Година на протести, игри и „бомби“: Кој и како политички ќе ја преживее 2015-та?
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Тешка година е пред главните политички ликови во Македонија, а тешка ќе биде и за граѓаните коишто ќе сведочат на серија потези како дел од партиските тактики за освојување или задржување на власта. Уморни од овие партиски евтини игри, граѓаните веќе отворено го манифестираат револтот преку протести коишто според најавите ќе продолжат и во годината што следува. Тука некаде, според очекувањата, треба да се појави и таканаречената „бомба“ на СДСМ, серијалот информации коишто наводно опозицијата ги поседува како докази за криминал во владините редови. Иако анализите се дека многу нешта ќе зависат од квалитетот на „експлозивниот“ материјал, потресите коишто ќе се случуваат, а многу лесно можат да доведат и до нови предвремени избори, ќе се неминовност со или без опозициски „бомби“

Сосема е неприродно на крајот на годината во којашто на предвремени парламентарни избори премиерот Никола Груевски доби уште еден четиригодишен мандат, анализата за тоа што на политички план ќе не очекува во 2015-та да се почне со можноста за уште едни, нови предвремени избори, но речиси е општо познато дека логиката и македонската политика одамна не одат заедно. Оттука, токму предвремените избори коишто се повеќе се наметнуваат како можна разврска на политичката криза со која ја дочекуваме новата година, се дел од нашата анализа.
Самиот премиер, неодамна при еден јавен настап критикувајќи ги политиките на СДСМ, порача дека тие ја водат политичката борба на несоодветно ниво и дека „секако избори ќе има наскоро“ па таму ќе се видат на мегдан. Тешко дека „наскоро“ се трите години коишто реално му преостануваат на Груевски во овој мандат.
Но, зошто ново трошење на околу 6 милиони народни евра и ново гласање воопшто се наметнува како опција?
Кризата на македонската политичка сцена е евидентна и длабока, иако многу политички фактори сакаат истата да ја релативизираат. Парламентот функционира без најголемата опозициска партија внатре, се носат не само законски, туку и уставни измени, се креираат нови законски решенија, предлози за промена на државни симболи, без да има вистинска дебата во законодавниот дом како што би прлегало на една современа демократија. Политичкиот дијалог на власта и опозицијата е сведен на некакви тајни средби на коишто се што обичниот човек може да заклучи, е дека се токми пазар околу начинот и времето на објавување на сега веќе фамозната „бомба“ (сет информации за кои СДСМ најавува дека ќе го стресат и турнат Груевски од неговата позиција). Со фактот што Зоран Заев решава да калкулира со тајмингот за објавување на вака чувствителни информации, а притоа бидува поштеден од јавниот обивнител (да поседуваш докази за некакво кривично дело, а да не ги објавиш е дело само по себе) се отвораат дилеми за евентуалните (пре)договарања што тој ги прави со власта. Оттука, кризата само се продлабочува, раскопувајќи ги можеби и внатрешно – опозициските редови, но и самата политичка стабилност.
Меѓуетничките односи, од друга страна, се вечно актуелна тема. Бомбата на Заев како што тој вели во голем дел се однесувала токму на кревките интеретнички релации, па оттука никој не може да претпостави како истата (или нејзиното необјавување) може да се одрази врз обичниот човек и неговата затегната етничка свест, поточно до каде политичарите ќе умеат да ја контролираат играта со оган за да си го згрејат рејтинот, а од каде натаму, оганот веќе ќе може да ја запали и целата држава. Кај меѓуетничките односи, единствено што е стабилно е владината коалиција на ВМРО – ДПМНЕ и на ДУИ, па иако партијата на Али Ахмети реши да не го испочитува претседателот Иванов оставајќи го во Парламентот да го држи новогодишниот говор во полупразна сала, отворената владина седница набрзо потоа покажа дека владината машинерија и тоа како е подмачкана. Министрите на Ахмети и тоа како се дел од владините решенија и колку и наводно да има несогласувања во нивните меѓупартиски односи, тешко е да се верува дека во следната година би можеле да сведочиме на некаков владин распад, оти ако се верува на челниците на ДУИ, нивната решеност да бидат на власт е отпорна дури и на експолозивни материјали.
„Заев најавува бомба. Ама треба да знае дека битно е од каков вид му е бомбата. Со кашикара не се урива Влада“ изјави за “Капитал” Рафиз Алити.

Колкав е патот од студентско до „општо незадовлство“?

А се урива ли со демонстрации? Веројатно одговорот е да, но секако битен е бројот на незадоволните луѓе излезени со транспаренти на улица, моменталната консталација на политичките сили на општестевната табла и секако – тајмингот. Во последниов месец во Македонија се случија три последователни протести на коишто неколку илјади граѓани се собраа против владините решенија за реформи во образовниот систем, но и во даночната политика. За денеска е најавен нов протест на Студентскиот пленум, но и на професори и невладини организации коишто не се задоволни од тоа како Владата ги води реформите.
Без разлика што преку медиумите во анализите на овие протести се одеше во крајности, па оние блиски до власта го релативизираа нивното значење преку намалување на бројката на излезени или дефокус на нивните јасно артикулирани барања, а оние блиски до опозицијата славеа небаре тие ја урнале владата на избори, со гласање и добивање на поддршка од народот, неспорен факт е дека за прв пат по толку години толпа граѓани се мобилизираа и кренаа глас против власта на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ. Најсимптоматичен пример за ова веројатно е еден постар господин, којшто дојден на протестот на студентите наиде на телевизиска камера на една провладина медиумска куќа. Новинарите сакаа да го деградираат неговото присуство, како човек во години дојден на студентски протест, но тој кажа нешто многу јасно во одговорот: „Тука сум заради општо незадоволство“. И додека новинарите не сфатија дека оваа изјава на господинот е пострашна од тоа да е дојден да даде поддршка само за студентите, бројот на општо незадоволните се повеќе расте.
Како ова го доживеа владините челници? Како се соочија со, за прв пат во олкав размер, изразениот револт? Ако се суди според одлуките, сосема им е сеедно, оти ниеден министер не отстапи од реформите кои го кренаа народот на нозе, но тешко е да се верува дека комодитетот не е нарушен од секоа „уа“ кон нивните чекори. Дополнителен проблем за Владата е што според најавите овие протести ќе продолжат и низ 2015-та.

