Глигор Бишев: Во изминатите 10 години Шпаркасе Банка стана банка од доверба во Македонија
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Bishev 2Глигор Бишев
претседател на Управен одбор на
Шпаркасе Банка Македонија

Шпаркасе Банка прослави 10 години работење во Република Македонија. За досегашното работење на Банката и за идните планови за развој во Македонија разговаравме со претседатело на Управниот одбор Глигор Бишев, кој потенцира дека инвеститорите од Штаермеркише Шпаркасе кој одлучиле да влезат во Македонија во предвечерието на финансиската криза во 2008 година имаат исклучително долгорочен хоризонт на гледање на инвестицијата, да направат долгорочна успешна приказна.
“Во моментот на преземање, Банката имаше пазарно учество на македонскиот пазар од 2,7%, додека 10 години подоцна пазарното учество на Шпаркасе Банка Македонија е двојно зголемено и од мала банка премина во групата на средни банки по големина со пазарно учество во кредитирањето на населението и претпријатијата од околу 5%, во брокерските услуги учество од 7,5%, во трансакциите на девизните пазари од 9%, во услугите чувар на имот и депозитарна банка околу 60% и во лизинг услугите учество од околу 40%”, вели Бишев за Капитал, потенцирајќи дека се задоволни што успеале да го постигнат основниот приоритет за етаблирањето на Шпаркасе Банка како препознатлива општествено-одговорна банка со доверба кај компаниите и населението со кои соработува.

 

Шпаркасе прослави 10 години работа во Македонија. Може ли да направите кратка ретроспектива на десетгодишното работење на Банката во Македонија и клучните одредници на развојот?

Шпаркасе Банка Македонија прославува 10 години работење. Во 2008 година поранешната Инвестбанка беше преземена од Штаермеркише Шпаркасе Банката од Грац, Австрија, која е дел од Ерсте Групацијата. Тоа се случи во предвечерието на најголемата светска финансиска криза и рецесија после Втората светска војна. Самиот факт што влезот на Штаермеркише Шпаркасе во Македонија се случил во тој сложен момент покажува дека инвеститорите имале исклучително долгорочен хоризонт на гледање, да направат долгорочна успешна приказна. Во 2009 година Штаермеркише Шпаркасе Банка од Грац заедно со Шпаркасе Банка Македонија го основаат С-Лизинг, кој во 2017 година се ребрендираше во Шпаркасе Лизинг. Во моментот на преземање, Банката имаше пазарно учество на македонскиот пазар од 2,7%, додека 10 години подоцна пазарното учество на Шпаркасе Банка Македонија е двојно зголемено и од мала банка премина во групата на средни банки по големина со пазарно учество во кредитирањето на населението и претпријатијата од околу 5%, во брокерските услуги учество од 7,5%, во трансакциите на девизните пазари од 9%, во услугите чувар на имот и депозитарна банка околу 60% и во лизинг услугите учество од околу 40%. Во овој период од 10 години ги донесовме во Р. Македонија вредностите на Штаремеркише Шпаркасе. Во 2010 година се изведе за првпат во Р. Македонија проектно финансирање на седум хидроцентрали, во 2014 година ја финансиравме првата биогасна централа во државата. Исто така, од 2014 година го воведе концептот на расположивиот доход на семејството при кредитирање на населението, а не како што е вообичаено да се зема во предвид само поединечниот доход на поединецот кредитобарател, кога и го воведовме нашето мото “Банка на вашето семејство”. Вo 2015 година почнавме со првиот потрошувачки кредити кој вклучува и животно осигурување, додека следната година го воведовме GO4лизинг пакетот за автомобили,кој вклучува животно осигурување и пакет од трансакциска сметка со дозволено пречекорување и кредитна картичка. Истата 2015 година го донесовме и првиот банкомат во Македонија со депозитна и менувачка функција, кој им овозможува на клиентите да внесуваат и да подигнуваат готовина. Исто така, во изминатите години работевме на унапредување на услугите преку дигиталните канали на Банката и како резултат на тоа денеска 58% од вкупниот број на трансакции се одвиваат преку различни дигитални канали. Во 2015 година го донесовме и првиот странски инвеститор во Р. Македонија кој што купи државна обврзница на македонскиот пазар. Заедно со Ерсте Групацијата учествувавме во организацијата на емисијата на државните обврзници на странските пазари, при што последната емисија беше исклучително успешна со најниска каматна стапка во историјата на Македонија. Исто така, Ерсте Групацијата заедно со Дојче Банка учествуваат во финансирањето на изградбата на главниот гасовод во Р. Македонија, при што Шпаркасе Банка придонесува во процесот на организација мониторирање и евалуирање на напредокот на овој проект. Очекуваме во идниот период да имаме уште многу проекти и да продолжиме да растеме и да нудиме услуги и производи кои ги очекуваат населението и компаниите во Р. Македонија.

