето на времето на поврат на ДДВ, ќе биде еден од главните предизвици.
Веќе и во последниот Извештај на Европската комисија е констатирано дека има напредок во обработката на барањата за враќање на ДДВ во законскиот предвидениот рок. И во постоечки услови од страна на УЈП се прават сите напори за благовремено администрирање на барањата на компаниите. Нашите процедури налагаат на процесирањето на повратот да му се пристапи внимателно и истиот да се одложи кај ризичните даночни обврзници, имајќи во предвид дека имавме повеќе случаи на даночни измами со поднесување на лажнипријависокои се бараповратнаданок, преку користење на фиктивниилифалсификатдокументи, со што и се нанесува штета на државата и се празни државната каса.

Колку УЈП е флексибилна кога станува збор за наплата на даноци, во услови кога кризата во домашната економија кулминира со неликвидност кај приватните компании?

Со оглед дека УЈП е орган кој што е фокусиран на наплата на даноците и неговата активност е строго регулирана со позитивните законски прописи, нашата “флексибилност„ е детерминирана од истите. Настојуваме да бидеме транспарентни во процесот на спроведување на контролите, редовните контроли речиси без исклучок се најавени за субјектите на надзорот, што на истите им обезбедува можност да се подготват за надзорот и да ја комплетираат сопствената документација. Од друга страна, прашањето за пристапот до финансии во домашната економија и ликвидноста на компаниите бара покомплексна анализа. Дел од факторите кои штои влијаат на ликвидноста на компаниите се од објективна природа, а дел од субјективна. Покрај т.н. маѓепсан круг на неликвидност кој што произлегува од нерешените должничко доверителски односи меѓу компаниите, постојат и низа субјективни фактори (лоши деловни одлуки, несоодветен бизнис модел и сл.).

Со законот за финансиска дисциплина се настојува дел од овие прашања да бидат адресирани.
Во најголем дел од развиените економии многу често со цел да се минимизира ризикот пред да се стапи во деловен однос или на континуирана основа деловните партнери се следат и преку повлекување на соодветни кредитни извештаи. На тој начин се придонесува за минимизирање на ризиците од деловниот однос.

Она што јас можам да го кажам е дека ако ги следиме состојбите и движењата кај ДДВ-то, особено на долговите кај овој данок, кој е битен показател за кондицијата на економските субјекти, состојбата не е толку лоша ако се анализира 2015 година. Генерално, даночните долгови за ДДВ опаѓаат и бележат пад во споредба со минатата година, што се должи на навремено пријавување и плаќање на овој данок и подобрено администрирање.

 

Во меѓународните извештаи Македонија високо котира по однос на даночната регулатива и ниските даночни стапки. Колку рамниот данок успеа да ги исполни целите?

Во Македонија рамниот данок се покажа како успешна приказна, посебно ако се земе предвид дека и во услови на глобална финансиска криза, Македонија беше една од ретките земји кои успеа да обезбеди стабилно ниво на наплата на даночните приходи во комбинација со антикризни мерки, што не беше случај во некои развиени економии, кои прибегнаа дури и кон зголемување на даночните стапки. Политиката на рамни даноци или на прогресивно оданочување секогаш има „за“ и „контра“ аргументи, како меѓу стручната јавност, така и во политичките кругови. Она што го говорат бројките е дека моделот на рамни даноци одговара за македонската економија, на развојот и на бизнис менталитетот.
Дополнително што од аспект на УЈП овој модел подразбира поедноставно администрирање и следење на даноците.

Мојот личен став е дека можеби треба да се размисли и за понатамошни даночни олеснувања или намалување на даночни стапки за определени целни групи како што се микро и мали претпријатија, со што дополнително би се влијаело на нивната ликвидност и можностите за развој. На овој начин би се придонело за ослободување на нова позитивна енергија во економијата. Нашата примарна цел како држава треба да биде да создаваме богати компании со што ќе се креираат поголеми можности на општествена благосостојба и напредок.

Бидејќи засега никој не најавува зголемување на даноците, имате ли проценки кои се зоните кои не се доволно опфатени со оданочување и со кои може да се зголемат приходите од даноци во буџетот?