Операција „бомба“

А до што ќе доведат? Како ќе се движи нивниот развој и што би била нивната ескалација? „Веројатно многу нешта ќе зависат од таканаречената бомба на СДСМ. Доколку се работи не за една афера, туку за вистински серијал, тогаш е можно да дојде до големи последици во актуелната структура на политиката, и владејачката, и опозициската, како на внатрешен, така и надворешен план.“ смета поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.
Но, каков серијал и да има Заев, тој би требало да е свесен дека евентуалните докази за аферата (аферите) треба да бидат такви што нема да остават ниту најмал простор за ескиважа на институциите што треба да ги процесираат, ниту, пак, за дилеми во јавноста, знаејќи како досега поминуваат аферите во оваа држава. И што му дава на Заев доверба да верува дека овој пат ќе има епилог? Тука доаѓаат на ред и вистинските прашања – кој му ги дал доказите, зошто му ги дал, зошто токму сега? Кој и да е изворот, тој секако заедно со опозицијата има одредени очекувања од објавувањето на аферите. Ако е целта (макар да се почне со) „демонтирањето“ на власта на Груевски, тоа може да се постигне со силата на такви докази што би го принудиле премиерот да прифати, односно да понуди избори, нови предвремени парламентарни, под услови што би ја успокоиле опозицијата. На вакви избори, доколку бомбата го даде резултатот што го најавува Заев, опозицијата предводена од СДСМ би настапила од многу поповолна позиција од претходно. Можеби не би победила, но би имала многу подобар резултат од последниот, и силен ветер во едрата за понатаму. Ваков развој на настаните предвидува професорот Јове Кекеновски, кој во својата последна колумна пишува дека „светскиот полицаец број 1, во содејство со некои европски сили, пред сѐ Германија и нејзината разузнавачка служба, решил да спроведе операција со која треба да се спречи сè поагресивното автократско владеење на Никола Груевски, кое е на чекор до тоталитаризам, како и енормното богатење на неколку луѓе од власта“. Според Кекеновски не треба да има дилеми дали ваквата операција би одела преку нови предвремени избори:
„Дефинивно ситуацијата ќе заврши со предвремени парламентарни избори. Веќе напролет. Ќе биде како мартовскиот договор кога дојде Штефан Филе. Претпоставувам, и сега ќе дојде „чуварот“, и ќе ги собере нашиве. Едните ќе речат – еве ние се враќаме за да го распуштиме Собранието, а другите – ние прифаќаме, не се плашиме од избори, за да се прикажат како победници. И ќе се распишат нови избори“, изјави Кекеновски за „Капитал“. На ова совршено се надоврзува последната реченица објавена во, како што јавноста го смета, провладиниот „Вечер“, во текст уште од 16 октомври, во која се вели: „Според дел од информациите низ политичките кругови не се исклучува и можноста опозицијата да се врати во Законодавниот дом со барање за доверба на Владата на Груевски“.

 

Кој ја воскресна УЧК?

Во одредени кругови може да се слушне и една поконспиративна хипотеза, која цели многу подалеку од обичното решавање на внатреполитичката криза со подобрување на рамнотежата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Оваа хипотеза предидува прво создавање предуслови што ќе бараат, односно наметнат потреба од влада на национален спас, широка владина коалиција, техничка влада, како и да се нарече. А потоа ваквата влада би го решила спорот со името, без одговорноста да натежне на некоја од страните. Воведот би бил посериозна дестабилизација, во која освен бомбата на Заев, своја улога би имала и владејачката ДУИ. Овде станува јасно дека притисокот од бомбата би требало да го натера и премиерот, Никола Груевски, да игра синхронизирано. Неговиот албански партнер, Али Ахмети, остава впечаток дека не прави ништо друго освен што се среќава со меѓународни претставници, наводно, сѐ со цел да им се сочува перспективата на евроатланските интеграции на Македонија. А во хипотезата, сценариото за дестабилизација би предвидувало умножување на инцидентите како гранатирањето на Владата, протестите поврзани со случајот Монструм, луѓето во црни униформи кои легитимираат во тетовско. На меѓуетничкото конто одат и асистираните од полицијата контроли на Управата за јавни приходи – тајмингот кога се почна со оваа практика е индикативен. Како и неколкуте предупредувања на американскиот амбасадор во земјава, Пол Волерс, дека двете најголеми етнички групи во Македонија се оддалечуваат. Дестабилизацијата нужно би довела до предвремени избори, во околности како погоре опишаните. А дека на избори се мисли и во година што требаше да биде неизборна покажува буџетот на Државната изборна комисија планиран за 2015. Имено, од целиот буџет на Комисијата (околу 1,2 милиони евра), повеќе од половина (650 илјади евра) се предвидени за изборни активности. За какви изборни активности се работи, го прашавме потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи:
„Новото законско решение предвидува идентификација на гласачите преку прст, биометриски. Средствата се за купување на потребните апарати и на софтверот. Ќе може да се гласа само откако системот вака ќе го регистрира гласачот. За тоа се одвоени 40 милиони денари“, изјави Јакупи за „Капитал“.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×