Глобалниот бум заврши, но дали следната година ќе донесе рецесија или меко приземјување?
Објавено на од во СВЕТ-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Svetska ekonomija 2019 - glavnaЕкономијата во 2019

Економскиот бум во светот заврши. Всушност, не сите забележаа и дека се случува, како што вели британски Telegraph. Сепак, годинава што завршува глобалната економија порасна со најголема стапка од 2011 наваму. Тој залет, стимулиран од “инјекциите“ на политиките на Трамп, задоцнетото закрепнување во еврозоната и бенигните финансиски услови во поголемиот дел од светот, очигледно стигна до својот крај. Ќе се случи ли нежно забавување на светската економија, или пак “тврдо слетување“ како што се плашат некои аналитичари? Ризиците постојат во секој случај: од најавеното покачување на каматните стапки во САД и трговската војна со Кина, до валутните кризи во пазарите во развој, постојаните кавги на Италија со ЕУ околу фискалните политики и популизмот, како и тешкиот товар на кинескиот долг, опасности има насекаде. Рецесијата исто така не треба да се отфрли како сценарио, велат аналитичарите, затоа што во вакви околности, остар пресврт во инвеститорскиот сентимент би можел да ја истисне довербата од системот, терајќи ги домаќинствата да штедат, наместо да трошат, а бизнисите да се спремаат за криза наместо да инвестираат.

 

Ова време пред една година инвеститорите беа зашеметени од еуфорија, пишува CNN Business деновиве. Пазарите беа во нагорен тренд, возејќи се на бранот на синхронизираниот глобален раст и про – пазарните американски политики, со с$ свежо промовираните намалувања на корпоративните даноци и дерегулацијата од страна на администрацијата на претседателот Трамп.

Колку само различна ситуација една година подоцна. Како што се ближи крајот на 2018, инвеститорите се несигурни, а светските берзи бележат пад. Големите минуси на пазарите на хартии од вредност, со с$ оние на пазарите во развој, сето тоа во комбинација со бледите перформанси на обврзниците и повеќето хеџ фондови, ги оставија инвеститорите незадоволни овие новогодишни празници.

На прв поглед, светската економија изгледа дека е во прилично добра форма, пишува Forbes. Уште од 1980-те наваму немало толку развиени економии и пазари во развој коишто бележеле симултана експанзија како што е тоа периодов. Денес, земјите во рецесија или уште полоша криза се малку на број или како процент од светската економија (на пр. Венецуела или Аргентина).

Исто така, поминаа речиси четири децении откако последен пат развиените економии имале целосна вработеност или биле блиску до таа состојба. Невработеноста во Северна Америка, Европа и Јапонија е на најниско ниво што го памети оваа генерација. Потрошувачката, исто така, во напредните економии е претежно стимулирана од растот на приходите, што е здрав премин од претходната состојба на експанзија стимулирана од кредити. Куповната моќ на домаќинствата е придвижена од креирање на нови работни места, како и порастот на платите. Трошењето на корпорациите, барем во САД и Јапонија, е предизвикано од нивоата на профит (како дел од БДП), што претходно не беше случај во ерата по Втората светска војна.


Зошто берзите не се однесуваат славенички? Затоа што славењето веќе помина.

Сето ова е супер, вели Forbes, но зошто тогаш и светските берзи не прославуваат?

Заради една причина, а тоа бидејќи прославите веќе се случија. Берзите, особено американските, забележаа силен раст од 2009 до средината на 2018. Очекувањата и достигнувањата стигнаа до високи нивоа. Во меѓувреме, растот на американската економија го достигна пикот кон средината на годинава што изминува, со забавување што стана најизразено како што годината оди при крајот. Растот на профитите на американските компании до средината на 2018 веќе беше 20% повисок на годишно ниво, стапка што ниту најоптимистичните инвеститори не веруваа дека може да се постигне, особено што профитните маргини се најдоа под притисок на растечките плати, финансирање на долгот и трошоци поврзани со царините. Никој во светот, освен можеби Јапонија, нема капацитет да ја надомести загубената динамика на растот на профитите како САД.

Политиките на Вашингтон, се свртеа од про – пазарни кон загрижувачки. Возбудата околу кратењето на даноците и дерегулацијата е заменета од можноста за трговски конфликти и привременото сопирање на работата на владините институции заради несогласувањето на Трамп со законодавците во САД. Работите не се волшебни ниту во другите региони на светот. Политичката неизвесност околу Брегзит, Италија со својата популистичка влада и судирите со ЕУ околу имиграциските прашања и фискалната политика, како и Германија со владината позиција ослабена, сето ова ги прави нервозни инвеститорите.