Со поддршка на ММФ изработен е извештај за Управување со ризикот на услогласеност. Воедно е воспостевен Совет за управување со усогласеност чија што основна цел е да го анализира вкупниот опфат на даноците на ниво на држава и да ја утврди големината на даночниот јаз. Мерењето на усогласеноста се врши врз основа на точно утврдена меѓународна методологија, која што ги дефинира основните индикатори за мерење на усогласеноста кои што понатаму ќе се следат на квартално и годишно ниво. Планираме овој процес да го интензивираме во текот на следната година. На овој начин ќе бидеме во можност прецизно да ги дефиниранме стратешките приоритети на Управата, кои што ќе бидат преточени во соодветни планови, цели и задачи. Се разбира за прогрес во оваа насока неопходни ни се соодветни бази на податоци, модерна ИТ инфраструктура и современи алатки за управување со ризик без кои штои процесот на остварување на посакуваните цели ќе биде забавен. Инвестирањето во нови технологии во Управата ќе обезбеди повеќекратно поголеми бенефити за државата во однос на инвестираните средства, преку повисоката наплата на даноци и креирање на подобро деловно опкружување. На овој начин ќе ги обесхрабриме сите оние кои што планираат да дејствуваат во т.н. сиви зони.

Е-даноци е една од првите електронски услуги кои ги воведе администрацијата во Македонија. Како тоа функционира и дали фирмите ги користат?

УЈП е пионер во воведувањето на електронските услуги. Од 2006 година до денес направени се големи чекори не само во делот на зголемувањето на бројот на услуги кои се достапни електронски за корисниците, туку и во олеснувањето на пристапот кон е-Даноци. Во моментот од 113.476 корисници, 84.467 се фирми кои ги користат е-даночните услуги. Со воведувањето на новите услуги за е-плаќање на радиодифузната такса и персоналнит данок со безготовински картички, овие сервиси станаа привлечни и за граѓаните.

Е-Даночните сервиси овозможуваат поднесување на даночни пријави, плаќање на даноци, преглед на состојба и даночни долгови издавање на документи, регистрација на ГПРС фискален уред за овластените производители, пријавување на неправилности…Она на што работиме е воведување на електронска достава на документи, што ќе овозможи двонасочна комуникација со даночните обврзници, што дополнително ќе ги поедностави постапките за пријавување и плаќање на даноци, односно ќе ги намали трошоците и времето поврзани со администрирањето на даноците не само за бизнисите, туку и за УЈП. Истовремено, работиме на подобрување на перформансите и капацитетите на е-Даноци со цел во пиковите, кога истекуваат крајните рокови за поднесување на пријавите, УЈП да може да опслужи голем број на корисници во најкраток можен рок.
Нашата стратешка цел е „Даночна администрација без хартија“ и целосна ориентација кон електронска комуникација и автоматизација на деловните процеси. Ќе продолжиме да дејствуваме во таа насока.

УЈП веќе некое време редовно објавува листа со најголеми должници. Дали можеме да очекуваме наскоро да се објави и листа на најголеми плаќачи на даноци?

Објавување на даночни информации е чувствителна тема, дополнително што истите имаат третман на даночна тајна. Доколку истото не е законско уредено, како што е тоа уредено за Листите на должници кои месечно ги објавува УЈП, во отсуство на јасно дефинирани правила, би можеле да предизвикаме негативен ефект во јавноста. Иако, по правило најголемите плаќачи нормално би било да сакаат да бидат објавени и самоиницијативно, во Македонија е се уште табу тема обелоденувањето на приходите на најбогатите или профитите на најуспешните компании, кое и не е толку работа на УЈП, туку повеќе е дел од бизнис културата и доброто корпоративно управување.
Во изминатите години УЈП објавуваше анализи, па често пати не споредуваа и со Форбс, што е сосема погрешно, затоа што износот на платени или неплатени даноци не е секогаш показател за успешноста на една компанија или богатството на една индивидуа. Тоа е тема која бара сериозни истражувања и вклучување на повеќе економски показатели.

Неодамна беше објавен извештај на „Глобал фајненшл интегрити“ во кој се вели дека за девет години на нелегален начин од Македонија се изнесени над 5,1 милијарди долари. Колку Македонија има капацитет и механизми за следење на  вакви финансиските трансакции и незаконски одливи на пари и ефикасна борба против криминалот и корупцијата?

Во споменатиот извештај се опфатени сите држави во светот и се следат перењето пари, даночното избегнување, криминалот и сл. Македонија како држава не е имуна на постоењето на поединци и групи кои што делуваат коруптивно и криминално. Во таа насока, УЈП учествува во активностите на Националниот координативен центар, во кој што се застапени и останатите институции кои што имаат надлежности во делот на спречување на корупцијата и криминалот како што се: МВР, Финансиската полиција, Царината, Јавното Обвинителство и слично. Главната цел на активностите на ова тело е зголемување на меѓуинституционалната соработка и координираност во идентификување и спречување на криминални групи кои делуваат на територијата на Република Македонија или на меѓународно ниво.

Во однос на ова прашање УЈП е активно вклучена во следењето на спроведувањето на Меѓународните договори за одбегнување на двојно оданочување, како и следење на исплатите на приходи на компании кои не припаѓаат на држави со кои Македонија нема склучено вакви договори.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×