Голема анкета на Капитал за очекувањата на бизнисот во 2016
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2016

Бизнисот бара решавање на политичката криза и помали давачки

Најголемиот дел од бизнисмените и управителите на фирми кои учествуваа во Анкетата на Капитал за очекувањата за 2016 година сметаат дека најважни чекори кои мора да се донесат во 2016 година за да се подобри работењето на бизнисот се разрешување на политичката криза, намалување на јавната администрација и намалување на даноците и давачките кои ги оптеретуваат фирмите. Како најголемо ограничување за раст на бизнисот го сметаат намалената куповна моќ и политичката криза.

Како ја направивме Анкетата за Деловна 2016?

Анкетата за Деловна 2016 е прва ваква анкета која ја прави Капитал со цел да му помогне на бизнисот полесно да ги носи одлуките за работењето во овие неизвесни времиња. Станува збор за анонимна анкета, на која одговорија над 230 фирми, а на некои прашања одговорија дури 430 компании.

На маил адреса на повеќе мали, средни и големи фирми им беа доставени 15 прашања во кои побаравме од управителите на фирмите да ги оценат условите за водење бизнис во изминатата 2015 година, како и да ги дадат насоките и правците во кои очекуваат дека ќе се движи македонската економија и во кои ќе ги управуваат своите фирми и да ги посочат клучните потези кои треба да се преземат за да се подобри работењето на приватниот бизнис.

Над 200 бизнисмени кои учествуваа во Анкетата Деловна 2016 година условите за водење на бизнис во 2015 година ги оценија едвај доволни, односно со просечна оценка 2,5


a-1-1Прогнозирањето отсекогаш било сложено, а неизвесната политичка и економска ситуација во Македонија и економските и политичките шокови низ светот во последниве неколку години наметнуваат уште поголеми предизвици.

Поставувањето на насоката во која ќе се движи бизнисот е задача преку која секоја компанија минува, независно колку е тешко.

Политичката криза во која се наоѓа Македонија веќе една година, забавувањето на економијата, се само дополнителни фактори кои го зголемија песимизмот кај бизнисмените и  го прават управувањето со бизнисите уште посложено.

Меѓутоа, за да создадат точна формула за успех во бизнисот многу е важно компаниите да ги познаваат условите во домашната економија и во секторот во кој работат, но и да имаат информации и за идните случувања.

a-2За да му помогнеме на бизнисот подобро да се ориентира и постави кон настаните и случувањата кои ги носи новата 2016 година, Капитал одлучи да направи анкета помеѓу бизнисмените, сопствениците и директорите на големите, средните и мали фирми во Македонија за да ги слушнеме нивните очекувања за економијата, индустријата во која работа и за компанијата за следната година. Ги прашавме за нивните бизнис планови, за мерките и деловните потезите кои  планираат да ги реализираат следната година.

Во Анкетатат за Деловна 2016 година претставниците на бизнисот даваат прогнози за економијата и индустријата во 2016 година.

Ова го правиме со цел да бидеме од корист за претприемачите, менаџерите, финансиските директори на почетокот на новата деловна 2016 година.
Прогнози и очекувања за 2016 година ги дадоа над 200  компании од разни индустрии- финансии, банки, метали, трговија, ИТ, земјоделие, прехранбена индустрија, фармација…

a-1-2Тешка година за бизнисот

Зад нас е уште една тешка година во која состојбата во економијата гледана со очите на бизнисмените доби оценка едвај доволен.
Во годинешното прво од ваков тип истражување на Капитал, бизнисмените како прв приоритет во 2016 година го сметаат разрешувањето на политичката криза, за кое сметаат дека заедно со намалената куповна моќ на населението ќе биде најголемиот ограничувачки фактор за водење на бизнисот во новата година.

Како втор приоритет каде треба да се делува за да се олесни работењето на приватниот бизнис го посочуваат намалувањето на јавната администрација, додека трет приоритет е посочен намалувањето на даноците, придонесите и другите давачки кои ги оптеретуваат фирмите.

Сепак резултатите од анкетата покажуваат дека бизнисмените се уште ја имаат жилавоста и тврдоглавоста која ги држи се уште во бизнисот. Очекуваат деловна 2016 година да биде тешка и напорна, но сепак гледаат шанса и надеж дека може да биде малку подобро.