“Пост – пик “ период

Овој период аналитичарите на “The Economist“ го нарекуваат “пост пик“ период. Најдоброто од американскиот и глобалниот економски раст изгледа веќе помина. Најдоброто од американскиот и глобалниот раст на заработките исто така, изгледа помина. Во “пост – пик“ ерата, нештата што инвеститорите претходно ги игнорираа, како трговските спорови, радикалните Брегзит сценарија, или знаците дека кинеската економија слабее – сега одеднаш стануваат важни. Удобноста од забрзаниот раст сега е заменета од реалноста за послаб очекуван раст и помали заработки на компаниите. Маргината на грешка е помала, особено како што шансите за геополитички тензии очигледно растат. И не е изненадување дека инвеститорите ги редефинираат процените за цените на акциите и останатите хартии од вредност за „пост пик“ периодот. Па, дали 2019 ќе биде реприза на 2018, или старт на нова рецесија?

И покрај предупредувачките знаци за “пост – пик“ периодот, економските фундаменти сугерираат дека сепак има простор за оптимизам. Глобалниот раст и растот на платите се позитивни моменти во секој случај. Иновациите и новите технологии се добра основа за нови можности за раст и креирање нова вредност. Сепак, растот на популизмот и преокупираноста со себе на поедини економии, го зголемуваат ризикот и неизвесноста. Претстојнава година го има потенцијалот да донесе просперитет и повисоки поврати на средствата за инвеститорите, но повеќе од било кога досега резултатот зависи од тоа дали здравиот резон и политики ќе преовладеат во светските метрополи.

 


calentamiento-goblal_0HSBC: Овие 5 сценарија може да влијаат врз пазарите и економијата во 2019

Импактот на климатските промени. Долгот на корпоративниот сектор. Покачувањето на каматните стапки од страна на американските Федерални резерви.
Ова се некои од клучните фактори што британскиот банкарски гигант HSBC ги вброи меѓу најголеми ризици и сценарија за пазарите и светската економија за следната година.

“Ова се можни сценарија, а не прогнози, и ниту едно може да не се оствари, но сите тие се нешта што треба да се имаат на ум“, вели извештајот на HSBC, доставен до нивните клиенти.

  • Криза во еврозоната 2.0

Ризик: Ако е потребна стимулација повторно, еврозоната може да има проблеми во годината на можни турбулентни лидерски промени во лидерството на ЕУ.

Импликации врз инвестициите: Еврото може да се доближи со курсот до доларот во ваквото сценарио. Фунтата ќе се соочи со голема неизвесност затоа што пост Брегзит трговските преговори ќе бидат уште потешки.

  •  Трговските тензии да завршат

Ризик: Крајот на трговските тензии помеѓу САД и Кина може да го зголемат оптимизмот на инвеститорите и да имаат позитивен импакт врз очекувањата за раст, врз Кина.

Импликации врз инвестициите: Очекувањата за раст ќе влијаат врз девизниот пазар. Кинескиот јуан веројатно ќе поврати нешто од депрецијацијата што се случи во 2018 година.“

  •  Влијание на климатските промени

Ризик: Природните катастрофи предизвикани од климатските промени стануваат сè поскапи и повидливи, велат аналитичарите на HSBC. Трошоците од штетите влијаат и врз развиените економии, а не само врз пазарите во развој. Постои ризик од неповолни пазарни реакции на климатските настани во 2019.

Импликации врз инвестициите: Како што штетите од климатските промени ќе стануваат сè поевидентни, тоа може да влијае врз широк опсег на хартии од вредност. Подготовката за ефектите од климатските промени ќе бара инвестиции, што значи поголеми трошоци за засегнатите држави.

  •  Пад на профитните маргини на американските компании

Ризик: Профитните маргини беа клучниот двигател на заработките во САД изминатиот период. Корпоративните профитни маргини се на рекордно високо ниво и се очекува да растат уште повеќе. Но, растечките трошоци, вклучително и растот на платите, трговските царини и финансиските трошоци може да ги снижат профитните маргини во 2019.

Импликации врз инвестициите: Побрз раст на платите од очекуваното би можело да предизвика значителна грешка во процените за заработка и да предизвика пад на берзите.

  • Европската централна банка да иницира нови неконвенционални политики

Ризик: Европската централна банка би можела да влезе во следната криза со негативни каматни стапки.

Импликации врз инвестициите: Еврото веројатно ќе ослаби во исчекување на објавата за нова рунда на монетарно олабавување.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×