 

Колку се задоволни акционерите на Шпаркасе од влезот на македонскиот пазар од аспект на постигнатите финансиски резултати и кредитната активност?

Како што веќе кажав, акционерите одбраа исклучително долгорочен хоризонт во Република Македонија и основниот приоритет не беше профитот на Банката, односно колку тие ќе заработат, туку етаблирањето на Банката и креирање на препознатлива општествено-одговорна банка, која верува во компаниите и населението со кои соработува. Во изминативе години придонесовме и поддржавме голем број на активности на локалната и на пошироката заедница во рамките на “Sparkasse Life” платформата. Ги поддржавме децата без родители, болните од ретки и тешки заболувања, се грижевме за здрава животна средина преку долгогодишниот проект со „Пакомак“ за собрирање на стара пластика и хартија, понатаму го промовиравме здравиот начин на живот и спортувањето, поддржавме голем број на културни настани. Од самите почетоци на присуството на Групацијата во Македонија обезбедуваме стипендии за студентите од земјава преку проектот „Најдобрите од Југоистокот“, кој им овозможува на најдобрите и најталентираните студенти да ги продолжат студиите на универзитетот во Грац, Австрија. Исто така, преку Наградата за социјално претприемништво ги поддржуваме најдобрите и најиновативните бизнис идеи од областа на социјалното претприемништво, преку доделување на три финансиски награди.

Во овој сегмент, се гордееме дека во последните три години Шпаркасе Банка беше избрана за најомилен банкарски бренд од страна на студентите, а според последните истражувања од граѓаните е избрана за четврта банка според препознатливоста на брендот. Од тој аспект гледано, сметаме дека во овие 10 години она што беше поставено како цел на Банката, да станеме препознатлива банка со доверба го постигнавме, а во следниот период покрај овие цели, исто така ќе се посветиме да ги реализираме и целите на профитабилност кои се нормални за овој регион. Сакам да потенцираме дека очекувањата на сопствениците се тие цели да се испорачуваат на долг, а не на краток рок.

Шпаркасе Банка е дел од групација која е присутна во целиот регион. Како ги оценувате потенцијалите за раст на Шпаркасе Банка Македонија, имајќи ги во предвид проекциите за намален економски раст во Македонија во корелација со капацитетот на компаниите за инвестираат и нивото на задолженост на населението ?