Можеби кога би ги прашале каква година на економски план би била 2020 година би биле целосни оптимисти. Веројатно затоа што во природата на секој кој одлучил да се занимава со приватен бизнис е да се надева секога дека следната година ќе биде подобро и поаѓајќи веројатно од тоа дека полошо од ова не може да биде.

Бизнисмените ја оценија економијата со 2,5

Во првото прашање од Анкетата ги прашавме бизнисмените со која оценка од 1 до 5 би ги оцениле условите за водење бизнис во изминатата 2015 година. На ова прашање одговорија 235 бизнисмени. Просечната оценка која македонската економија ја доби е 2,49. Најголемиот дел од бизнисмените или 55% од нив, условите за водење бизнис во 2015 година ги оцениле со 1 и 2. Околу 30% на ланската 2015 година ја оцениле со 3, а само 3% ја оцениле со одличен 5.

Одговорите на второто прашање покажуваат дека нема многу оптимизам кај фирмите за она што ги чека во 2016 година.
Запрашани како нивната компанија ќе ги дочека последиците од кризата во 2016 година, 42% од анкетираните бизнисмени одговориле  дека делумно ќе ги надминат. Околу 37% одговориле дека тешко или многу тешко ќе ги надминат последиците од економската и политичката криза со која беа оптоварени во 2015 година, додека само 21% одговориле дека подготвено и успешно ќе ги надминат.

a-3Повеќето од бизнисмените очекуваат стагнација, односно се уверени дека нема да дојде до промена во условите за бизнис и инвестирање.
На третото прашање за тоа какви очекувања имаат условите за инвестирање и работење во 2016 година, најголем дел или 44% одговориле дека очекуваат тие да останат исти. Мало влошување на условите очекуваат 23% од бизнисмените, додека 13% одговориле дека очекуваат дека условите за бизнис и инвестирање многу да се влошат во новата година. Само 2% се надеваат дека условите за бизнис и инвестирање многу ќе се подобрат следната 2016 година.

На прашањето да оценат каква ќе биде состојбата во индустријата во која работат во 2016 година, повеќе од половина или 56% одговориле дека очекуваат таа да остане иста. Мало влошување на состојбите во индустријата во која работата очекуваат 17% од анкетираните бизнисмени, додека 9% одговориле дека очекуваат многу полоша ситуација.
Мало подобрување на состојбите во индустријата во која работат очекуваат 13%, додека само 4% очекуваат многу подобра состојба во индустријата во која работат.

Подготвени на реорганизација на работењето

Како да и се излезе во пресрет на тешката економска ситуација и што да се направи за полесно да се надминат проблемите во економијата? Ова се сигурно прашањата кои ги мачат сите македонски бизнисмени.

На прашањето што планирате да преземете во компанијата која ја управувате за полесно да се надмине тешката економска ситуација и да се подобри работењето, дури 44% од анкетираните 208 бизнисмени одговориле дека планираат да го реорганизираат работењето. Зголемување на пласманот одбрале 23% од анкетираните. Намалување на трошоците за работна сила најавуваат 16% од анкетираните бизнисмени, додека 10% одговориле дека ќе ги намалат трошоците на производство.

Промената на производната програма не е препознаена како опција за подобрување на работењето и полесно надминување на проблемите, бидејќи само 7% од анкетираните бизнисмени одбрале дека ова е излезно решение кон кое е добро да се премина во новата 2016 година.

Неликвидноста ќе остане голема

Најголем дел од анкетираните бизнисмени не очекуваат подобрување на проблемот со големата неликвидност. Дури 45% очекуваат проблемите со ликвидноста на терен да останат исти. Интересно е што 27% од анкетираните компании очекуваат мало подобрување на состојбите со ликвидноста во нивната компанија, а само 8% очекуваат многу подобра ситуација со ликвидноста.  Околу 20% од анкетираните очекуваат влошување на неликвидноста во нивната компанија.

И покрај лошите услови за водење бизнис кои ги живеат бизнисмените сепак се оптимисти кога станува збор за резултатите од нивното работење, односно веруваат дека тие можат следната година да бидат подобри ако ги превземаат потребните чекори. Тоа е уште еден показател за жилавоста и тврдоглавоста да се успее и издржи во лоши услови, кои ги красат македонските бизнисмени.
На пример, најголем дел од анкетираните бизнисмени или 40% одговориле дека очекуваат следната година да остварат малку поголеми приходи од работењето. Голем е делот и на оние очекуваат приходите во новата деловна 2016 година да им останат исти. Вакви очекувања имаат 35% од анкетираните бизнисмени. Околу 17% од бизнисмените одговориле дека следната година очекуваат намалување на приходите од работењето.

