Глигор Цветанов: За мали држави извозот е најглавен генератор на економски раст и отворање на работни места
Објавено на од во Економија

DAF_2284Глигор Цветанов
претседател на клуб на извозници при Стопанска комора на Македонија и извршен директор на Макпрогрес

“За мали држави и пазари како што е Република Македонија извозот е најглавниот генератор на економски раст и отварање на нови работни места. Основна цел и приоритет на Kлубот на извозници при Стопанската комора на Македонија е помагање на нашите членки во нивната подготовка за извозни можности. Предизвик на Клубот на извозници е надминувањето на сите посочени проблеми кои во моментот претставуваат пречка за зголемувањето на извозот на домашните компании”, вели Глигор Цветанов кој е првиот претседател на Клубот на извозници, новото тело кое кон крајот на минатата година се формираше во рамки на Стопанската комора на Македонија.

 

Пред неколку месеци во рамки на Стопанската комора на Македонија се основаше Клубот на извозници, на кој Вие сте претседател. Која е основната цел за формирање на едно вакво тело?

За мали држави и пазари како што е Република Македонија извозот е најглавниот генератор на економски раст и отварање на нови работни места. Основна цел и приоритет на Kлубот на извозници при Стопанската комора на Македонија е помагање на нашите членки во нивната подготовка за извозни можности.

 

Кои ќе бидат главните задачи и активности преку кои Клубот на извозници ќе им помага на компаниите членки?

Активностите на Kлубот на извозници се развивање на контакти, развивање и унапредување на соработката со надлежните институции во земјата и во странство, продлабочување на меѓународните активности преку промоција на извозно ориентираните компании од Македонија, како и едукативни настани преку кои ќе се споделуваат искуства и знаења од домашни и странски експерти за зголемување на конкурентноста на македонските компании на странските пазари.

До крај на месецов во рамки на Kлубот на извозници ќе издадеме Kаталог на извозно ориентираните компании, во коj ќе биде претставена нивната извозна понуда.Kаталогот ќе го доставиме до сите стопански Комори со кои имаме воспоставена соработка, до сите дипломатско- конзуларни и странски претставништва, а ќе биде користен понатаму при сите меѓународни посети на странски делегации во земјава или наши посети во странство.

 

Што значи да се биде извозник во Македонија? Кои се најголемите пречки со кои се соочуваат извозниците во Македонија?

Република Македонија има доста поволности кога е во прашање извозот. Имаме склучени договори за слободна трговија со земјите од ЕУ и од ЦЕФТА, како и останати договори за слободна трговија кои ни даваат пристап до пазари преку 600 милиони потрошувачи. Трошоците за водењето на бизнис се на конкурентно ниво и сме кандидат за член на Европската унија.

Исто така, конкурентна предност е тоа дека нашата држава е поднебје каде што ги имаме сите ресурси за квалитетна и здрава храна, подрачје каде луѓето се големи гурмани и каде имаме чиста природа и многу сонце. Конкурентна предност е и креативниот потенцијал на претприемачите кои успеваат сите овие години во повеќе политички и економски кризни периоди да опстанат и да се развиваат.

Секако има и доста пречки со кои извозните компании се соочуваат како што се недоволна конкурентност на локалните добавувачи, плаќање на царински давачки за некои од репроматеријалите, немањето на базна индустрија, несоодветно образование, немање на политика за поттик на занаетот и индустријализацијата, немањето договори за слободна трговија со земјите од Магреб и Блиски исток и многу строгиот визен режим со тие земји.

Како останати пречки со кои се соочуваат извозниците би ги напоменал слабата железничка инфраструктура и немањето излез на море. Го користиме Солунското пристаниште кое нема многу директни бродски линии, што го прави нашиот извоз бавен и неконкурентен.

Предизвик на Клубот на извозници е надминувањето на сите посочени проблеми кои во моментот претставуваат пречка за зголемувањето на извозот на домашните компании.

 


При презентацијата на мерките од Планот за економски раст Владата имаше дадени насоки на МБПР да изработи и предложи сет од мерки и инструменти кои би биле во насока на краткорочно кредитирање на извозот, издавање на гаранции на извозниците и осигурување на извозот. Очекувам да ги видиме што поскоро тие мерки и инструменти.


 

Како државата може да помогне во отворање и освојување на нови пазари?

Секако од голема помош ќе биде ангажманот на одамна најавените економски аташеа кои согласно со најавите ќе бидат задолжени за помагање на македонските компании за промоција на нивниот извоз.

Извозот понатаму може да се зголеми со поголемо отварање кон пазарите на земјите од Магреб и Блискиот Исток кои се значајни пазари од над 400-тини милиони жители, што претставува нешто повеќе од 5% од светската популација. Пазарите на овие земји се претежно увозно зависни за стоки за широка потрошувачка, па прехрамбената индустрија има дефинитивно најголем потенцијал за извоз во овој регион, а своја можност таму може да побараат и останатите индустриски гранки.
За подобрување на извозот кон овие пазари е потребно да се склучат договори за слободна трговија и да се подобри визниот режим кој Република Македонија го има со тие земји. Од корист би биле и повеќе директни авио летови и зголемен број на македонски амбасади низ светот, особено во земјите од Магреб и Блискиот исток.