Она што ја карактеризира Ерсте Групацијата е долгата традиција. Групацијата постои веќе два века и низ овој период тие преживеале многу кризи. Кога зборуваме дека нивниот инвеститорски хоризонт е долгорочен и не се состои од декади, мислам на тоа дека нивните очекувања се дека Балканот и Република Македонија како дел од овој регион припаѓаат на Европа и дека овие земји ќе бидат динамични економии кои ќе конвергираат со стандардите и вредностите на Европската економија. Од тој аспект, очекувањата во рамките на тој долгорочен хоризонт на Групацијата се дека и Шпаркасе Банка Македонија ќе достигне барем еден век постоење во Република Македонија, а идните генерации да бидат сведоци на брза конвергенција на Балканот кон повисоко развиените земји од Европската Унија. Се надеваме дека во времето на нашата генерација овој процес ќе го отвориме и ќе дадеме свој придонес. Очекувањата се дека во следните 10 до 15 години или кога Шпаркасе Банка ќе слави 20 годишен јубилеј, сегашната конвергенција на македонската економија од 37% од просекот на Европската Унија ќе изнесува 55% до 60% од просечниот Бруто домашен производ по жител (БДП по глава на жител). Тоа значи дека економијата би растела со стапка од околу 5% годишно, би се зајакнале институциите и почитувањето на законите, би се подобрила ефикасноста, вредносната и корпоративната култура, секако со придонес на сите институции, на носителите на економските политики, на компаниите, на локалните банки кои ќе придонесат кон забрзување на тој процес и зголемување на економскиот раст.


Bishev 4Очекувањата се дека во следните 10 до 15 години или кога Шпаркасе Банка ќе слави 20 годишен јубилеј, сегашната конвергенција на македонската економија од 37% од просекот на Европската Унија ќе изнесува 55% до 60% од просечниот Бруто домашен производ по жител (БДП по глава на жител). Тоа значи дека економијата би растела со стапка од околу 5% годишно, би се зајакнале институциите и почитувањето на законите, би се подобрила ефикасноста, вредносната и корпоративната култура, секако со придонес на сите институции, на носителите на економските политики, на компаниите, на локалните банки кои ќе придонесат кон забрзување на тој процес и зголемување на економскиот раст.


Тоа се сепак малку подолгорочни процеси. Ако тргнеме од сегашната ситуација, Македонија имаше пролонгирана политичка криза, а сега има намалување на прогнозите за економски раст. Дали како човек со поголемо искуство во банкарството и кој има близок увид во работењето на бизнисите гледате знаци на заздравување на економијата и каде ги гледате потенцијалите за тие повисоки стапки за економски раст од над 5%?

Изреката од времето на Луј 14 дека политиката треба да е подалеку од бизнисот, а бизнисот следејќи го својот интерес ќе даде неизбежно придонес кон забрзување на економскиот раст, може да се каже дека тоа важи и денеска. Иако, мислам дека после кризата во 2008 година улогата на државата во економскиот живот значително се зголеми. Доколку Македонија успее да ги зајакне институциите за тие да можат да функционираат според стандардите на Европската Унија, се дозволи пазарот да ги врши своите функции, а носителите на економските политики успешно ги корегираат грешките на пазарот, можеме да бидеме оптимисти во поглед на економскиот раст.
Во овој момент, Шпаркасе Банка одлучува за поддршка на три-четири проекти кои заедно имаат вкупна вредност од околу 150 милиони евра. Станува збор за проект во областа на енергетиката во вредност од 35 милиони евра, еден проект во областа на дистрибуцијата во вредност од околу 20 милиони евра, еден проект во областа на обоените метали во вредност од 15 милиони евра и голем број на помали проекти на малите и средни компании. Како што споменав, Шпаркасе Банка ќе ги поддржи и старт-ап бизнисите кои во овој момент нема да апсорбираат големи финансиски средства, меѓутоа очекуваме да го почнат бранот на иновации кои би можеле во следниот период да ја придвижат македонската економија. Ќе ги споменам и проектите во земјоделието и преработувачката индустрија кои очекуваме дека можат да влијаат врз раздвижувањето на економијата и враќање на вербата кај компаниите дека регионот и Македонија можат да бидат место за инвестирање и кои долгорочно ќе генерира одреден поврат на средства.

 

Investo Breakfast BishevКакви се вашите прогнози за финансиските пазари во Македонија во контекст на движењата не европските финансиски, промената на монетарната политика на САД…Се чини дека се гледа крајот на ерата на евтини пари и се очекува зголемување на каматните стапки. Колку овие процеси можат да влијаат врз поскапување на каматите во Македонија и поскапување на долгот на Македонија?