Изминатата 2014 година беше една од полошите години за фирмите кога станува збор профитабилноста, бидејќи дури 39% фирмите имале пад на профитабилноста, а дури 37% од фирмите работеле со загуба.
Во однос на очекувањата за профитот во 2016 година, 39% од анкетираните одговориле дека следната година очекуваат тој да им биде ист или да стагнира. Високи 37% одговориле дека очекуваат малку поголем профит, додека само 7% очекуваат многу поголем профит следната година.
Само 17% очекуваат намалување на профитот.

Статус кво во извозот и вработувањата

Во однос на извозот најголем дел од бизнисмените кои се анкетирани или 64%  очекуваат статус кво или намалување. Стагнација или непроменета ситуација очекуваат дури 43% од бизнисмените кои одговориле дека во 2016 година извозот ќе им биде приближно ист како и годинава. Намалување на извозот очекуваат 21% од анкетираните бизнисмени.
Една третина од анкетираните бизнисмени се надеваат на малку поголем извоз, додека само 6% очекуваат поголем раст на извозот следната 2016 година.

Во однос на бројот на вработени, очекувањата кај најголем број од фирмите се дека ситуацијата ќе остане иста. Дури 56% од анкетираните бизнисмени очекуваат дека бројот на вработени и во 2016 година ќе остане ист. Мало зголемување на бројот на вработените очекуваат 24% од анектираните бизнисмени, додека 21% од фирмите најавуваат намалување на бројот на вработени.

a-5Бизнисот бара разрешување на политичката криза

Од вкупно 15 прашања кои им беа доставени на фирмите, најмногу одговори имаат прашањата со кои побаравме од бизнисмените да посочат каде ги гледаат најголемите пречки за водење бизнис и кои се најважните чекори и потези кои треба да се направат во 2016 година за подобрување на бизнис климата.

На прашањето кои ќе бидат најограничувачки фактори за раст на бизнисот одговориле дури 287 бизнисмени. Најголемиот дел од нив или 35% од анкетираните бизнисмени сметаат дека најголемо ограничување на бизнисот во 2016 година ќе биде намалената потрошувачка моќ на населението на домашниот пазар. За 32% од бизнисмените најголем ограничувачки фактор за раст на бизнисот е политичката криза во која Македонија е веќе заглавена веќе премногу долго. Влошувањето на неликвидноста ќе биде најголемо ограничување на раст на бизнисот за 13% од бизнисмените. За 12% од анкетираните бизнисмени најголема пречка за водење бизнис во 2016 година е неизвесноста на надворешните пазари. Само 8% од анектираните бизнисмени пречката за раст на бизнисот ја гледаат во тешкиот пристап до кредити.

На прашањето за тоа кои се најважните одлуки кои треба да се донесат следната година за да му биде подобро на бизнисот одговориле најмногу бизнисмени, дури 487. Најголем дел или 25% сметаат дека најважно е да се разреши политичката криза. Интересно, но вториот чекор по важност, кој како опција го гласале најголем дел од бизнисмените е намалувањето на јавната администрација. Дури 19% од бизнисмените сметаат дека еден од приоритетите за во 2016 година мора да биде намалувањето на јавната администрација. Намалувањето на даноците и придонесите е приоритет за 17% од анкетираните бизнисмените, кои сметаат дека треба да се направи во деловната 2016 година за да се подобрат условите за водење бизнис.
Решавање на неликвидноста како важен приоритет ја гледаат 13% од анкетираните бизнисмени.
Најмал број од анкетираните бизнисмени или само 5% одговорите дека привлекувањето на странски инвестиции треба да биде приоритет на кои треба да се работи во 2016 година.

Бизнисот ќе се финансира од сопствени пари

Планот на финансирање на фирмите останува ист. Односно и следната 2016 година најголем дел од фирмите ќе го финансираат работењето од сопствени извори. Дури 50% од анкетираните бизнисмени одговориле дека единствен извор на финансирање на работењето во  2016 година ќе им бидат сопствените средства. Повеќе од третина или 36% од анкетираните одговориле дека во 2016 година ќе го финансираат своето работење комбинирано, односно од сопствени извори и од банкарски кредити. Поразително е што само 10% од фирмите планираат работењето во 2016 година да го финансираат само преку кредити.

a-6

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×