 

Какви реформи се потребни во Македонската банка за поддршка на развојот за таа навистина да биде поддршка на извозниците?

При презентацијата на мерките од Планот за економски раст Владата имаше дадени насоки на МБПР да изработи и предложи сет од мерки и инструменти кои би биле во насока на краткорочно кредитирање на извозот, издавање на гаранции на извозниците и осигурување на извозот. Очекувам да ги видиме што поскоро тие мерки и инструменти.

Она што сметам дека најмногу ќе им помогне на извозниците е да се подобри капацитетот на Банката за подобро, побрзо и посигурно осигурување на извозните зделки, како и можност за поволно кредитирање на производни капацитети наменети за извоз.
На последниот состанок на Клубот на извозници од страна на МБПР се презентираа новитетите како пониски премиски стапки, пониски трошоци за испитување на странските партнери, како и можностите за извозен факторинг, па се надевам дека во скоро време ќе има уште понатамошни чекори кон зајакнување на МБПР.

 

Во изминатиов период се извозниците бараа и воведување на стимулации за извозници. Имате ли конкретни примери дали и како тоа функционира во други земји?

Има примери дека Турција го субвенционираше извозот години наназад. Па и Кина и други држави. Но, во Република Македонија како земја кандидат за член на ЕУ, воведување на стимулации на извозници не е можно, дури и да има политичка волја и да има обезбеден буџет за тоа.

Едноставно, такво субвенционирање се коси со правилата за конкурентност на Европската унија.

Државите поединечно може да донесат друг тип на стимулации наменети за подршка на извозниците. Особено важно за сите извозници би била државна помош за саемско претставување, маркетинг кампања во странство, изработка на патенти, дизајни и рекламни материјали наменети за извоз.
Дел од ваквата поддршка е предвидена во владината програма за поддршка на инвестиции, па останува да видиме во пракса како ќе се спроведува.

 

Многу често како еден од проблемите кои го истакнуваат извoзниците е пристапот до финансии. Како да се олесни пристапот на извозниците до поевтини финансии?

Комерцијалните банки во Македонија последниве години имаат доста ликвидни средства и се многу заинтересирани за кредитирање на стопанството по поволни каматни стапки. На пазарот кај нас функционираат и други светски финансиски институции како Светска банка, Европска банка за подршка на развојот, а со тоа и можностите за финансирање се поголеми.

Клучна улога може да има Македонска банка за подршка на развојот која би можела да се докапитализира и да биде силен подржувач на македонските извозни компании.

 

Вие сте на чело на Макпрогрес, компанија од прехранбената, поточно од кондиторската индустрија која бележи голем раст, но има и уште многу голем потенцијал за зголемување на извозот. Македонија во изминативе години даваше милионски суми за земјоделските производители, но увозот на храна и понатаму расте. Како до поголемо производство и извоз на храна?

Макпрогрес петта година по ред е најголем извозник на прехрамбени производи од Република Македонија, а со тоа и носител на перцепцијата во регионални и светски рамки за квалитет и конкурентност на македонската кондиторска индустрија. Во првите пет месеци од оваа година имаме значителен пораст на извозот од 14% во однос на истиот период од минатата година кој се должи на зголемување на извозот на постојните пазари, отворање на нови пазари, како и зголемување на понудата со нови производи и брендови. Очекувам и понатаму да продолжи трендот на зголемување на извозот додека на домашниот пазар да продолжиме со борба за задржување и унапредување на позициите.

Увозот на храна во Македонија расте бидејќи на домашниов пазар во малопродажбата се присутни повеќе увозници отколку производители на храна. Денес во регионов и во Европа постои хиперпродукција во скоро секоја категорија на прехрамбени производи. Потрошувачите најчесто купуваат тоа што е поставено на полиците во супермаркетите, она кое е со поповолна цена или е на некоја промотивна активност. Колку ќе биде купено од потрошувачите најчесто зависи од самите производители и од малопродавците. Сметам дека со нивни заеднички напори може да се дојде до поголем удел на домашните производи, а со подобар удел на домашниот пазар компаниите ќе ојакнат да дополнително за да можат да бидат конкурентни и за надвор. Но, секако најпрвин е најбитно компаниите кои произведуваат храна да си ја одработат домашната задача. Секој пазар е тежок и специфичен на свој начин.
За да имаме со што да конкурираме на висококонкурентните странски пазари најпрвин мора да ја одработиме домашната задача, а тоа е да развиеме, дизајнираме и произведеме квалитетен производ или услуга по конкурентна цена. Само така ќе може да се бориме нашиот производ да добие шанса и, доколку потрошувачите го прифатат, да стане и дел од нивното секојдневие. Не треба да се очекува дека некој друг или државата или било која нејзина институција ќе го одработи тоа за компаниите.

Со проширувањето на македонските производи, присуството на саеми низ светот, поставеност на производите на полиците на најголемите ланци на супермаркети, конзистентност во понудата и испораките, Македонија може постепено да се трасформира во препознатлив бренд, а македонските производи како квалитетни и конкурентни производи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×