Во принцип сите, и носителите на економските политики и претприемачите, треба да бидеме свесни дека пазарната економија е циклична економија. И во минатото и сега се случуваат кризи и експанзии и тоа ќе продолжи така да биде и во иднина. Во моментов имаме ситуација во која во САД нивото на невработеност е на ниво од 3,7%, што е најниска стапка на невработеност во последните 50 години. Економијата забрзано расте, заради што Федералните резерви ги зголемија каматните стапки на околу 2,25%, а примарната каматна стапка по која најдобрите клиенти можат да се задолжат во банка е 5,5%. Во Европската Унија се размислува полека за затегнување на монетарната политика. Се очекува до крајот на годинава да заврши пакетот на квантитативно олабавување од страна на Европската централна банка, а првото зголемување на каматните стапки се очекува за следната година. Овие движења ќе влијаат и врз финансиските движења во Македонија и каматните стапки. Веќе на меѓународните финансиски пазари се чувствува влијанието на зголемувањето на каматните стапки, и тоа влијание се чувствува на финансиските пазари во Европската Унија, односно врз финансиските инструменти со послаб рејтинг. На пример, италијанската државна обврзница е веќе со повисока каматна стапка. Исто така, на секундарните пазари на државната обврзница на Република Македонија, која беше емитувана со каматна стапка од 2,75%, се тргува со каматна стапка од 3,25%. Тоа покажува дека македонската влада направи добра проценка кога одлучи порано да ја емитира државната обврзница на финансиските пазари, кога каматните стапки беа уште многу ниски. Оваа цена на секундарните пазари не влијае врз цената по која обврзницата беше емитувана, меѓутоа оние кои тргуваат со обврзницата тоа го прават со повисока каматна стапка.

За очекување е дека овој бран ќе дојде и во Македонија. Тајмингот може да биде на почетокот или на средината на идната година. Меѓутоа, тоа не е лоша вест. Тоа е вест која значи дека и светската економија, но и македонската економија се доволно силни, профитабилноста на компаниите е зголемена и како последица на тоа треба дел од тој зголемен профит преку каматните стапки да се прелее кај оние што штедат. Затоа што од друга страна оние кои штедат велат дека каматните стапки се ниски и не се мотивирани и понатаму да штедат. Носителите на економските политики, пред се централните банки се обидуваат да ја погодат пазарната каматна стапка која ги урамнотежува штедењето и инвестициите. Не треба да заборавиме дека во Македонија имаме недостаток на штедење во однос на инвестициите. Дури и со инвестициите во тој обем не се доволни да обезбедат повисок економски раст од 4% или 5%. За Македонија да оствари годишен економски раст од 4% до 5% е потребно приватните инвестиции да учествуваат во БДП со околу 23% до 25% и заедно со инвестициите на јавниот сектор да достигнат околу 28% од БДП. Сега, вкупните инвестиции се движат околу 23% од БДП.

 

Кои нови производи и услуги може да ги очекуваат компаниите и физичките лица од Шпаркасе Банка Македонија?

На почетокот на 2018 година, заедно со Ерсте Групацијата, за компаниите воведовме услуга каматен своп. Во период кога се очекува зголемување на каматните стапки и со цел тоа да не биде преголем шок за стопанството, преку каматниот своп им нудиме на компаниите еден вид осигурување на каматната стапка да биде непроменлива, посебно кај долгорочните кредити. Од март годинава почнавме со кредитирање на населението за воведување на ЕКО кредит за финансирање на проекти за унапредување на енергетска ефикасност во домаќинствата, со компонента на грант до 20% од износот на кредитот. Од октомври годинава го започнавме проектот за старт-ап бизнисите наречен “Чекор по чекор”, во рамки на кој овозможуваме обука, менторство и финансирање на иновативните идеи во Македонија. Овој пакет е наменет за младите претприемачи и стартуваме со него затоа што сметаме дека овој сегмент во идниот период ќе биде подинамичен.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×